Честитка до новоизбраниот претседател на Француската Република, г. Емануел Макрон
Понеделник, 08 Мај 2017   

PRM_portretПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати писмо со честитка до г. Емануел Макрон по повод неговиот избор за претседател на Француската Република.

Ваша Екселенцијо,

Ми претставува особена чест и задоволство, од името на граѓаните на Република Македонија и од свое лично име, да Ви упатам срдечни честитки по повод Вашиот избор за претседател на Француската Република, со желби за успешно извршување на оваа одговорна функција во полза на просперитетот и благосостојбата на пријателскиот француски народ.

Цврсто сум убеден дека Вашата модерна визија и кохезивен карактер ќе претставуваат гарант за натамошен севкупен прогрес на Француската Република.

Дозволете ми, во оваа свечена прилика да ја истакнам мојата, и на Република Македонија, цврста определба за натамошно зајакнување на пријателските односи и продлабочување на политичкиот дијалог со Француската Република. На тој план, сакам да го нагласам моето лично убедување дека во периодот што следи соработката ќе бележи натамошно интензивирање во сите области од заемен интерес.

Воедно сакам да ја изразам мојата благодарност за поддршката што Француската Република континуирано и ја дава на мојата земја на патот кон нејзиното целосно интегрирање во европските и евроатлантските структури. Водени од заедничката визија за обединета и просперитетна Европа сакам да Ве уверам дека Република Македонија ќе даде свој полн придонес во заедничките стремежи за демократска и развиена Европа, во интерес на просперитетот, стабилноста и безбедноста на регионот на Југоисточна Европа.

Повторувајќи ги моите срдечни честитки и желби за натамошна успешна работа и лична среќа, Ви ги упатувам, господине Претседателе, изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

  Back<<Назад