header

header_peperut_-_Copy3

„Бал на различности“ за поддршка на лицата со посебни потреби
Недела, 16 Октомври 2016   

bal3Почитувани присутни,
Драги пријатели,

Би сакала да го изразам своето задоволство што ја имам честа да бидам со сите вас на третиот Бал на различности.

Дозволете во оваа прилика да изразам особена благодарност до сите поддржувачи и партнери на манифестацијата, до членовите на научниот и организацискиот одбор, а посебно до организаторот, Здружението „Дајте ни крилја" и неговиот претседател, мојата пријателка г-ѓа Ребека Јанковска – Ристески. Упатувам честитки до сите вас за успешната организација на Првиот меѓународен конгрес за лица со посебни потреби во Република Македонија.

Драги пријатели,

Вечерва сакам да упатам најдлабока благодарност до целата мрежа на поддржувачи – родителите, семејствата, пријателите, психолозите, социјалните работници, дефектолозите, наставниците, здруженијата – кои секојдневно и неуморно стојат зад лицата со посебни потреби, менувајќи ја свеста на нашето општество.

Во оваа прилика ви упатувам срдечни поздрави од мојот сопруг, Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, и ја пренесувам неговата поддршка за лицата со посебни потреби, кои најмногу од сите во животот нè учат на хуманост, солидарност, заедништво, трпение, разбирање, љубов, искрена емоција. Преку нив учиме да ја цениме еднаквоста, уникатноста и интеграцијата наспроти подреденоста, унифицираноста и изолацијата.

bal4Почитувани,

Сите заедно сме во тимот на различностите, кој не само вечерва, туку секогаш во играта на животот ќе биде победник.

Верувам дека и годинава ќе испратиме силна порака до сите наши сограѓани дека нашето општество знае да живее со различностите, уважувајќи ги и почитувајќи ги истите.

Во ова мое обраќање морам уште еднаш да подвлечам дека е привилегија и благослов да се биде заедно и да се споделува со лицата со посебни потреби. Нивната љубов, духовност, проактивност, истрајност се мотивација за целата наша заедница. Начинот на кој се справуваат со сите животни предизвици е инспирација од која сите ние постојано се вдахнувавме и ја зајакнуваме нашата волја за справување со премрежјата на нашите животни патишта.

Без нив сите ние би биле сиромашни во духот, бидејќи преку нив ни е дадена неповторлива можност да бидеме човечни и солидарни. Затоа, наместо на она што не можат да го постигнат поради ограничувањата, секогаш треба да се фокусираме на она што можат да го постигнат и покрај ограничувањата. Бидејќи, тоа е достојно за највисока почит и најискрена радост.

Убедена сум дека нема тешкотии и пречки што заедно и сплотени не можеме да ги пребродиме. Да му се радуваме на животот и секој ден нека биде исполнет со дарување, љубов и внимание.

Ви посакувам пријатна вечер.

bal2

 

Биографија

Првата дама на Република Македонија, госпоѓа Маја Иванова, е дипломиран правник кој во слободното време пишува поезија. 

Повеќе

 

Фото галерија

Maja_fotogal