header

header_peperut_-_Copy3

Маја Иванова - Новости
vatican
Маја Иванова: Потребна ни е афирмација на верските и моралните вредности - интервју за „Прес24“
Недела, 10 Јануари 2016

ПРЕС24: Семејството Иванови е едно од оние семејства кое држи до традиционалните вредности и кое редовно може да се види во црква за празниците. Како се градат едни вакви вредности на почит кон традициите во едно семејство, ако се има предвид денешното современо општество, во кое верата и религијата немаат некое централно место?

ИВАНОВА: Македонија навистина е ризница на духовност и култура, и се согласувам дека ни е потребна една афирмација на верските и моралните вредности. Jас и мојот сопруг сме израснати во семејства во кои се почитувала верата и таа култура на почит кон традиционалните вредности, успеавме да ја негуваме, надоградуваме и што е најважно да ја пренесеме на нашиот син.
Прашавте како се градат тие вредности. Тоа е еден континуиран процес на учење, желба, љубов и пред се волја да го зачуваме она што нашите предци ни го оставиле како наследство, а тоа се традицијата и обичаите.
Во денешницата, кога очигледно материјалното надвладува над духовното, навистина е тешко да се препознаат вистинските христијански вредности. Така што, семејството според мене е основната нишка што треба да одигра клучна улога во враќањето на традиционалните вредности.
Посетувањето на црквите е навистина прекрасен обичај што редовно го практикуваме сите во семејството, но верата подразбира многу повеќе. Пред се, таа не може да се наметне.
Религијата се спознава, а потоа се апсорбира и се живее, преку лични примери и практикување на позитивните вредности. Така, родителите треба да претставуваат позитивен пример за своите деца.
Според мене, личните, меѓусебните и семејните односи се во основата на религиозните вредности. Само преку безусловно меѓусебно почитување, доверба и толеранција, можеме да ги оствариме тие вредности и да придонесеме кон позитивна промена на нашите општества. Мојот сопруг во една прилика кажа, какви ни се семејствата, таква ни е и државата.

ПРЕС24: Може ли денеска да се биде модерен човек од една страна и верник од друга?

ИВАНОВА: Апсолутно, зошто да не? Верата не познава богати и сиромаси, модерни и старомодни. Да се биде верник, не значи да се биде конзервативен. Тоа се предрасуди кои според мене не се издржани, и кои веројатно наоѓаат поддршка кај луѓе кои не умеат да ги препознаат и да ги ценат вистинските вредности. Овие предрасуди мора да ги надминеме.
Традицијата и верата воопшто не се косат со современоста, туку напротив секогаш го положуваат тестот на новите времиња. Доколку тоа не беше така, денеска немаше да бидеме сведоци на верски традиции кои успеале да опстојат со векови.
Сите ние настојуваме да бидеме во тек со модерното живеење, но тоа не значи дека треба да заборавиме на корените, на традицијата, да бидеме атеисти итн. Впрочем тоа се потврдува и во пракса. Мислам дека денеска, на мое особено задоволство можеме да видиме се повеќе луѓе кои се посветени на религијата, и кои се враќаат на традицијата и тоа луѓе од сите општествени слоеви и генерации.
Истата паралела ја имаме и со глобализацијата кон која се стреми целиот свет, но од друга страна пак, секоја држава настојува да си го зачува својот национален идентитет, своите вредности, својата автентичност.

popvashapka

ПРЕС24: Што за Вас значи почитувањето на вредностите, на традициите, на верата?

ИВАНОВА: Тоа е еден систем на вредности, норми, принципи, идеали, кои треба да претставуваат водилка во животот. Правец кој го следиме. Нешто што ни дава надеж, што ја држи жива позитивната мисла, што ни помага да се соочиме и да ги пребродиме и најголемите предизвици, нешто што ни дава верба во подобро.
Вредностите немаат значење, ако не се консумираа,т и не се применуваат, и ако од нас не направат подобар човек, посветен на создавање на подобар свет. Традицијата и обичаите ги отсликуваат нашите корени, тие се наш личен печат, говорат за тоа кои сме и што сме. Затоа имаме должна почит кон нашите предци, да ги негуваме богатите македонски православни традиции, бидејќи во спротивност го загрозуваме сопствениот идентитет.
Верата треба да не обедини и сплоти. Сите религии учат на добро, советуваат на ширење љубов, на пружање помош, на мир и толеранција. Ако добро ги спознаеме религиите, ќе ги премостиме и различностите меѓу нас. Жалосно е што денеска во светот сме сведоци на случаи на маргинализирање на религијата, или пак на нејзина злоупотреба за политички цели преку грубо манипулирање со верниците.

vartolomej

ПРЕС24: За Бадник, кај Вас дојдоа бадникари од кои можеше да се слушне една изворна бадинкарска песна, која во Македонија одамна е заборавена. Тоа беше навистина интересен и убав момент. Но, јас сакам да Ве прашам, пред се како личност која редовно ги посетува литургиите, кое е Вашето мислење за идејата за воведување македонско црковно пеење на литургиите, што го практикува Бигорскиот Манастир?

ИВАНОВА: Јас сум имала прилика заедно со семејството повеќе пати да присуствувам на литургиите и на македонското црковно пеење во Бигорскиот манастир. Тоа навистина е една неопислива атмосфера, една духовна исполнетост, преубава енергија што вдахнува возвишеност и прави да се чувствувате поблиску до Бога.
Особено ме радува што кај граѓаните и кај верниците се повеќе расте интересот за учество на божиќните литии и за заживување на старите духовни традиции, меѓу кои и оваа прекрасна бадникова песна – Вечниот бог.
Оттука го поддржувам и иницијативното движење за враќање на божиќната литија, односно молитва. Мислам дека треба да се реафирмираат црковните богослужби и да им се придаде поголемо значење, достоинственост и помасовна присутност. Вистинското прославување на големите христијански празници и славењето на Бога треба да се случува во црквите, како наши духовни храмови. Искрено се надевам дека во иднина оваа изворна песна, како и македонското црковно пеење повторно ќе прераснат во традиција, не само во Бигорскиот манастир, туку и во останатите храмови ширум Македонија.

bigorski

ПРЕС24: Ако добро се сеќавам Вашето семејство има и семејна слава. Како изгледа една семејна слава кај Претседателот, а како кај професорот Иванов?

ИВАНОВА: Во однос на славењето на семејната слава, апсолутно ништо се нема променето. И претходно и сега, се држиме до црковните православни обичаи и го славиме денот како што тоа го прават и сите останати семејства.
Многумина мислат дека семејна слава ни е Ѓурѓовден, но всушност на 6 мај го славиме именденот на мојот сопруг што со голема љубов го приготвувам,а семејна слава ни е токму Петровден. За Петровден симболично велат дека е денот на летната радост и плодност кај православните Македонци. Тогаш во нашиот дом се собира најтесниот круг на семејството. Тоа е една интимна и пријатна атмосфера, убав повод кој го зближува семејството.
Традиционално, на Петровден, како што е редот и обичајот, јас го приготвувам славскиот колач, кој рано наутро го носиме во црква на спевање, заедно со сите оние дополнителни обичаи, црвеното вино и пченицата. Во текот на целиот ден, пред иконата на Апостолите Петар и Павле, во нашиот дом е запалено кандило и гори свеќа. Кога имаме можност присуствуваме и на утринската литургија. Инаку, на празникот му претходи пост, што јас вообичаено го практикувам.

ПРЕС24: Моралните вредносни во ова денешно време, не се некоја одлика на младите генерации. Дали верата може да придонесе и до кој степен за да може Македонија да изгради млади личности со многу појаки морални карактеристики?

ИВАНОВА: Мислам дека тоа е еден од нашите најголеми предизвици, бидејќи за жал нашето општество се соочува со криза на моралните вредности. Се почесто сме сведоци на една извитоперена перцепција на етичките норми, односно вулгаризирање на моралот на сметка на личниот интерес. Неспорно е дека религијата може да одигра огромна позитивна улога во оваа смисла, и тоа токму преку семејство и преку образованието. Секој млад човек има потреба од цели и принципи според кои ќе го насочи својот живот и ќе го обликува своето однесување. Ако таквите цели и принципи се инспирирани од религијата, тоа може да биде двигател кој ќе ги врати моралните принципи.
Искрено ме радува кога гледам дека се повеќе млади луѓе ги посетуваат храмовите и се навраќаат кон традицијата, и верувам дека секоја нова генерација ќе промовира многу повеќе толеранција и мирен соживот, а не омраза и предрасуди. Впрочем успехот на една нација, зависи од духот, свеста и совеста со кои ќе бидат опремени нашите идни генерации.

decataprvo0001

ПРЕС24: Вие сте една од ретките сопруги на македонските политичари која е активна во општествениот живоот преку разни хумани акции. Тоа во светската политика е практика, но кај нас за жал не. Сте размислувале ли да покренете некоја иницијатива за поголема заедничка вклученост на сопругите на политичарите во вакви акции?

ИВАНОВА: Можам да кажам дека ја имав таа привилегија да растам и да се градам како личност во семејство во кое верата зазема исклучително значајна улога. Искуствата и љубовта кон верата кои што ги наследив од мојата баба, сосема природно ја вдахнаа во мене и желбата да споделувам со оние кои имаат помалку, да им помогнам на немоќните и на обесхрабрените.
Со задоволство можам да констатирам дека жените денес се предводнички на граѓанските иницијативи во многу општествени области.
Се поголем е бројот на жени коишто се вклучуваат во хумани активности, кои се однесуваат на спознавањето и надминувањето на предизвиците од здравствен или социјален карактер. Сметам дека хуманоста, искреноста и самопожртвуваноста е втемелена во секого од нас, но понекогаш е потребен и поттик, потсетување, дека пред Бога сме сите еднакви. Токму затоа, ја користам оваа можност да им порачам на сите жени во Република Македонија, без разлика чии сопруги, мајки или ќерки се, дека никогаш не е доцна за една благородна мисија што може да промени нечиј живот.
Уште на самиот почеток, откако мојот сопруг беше избран за Претседател, активно се вклучив во повеќе активности, од кои дел, беа на моја лична иницијатива. Пред се, се посветив на здравјето на сите деца, со посебен акцент на активностите насочени кон борбата против аутизмот и подигнувањето на јавната свест за постоењето на оваа болест.
Ја поддржав националната кампања, благодарејќи на која Детската клиника во Скопје доби современ ургентен центар и сум редовен посетувач на оваа клиника. Преку покровителства и разни манифестации, се залагаме за подобри и еднакви услови на лицата со хендикеп, на лицата со даунов синдром, како и на лицата со ретки болести.
Го посетував Центарот за деца болни од церебрална парализа, како и децата без родители. Бев покровител и промотор на капањата „Здрава храна за детство без мана" .
Понатаму, во континуитет, преку разни иницијативи ги поддржувам жените во надминување на своите предизвици на повеќе општествени полиња. Во таа насока, активно сум вклучена и во борбата против ракот на дојка. Дел од моите заложби е и промовирање на целокупното културно и историско наследство на Република Македонија.
Овие активности се составен дел од мојата агенда, како во земјава, така и во странските држави, кога го придружувам мојот сопруг во рамки на неговите официјални посети. Така што, овој мој ангажман е и причина што неретко сум поканета да учествувам на различни меѓународни конференции поврзани токму со овие прашања, како што беа конференциите во Њујорк, во Кина, во Истанбул, во Брисел...
Споменавте дека ова е практика во светската политика. Јас сметам дека не е во прашање само следењето на светските теркови, туку ценам дека и домашната јавност очекува еден поширок ангажман од сопругата на Претседателот.
Улогата сопруга на Претседател има своја тежина, привилегија, но и одговорност. Така што и ангажирањето во ваков тип на хумани и хуманитарни активности, како и активности за подигнување на јавната свест за многу прашања кои се уште за жал се третираат како табу, дојде сосем спонтано и природно, при што од една иницијатива се раѓаше нова.
Не сакам да демонстрирам нескромност, но навистина се радувам што од оваа моја позиција имам шанса и можам да помогнам и да придонесам за доброто на моите сограѓани. Сакам да истакнам дека и натаму во рамките на своите можности, како жена, мајка и сопруга на Претседателот, ќе бидам отворена за соработка и со сето срце ќе ги поддржувам иницијативите кои се во духот на хуманоста.

mi-boziken1
Обраќање по повод божикниот концерт „10 години Божик - слава“ на женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“
Четврток, 07 Јануари 2016

Почитуван Архиепископ Охридски и Македонски, Ваше Блаженство г.г. Стефан,
Почитуван претседател на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов,
Почитувани првосвештеници,
Почитувани присутни,
Почитувани верници,

Деновиве кога нашите градови, улици и домови се украсени со празнични светилки, а нашите трпези се збогатени со свеќници, добро е да се потсетиме зошто имаме толку светлина за Божиќ, и зошто Божиќ го славиме како празник на светлината.

Денеска се потсетуваме на првиот Божиќ. Се потсетуваме на време во кое луѓето го очекувале доаѓањето на Спасителот кој ќе ги избави од сите нивни неволји, и ќе им даде слобода, мир и напредок.

Во време кога сите луѓе го очекувале, Спасителот се појави неочекувано. На свет дојде Оној преку кого светот настана. И наместо во сила, раскош и слава, Тој се појави како детенце, родено во јасли за добиток, во сиромашно и раселено семејство. Скромно семејство изложено на безмилосно прогонство.

Драги верници,

На првиот Божиќ, кога ангелите се појавија на небото и ја пееја најубавата Божиќна песна, објавувајќи го и славејќи го Христовото раѓање, „Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја", се роди надежта за човекот. Надеж дека Бог не не заборави, туку дека дојде за да не избави, и да ни даде милост и нов живот.

Синот Божји се отелотвори и стана човек не за да Му служат, туку за Тој самиот да служи, и со својот живот, смрт и воскресение да ни даде надеж, да ни ја обнови верата, и да го засади во нас семето на љубовта.

Не повикува бидеме солидарни кон немоќните, да ги нахраниме гладните, да им помогнеме на бездомните, да им служиме на болните.

Почитувани пријатели,

На Божиќ, Господ Бог нè учи да се прегрнеме, да си простиме, да се љубиме, да внесеме мир во нашите срца и хармонија во нашиот живот.

Како што Бог ги проштева гревовите на луѓето, така и ние да си простиме еден на друг и да ги надвладееме суетите и искушенијата од секојдневниот живот.

Да го сочуваме семејниот мир и разумот во нас, во духот на христијанството и вековните традиции на нашиот народ.

Да се посветиме на нашата иднина, на нашите деца, да пронајдеме сила и доволно љубов да станеме доброчинители, да го препознаеме заедништвото и да поттикнуваме меѓусебна поддршка.
Да ја зајакнеме верата во Бога, да си подадеме рака и да го отвориме своето срце со искреност и доверба еден кон друг.

Да ја вратиме надежта во нашите животи, надежта за подобро утро, сидрото на цврстите и решителни одлуки, сонцето на новиот ден во кој заедно работиме и создаваме за нас и идните поколенија.

Почитувани сограѓани,

Црквата отсекогаш била втор дом на нашиот народ. Низ вековните премрежја на нашето опстојување, црквата го чувала нашиот идентитет, нашето писмо, нашите традиции, нашите одбележја како Македонци. Црквата го буди спокојството, го негува заедништвото, го слави животот, ја обновува верата во нашите срца кон Христа.

Светата маченичка Злата Мегленска пред повеќе од 200 години после многу искушенија не се откажа од верата кон Господа и остана симбол на женската пожртвуваност и решителност.

Затоа, вечерва на хорот Св. Злата Мегленска, кој веќе 10 години со песни го слави Името Божје, им посакувам со посветеност, пожртвуваност и решителност да продолжат со нивната работа и да ја промовираат Република Македонија и нашето христијанско наследство секаде низ светот.

Како покровител на овој Божиќен концерт ве поканувам низ звуците на хорот да ја почувствуваме Божиќната радост и да ја пренесеме во нашите домови.

„Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја".

Нека ни е честит Божиќ! Христос се роди!

За многу години!

mi-boziken3

mi-boziken2

kongres1
Обраќање на г-ѓа Маја Иванова на 4. Конгрес за ретки болести на Југоисточна Европа
Сабота, 14 Ноември 2015

Почитувани присутни,

Македонската академија за науки и уметности и Здружението за ретки болести „Живот со предизвици", исто како и мината година, упатија заедничка покана да го отворам четвртиот Конгрес за ретки болести во Југоисточна Европа. Секако, исто како и минатата година, со големо задовоство ја прифатив укажаната чест.

На почетокот, дозволете ми да ви пренесам поздрави од мојот сопруг Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, и во негово име ви посакувам успешен научен собир, конструктивни дискусии и конкретни иницијативи и активности посветени на лицата со ретки болести во Република Македонија.

Дами и господа,

Во оваа прилика ги поздравувам сите присутни пациенти со ретки болести и нивните семејства, и упатувам посебен поздрав и до претставниците на граѓанските организации и здруженија од областа на ретките болести, како најголеми борци за подигање на гласот на пациентите со ретка болест. Секоја пофалба за нивните активности и нивната посветена работа за обезбедување квалитетен и достоен живот на пациените со ретка болест. Дозволете да ги поздравам и преземените мерки од државните институции, како и секоја активност на истражувачките установи, академската фела, докторите, специјалистите кои работат на полето на ретките болести, сѐ со крајна цел, да им се помогне на овие пациенти.

Почитувани присутни,

Ретките болести можеби претставуваат мал сегмент од здравството во Република Македонија, но, ќе нагласам, дека сепак тоа е и исклучително значаен сегмент. Во светот вообичаено реткоста се препознава како нешто уникатно, недостижно, престижно и многу често и скапоцено. Неколку пати сум кажала и сега е потврдам дека и за ретките болести важи истото правило. Лицата кои имаат дијагностицирано ретка болест се исто така уникатни, а нивните животи скапоцени и бескрајно вредни. За нив најзначајно е навремена и рана дијагноза, како и почнување на најсоодветниот третман и лекување.

Токму поради тоа, сите засегнати страни кои работат на полето на ретките болести треба да споделуваат партнерски однос, кој е меѓусебно зависен, отворен и рамноправен. Денешниот настан, збогатен со вашето присуство, ја потврдува нашата заложба за постигнување на такви релации и ја покажува нашата единственост и заедничка заложба да ја унапредиме и подобриме актуелната состојба со ретките болести во Република Македонија, болести кои најчесто се крајно исцрпувачки за пациентите, а неретко и го загрозуваат нивниот живот.

Секогаш нагласувам дека реткоста на болеста не значи и ретко ангажирање или ретко посветување внимание на оваа тема. Нивната реткост значи дека е потребно подобро позиционирање на ретките болести во здравствениот систем. Тоа значи и зголемен и попосветен ангажман за промени во оваа област. Колку болеста е поретка, толку нашиот ангажман треба да биде посилен.

Почитувани присутни,

Три години по ред имам посебна чест да бидам носител на титулата Европски почесен покровител на Европската организација за ретки болести ЕУРОРДИС од Брисел.

Моето вклучување во таа заедница од преку 30 милиони пациенти со ретки болести и околу 700 организации од над 60 земји, ме инспирираше да преземам поголем ангажман во областа на ретките болести во Република Македонија. Сите иницијативи за подигање на јавната свест за ретка болест, сите проекти и активности во нашата земја кои се трудат да обезбедат интегриран пристап на сите инволвирани страни за откривање, дијагностика, особено рана дијагностика, превенција, третман, рехабилитација и социјална интеграција за заболените од ретки болести и нивните семејства ја имале, ја имаат и ќе ја имаат мојата поддршка.

На европско ниво, пак, ја давам мојата поддршка за одржување на категоријата ретка болест како приоритет во јавното здравство и истражувањата и за јакнење на научно-истражувачката дејност со фокусот на ретките болести.

Почитувани присутни,

На крајот, искажувајќи уште еднаш благодарност до организаторите, Македонската академија за науки и уметности и Здружението за ретки болести „Живот со предизвици", ви посакувам успешно релизирање на програмата на 4. Конгрес за ретки болести во Југоисточна Европа, и ве повикувам сите заедно со сите наши расположливи средства, со целиот наш капацитет и посветеност да се ангажираме и заедно да работиме на промени во областа на ретките болести во Република Македонија.

Да им излеземе во пресрет на лицата заболени со ретка болест, да им помогнеме во нивните потреби и да им ја дадеме несебично нашата помош и поддршка за надминување на проблемите со кои тие секојдневно се соочуваат.

Ви благодарам.

bambino
г-ѓа Маја Иванова во посета на ватиканската детска болница „Бамбино Џезу“
Недела, 01 Ноември 2015

Во рамки на официјалната посета на претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на Ватикан, неговата сопруга г-ѓа Маја Иванова ја посети детската болница „Бамбино Џезу", една од најпознатите педијатриски болници во светот и врвен истражувачки центар, која го има статусот на Ватиканска институција.

Сопругата на македонскиот претседател оствари средба со раководството на болницата на која беше информирана за соработката што „Бамбино Џезу" ја остварува со Клиниката за детски болести од Скопје и со здравствените власти во Република Македонија.

На средбата, г-ѓа Иванова информираше за нејзините активности во Македонија. Таа ги запозна соговорниците за првиот специјализиран педијатриски Ургентен центар на Клиниката за детски болести во Скопје, што под нејзино покровителство прерасна во врвна установа во регионот и пошироко.

Сопругата на македонскиот претседател потсети и на македонското учество во Европската организација за ретки болести, каде што три години по ред таа е Европски почесен покровител на оваа организација. Во тој контекст, г-ѓа Иванова, посочувајќи дека ретката болест не значи реткост на третманите, се заложи за подигнување на јавната свест за ретките болести. Запознаваќи ги соговорниците со активностите на државните институции во таа област, г-ѓа Иванова изрази благодарност до ватиканската болница за досегашната соработка и изрази надеж дека научно-истражувачката и клиничката соработка на „Бамбино Џезу" и Клиничкиот центар ќе се одвиваат и во областа на ретките болести.

„Бамбино Џезу" има склучено договор за соработка со Министерството за здравство на Република Македонија, врз основа на кој се отворија можности за усовршување на нашиот медицински персонал, како и за прифаќање на потешките случаи кои се уште не можат да се третираат во Македонија.

Сопругата на македонскиот претседател го посети и единствениот пациент во моментов од Македонија, кој е згрижен во детската болница„Бамбино Џезу".

г-ѓа Маја Иванова беше покровител на националната кампања „Да помогнеме навреме" со која се овозможи отворањето на првиот специјализиран педијатриски Ургентен центар на Клиниката за детски болести. Воедно, г-ѓа Иванова е силен поддржувач на борбата против аутизмот и континуирано се залага за подобрување на квалитетот на животот на децата и унапредување на нивното здравје.

2
Обраќање на отворањето на 6. Конгрес на Здружението на педијатри на Република Македонија
Четврток, 08 Октомври 2015

Почитувани присутни,

Ми претставува особено задоволство да бидам вечерва со вас на отворањето на 6-тиот Конгрес на Здружението на педијатри на Република Македонија. Со посебна чест ја прифатив поканата за покровителство на овој Конгрес, упатена од Претседателот на Здружението на педијатри на Република Македонија, мојата драга пријателка и партнер во неколку успешни проекти и иницијативи, проф. д-р Аспазија Софијанова.

На почетокот, би сакала да упатам честитки до Здружението на педијатрите на Република Македонија, а посебно до Претседателот на Здружението, проф. Д-р Софијанова, за одличната и сеопфатна програма на Конгресот, како и за импресивниот број на учесници меѓу кои се голем број истакнати и етаблирани професионалци познати за целата јавност во Република Македонија, но и пошироко. Поради тоа, укажаната чест да бидам покровител на оваа научна манифестација е уште поголема.

Упатувам срдечно добредојде до сите присутни учесници од Република Македонија. Упатувам срдечно добредојде и до сите учесници од странство, за кои верувам дека ќе имаат прилика да ги запознаат убавините на нашата земја и да се уверат во топлото и срдечно гостопримство по кое е позната Република Македонија.

Почитувани,

Ја користам оваа прилика да ви упатам срдечни поздрави од мојот сопруг, Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, кој ви посакува успешно реализирање на најзначајниот научен собир за педијатрија во Република Македонија.

Ви посакувам успешни излагања, конструктивни дискусии и анализи на најсовремените достигнувања во педијатријата на глобално ниво, споредени со состојбата во нашата земја. Конгресот е одлична можност за размена на искуства и мислења, што верувам ќе понуди препораки за идните трендови во дијагностиката и третманот на низа заболувања во детската возраст. Во тој контекст, уверена сум дека ќе донесете и конкретни предлози за подобрување на здравствените услуги за нашите најмлади и најранливи, најскапоцени и најмили, чие здравје, секако, сите го ставаме во преден план.

Дами и господа,

Со безрезервна поддршка од мојот сопруг на почетокот на неговиот прв мандат одлучив, како сопруга на претседателот на Република Македонија, да се посветам на активности за нашето најголемо богатство, нашата гордост, нашата радост и нашата иднина - децата.

Една од најдрагите мои активности посветени на децата е Националната кампања „Да помогнеме навреме" за отворање на првиот Ургентен центар на Универзитетската клиника за детски болести во Скопје. Кампањата, која се спроведе под мое покровителство, беше успешно завршена! Со поддршката од главниот донатор, Турската владина агенција за поддршка и развој, ТИКА, и со поддршката од граѓаните на Република Македонија, успеавме да го реализираме проектот во декември 2013 година. Од денешна перспектива, отворањето на првиот детски ургентен центар ја потврди ургентноста на тој проект, ја потврди неопходноста од таа алка за подобро функционирање на Детската клиника, а се со крајна цел, спасување на што поголем број детски животи. Впрочем, вие, присутните педијатри, најдобро знаете што тој ургентен центар значи за децата кога секундите живот значат.

Уверена сум дека со следната фаза од нашиот заеднички проект со Детската клиника и проф. д-р Софијанова ќе успееме да го адаптираме, реновираме и до-опремиме делот за интензивна нега и терапија, што ќе значи комплетно модерен и најсовремен дел од Детската клиника.


Почитувани присутни,

Особено блиска и значајна за мене е поддршката за децата со аутизам. Под мое покровителство, неколку години по ред, се организираат различни и многубројни активности за децата со аутизам преку кои се обидуваме да ја подигнеме јавната свест и да ја потсетиме јавноста за вклучување во борбата против аутизмот.
Оваа тема станува се поприсутна и се повеќе се бара решение и соодветен третман на истата, како за дијагностика, третмани, лекување, социјализација, така и за правата и можностите на децата со аутизам. Од искуството кое досега го стекнав преку ваквите активности, целосно се посветувам на обезбедување поддршка за отворање на центар за аутизам, кој првенствено ќе работи на дијагностика на аутизмот. Се залагам и за отворање на регистар на лица со аутизам, тема која заедно со дијагностиката на аутизмот, редовно се потенцираат при сите мои разговори со стручни лица кои работат во оваа област, но и со родителите на децата со аутизам.

Драги присутни, исправени сме пред сериозен предизвик, кој не е национален, регионален, туку глобален. Можеме да постигнеме многу, но само доколку работиме сите заедно, сплотени, со заеднички ангажмани.

Ова е сериозен предизвик кој мора сериозно да го третираме. Аутизмот зборува, ние треба да научиме како да го слушнеме и разбереме!

Почитувани дами и господа,

Три години по ред имам посебна чест да бидам носител на титулата Европски почесен покровител на Европската организација за ретки болести ЕУРОРДИС од Брисел. Моето вклучување во таа посебна, а многу активна заедница од преку 30 милиони пациенти со ретки болести, околу 700 организации од над 60 земји, ме инспирираше да преземам поголем ангажман во областа на ретките болести на национално ниво.

Во оваа прилика би сакала да нагласам дека во Република Македонија надлежните институции редовно донесуваат програми за лекување на заболените од ретки болести преку одредување на високи износи на буџетски средства за соодветни терапии и лекарства. Ангажираноста на властите во оваа насока се препознава и во формирањето на Комисија за ретки болести со посебни надлежности и обврски, чиј што Претседател е проф. д-р Аспазија Софијанова, што значи дека имаме доста заеднички активности и на овој план.

Почитувани, реткоста на болестите не значи и ретко ангажирање или ретко посветување внимание на оваа тема. Колку болеста на пациентите е поретка, толку третманот и лекувањето на истата е потежок, поскап и помалку пристапен, па затоа им е неопходна помош.

Тука, настапувате вие, специјалистите во своите области од медицината, кои ги третирате ретките болести. Во вас ја полагаме нашата надеж за подостоинствен и поквалитетен живот на пациентите со ретки болести во Република Македонија, за што ја имате мојата безрезервна поддршка.

Почитувани учесници на Конгресот,

Искрено ви благодарам за вашето вклучување и придонес за 6-тиот Конгрес на Здружението на педијатри на Република Македонија, и, уште еднаш, ви посакувам успешна реализација на програмата.
На крајот, ве поздравувам сите, со една мисла од една од најголемите хуманистки во светот, блажената Мајка Тереза, „Да се дадеме самите себе е подобро од тоа само да дадеме", бидејќи „секое дете е непроценливо вредно, бидејќи секое дете е Божја творба".

Ви благодарам.
3

Napred_rozovo_1
Маја Иванова: Чекориме заедно во битката против ракот на дојка
Недела, 04 Октомври 2015

Сопругата на Претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, денеска присуствуваше и ја поддржа хуманитарната манифестација „Напред розово 2015", што се одржа по седми пат во организација на здружението „Борка" и е посветена на борбата против ракот на дојката.

Поддршка на акцијата дадоа и амбасадорот на САД во Република Македонија, г. Џес Л. Бејли со својата сопруга, како и министерот за здравство, г. Никола Тодоров.

Во своето обраќање, г-ѓа Иванова ја реафирмираше својата поддршка за розовата кампања на „Борка" со цел подигнување на јавната свест во борбата против ракот на дојка, истакнувајќи дека, кога е во прашање човековото здравје не смее да постои никаков исклучок или преседан.

„Кога иницијативата која ја поддржувам го величи животот, го слави здравјето и се труди да помогне за што поквалитетен и достоинствен живот на своите штитеници, јас, со несомнено задоволство ја давам мојата целосна поддршка. Гордо стојам заедно со носителите на иницијативата под нивната парола – секој еден живот е значаен и вреден, ставајќи го здравјето во преден план“, порача г-ѓа Маја Иванова.

Napred_rozovo_02Г-ѓа Иванова го поздрави и потпишувањето на Меморандумот за соработка меѓу здружението „Борка" и останатите здруженија кои работат за поддршка на пациенти со различни малигни заболувања, а со цел нивни заеднички и посилен настап.

„Чекориме заедно за да им дадеме поттик, да ги охрабриме сите оние кои ја водат тешката битка со ракот на дојка, да им дадеме поддршка на нивните семејства, да ги потсетиме сите жени за важноста на редовните прегледи, самопрегледи и превенција, да ја истакнеме важноста на раното дијагностицирање, и да повикаме на обезбедување на соодветно лекување", истакна г-ѓа Иванова, поздравувајќи ја борбеноста и храброста на сите кои успеале да ја добијат битката против ракот и нивната желба да им помогнат и на оние во моментот се соочуваат со болеста.

Како што нагласи претседателката на „Борка" Биба Додева, долгогодишните активности даваат резултат. Се поголем е бројот на жени кои редовно одат на прегледи, а тоа покажува дека свеста е веќе подигната. Во оваа насока многу помогна и воведувањето на скринингот.

„По толкугодишно лобирање заедно со многу други здруженија, успеавме, Министерството за здравство имаше слух и конечно најде можности да го имплементира скринингот. Токму на тој начин ќе поттикнеме повеќе жени успешно да се излекуваат“, рече Додева, укажувајќи колку е битно раното откривање, ако се земе предвид фактот дека во тој случај преживувањето е над 98 проценти.Napred_rozovo_3

Поздравувајќи го ангажманот на здружението „Борка", но и присуството на сите волонтери, американскиот амбасадор Бејли рече дека многу мал број луѓе во светот денес немаат мајка, сестра, баба, братучетка, ќерка, пријателка што не страда од рак на дојка.

„Тоа е нешто што сите не обединува. Денес сме здружени во марширање напред како поддршка на лекувањето и поголемата свесност зошто таа ги води жените кон рано откривање на болеста и спасувањето живот. САД се горди што соработуваат со „Борка" и другите организации за подобрување на човековото здравје и решавање на ова многу тешко прашање“, порача Бејли.

Како дел од кампањата за подигање на свеста за борба против ракот на дојката, а во рамки на манифестацијата, се одржа и традиционалната розова прошетка, што годинава започна од плоштадот „Филип Втори".

Сопругата на Претседателот на Република Македонија ја поддржува оваа манифестација од самите почетоци, како и сите останати активности на Здружението „Борка", со цел борба против ракот на дојка.
Napred_rozovo_2

detska1
Дуке Бојаџиев настапи пред децата во Детска клиника во Скопје
Вторник, 25 Август 2015

Македонскиот композитор, продуцент и пијанист Дуке Бојаџиев денеска свиреше за дечињата згрижени во Клиниката за детски болести во Скопје.

Идејата за настапот на Бојаџиев се родила на средба со семејството на претседателот Иванов во Охрид, следејќи ги позитивните светски искуства на примена на музикотерапија во конвенционалната медицина.

„Чест и задоволство на Клиниката за детски болести е да го имаме Дуке Бојаџиев, кој благодарение на првата дама, ни е гостин, да направи концерт, особено за дечињата кои немаат прилика него да го гледаат во живо. Да се надеваме дека голем дел од нив кога ќе излезат ќе имаат прилика. Клиниката денеска е негова бина, кадешто дел од нив, преку песната, може да почувствуваат една убава енергија и болницата да ја претвориме во место кадешто болестите ќе се лечат заедно со музиката. Голема благодарност до Дуке Бојаџиев. Ова што го слушаме сите не остава без текст, и децата и родителите. Благодарност и до првата дама која ни овозможува да биде дел од нашите простори. И во иднина вакви концерти ќе се приредуваат се со една цел – музичката терапија да биде единствената терапија со која ќе се лекуваат децата", изјави д-р Аспазија Софијанова, директор на Клиниката за детски болести.

Дуке Бојаџиев настапи заедно со Тања Царовска - вокал и Владимир Крстев - виолина, состав со кој настапуваше годинава во Рим, во рамки на одбележувањето на Св. Кирил, а кои беа дел од неговиот тим на концертите одржани летово.

detska2

1
Активности на г-ѓа Маја Иванова за време на работната посета на Република Турција
Четврток, 20 Август 2015

Сопругата на Претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, престојуваше во посета на Анкара на покана на Универзитетот Хаџетепе и Турската агенција за поддршка и развој, ТИКА. Г-ѓа Иванова на оваа посета беше придружувана од доц. м-р д-р сци. Аспазија Софијанова, Директор на Универзитетската клиника за детски болести во Скопје. Сопругата на Претседеталот при посетата на Универзитетот Хаџетепе имаше прилика да се информира за Универзитетската клиника, особено Детската болница при Медицинскиот факултет. Домаќин на г-ѓа Иванова за време на посетата беше Ректорот на Хаџетепе Универзитетот, проф. д-р Мурат Тунџер. При посетата, на г-ѓа Иванова и беше презентиран начинот на функционирање на Универзитетот Хаџетепе и Детската клиника според најсовремените и највисоки меѓународни стандарди. За време на посетата на детската клиника при Медицинскиот факултет, г-ѓа Иванова се сретна со повеќе познати професори од Универзитетот и доктори од клиниката.

Г-ѓа Иванова имаше можност да го посети и Центарот за дијагноза, третман, и истражувања за деца со аутизам, посебен институт во рамките на Универзитетот Анкара, каде имаше прилика да размени мислења за состојбите со аутизмот во двете земји, дијагностиката, начинот на третирање, лекување на децата со аутизам, како и да се информира за истражувањата кои ги спроведува институтот.

Сопругата на Претседателот за време на посетата се сретна со д-р Сердар Чам, претседател на ТИКА и со д-р Махмут Чевик, Директор за Балкан и Јужна Европа во ТИКА. На средбата, г-ѓа Иванова и д-р Софијанова информираа за функционирањето на првиот ургентен центар на Детската клиника во Скопје, проект кој д-р Чевик, како поранешен Директор на Канцеларијата на ТИКА во Скопје, го реализираше под покровителство на г-ѓа Маја Иванова. На средбата беа разгледани можностите за идна соработка на проекти, посебно во областа на педијатријата и аутизмот во Република Македонија.

2

bigorski1
Mладите да ги негуваат и чуваат културата, историјата, и духовните вредности- велигденски ручек за сопругите на амбасадорите во Македонија
Сабота, 18 Април 2015

Сопругата на претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, денеска организираше велигденски ручек за сопругите на резидентните амбасадори во Република Македонија, при што беа посетени манастирите „Св. Јован Бигорски" и „Св. Ѓорѓи Победоносец" во дебарското село Рајчица.

На ручекот присуствуваа сопругите на амбасадорите на Италија, Полска, Романија, Русија, Словачка, Словенија, Шведска, Украина, САД и Швајцарија.

Според г-ѓа Маја Иванова, Воскресението Христово е празник над празниците и празник што го слави животот, верата, надежта и љубовта и исполнува со благослов и спокојност, и токму тоа е инспирација и повод за овој настан.

„Заедно со сопругите на резидентните амбасадори во Македонија го посетивме овој крај, бисер на Македонија што некои го нарекуваат и рај на земјата, како и двата манастири „Св. Јован Бигорски" и „Св. Ѓорѓи Победоносец". Домаќините во „Св. Јован Бигорски" на моите гостинки им го претставија историјатот на манастирот и ги запознаа и со другите убавини на овој регион, така што восхитот на нивните лица можеше да се види од убавината, архитектурата, фрескосликарството и духовноста на ова древно македонско светилиште. Ова го сметам и како промоција на мојата земја, Република Македонија, со сите нејзини историски, културни и духовни богатства и од ова место сакам да упатам апел до младите да ги негуваат и чуваат културата, историјата, и духовните вредности што се нераскинлив дел од нашата историја и култура", истакна г-ѓа Иванова.

Сопругата на американскиот амбасадор, г-ѓа Кејпи Полк Бејли, истакна дека за првпат има можност да го посети овој крај.rajchica

„Стоејќи на местото со исклучителна духовност и можноста да се гледаат и други творби со духовност како џамии, планини, реки и шуми, навистина претставува прекрасно задоволство", рече сопругата на американскиот амбасадор.

Сопругата на рускиот амбасадор во Македонија, г-ѓа Лариса Шчербак истакна дека е големо задоволство во време кога сите ние ги одбележуваме велигденските празници да им посака на сите граѓани на Македонија просперитет, здравје и среќа.

„Од манастирот „Св. Јован Бигорски" може да се видат објекти и други верски градби што уште еднаш покажува дека религиозните и другите верски заедници во Македонија го одржуваат и чуваат соживотот", рече г-ѓа Шчербак.

bigorski2

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 Следно > Крај
Страница 3 од 9

Биографија

Првата дама на Република Македонија, госпоѓа Маја Иванова, е дипломиран правник кој во слободното време пишува поезија. 

Повеќе

 

Фото галерија

Maja_fotogal