Средба на претседателот Иванов со Високиот комесар на ОБСЕ за национални малцинства, г. Ламберто Заниер
Вторник, 03 Октомври 2017   

Zanier_PRMПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими Високиот комесар на ОБСЕ за национални малцинства, г. Ламберто Заниер.

Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија придава големо значење на правата на малцинствата и претставува успешен и позитивен пример во регионот со својот пристап кон градење на односи на почитување и соработка меѓу различните етнички заедници.

На средбата се разговараше за ангажманот и поддршката на ОБСЕ за унапредување на меѓуетничките односи во Република Македонија, при што претседателот Иванов посочи дека со доследно почитување на Уставот и законите ќе се овозможи јакнење на меѓуетничката доверба. „За сите прашања поврзани со правата на националните малцинства, мора да се земе предвид мултиетничкиот карактер на државата и да се избегнуваат политики и интервенции кои фаворизираат само една малцинска група", порача македонскиот претседател на средбата со високиот комесар на ОБСЕ.

Во пресрет на претстојните локални избори, претседателот Иванов истакна дека е од особено значење изборниот процес да биде праведен, фер и демократски, согласно сите меѓународни стандарди и го поздрави присуството и набљудувачката улога на ОБСЕ/ОДИХР. „Очекувам македонските институции повторно да ја покажат својата зрелост и да овозможат волјата на граѓаните на Македонија да го одреди исходот од следните избори", порача македонскиот претседател.

Соговорниците разменија мислење за долгогодишната соработка со ОБСЕ и нивната поддршка на реформите на Република Македонија во сферата на владеењето на правото, судството, изборното законодавство и децентрализацијата.

  Back<<Назад