|
Ден на дрвото - засади ја својата иднина |
|
|
Изјава на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на манифестацијата Ден на дрвото - засади ја својата иднина
Треба да сме навистина горди што една ваква акција доведува до сплотување и обединување на сите граѓани од Македонија без разлика на нивната верска, етничка и социјална припадност. Особено сме горди што младите ја прифаќаат оваа иницијатива. Меѓутоа, радува и фактот што кога беше Конференцијата за глобалните климатски промени што се случи во Копенхаген, оваа оригинална иницијатива која потекнува од Македонија беше прифатена како регионален проект. Радува и фактот што во регионот се шири таа свест дека треба да мислиме за идните поколенија и треба да им оставиме навистина здрава околина.
Новинарско прашање: Претседателе, кој е вашиот став по последниот инцидент во Атина со грчките војници? - Во истовреме имавте телефонска комуникација со вашиот колега од Албанија Топи. Дали можеби договарате некоја заедничка реакција?
Одговор: За жал ова не е прв пат пред државниот врв на Грција припадници на безбедносните сили да искажуваат говор на омраза. Загрижува што овој пат се повредени чувствата и на македонците и на албанците. Токму затоа вчера разговарав со албанскиот Претседател Топи и искажавме загриженост за ова што се случува, не по прв пат. Навистина ова не загрижува, затоа што во денешно време една членка на Европската Унија и на НАТО се уште има припадници на безбедносните сили кои искажуваат говор на омраза, во момент кога сите очекуваме да се обединуваме и сите да ги прифатиме европските стандарди и вредности. Тоа е токму она што загрижува. Со Претседателот Топи споделивме заеднички мислења околу овој настан и не е доволно тоа што се сменети тие што го направиле тоа. Мислам дека е време не за смена, туку за промена. Промена на односот на Грција кон соседите и тоа го очекуваме од нив.
|