Почитуван Претседател на Собранието,

Почитуван Претседател на Владата,

Почитувани Претседатели на Парламентите на Република Словенија и Република Бугарија, в.д. Претседател на Парламентарното собрание на НАТО, потпретседатели на Парламентите на Република Албанија и Црна Гора, почитуван Шеф на делегацијата на Хрватска во Парламентарното Собрание на НАТО,

Ваши екселенции, амбасадори акредитирани во нашата земја,

Почитувани лидери на политички партии,

Почитувани претставници на медиумите,

Граѓанки и граѓани и, најважно, за оваа парламентарна сесија,

Почитувани пратеници во Собранието,

Денес, пред вас, се наоѓа Предлогот на закон за ратификација на Северноатлантскиот договор. Со неговата ратификација од страна на Собранието започнува последната фаза од нашето пристапување во полноправно членство во Северноатлантскиот сојуз, а токму овде, пред скоро 27 години, во декември 1993 година, првиот парламентарен состав во независна, суверена и демократска Македонија донесе стратешка одлука за членство на државата во НАТО. Нивната визионерска одлука стана наша стратешка државна ориентација низ децениите и турбуленциите низ коишто поминувавме. Се менуваа составите на парламентите, се менуваа влади, поминавме низ воен конфликт, поминавме низ тешка политичка криза, но, нашите стратешки ориентации за членство во НАТО и во Европската Унија останаа наш најважен национален приоритет.

Во изминативе години, за жал, имавме многу малку прашања за кои постигнавме целосен државен консензус, а кога зборувам за тоа, не мислам само на консензус меѓу политичките партии и политичките елити. Мислам на консензус кој ги обединува сите граѓани, независно од нивните разлики според нацијата, верата или јазикот. Од првата одлука на Собранието, до денес, големото мнозинство граѓани го поддржуваа и го поддржуваат нашето интегрирање во НАТО. Затоа, обврската и одговорноста на нашата генерација на политичари да го доврши овој процес има неспорно историско значење.

Почитувани,

Пристапувањето кон овој сојуз не е едноставно стапување во членство во меѓународна организација. Станува збор за специфичен сојуз на држави кој се заснова врз меѓусебна политичка и одбранбена солидарност и заеднички вредности. Членството во најмоќниот воено-политички сојуз во светот е привилегија, но и огромна одговорност.

Уште од нашето пристапување кон Партнерството за мир во 1995 година се обврзавме активно да придонесуваме кон одржувањето на меѓународниот мир и стабилност, особено во борбата против меѓународниот тероризам како најголема безбедносна закана во современиот свет. Нашата посветеност кон оваа задача и нашата солидарност со сојузниците во НАТО ја докажавме преку учество во повеќе мисии на алијансата во различни региони во светот во изминативе години.

Сега, кога и формално ќе станеме триесетта членка на НАТО, нашата одговорност се зголемува, а реформите не запираат. Како полноправна членка, пред нас ќе биде одговорноста за спроведување на одлуките на алијансата во чиешто донесување, сега, ќе имаме еднаков глас со останатите сојузници. На внатрешен план тоа значи да продолжиме со подобрување на животниот стандард на војниците и старешините, со нивната обука, со модернизација на опремата, воопшто со зајакнување на воените потенцијали да ги препознаваме и да се справуваме со современите безбедносни ризици и закани. Во таа насока, зголемувањето на буџетот за одбраната до најмалку 2% од нашиот бруто домашен производ е обврска која секоја сериозна држава мора да ја почитува.

Почитувани присутни,

Почитувани пратеници,

Членството во НАТО немаше да биде возможно без длабоките политички промени кои се случија во изминативе години во нашата држава. Новата политика кон соседите и цврстата заложба за решавање на споровите заради градење на добрососедски односи се темелот на нашиот успех во остварувањето на стратешките цели. Компромисите коишто ги направивме не беа ниту едноставни, ниту лесни. Но, факт е дека договорот за решавање на спорот со името со соседна Грција, и договорот за добрососедство и соработка со Бугарија, се клучните одлуки кои не донесоа до целта. Нивното доследно почитување и спроведување е единствениот пат кон заслужување на почитта на сите држави – сојузнички во НАТО, но, и на останатите субјекти во пошироката меѓународна заедница.

Почитувани,

Без претерување и без претензија да звучам патетично, сметам дека денешната одлука за ратификација на Северноатлантскиот договор е голем чекор во заокружување на македонската државност и удирање печат на нашиот територијален интегритет и суверенитет. Честа да ја донесеме оваа историска одлука ја добивме ние, претставниците на граѓаните во законодавната и во извршната власт.

Сакам во оваа прилика да изразам посебна благодарност и до сите Генерални Секретари на НАТО, почнувајќи од Хавиер Солана во 1999-та, кога станавме земја-кандидат, преку лордот Робертсон се до господинот Столтенберг, кои се залагаа за наше членство во Алијансата без остаток и кои беа и останаа наши пријатели. Благодарност и до Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје чијашто експертска помош и поддршка од нејзиното етаблирање пред 20 години до денес, беше важна движечка сила зад нашите реформски зафати.

Почитувани дами и господа,

Сега останува сите ние, граѓаните на триесеттата земја-членка на Алијансата, вложениот труд во изминатите децении да го ефектуираме, да докажеме дека сме достојни на овој успех и да му покажеме на светот дека кога се верува во исти вредности не постојат разлики меѓу малите и големите држави.

Ви благодарам.