Честитки до претседателот Иванов по повод 8 Септември - Денот на независноста
Среда, 13 Септември 2017   

PRMportretПо повод празникот 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија, до претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, беа упатени писма со честитки од голем број шефови на држави од светот.

Претседателот на Соединетите Американски Држави, г. Доналд Трамп, во името на американскиот народ упати честитка до претседателот Иванов и до македонскиот народ.

„Соединетите Држави 26 години се цврст пријател и партнер на Македонија. Ние сме определени за поддршка на вашите напори за реформи, со цел земјата повторно да се врати на патеките кон членството во НАТО и Европската Унија. Демократска, безбедна, просперитетна и инклузивна Македонија со силни трансатлантски врски, останува наша заедничка цел", стои во писмото од американскиот претседател Трамп, кој истовремено изразува очекување за натамошно јакнење на заедничкото партнерство.

Во писмото испратено од Претседателот на Народна Република Кина, г. Си Џипинг се вели: „Односите меѓу Кина и Македонија се традиционално пријателски со солидна основа за билатерално пријателство и соработка. Придавам голема важност на развојот на односите меѓу двете земји и подготвен сум да соработуваме, во насока на промовирање нов развој на односите меѓу Кина и Македонија во корист на двете земји и двата народа".

Честитка по повод Денот на независноста упати и Генералниот гувернер на Канада „Канада високо ги вреднува билатералните односи со Република Македонија и го охрабрува нивното продлабочување во насока на заедничките евроатлански вредности. И натаму ќе ги поддржуваме вашите напори кон силна и стабилна демократија како и вашите аспирации за членство во НАТО и ЕУ" , стои во честитката од канадскиот гувернер, г. Дејвид Џонстон. 

Во пораката од Кралицата на Обединетото Кралство на Велика Британија, Н.В. Елизабета ǁ се вели: „Ваша Екселенцијо, ми претставува посебно задоволство да Ви го честитам државниот празник, Денот на независноста, со најискрени желби и честитки за среќа и просперитет на Владата и народот на Република Македонија".

Честитка до претседателот Иванов со желби за здравје и просперитет на Република Македонија упати и претседателот на Швајцарската Конфедерација, г-ѓа Дорис Лојтхарт. „Убедена сум дека заедничката доверба и пријателството меѓу двете земји ќе се продлабочи во годините што следат", се вели во честитката од Швајцарската Конфедерација.

Писмо до претседателот Иванов по повод Денот на независноста упати и претседателот на Чешката Република, г. Милош Земан. „Цврсто верувам дека взаемното разбирање и пријателство меѓу двете земји ќе продолжи да се развива и во иднина, во интерес на натамошно јакнење на нашата заедничка соработка", стои во честитката од претседателот Земан.

Честитки во името на граѓаните на Словачката Република упати претседателот на Словачката Република, г. Андреј Киска.

„Верувам дека блиските односи меѓу нашите земји ќе продолжат да се развиваат во корист на нашите граѓани. Словачката Република е подготвена да продолжи да и помага на Македонија на патот кон ЕУ и НАТО" порачува словачкиот претседател.

Во честитката упатена од бугарскиот претседател, г. Румен Радев, се изразува задоволство што Република Бугарија е првата држава која ја призна независноста на Република Македонија. „Убеден сум дека со потпишување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, ќе отвориме нова страница во нашите билатерални односи, кои ќе се развиваат и продлабочуваат во сите сфери од заеднички интерес. Верувам дека во овој значаен момент за нас и целиот регион, интензивирањето на контактите меѓу институциите на двете земји, ќе даде активен придонесе за доброто на нашите граѓани, како и за мирот и стабилноста на Југоисточна Европа", порачува бугарскиот претседател Радев во писмото до претседателот Иванов.

Во писмото упатено од претседателот на Република Грција г. Прокопиос Павлопулос се вели: „Верувам дека нашите две соседни земји треба да продолжат да работат заедно за да ја зајакнат својата билатерална соработка и односи во сите области од заеднички интерес, вклучувајќи ги мерките за градење доверба, процес кој би можел да ги олесни напорите за постигнување на заемно прифатливо решение за името, почитувајќи ја историската вистина.

Уверен сум дека со заеднички напори ќе продолжиме да ги унапредуваме севкупните односи и соработка на нашите две земји, во интерес на мирот стабилноста и економскиот просперитет на нашите народи, како и на целиот регион", порачува претседателот на Република Србија г. Александар Вучиќ во својата честитка до претседателот Иванов, по повод Националниот празник.

Имам чест да ја реафирмирам поддршката од Романија на активните напори на Република Македонија за европска и евроатланска интеграција, се вели во писмото упатено до претседателот на Романија, г. Клаус Вернер Јоханис.„Ве убедувам во отвореноста и интересот на Романија за натамошно развивање на билатералните односи, во взаемен интерес на нашите народи и целиот регион на Југоисточна Европа", пишува претседателот на Романија во честитката до македонскиот претседател.

По повод Националниот празник желби за здравје и среќа упати претседателот на Република Турција г. Реџеп Тајип Ердоган. „Уверен сум дека Македонија како земја во којашто различните етнички  и верски групи живеат во обострана почит, нејзиното сплотување со Евроатлантските структури ќе биде придонес кон зачувувањето на мирот и слогата, не само во вашата земја туку и на целиот Балкан и сакам да подвлечам дека ќе продолжиме со својата поддршка кон интегрирањето на република Македонија во НАТО и ЕУ“, се вели во писмото на претседателот Ердоган.


Денот на независноста, го честита и претседателот на Република Латвија, г. Рајмонд Вејонис. „ Цврсто верувам дека одличните односи меѓу Латвија и Македонија, во иднина ќе продолжат да се развиваат и прдлабочуваат", стои во писмото упатено од латвискиот претседател.

Честитка до претседателот Иванов по повод Денот на независноста упати г-ѓа Керсти Калјулeид, претседател на Република Естонија. „Сигурна сум дека добрите односи и соработка меѓу нашите земји ќе продолжат да се интензивираат и во иднина“, се вели во писмото на  г-ѓа Калјулаид.

Желби за среќа и просперитет на граѓаните на Република Македонија во честитките до претседателот Иванов, изразиja императорот на Јапонија, Н.В. Акихито, Кралот на Белгијците Н.В. Филип, претседателот на Португалската Република г. Марчело Ребело де Суза, кралот на Холандија Н.В. Вилем-Александар, г. Енрике Пења Нието претседател на Соединетите Мексикански Држави

По повод 8 Септември честитки до претседателот Иванов со желби за продлабочување ан билатералните односи, и натамошен прогрес и просперитет на Република Македонија упати и претседателот на Казахстан, г. Нурсултан Назарбаев, како и Емирот на Државата Катар, Тамим Бин Хамад Ал-тани.

  Back<<Назад