Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска го прими претседателот на Државниот збор на Република Словенија, Дејан Жидан.

На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави. Република Словенија, истакна претседателот Пендаровски на средбата, е докажан пријател и поддржувач на Северна Македонија во секој аспект, особено во евроинтеграциските процеси, што беше потврдено и со брзата ратификација на Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО во Државниот збор.

Претседателот Пендаровски истакна дека членството на Северна Македонија во НАТО позитивно ќе влијае на стабилноста и просперитетот на целиот регион.

Во контекст на аспирациите на Северна Македонија за членство во Европската Унија, а во очекување на усвојување на новата методологија за водење на пристапните преговори, претседателот Пендаровски го реафирмираше очекувањето за одредување на датум за пристапни преговори за време на хрватското претседателство со Унијата.

На средбата беше разговарано за можностите за унапредување на односите меѓу двете држави, вклучително и на парламентарно ниво.