Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски со цел поддршка на научната и креативната работа на младите од земјава, го воведува признанието „Успешни млади“.

Целта на признанието „Успешни Млади“ е да ја поттикне научната, истражувачката и креативна работа на младите луѓе од нашата земја, да се зголеми нивната мотивација за нови достигнувања и вреднување на нивниот труд.

Признанието ќе го доделува претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски. Истакнувајќи дека нема надлежност во работата на комисијата, претседателот Пендаровски искажа верување дека признанијата ќе ги вреднуваат најдобрите.

„Ова е проект којшто ги вреднува трудовите на талентираните луѓе, а оценката на пријавените трудови ќе ја прават извонредни професори, научници, доктори на наука“, истакна претседателот Пендаровски на отворањето на седницата.

Признанието ќе се доделува врз основа на прецизно утврдени критериуми за резултати постигнати во текот на 2019 година на најдобри млади научници во општествени, хуманистички, природно – математички, технички науки и медицински науки, како и на млади со значајни достигнувања во уметничките и културните практики. Исто така признанија ќе се доделуваат и во категориите млади иноватори, таленти и успешни млади со попреченост.

Комисијата за признанието „Успешни млади“, која вчера ја одржа својата конститутивна седница, е составена од академици, доктори, експерти во конкретни области, еминентни професори на универзитети во нашата земја, но и надвор од неа. Претседател на Комисијата е проф. д-р Анета Цекиќ, професорка на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“ во Скопје.

           

Останатите членови на комисијата се:

–  проф. д-р Марија Чундева Блајер, УКИМ – ФЕИТ

–  д-р Андреја Арсовски, општа болница „Ремедика“

–  академик Љупчо Коцарев, МАНУ

–  д-р Тамара Ќупева, СУГС Гимназија „ Орце Николов“ – Скопје

–  проф. д-р Владимир Мартиновски, УКИМ, Филолошки факултет – Скопје

–  Анита Никова, извршен директор – МАСИТ

–  д-р Владимир Чадиковски,  клиничка болница „Аџибадем – Систина“

–  проф. д-р Бобан Мисоски, вонреден професор, УКИМ, Правен факултет – Скопје

–  доц. д-р Ана Чупеска, УКИМ, Институт за политички науки – Скопје

–  проф. д-р Трајче Стафилов,  УКИМ, Природно – математички факултет

–  проф. д-р Иван Додовски, Универзитет Американ Колеџ Скопје

–  проф. д-р Ристо Солунчев, УКИМ, Филозофски факултет – Скопје

–  проф. д-р Марија Стевановиќ,  УКИМ, Стоматолошки факултет – Скопје

–  академик Таки Фити – МАНУ

–  Афердита Хаџијаха Имери, експерт за социјална инклузија, Меѓународна фондација за избори и изборни системи

–  проф. д-р Гзиме Старова,  УКИМ, Правен факултет – Скопје

–  проф. д-р Петар Поповски, Универзитет „Албург“

–  проф. д-р Илија Дуковски, Универзитет Бостон

–  д-р Елена Ставревска, Лондонска школа за економија и политички науки

–  д-р Јане Богоев, Светска Банка

–  проф. д-р Живорад Томовски, УКИМ, Природно – математички факултет

Во работата на Комисијата свој придонес ќе дадат и советничките на претседателот Искра Гешовска – од областа на културата, Фикрија Таир – за прашања поврзани со ромската заедница, Марија Башевска – за родови прашања и Беса Арифи – за правни прашања.

Јавниот повик за доставување пријави за признанието „Успешни млади“ за 2019-та година ќе биде објавен набрзо. На истиот може да се пријават сите коишто заклучно до крајот на 2019 година навршиле 35 години, а кои постигнале значајни резултати во соодветната категорија. Исклучок е шестата категорија – млад талент за којашто имаат право да се пријават само ученици од средните училишта. Со воведување на признанието за успешни млади со попреченост целта е да се подигне јавната свест за способностите на младите кои имаат развојни тешкотии и да се подобри нивната инклузија во образовниот процес и општеството.