Соопштенија
CZ
Претседателот Иванов упати честитка до Милош Земан по повод реизборот за Претседател на Република Чешка
Понеделник, 29 Јануари 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до г. Милош Земан, по повод неговиот повторен избор на функцијата Претседател на Република Чешка.

Почитуван господине Претседател,

Ми причинува големо задоволство, од името на граѓаните на Република Македонија и од свое лично име, да Ви упатам срдечни честитки по повод Вашиот повторен избор на функцијата Претседател на Република Чешка. Ви посакувам многу успех во продолжувањето на извршувањето на важните и одговорни должности на оваа позиција.

Сигурен сум дека за време на Вашиот втор претседателски мандат, пријателските односи и соработка меѓу Македонија и Чешка ќе продолжат успешно да се развиваат во духот на заедничките заложби за стабилна, обединета и просперитетна Европа.

Почитуван господине Претседател, длабоко ги ценам многубројните средби и разговори со Вас за сите прашања од заемен интерес. Би сакал во оваа пригода да ја искажам мојата, и подготвеноста на Република Македонија, за продолжување на нашиот конструктивен дијалог со цел натамошно зајакнување на билатералната соработка во областите на безбедноста и економијата. Република Македонија е цврсто решена да продолжи на патот кон целосна интеграција во Европската Унија и НАТО, и на тој план очекуваме пријателска Чешка да помогне во соодветното вреднување на нашиот напредок и придонес кон заедничките вредности, за што сакам да Ви ја искажам нашата голема благодарност.

Повторувајќи ги моите желби за Ваша натамошна успешна работа и лична среќа, Ви ги упатувам, Ваша Екселенцијо, изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов


PRM
Честитка до припадниците на српската заедница по повод празникот Свети Сава
Сабота, 27 Јануари 2018

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов упати честитка до припадниците на српската заедница во Република Македонија, по повод празникот Свети Сава.

Почитувани сограѓани,

Ми претставува задоволство на сите припадници на српската заедница во Република Македонија да им го честитам големиот празник Свети Сава и да им посакам здравје, радост, мир и благосостојба.

Преку празнувањето на денешниот ден, 27 јануари – Денот на првиот српски архиепископ, просветител и духовник св. Сава, ние ги потврдуваме нашите заложби за меѓусебно зближување и почитување.

Српската заедница била и ќе биде неотуѓив дел од Република Македонија. Со својот јазик, култура и традиција, припадниците на српската заедница ја збогатуваат различноста на македонското мултиетничко општество. Со своите индивидуални успеси и ангажмани, пак, припадниците на српската заедница придонесуваат за унапредување на културниот, економскиот и политичкиот живот во земјава. Одговорност на нашата заедничка држава, Република Македонија, е да го почитува и негува единството на оваа различност бидејќи тоа е изворот на нашата сила и тајната на нашето опстојување.

Српската заедница во Република Македонија, како и македонската заедница во Република Србија, имаат и незаменлива улога на мост на поврзување меѓу двете соседни пријателски држави. Како одговорни граѓани на своите држави, но и доследни припадници на своите народи, двете заедници даваат пример како треба да се гради доверба меѓу балканските држави. Затоа сите ние треба активно да учествуваме во зајакнувањето на општествената кохезија и во градењето на просперитетна иднина за сегашните и идните генерации.

Нека е честит големиот празник!

д-р Ѓорге Иванов

potpretsedatel_na_sobranie_na_srbija_4
Средба со потпретседателот на Народното собрание на Република Србија, г. Верољуб Арсиќ
Сабота, 27 Јануари 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод празникот Свети Сава, денеска го прими потпретседателот на Народното собрание на Република Србија, г. Верољуб Арсиќ.

На средбата, претседателот Иванов упати честитки по повод празникот Свети Сава и подвлече дека српската заедница во Република Македонија има значајна улога во градењето на соживот во македонското мултиетничко општество.

Двајцата соговорници разговараа и за билатералните односи меѓу Република Македонија и Република Србија и за унапредувањето и продлабочувањето на севкупната соработка.

Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија своите односи со Република Србија ги развива во духот на добрососедството и во насока на натамошен развој на пријателството, додавајќи дека двете земји и двата народа ги поврзува долга историска и културна традиција, како и идентична визија за заедничка иднина во Европската Унија.

На средбата беа разменети мислења за случувањата во регионот, при што беше нагласена потребата од поголема регионална соработка и забрзување на евроинтегративните процеси за земјите-кандидати, како најсоодветен одговор за намалување на тензиите и за стабилен, безбеден и економски просперитетен Балкан.

Egipet_akredivi
Предавање на акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Арапска Република Египет и на Канада
Петок, 26 Јануари 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Арапска Република Египет и на Канада во Република Македонија.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Арапска Република Египет, со седиште во Софија, Н.Е. г. Моајад Фатхаллах ел - Далие, претседателот Иванов истакна дека двете држави имаат традиционално пријателски односи и порача дека е потребно да се изнајдат нови форми за содржинско развивање и унапредување на меѓусебните односи на сите полиња од заемен интерес. Македонскиот претседател изрази задоволство од соработката меѓу безбедносните и разузнавачките служби и изрази очекување за понатамошно унапредување на соработката во областа на безбедноста и во борбата против тероризмот, екстремизмот и радикализмот. Претседателот Иванов посочи на потребата од обновување на старите деловни врски меѓу бизнисмените на двете земји преку искористување на поволната бизнис клима. Амбасадорот на Арапска Република Египет, г. Моајад Фатхаллах ел - Далие рече дека двете земји развиваат срдечни односи на меѓусебно разбирање, соработка и негување на принципите за мир и стабилност во светот и изрази уверување дека истите ќе продолжат да се унапредуваат и во периодот што следи.

Kanada_akreditiviНа средбата со новоименуваниот амбасадор на Канада во Република Македонија со седиште во Белград, Н.Е. г-ѓа Кетлин Чаба, претседателот Иванов истакна дека двете земји ги карактеризира вистинско пријателство кое се рефлектира преку прифаќањето на македонскиот етнички и културен придонес во Канада и подвлече дека македонската заедница е мост што ги поврзува двете држави и општества. Македонскиот претседател истакна дека поддршката од Канада за евроатлантските аспирации на Република Македонија е од големо значење и изрази очекување за уште позасилена поддршка во претстојниот период и отворено лобирање од влијателна Канада во рамките на Алијансата, со цел што поскоро ефектуирање на поканата за заслуженото членство на Македонија во Алијансата. Амбасадорот на Канада г-ѓа Кетлин Чаба изрази задоволство од севкупните билатерални односи меѓу двете држави. Таа изјави дека со гордост Канада го признава уставното име на Република Македонија и изрази очекување за наш напредок кон членството во НАТО и ЕУ.

Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.

PRMportret2
Честитка од претседателот Иванов по повод големиот христијански празник Богојавление - Водици
Петок, 19 Јануари 2018

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот христијански празник Богојавление - Водици, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, Архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан и до сите православни верници.

Ваше Блаженство,

Дозволете ми Вам лично, на членовите на Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква, како и на сите православни верници во Република Македонија, да Ви упатам најискрени и најсрдечни честитки по повод големиот христијански празник – Богојавление Водици.

Одбележувајќи го денот на кој св. Јован Крстител го крстил Господ Исус Христос во реката Јордан, се потсетуваме дека Бог се поистовети со човекот во сè, освен во гревот. Сакајќи да ги потопи во Јордан гревовите на човештвото, дојде да ги исцели болните, да ги нахрани гладните, да ги исправи паднатите, да ги ослободи поробените, да ги просветли помрачените и да ги оправда грешните. Богојавление е симбол на духовното раѓање и новиот почеток во животот на верникот. Како симбол на новиот почеток, Богојавление треба да нè потсетува да не се навраќаме на старото, туку да се стремиме кон живот исполнет со љубов, понизност, милост и солидарност. Да се престигнуваме со добрина, и да го градиме нашето мултиетничко, мултирелигиско и мултијазично општество во мир, соживот и почитување на различноста.

Честит празник и за многу години.

д-р Ѓорге Иванов

prm_stoltenberg
Средба со генералниот секретар на НАТО г. Јенс Столтенберг
Четврток, 18 Јануари 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими генералниот секретар на НАТО г. Јенс Столтенберг.

На средбата се разговараше за евроатлантските интеграции на Република Македонија, за реформите во одбраната и безбедноста во согласност со НАТО стандардите, како и за унапредувањето и продлабочувањето на соработката со Северноатлантската алијанса.

Претседателот Иванов и генералниот секретар Столтенберг, оценија дека односите и соработката меѓу Република Македонија и Алијансата се на високо ниво, и го истакнаа придонесот што македонската армија го дава во рамки на меѓународните мировни мисии.

Македонскиот претседател потенцираше дека Република Македонија во континуитет покажува дека е доверлив и стратешки партнер и сојузник на НАТО, нагласувајќи дека е неопходно да го добиеме одамна заслуженото членство во Алијансата, со што ќе се создадат трајни придобивки за безбедноста, стабилноста и просперитетот во целиот регион.

„Република Македонија со своите мировници континуирано ги споделува вредностите и обврските на Алијансата, оттаму, неопходно e час поскоро да ги споделуваме и поволностите што ги носи членството", рече претседателот Иванов. Тој додаде дека Република Македонија ќе продолжи и понатаму активно да придонесува кон обезбедување на глобалниот мир и безбедност, преку учество и поддршка во мисиите предводени од НАТО.

Претседателот Иванов порача земјите-членки на НАТО долгорочно да ги согледуваат новите реални предизвици со коишто се соочуваат регионот и Европа и да соодветствуваат со политиките на отворени врати и колективниот интерес на Алијансата.

На средбата беа разменети мислења и за најновите неконвенционални закани во глобалното безбедносно опкружување и за прилагодувањето на способностите за одбрана, одвраќање и справување со овие закани.

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 10 од 165