Инаугурација

Претседателот на Република Македонија е глас на демократијата, единството и патриотизмот

 

12 мај 2009, Скопје, Собрание на Република Македонија

 

ivanov_potpis„Пред нас е исправен уште еден голем предизвик. Предизвик кој најсилно и најјасно ќе ја потврди нашата историска мудрост, нашите национални стремежи и нашето место во светот. Овој предизвик се вика европска Македонија,“ порача д-р Ѓорге Иванов, четвртиот по ред Претседател на Република Македонија, во своето инаугуративно обраќање во Собранието на 12 мај 2009 година, веднаш по давањето свечена изјава со која стапи на должност.

 

„Функцијата Претседател на Република Македонија за мене е пред сè должност и свечена заклетва пред мојот народ,  дека ќе дадам сè од себе, ќе го вложам целиот свој капацитет и кредибилитет за добросостојбата на нашата држава и нејзините граѓани. Оваа голема должност не познава политички опции, етнички или религиозни, културни или локални разлики. Претседателот на Република Македонија е глас на секој македонски граѓанин, тој е и ќе остане глас на демократијата, единството и патриотизмот,“ нагласи Претседателот Иванов.

 

Во своето прво обраќање пред пратениците и присутните гости тој ja изложи својата визија за Македонија, ветувајќи дека неговата политичка агенда е јасна и недвосмислена - Македонија, членка на НАТО и Европската Унија, силна и почитувана, а нејзините граѓани горди, богати и среќни.

 

„Република Македонија веќе осумнаесет години го живее својот сон на слободна, независна и демократска држава. Историски сон и реалност на денешнината, каде старата и богата македонска култура се претопи во млада, но витална и силна држава на политичката карта на современа Европа,“ посочи д-р Ѓорге Иванов потсетувајќи дека на тој пат Република Македонија се издигна во светол пример на отворено и мултикултурно општество, храбро се соочи со предизвиците на балканското минато и создаде сопствен функционален модел, кој ги обединува граѓаните и обезбедува заедничка и просперитетна иднина.


Евро-атлантската припадност и политиката на отвореност кон сите, Претседателот Иванов ги потцрта како водечки во надворешно-политичката стратегија на земјата, нагласувајќи дека посветено ќе работи на јакнење и продлабочување на заемната доверба и пријателство со земјите од сите страни на светот, особено во економската и во културната сфера.

 

Уште еден аспект на македонската надворешна политика, на кој Претседателот Иванов стави акцент, е развивањето на добрососедските односи и придонесот на Македонија кон стабилноста и просперитетот на регионот. Тој се заложи зацврсто опстојување на Република Македонијана патот на регионалната соработка, заснована врз начелото на рамноправност. Претседателот Иванов нагласи дека особено внимание ќе посвети на односите со Грција со која, како што рече, отсекогаш сме биле и ќе бидеме соседи.

 

Официјалната церемонија ја следеа четворица странски државници, хрватскиот претседател Стипе Месиќ, српскиот Борис Тадиќ, албанскиот Бамир Топи и црногорскиот претседател Филип Вујановиќ. Во собраниската сала покрај пратениците беа присутни и претставници на дипломатскиот кор, како и поранешните претседатели Бранко Црвенковски и Киро Глигоров.

 

По инаугурацијата новиот македонски претседател ги оствари своите први билатерални средби со државниците од регионот.

 

Обраќање на новоизбраниот претседател на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов во Собранието на Република Македонија