|

Почитувани сограѓани, Со отворањето на народните канцеларии се реализира мојата заложба и искрена желба за блискост и непосреден контакт со сите граѓани на Република Македонија. Токму народните канцеларии се еден од начините за приближување на институцијата Претседател до вас, но и можност непосредно да се чујат вашите идеи, сугестии, иницијативи, предлози... Без вашиот конкретен придонес нема градење на успешни и функционални политики. Да ја оствариме заедно визијата за просперитетна и силна Македонија! д-р Ѓорге Иванов
НАРОДНИ КАНЦЕЛАРИИ
Претседателот на Република Македонија, согласно Уставот и Законот за постапување по претставки и предлози, во Кабинетот има Одделение каде граѓаните можат да се обратат заради заштита и остварување на своите права и интереси, потоа јавните интереси утврдени со закон и заради поведување на други иницијативи од јавен интерес. Во оваа насока е реализиран и проектот „Народни канцеларии“, со кој што се предвидува отворање на подрачни канцеларии на Претседателот на Република Македонија во сите поголеми градови во државата. Основната цел е преку овие канцеларии Претседателот на Република Македонија да има постојана и однапред утврдена динамика на средби со граѓаните и да биде во постојан контакт со проблемите со кои тие се соочуваат, заради покренување иницијативи за нивно решавање. Во непосредните контакти граѓаните ќе имаат можност да го запознаат Претседателот на Републиката со нивните ставови и мислења за вкупните состојби во оштеството, но и со лични проблеми со кои се среќаваат во секојдневниот живот и начинот на кој бараат заштита или остварување на одредени права или интереси, а со тоа и за односот на органите на власта кон граѓаните при постапувањето по нивните барања. Исто така, граѓаните ќе имаат можност во народните канцеларии, во зависнот од обврските на Претседателот, во непосреден разговор да се запознаат со активностите на Претседателот во вршењето на неговите уставни и законски надлежности и да даваат свој суд за истите. Претставки и предлози, освен до Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, можат да се доставуваат и до народните канцеларии, кои потоа ќе бидат разгледувани од страна на Кабинетот на Претседателот.
ПРЕТСТАВКИ И ПРЕДЛОЗИ Подносител на претставка, односно предлог, може да биде секое физичко или правно лице, a поднесувањето може да го стори писмено или усно на записник. За претставката, односно предлогот, не се плаќа такса.
Претставките, односно предлозите, немаат пропишана форма и содржина, меѓутоа треба да содржат: назив на органот до кој се поднесува, кратко назначување на предметот на претставката и име, адреса или седиште на подносителот.
По анонимна претставка, односно предлог, не се постапува, освен ако се работи за прашање од јавен интерес утврден со закон.
Одделението за претставки и предлози во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија со особено внимание ја разгледува секоја претставка и предлог согласно Законот за постапување по претставки и предлози, и доколку утврди дека се покренуваат прашања што се од негова надлежност, се постапува по истите, односно се преземаат мерки за нивно решавање, а ако за тоа е надлежен друг орган истите се доставуваат до надлежениот орган.
За преземените мерки се извесува подносителот, согласно законски утврдените рокови.
|