Среда, 08 Септември 2010
Г-ѓа Маја Иванова
Печати Е-пошта

Првата дама на Република Македонија, госпоѓа Маја Иванова, е дипломиран правник кој во слободното време пишува поезија. Работниот ден Маја Иванова го минува на релацијата меѓу Агенцијата за цивилна воздушна пловидба каде работи како советник, потоа во исполнување на дневната агенда која и ја носи улогата на сопруга на Претседателот на Република Маекдонија и семејните мигови минати со сопругот и со синот Иван.

Родена на 15 мај 1964 година во Скопје, Маја Иванова од раната младост била активна и љубопитна личност. Како Рациновец - ученик на генерацијата од основното училиште Кочо Рацин – нејзините гимназиски денови биле исполнети со постојан ангажман во училиштето и надвор од него. Љубовта кон својот роден град и неговата уникатна енергија ја насочува во збирката поезија посветена на Скопје, за која ја добива 13 Ноемвриската награда.

Во периодот поминат на Правниот Факултет во Скопје го почнува и својот ангажман во општествената сфера. Како младински политички активист е сведок на бурните настани кои го обележуваат создавањето на независната македонска држава.

Постојаниот ангажман во Црвениот Крст на Република Македонија е најдобрата подготовка која Маја Иванова ја имала обврските што ја следат како прва дама. Таа се посвети на прашањата кои како општество понекогаш ги забораваме – положбата на децата без родители и на лицата со посебни потреби.

Својата работна кариера Маја Иванова ја почнала во компанијата Интеримпекс. Работела како претставник на швајцарската фармацевтска компанија Хофман Ла Рош, и на грчката авио-компанија Олимпик Ервејс, а од 2001 година е вработена во Агенцијата за цивилно воздухопловство.

Тоа што слободните часови во семејството Иванови се исполнети со музика е заслуга пред се на првата дама, која свири пијано и армоника.