|
ПРЕТСЕДАТЕЛ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА Д-Р ЃОРГЕ ИВАНОВ
Претседателот д-р Ѓорге Иванов е роден во Валандово, на југоистокот на Македонија, на 2 мај 1960 година. По завршувањето на основното и средното образование во Валандово, ги започнал студиите по право на Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје.
За време на студиите, почнал со политички активизам во либералните, реформски младински организации. Во 1988 година почнува неговата седумгодишна кариера во Македонската Телевизија, каде напредувал до позицијата уредник на Третата програма. Во текот на медиумската кариера бил активен во напорите за реформирање на политичкиот систем. Со распадот на еднопартискиот модел и диригираната економија на тогашна Југославија, активизмот на Иванов во младинските движења беше насочен кон промовирање на политичкиот плурализам и пазарната економија. Оваа активност ја продолжува на Универзитетот, каде почнува со работа во 1995 година. Магистрира политички науки на темата Граѓанско општество – новите контрадикторности на старата дебата. Неговиот докторат е насочен кон градењето на демократија во поделени општества, конкретно обработувајќи го примерот на Република Македонија.
На Правниот факултет, кој долго време е центар на македонскиот политички живот, доктор Иванов работи на промоција на нови политички погледи меѓу своите студенти, на кои им предава политичка теорија и политичка философија. Притоа, тој промовира нови методи на предавање, помагајќи да се отвори македонската академска заедница кон западните универзитети, носејќи модерна литература, политички списанија и поврзувајќи ги македонските факултети во раните фази на развојот на интернетот. Во 1999 година е именуван за визитинг професор на Програмата за Југоисточна Европа на Универзитетот во Атина, Грција. Свесен дека за отворање на Македонија кон Запад ќе биде процес за кој се потребни напорите на повеќе генерации, доктор Иванов стана активен во ТЕМПУС програмата на Европската Унија за Македонија, воведувајќи реформи во наставната програма и магистерски програми на англиски јазик.
Доктор Иванов е водечки експерт во полето на цивилното општество и меѓу првите кој вовел систематско проучување во македонската академска заедница. Тој бил консултант на водечки аналитички и истражувачки центри. Генерации на лидери ја минале неговата обука во политички менаџмент. Доктор Иванов е меѓу соосновачите на првото македонско списание за политичка наука – Политичка мисла. Тој е основач и почесен претседател на Македонската политичка асоцијација. Иванов е и еден од водечките основачи на Институтот за демократија, Социетас Цивилис Скопје – водечки аналитички центар во Македонија кој помогна да се обликува политичката сцена во Македонија и кој насочи огромно количество на млад талент во политиката. Иако никогаш не бил партиски член, доктор Иванов беше активен во формулирањето на реформската програма на партијата ВМРО-ДПМНЕ и, на крајот, беше номиниран за нејзин претседателски кандидат во 2009. На претседателските избори победи со високо мнозинство од гласовите.
Претседателот Иванов е оженет, со едно дете.
|