Среда, 08 Септември 2010
Официјална посета на Претседателот Бамир Топи на Република Македонија
Среда, 14 Април 2010    Печати Е-пошта

Почитувани,

Денеска имаме можност да му посакаме добредојде на мојот добар пријател, Претседателот Топи. Чест ми е што Македонија и Албанија како држави, и ние двајцата лично како Претседатели имаме блиска и постојана соработка, со чести средби и контакти што е само еден сегмент кој ја покажува блискоста на двете држави. Не поврзуваат многу работи, заедничката историја, заедничката географија, заедничките предизвици во делот со општествените реформи и трансформации. Не поврзуваат општествените промени кои ги вршиме и пред се не поврзува и дополнително зближува заедничкиот пат кон Европа и кон евро-атлантските интеграции.

Сакам да го изразам задоволството од нивото на билатералните односи меѓу Република Македонија и Република Албанија, како и од заемната определба за натамошно јакнење на пријателството и градење на односи низ отворен дијалог, за сите прашања од заемен интерес. Сметам дека двете земји развиваат добрососедски односи, кои се карактеризираат со блиска соработка и меѓусебно разбирање. Двете земји споделуваат идентична визија за сегашноста и иднината. За двете земји интеграцијата во евро-атлантските структури е незаменлива алтернатива за натамошен просперитет и стабилност на нашиот регион.

Значаен сегмент во нашите односи треба да биде економската соработка, за која ценам дека воопшто не кореспондира со нивото во политичките односи, со можностите на двете економии, и со фактот дека сме соседи. Сметам дека вниманието на двете земји треба да се фокусира во тој правец.

Очекувам во наредниот период да продолжи заемната поддршка на планот на ЕУ и НАТО интеграциите. Интеграцијата на сите земји од регионот, ќе ја зацврсти неговата стабилност. Република Македонија се радува на секој успех на Република Албанија на овој пат, и обратно. Иако самитот во Букурешт, на кој Македонија од чисто политички причини не доби покана за членство во НАТО ни остана во горчливо сеќавање, ние искрено се радуваме за успехот на Република Албанија, кој носи повеќе стабилност и побрз економски развој за целиот Балкан. Се надевам дека придобивките од визната либерализација, кои македонските граѓани веќе ги чувствуваат, наскоро ќе бидат достапни и за граѓаните на нашите соседи со што ќе се овозможи  побрз напредок на Република Албанија како демократска, слободна и отворена држава.

Македонија и Албанија се нераскинливо поврзани благодарение и на нашите етнички заедници, на македонската заедница која живее во Република Албанија, и на албанската заедница во Република Македонија. Економските, политичките, културните и секако семејните врски кои ги создаваат овие заедници се гаранција дека нашите две земји трајно и постојано ќе живеат заедно.

Ви благодарам.

  Back<<Назад