header

header_peperut_-_Copy3

Маја Иванова - Новости
bigorski1
Mладите да ги негуваат и чуваат културата, историјата, и духовните вредности- велигденски ручек за сопругите на амбасадорите во Македонија
Сабота, 18 Април 2015

Сопругата на претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, денеска организираше велигденски ручек за сопругите на резидентните амбасадори во Република Македонија, при што беа посетени манастирите „Св. Јован Бигорски" и „Св. Ѓорѓи Победоносец" во дебарското село Рајчица.

На ручекот присуствуваа сопругите на амбасадорите на Италија, Полска, Романија, Русија, Словачка, Словенија, Шведска, Украина, САД и Швајцарија.

Според г-ѓа Маја Иванова, Воскресението Христово е празник над празниците и празник што го слави животот, верата, надежта и љубовта и исполнува со благослов и спокојност, и токму тоа е инспирација и повод за овој настан.

„Заедно со сопругите на резидентните амбасадори во Македонија го посетивме овој крај, бисер на Македонија што некои го нарекуваат и рај на земјата, како и двата манастири „Св. Јован Бигорски" и „Св. Ѓорѓи Победоносец". Домаќините во „Св. Јован Бигорски" на моите гостинки им го претставија историјатот на манастирот и ги запознаа и со другите убавини на овој регион, така што восхитот на нивните лица можеше да се види од убавината, архитектурата, фрескосликарството и духовноста на ова древно македонско светилиште. Ова го сметам и како промоција на мојата земја, Република Македонија, со сите нејзини историски, културни и духовни богатства и од ова место сакам да упатам апел до младите да ги негуваат и чуваат културата, историјата, и духовните вредности што се нераскинлив дел од нашата историја и култура", истакна г-ѓа Иванова.

Сопругата на американскиот амбасадор, г-ѓа Кејпи Полк Бејли, истакна дека за првпат има можност да го посети овој крај.rajchica

„Стоејќи на местото со исклучителна духовност и можноста да се гледаат и други творби со духовност како џамии, планини, реки и шуми, навистина претставува прекрасно задоволство", рече сопругата на американскиот амбасадор.

Сопругата на рускиот амбасадор во Македонија, г-ѓа Лариса Шчербак истакна дека е големо задоволство во време кога сите ние ги одбележуваме велигденските празници да им посака на сите граѓани на Македонија просперитет, здравје и среќа.

„Од манастирот „Св. Јован Бигорски" може да се видат објекти и други верски градби што уште еднаш покажува дека религиозните и другите верски заедници во Македонија го одржуваат и чуваат соживотот", рече г-ѓа Шчербак.

bigorski2

ObrakjanjeMIDakla1
Жената рамноправен чинител во општествените процеси - обраќање на Специјална сесија на Форумот на африканските жени во рамките на Кран Монтана Форум, Дакла, Мароко
Сабота, 14 Март 2015

Почитувани присутни,

Ми преставува задоволство да се обратам на еден од најреномираните форуми во глобални рамки, Форумот Кран Монтана. Посебно ме радува што овој Форум, и Амбасадорот Картерон, во континуитет е посветен на правата и улогата на жената насекаде во светот. Најискрено сум благодарна и му честитам на ваквите заложби. Секако посебна благодарност сакам да искажам и за Африканскиот женски форум и Меѓународната исламска организација за образование, наука и култура.

Драги дами и господа,

Жените со децении го чекорат патот на рамноправноста и еднаквоста. Првата и вистинска цел на тој пат беше жените да ги добијат истите права и можности како мажите. Сепак, таа цел, сама по себе, не значеше остварување. Напротив, тоа беше само еден чекор на патот кон целосен општествен придонес, кој жената може и има обврска да го даде во социоекономските текови.

Благословот кој жената го има во создавањето нов живот претставува и обврска да се грижи и за подобро и поквалитетно живеење. Балансот создаден од природата е предизвик и можност да создаваме и да промовираме одржливо општество во сите сфери. Вистинското прашање во таа насока веќе не е дали, туку колку можеме нашите желби и залагања да ги преточиме во реалност. Сигурна сум дека можеме да придонесеме во развојот на нашите општества, зацврстувајќи ја неповратливоста на тој процес.

ObrakjanjeMIDakla1_2Почитувани,

Сликата на жената во македонското општество и третманот кој таа го добива е симбиоза на две нешта: вековните традиции, културата и менталитет на македонскиот народ, од една страна, и политичката волја и заложба на жените во независна Македонија, од друга страна. Иницијативите на граѓанскиот сектор се заслужни за поголема интеграција на жените во општествениот и политичкиот живот. Беше потребно време, разбирање и политичка волја за процесот да добие афирмација и да биде подржан од институциите на системот.

Република Македонија меѓу првите држави во Европа воведе квота со која на изборните листи секое трето место ѝ е доделено на жена-кандидат. Благодарение на гарантираното учество на жената во претставничките тела на централно и локално ниво, денеска сè поголем број од пратениците, општинските советници, но и меѓу министрите и вршителите на високи државни функции се токму жените.

Со својот придонес, истрајност и залагања, жените сè повеќе успеваат во значајни реформски општествени проекти и суштински промени. Унапредена е и законската регулатива во областа на родовата еднаквост, еднаквите можности и забраната од дискриминација. Усвоени се закони кои ги штитат и подобруваат правата на жените во областа на образованието, изборниот законик, работните односи, социјалната заштита, здравството, политичките партии, семејството и многу други. Исто така, донесени се и неколку национални стратешки документи и акциони планови кои се спроведуваат од страна на државните институции, но подразбираат партнерски однос и со гранските организации.

Образованието е клучно за успехот на секоја држава и секое општество. Но, „државата што не ги образува жените не може да напредува," вели една мудрост. Затоа, и државата и цивилното општество во Република Македонија посветуваат големо внимание на интегрирање на жените во македонскиот образовен процес.

ObrakjanjeMIDakla1_3Но, жената во Република Македонија е се повеќе присутна не само во јавниот, туку и во приватниот сектор. Разбирајќи ги условите на пазарот, успешните жени менаџери ја внесуваат својата креативност и промовираат успешни општествено одговорни концепти во водењето бизнис.

Мојата земја, Република Македонија презеде многу значајни чекори и конкретни мерки за подобрување на општествената улога на жената. На патот на промените, во секој сегмент од моето работење, ги поддржувам проектите кои го промовираат учеството и позицијата на жените општествените текови и подобрувањето на општествениот развој. Како покртовител но и како активен учесник, преку ангажирање на сите видови расположливи општествени ресурси, се трудам да помогнам да се постигне што повеќе за таа цел.

Драги дами,

Се надевам дека во вашите излагања ќе препознам активности и проекти кои можеби не сме доволно силни да ги реализираме, но секогаш сме успешни да ги инспирираме!

Сакам да знаете дека Република Македонија и јас лично сме отворени за соработка. Подготвена сум за размена на искуства со сите вас тука присутни.

Секоја од нас од денешниот настан треба да замине со една дополнителна обврска – да ја препознае и поттикне секоја жена која е подготвена да даде поширок општествен придонес, да ја охрабри и поддржи во остварувањето на нејзината цел, и, секако, да придонесе во вистинско вреднување на нејзиниот успех. Токму така, преку меѓусебна поддршка ќе успееме во промените, ќе успееме да се соочиме со предизвиците, ќе успееме да ги надминеме разочарувањата и ќе ги прославиме успесите како поттик и инспирација за иднината.
ObrakjanjeMIDakla1_4

Retki_bolesti_1
Обраќање на Меѓународниот ден на ретки болести
Петок, 27 Февруари 2015

Почитувани присутни,

Ми претставува посебна чест да се обратам на настанот со кој го одбележуваме Меѓународниот ден на ретките болести, последниот ден од месец февруари.

Во светот вообичаено реткоста се препознава како нешто уникатно, недостижно, престижно и многу често и скапоцено. Да, ќе потврдам, и за ретките болести важи истото правило. Лицата кои имаат дијагностицирано ретка болест се исто така уникатни, а нивните животи скапоцени и бескрајно вредни. Вкупниот број на пациенти со ретка болест во Република Македонија се менува, но не е толку значаен, колку што е значајно што секој еден живот е вреден, и дека за секој треба да се најде начин да се овозможи навремена рана дијагноза и што побрзо наоѓање и почнување на најсоодветниот третман и лекување на пациентите со ретка болест.

Дами и господа,

Би сакала денешното обраќање да го искористам и да ви ги пренесам срдечните поздрави од раководството на Европската организација за ретки болести, со кои имав прилика да се сретнам пред два дена во Брисел. Втора година по ред бев почестена со титулата Европски почесен покровител на оваа организација. Имав можност да бидам дел од гала настанот на оваа организација, заедно со голем број високи гости од европските земји.

Заеднички испративме јасна поддршка за истражувањата, за напредните терапии, лекувањата и третмани на ретките болести, за раната дијагностика, за рехабилитацијата на пациентите со ретка болест и за одржувањето на категоријата ретки болести како приоритет во јавното здравство и истражувањата на ниво на Европската унија, но и на национално ниво.

Retki_bolesti_2Денес би сакала да упатам посебен и искрен поздрав до присутните пациенти со ретки болести и претставниците на нивните семејства.
Вие сте најсилните и најхрабрите говорници на мисијата за подигање на јавната свест за ретките болести!

Поради тоа што тоа е вашиот живот, поради тоа што ретката болест е вашето секојдневие, но уште повеќе поради тоа што јавно, отворено, смело и искрено истапувате пред јавноста и со своето лично сведоштво и личен пример се обидувате да направите промени.
Посветено и активно работите на подигање на свеста и разбирањето на ретките болести во општеството. Се трудите да бидете пример и потсетник на сите институции, се трудите да бидат видливи вашите потреби, како пред институциите, така и пред општествено одговорните и свесни поединци и правни лица.

Силно и јасно зборувате за својата борба, со цел да им помогнете на сите што денес се соочуваат со дијагноза и бараат најсоодветен третман и лекување на ретката болест.

Драги дами и господа,

Нашиот живот е краток за да бараме разлики меѓу нас. Да не го потенцираме тоа што не прави различни, туку да го пронаоѓаме она што не спојува и сврзува.

Да се трудиме да се почитуваме меѓусебно, за да можеме да ги препознаеме особеностите кои не поврзуваат, за да створиме повеќе можности, да градиме подобар и посветол свет, да создаваме подобар и поквалитетен живот за сите нас, без исклучок.

Во таа насока, доколку настапуваме сите сложно, заедно и обединето, успесите ќе бидат се поголеми и побројни. Сакам да знаете дека секогаш ќе ја имате мојата поддршка, вие пациентите, вашите семејства и вашите организации.

Ви благодарам.
Retki_bolesti_3

MI_Katar
Активности на г-ѓа Маја Иванова за време на работната посета на претседателот Иванов на Државата Катар
Петок, 16 Јануари 2015

Во рамки на посетата на Државата Катар, сопругата на Претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, оствари средба со директорот на Шафалах центарот за деца со посебни потреби, г. Мохамед Бадер Ал-Сада, како и сопругата на актуелниот емир на Државата Катар, Шеиката Џавахир бинт Хамад Ал Тани.

На двете средби г-ѓа Иванова искажа благодарност за можноста да ги презентира проектите и активностите во кои е вклучена и ги поддржува во Република Македонија.

На средбата со г. Мохамед Бадер Ал-Сада таа се осврна на остварената соработка со изминатиот период со претходното раководство на Шафалах центарот, се заблагодари за поддршката и искажа надеж дека воспоставената соработка ќе продолжи и во иднина преку проекти од заемен интерес на двете држави, размена на искуства, пренос на знаења, посети на експерти и научници. Г-ѓа Иванова побара да се интензивира соработката во делот на истражувањата за причините за појавата и ширењето на аутизмот кај децата уште во најрана фаза, што наиде на позитивен прием кај соговорниците.

На средбата со Шеиката Џавахир бинт Хамад Ал Тани, г-ѓа Иванова искажа благодарност за поддршката што Државата Катар и ја дава на Република Македонија, особено во делот на проекти од хуманитарната сфера, истакнувајќи ја помошта за Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување. Истовремено, таа упати срдечни поздрави до мајката на емирот, Шеика Мозах и искажа увереност дека поддршката и активностите започнати со не а ќе продолжат и во иднина.

bozikj_koncert1
Обраќање на божиќниот концерт „Божиќ Слава - 2015'
Среда, 07 Јануари 2015

Почитуван Архиепископ Охридски и Македонски, Ваше Блаженство г.г. Стефан,
Почитуван Претседател на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов
Почитувани првосвештеници,
Почитувани присутни,
Почитувани верници,

На овој голем христијански празник кога нашите домови и нашите срца ни се полнат со љубов, хармонија, спокој, меѓусебно разбирање, радости, со мир во душата ве поздравувам со празничниот христијански поздрав

ХРИСТОС СЕ РОДИ, навистина се роди!

Драги верници,

Во вечерата на првиот Божиќ, кога ангелите се појавија на небото и ја пееја најубавата Божиќна песна, објавувајќи го и славејќи го Христовото раѓање, „Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја", се појави надежта за човекот. Се роди Синот Божји, кој зеде човечки облик и кој ја поврза Божјата и човековата природа правејќи ја таа врска нераскинлива и за навек.
Нека овој празник не исполни со добра мисла, да не поттикне да правиме што повеќе добри дела, да се натпреваруваме во добрина, како што често вели мојот сопруг.

Почитувани присутни,

Божиќ е момент кога едни на други си посакуваме исполнување на желбите, на она што вистински го посакуваме, она што ни недостасува, и она што не прави радосни, ни дава мир и спокој, пристоен живот за нас и нашите најмили. Воедно, во овие празнични денови треба да се помолиме пред Бога и за немоќните, слабите, изнемоштените, обесхрабрените, неутешните и за нив да побараме Божја милост и благослови.

bozikj_koncert2Христовото раѓање ги успокои изморените и обременетите, им даде надеж на безнадежните, ги исцели скршените по срце и им донесе радосна вест на сите луѓе.

Денес, ние сме радосни бидејќи се потсетуваме на Божјата љубов, Неговото простување и на Неговата милост. Денес, ние сме благодарни за Господ Исус Христос, кого пророците го навестуваа, за кого псалмистите пишуваа и кого луѓето го очекуваа.

Драги присутни верници,

Заедно со нашите зборови кои ја имаат силата да ја искажат благодарноста кон Бога за секоја негова помош, утеха, милост, поткрепа, најчесто го користиме и универзалниот јазик на нашите срца, нашите души и всушност на целото човештво, музиката.
Затоа, со особено задоволство ја прифатив поканата да бидам покровител на Божиќниот концерт на единствениот женски хор со женски диригент во Република Македонија, хорот „Св. Злата Мегленска", кој ја прослави Република Македонија низ Европа и светот.

Ве поканувам сите заедно да ја слушнеме и да ја почувствуваме Божиќната порака која хорот „СВ. ЗЛАТА МЕГЛЕНСКА", византискиот хор „ХАРМОСИНИ" и детскиот хор „ХЕРУВИМИ" оваа вечер на свој посебен начин ќе ја пренесат до сите и за сите нас.

Со тие зборови, на самиот крај, уште еднаш би сакала да ве поздравам со пораката – Христос се роди! Навистина се роди!

Нека ни е честит Божиќ!

За многу години!
bozikj_koncert3

bal_na_razlicnosti
Да се обидеме да ги надминеме предрасудите кон лицата со посебни потреби - обраќање на вториот бал на различности под мотото „Да ги споиме нашите светови“
Четврток, 27 Ноември 2014

Почитувани присутни,

Со особено задоволство и исполнето срце сум денеска тука со вас на вториот по ред „Бал на различности" во организација на здружението „Дајте ни крилја" здружение на граѓани за лица со дисфункции, хендикеп, ретки болести и посебни потреби.

Вечерва сум тука како покровител на овој настан, како сопруга на Претседателот на Република Македонија но и како мајка. Тука сум заедно со многу други личности од јавниот живот да придонесам кон менувањето на свеста за најранливите. Како што велат „онаму каде што здравиот му приоѓа на болниот, силниот на слабиот, а моќниот на немоќниот, токму таму се раѓа еден подобар и праведен свет."

Вечерашното мото е „да ги споиме нашите светови". Светот во кој денес живееме е свет во кој се се мери, премерува и преиспитува. Секојдневно се составуваат рејтинг листи на она што е најважно во животот на човекот и општеството. Економијата, бизнисот, популарноста, убавината, мирот, безбедноста, технологијата, науката, компетитивноста, успехот... Но, верувам дека најголема вредност од сите е животот сам по себе.

Нема случајни луѓе на оваа планета. Секое дете, секој човек се раѓа со предодредена цел, која може да се оствари преку неговите вродени, од Бога дадени потенцијали и способности. И, како што нема случајни, така нема ниту идентични луѓе. Секој човек, без исклучок, е оригинален, уникатен и неповторлив. Никој од нас на идентичен начин не го гледа сонцето, не ја вкусува храната, не ја чувствува земјата. Секој на свој сопствен начин го доживува светот околу себе. Оттука, нема поголема загуба од неостварен потенцијал. Тоа е загуба и за поединците, и за семејствата, и за општеството, но и за светот.

Најизложени на овој ризик се најранливите, лицата со дисфункции, хендикеп, ретки болести и посебни потреби. Сите тие имаат свој вроден потенцијал, кој премногу често е занемарен. Зошто?

bal_na_razlicnosti_3Како општество, прерано се помируваме, пребргу се откажуваме, и прелесно ги прифаќаме ограничувањата на ранливите. Премногу често ги занемаруваме нивните мали чекори и мали победи на нивната независност и достоинство.

Дали се целосно беспомошни? Сите ние знаеме дека имаат потреба од помошта на најблиските, на семејствата, но и од институциите на државата. Но, помошта што им ја даваме мора да биде насочена кон ослободување на нивните скриени потенцијали, независно колку нам ни изгледаат ограничени.

Наместо униформноста, треба да ја потхрануваме уникатноста на нашите деца, да ја бараме совршеноста во несовршеното, убавината во различното. Не смееме да заборавиме дека, како што ниту еден човек не е случаен, и како што ниту еден човек не е идентичен, така, ниту еден човек не е совршен. Сите ние учиме различно и со различна брзина, сите имаме индивидуални недостатоци и способности и сето тоа не прави посебни и неповторливи.

Прифаќањето и почитувањето на различностите е најважниот сегмент во комуникацијата со луѓето. Лицата со хендикеп се како нас. Тоа се луѓе со свои потреби, желби, цели. Тоа се луѓе со неотуѓиви права и со право на човечко достоинство. Наша должност е да ги заштитиме оние кои не можат сами да си помогнат. Но, заштитата што ја пружаме, иако добронамерна, не може и не смее да биде ограничувачка. Не смееме да ги затвориме во златен кафез, да ги изолираме од светот, да ги спречиме да ги остварат нивните потенцијали.

Знам дека секој родител и старател, секој член на семејството, секој доктор и логопед е пресреќен кога детето и покрај пречките ќе успее во некој потфат. Секој се радува кога ќе биде сведок на лицето што ќе направи чекор повеќе, ќе се искачи скалило погоре, ќе изговори или прочита збор повеќе...

Знам, дека, исто така, може да се биде и разочаран кога, токму поради пречките детето ќе потфрли.

Но, да не заборавиме дека од неуспехот се раѓа и успехот.

bal_na_razlicnosti_2Драги пријатели,

Меѓу нас вечерва има и родители на деца со посебни потреби. Сакам да знаете дека тоа се посебни родители. Родители полни со љубов, трпение и разбирање. Посебни родители кои храбро се борат против стереотипите и со својот пример ја менуваат свеста на нашето општество. Целосно ве поддржувам и ви благодарам што истрајувате.

Со нас се и лицата со хендикеп и дисфункции, кои не се товар на општеството, туку имаат свој товар, за кој ние сме должни да им помогнеме полесно да го носат. И заедно да ја учиме моќта на заедништвото и почитувањето. Ви благодарам што не мотивирате да ги рушиме бариерите во нас и околу нас.

Меѓу нас се и лицата со ретки болести, кои не се исклучени, туку вклучени во нашиот потфат да ја направиме Македонија земја на солидарноста. Ви благодарам што не се предавате.

Сите вие сте тука со многу важна цел. Да напредувате, да се остварувате, да се радувате. Но, тука сте и да не менувате сите нас. Да го менувате целото наше општество. Сите вие сте дел од моралната совест на Македонија.

Токму затоа вечерва на овој бал на различноста сме тука јас и мојот син, да ве поддржиме. Да се обидеме да ги надминеме предрасудите кон лицата со посебни потреби, да научиме да бидеме трпеливи и отворени. Вечерва од тука ќе испратиме апел до пошироката јавност и до сите релевантни фактори во општеството за неопходноста од промена на ставот кон маргинизираните групи, да ја подигнеме свесноста за солидарност и прифаќање како рамноправни членови на нашето општеството.

Без нив сите ние би биле сиромашни во духот, бидејќи преку нив ни е дадена неповторлива можност да бидеме човечни и солидарни.

И затоа на крајот ќе ве повикам со еден огромен аплауз да ги охрабриме нашите пријатели кои ќе го направат овој настан посебен.

Ви благодарам.
bal_obrakjanje


retkibolesti01
Обраќање на 3-та Конференција за ретки болести во Југоисточна Европа
Сабота, 15 Ноември 2014

Дами и господа,

Поканата да ја отворам третата Конференција за ретки болести во Југоисточна Европа, во организација на Македонската академија за науки и уметности и Здружението за ретки болести „Живот со предизвици", ја прифатив со големо задоволство.

Ги поздравувам присутните гости, организаторите и учесниците на оваа значајна Конференција во име на мојот сопруг, Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, кој ви посакува успешно реализирање на програмата, успешни излагања и конструктивни дискусии, како и конкретни иницијативи во корист на лицата со ретки болести во Република Македонија.

Почитувани,

Уште на самиот почеток, уверена сум дека Конференцијата ќе има успешен тек најмногу поради тоа што на едно место се собрани сите засегнати страни од областа на ретките болести во Република Македонија. Во оваа прилика ги поздравувам организаторите и сите учесници кои ја поддржаа оваа Конференција со своето присуство и ангажман.

Најпрво, би сакала со посебна почит и поддршкс да ги поздравам пациентите со ретки болести и нивните семејства. Потоа, претставниците на граѓанските организации кои се активни во областа на ретките болести, истражувачките установи, академската фела, докторите и експертите кои работат на полето на ретките болести, како и претставниците на државните институции надлежни за овој дел од здравството.

Бидејќи областа на ретките болести е исклучително мал сегмент од целокупното здравство во државата, сите засегнати страни треба да споделуваат партнерски однос, кој е меѓусебно зависен, отворен и рамноправен. Денес, сите партнери од оваа област во Република Македонија се на едно место, на еден настан, што значи дека заедницата за ретки болести се поставува на цврста, но и на единствена основа. Тоа ја покажува и нашата единственост и заедничка заложба да ја унапредуваме и подобруваме актуелната состојба со ретките болести во Република Македонија.

Во таа насока, би сакала посебно да ја истакнам заложбата на здруженијата на граѓани кои се активни на полето на ретките болести за нивниот единствен настап пред останатите страни, со нивниот одличен пример за формирање на Националната Алијанса за ретки болести на Република Македонија во април оваа година.

Дами и господа,

Денешниот форум на македонски партнери е надополнет и збогатен со присуството на видни и истакнати меѓународно признати експерти, кои од својата област на специјалност ќе излагаат за ретките болести и ќе поттикнат размена на позитивни искуства за начините на дијагностицирање, протоколите на третирање и лекување на ретки болести, како и препораки за понапредни и современи теоретски и практични постигнувања. Ги поздравувам сите странски учесници и искрено им благодарам за нивното вклучување во денешниот форум.

Две години по ред имам посебна чест да бидам носител на титулата Европски почесен покровител на Европската организација за ретки болести ЕУРОРДИС од Брисел. Моето вклучување во таа посебна, а многу активна, европска заедница ме инспирираше да преземам поголем ангажман во областа на ретките болести, како на национално, така и на европско ниво.

На национално ниво, заложбата во областа на подигањето на јавната свест за ретките болести ја посветувам на помагање и поддршка на еден од приоритетите на Националната алијанса за ретки болести – интегриран пристап на сите инволвирани страни за откривање, дијагностика, особено рана дијагностика, превенција, третман, рехабилитација и социјална интеграција за заболените од ретки болести и нивните семејства. Истовремено ги поддржувам и сите заложби на државните институции надлежни во оваа област.

Уверена сум дека преку Програмата за лекување на ретки болести на Министерството за здравство им се помага на одреден број пациенти со ретка болест. Но, донесувањето на Национална стратегија за ретки болести во Република Македонија ќе значи голем исчекор во здравствената политика за ретки болести на нашата држава што ќе даде огромен придонес за сите пациенти со ретки болести.

Искрено се надевам дека од Фондот за здравство од година во година ќе слушаме позитивни вести за поголем број на лекови, витамини, посебна храна за пациентите со ретки болести ставени на позитивна листа, субвенции и поедноставени процедури за увоз на лекарства.

Ја користам оваа прилика ги охрабрам сите кои работат на научни истражувања за ретки болести за нивен зголемен и попосветен ангажман.

retkibolesti02Дами и господа,

На европско ниво, се залагам за зголемување на јавната свест за ретките болести, за истражувањата за напредни терапии, лекувања и третмани на ретките болести, а посебно за одржување на категоријата ретки болести како приоритет во јавното здравство и истражувањата на ниво на Европската унија.

Од оваа година, ја застапувам и поддржувам иницијативата за прогласување на 2019 година за Европска година на ретките болести. Во 2019 година ќе се навршат 20 години од донесувањето на Регулативата на Европската унија за медицински продукти за ретки болести и 10 години од Препораката на Европскиот совет за поголема акција на полето на ретките болести. Ве повикувам сите да ја поддржите оваа кампања и да го дадете својот глас за Европската година на ретките болести која би пратила силна порака во име на 30 милиони пациенти од Европа со 6000 до 7000 различни ретки болести. На тој начин ќе се привлече вниманието на јавноста и ќе се подигне свесноста за ретките болести, но и ќе се охрабрат научниците и истражувачите да се фокусираат на истражувања на ретките болести, кои најчесто се крајно исцрпувачки за пациентите, а неретко и го загрозуваат нивниот живот.

Почитувани,

Ретките болести како област во здравството не заземаат голем удел. Тоа не треба да значи дека ретките болести смеат да се занемарат. Реткоста не значи и ретко ангажирање или ретко посветување внимание на оваа тема. Нивната реткост значи дека е потребно подобро позиционирање на ретките болести во здравствениот систем. Тоа значи и зголемен и попосветен ангажман за промени во оваа област.
Кога зборуваме за ретките болести всушност зборуваме за човечки животи, кои не се само статистика и бројки, дали бил еден на 10 илјади или еден на милион. Колку болеста на пациентите е поретка толку третманот и лекувањето на истата е потежок, поскап и поретко пристапен, па затоа им е неопходна помош.

Ве повикувам сите заедно со сите наши расположливи средства, со целиот наш капацитет да се ангажираме и посветено да работиме на промени во областа на ретките болести за да им излеземе во пресрет на лицата заболени со ретка болест и да им помогнеме во однос на нивните потреби и надминување на проблемите со кои тие секојдневно се соочуваат.

Помагањето на ближните нè прави поголеми луѓе, а големиот Махатма Ганди рече „најдобар начин да се пронајдеш себеси е да се изгубиш помагајќи им на другите".

Ви благодарам.

retkibolesti03

ivanova_belgrade01
Активности на г-ѓа Иванова за време на Официјалната посета на претседателот Иванов на Република Србија
Петок, 31 Октомври 2014

Сопругата на претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, за време на Официјалната посета на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов на Република Србија, оствари средба со г-ѓа Драгица Николиќ, сопруга на претседателот на Република Србија, г. Томислав Николиќ.

На средбата одржана во Палата Србија во Белград, г-ѓа Иванова и г-ѓа Николиќ се согласија дека двата народи ги поврзуваат богати културни и историски врски. На средбата беа разменети информации и искуства за активностите и иницијативите што во своите земји ги превземаат г-ѓа Иванова и г-ѓа Николиќ.

За време на дамската програма при Официјалната посета на Република Србија, г-ѓа Иванова и г-ѓа Николиќ го посетија Основното училиште „Сава Јовановиќ Сирогојно" во Земун, кадешто се образуваат деца со посебни потреби и пречки во развојот.

„Драго ми е што сум тука при официјалната посета на мојот сопруг и драго ми е што имам можност, заедно со сопругата на претседателот Николиќ, мојата драга пријателка Драгица, да го посетам ова училиште", изјави г-ѓа Иванова.

За време на престојот во Белград, г-ѓа Иванова, придружувана од г-ѓа Николиќ, го посети и Народниот музеј.

ivanova_belgrade02ivanova_belgrade03

borka01
Обраќање на г-ѓа Маја Иванова на 7. Национална конференција за борба против ракот на дојката
Вторник, 14 Октомври 2014

Драги борки,
Почитувани екселенции,
Почитуван министер Тодоров,
Почитувана амбасадорке Оер,
Почитувана г-ѓа Волерс,
Почитувана директорке на фондот за здравство, г-ѓа Парнаџиева-Змејкова,
Почитувани дами и господа,

Посебно место меѓу моите активности како сопруга на Претседателот на Република Македонија заземаат активностите со кои ја поддржувам мисијата на најгласниот и најупорен борец против ракот на дојката во земјата, здружението „Борка – за секој нов ден". И токму поради тоа, секоја година редовно и со големо задоволство ја прифаќам поканата на „Борка" да присуствувам и да се обратам на националната конференција за борба против овој карцином.

На почетокот, ја користам оваа прилика да ви ги пренесам поздравите од мојот сопруг, Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, и да ја искажам неговата голема поддршка за националната кампања за борба против ракот на дојка.

Нашата поддршка е за организаторите на конференцијата, за сите поддржувачи на оваа благородна мисија, за сите пријатели на Борка, за сите волонтери и активисти во борбата против ракот на дојка, за сите нивни активности со кои ја пренесуваат пораката за оваа болест до секоја жена во Република Македонија.

Дами и господа,

Ги поздравуваме сите проекти, кампањи и акции на државните институции, здравствените установи, медицинските работници, општествено одговорните бизниси и на граѓанскиот сектор, особено оние во октомври како глобално прифатен месец за подигање на јавната свест за ракот на дојка.

Затоа, и овој пат ве повикувам да продолжиме со активности кои ќе резултираат со зголемена јавна свест и да ја поддржиме нашата заедничка цел – да го предизвикаме вниманието на женската популација за значењето од превенција и рано откривање на оваа болест.

Да потсетуваме на редовните индивидуални и лекарски прегледи и нивно вклучување во годишните скрининг програми за рано откривање и евентуална превенција. Да успееме да влијаеме во откривањето на болеста во нејзиниот ран стадиум, кога лекувањето е многу поефикасно.

Да повикаме на што подобри и поуспешни лекувања, ефикасни третмани, достапни и отворени онколошки болнички капацитети и најсовремени постоперативни корективни процедури.

Многу од овие цели се постигнати, но секогаш има простор за подобрување и во таа насока сите ние треба заедно и сплотено да работиме.

borka02Почитувани присутни,

Денес морам да укажам на еден факт кој мораме да го прифатиме како неоспорна вистина и да се обидеме да го пренесеме до сите жени.

Секоја од нас ја демне заканата од болеста рак на дојка.

Некои жени имаат поголеми предиспозиции да бидат погодени од болеста, но шансите секоја жена да биде соочена со ваква дијагноза е голема.

Поради тоа, не треба да се изолираме и повлекуваме. Дијагнозата за рак на дојка може да и' биде соопштена на секоја од нас. Секоја жена треба да биде доволно свесна дека грижата за своето здравје не е луксуз, не е претерување, не е наметнување, не е ништо друго освен нејзино загарантирано право, за кое би дополнила дека можеби треба да го прифати повеќе како обврска, а не како можност. Мораме да правиме редовни само-прегледи, а најмалку еднаш годишно да направиме и лекарски преглед. Нема оправдување дека не сме во можност, нема оправдување дека немаме време, нема оправдување дека немаме средства и слични изговори.

Ценети присутни,

Нашите драги борки сведочат и нè потсетуваат со нивните бројни активности дека не смееме да се опуштиме и да се откажеме од редовната грижа за своето здравје. Нашите борки се жените кои сведочеле на ситуацијата кога лично ним или на нивната мајка, сестра, тетка или баба им била соопштена дијагнозата рак на дојка. И покрај сите предизвици и искушенија низ кои поминале стојат исправено и гордо повикувајќи на свесност кај нивните сограѓанки за ракот на дојка. Нивните заложби се видливи кај женската популација и затоа нивниот труд е високо ценет и почитуван. Драги борки, продолжете со вашата розова борба. Ја имате мојата и неизмерната почит и благодарност од сите нас. Вашата розова панделка и оптимизмот се доказ дека во оваа борба може да се успее. Вие докажавте дека може да се успее и дека оваа болест може да се победи.

Почитувани,

На крајот, морам да нагласам дека при секоја активност за борба против ракот на дојка имам една едноставна мисла водилка.
Ако настаните како овој денес можат да помогнат да се спаси барем еден живот, барем на една жена да и се помогне да ја открие заканата додека не е предоцна, тоа е повеќе од причина да се собереме, да се ангажираме и заедно работиме и во иднина.

Ви благодарам.

borka03

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 Следно > Крај
Страница 4 од 9

Биографија

Првата дама на Република Македонија, госпоѓа Маја Иванова, е дипломиран правник кој во слободното време пишува поезија. 

Повеќе

 

Фото галерија

Maja_fotogal