Недела, 05 Септември 2010
Најмлад Научник
Печати Е-пошта

Науката е создадена од човекот и е најзаслужна за многу револуционерни дела на човештвото, многу пронајдоци што денеска го прават светот околу нас онаков каков што е, и многу изуми што и во иднина ќе го менуваат светот и човековиот живот. Начинот на кој денес живееме е дело на човековиот ум и на неговата посветеност, креативност и интелигенција, преточени во полето на науката.

Сепак, хоризонтите на науката се безгранични, проблемите на човештвото огромни, а напредокот на нашата цивилизација е наш поттик и императив.

Имајќи ја предвид програмската определба на Претседателот на Република Македонија за поддршка на науката, научните установи и младиот научен кадар, и за изнаоѓање на начини за стимулирање на вложувањата во науката, се реализира проектот „Најмлад научник“. Идејата е преку овој проект да се воспостави традиција за избор на најмлад научник и во наредните години.
Активностите од проектот треба да ги опфатат сите млади луѓе до 30 години  што се занимаваат со наука и научни истражувања, и кои во досегашната научна работа имаат постигнато одреден научен резултат.

Проектот „Најмлад научник“ предвидува избор на кандидат кој ќе го понесе епитетот Најмлад научник за 2010 година, како поттик на младата научна и истражувачка мисла во Република Македонија.