Соопштенија
PRM_Japonija
Средба на претседателот Иванов со г. Казујуки Накане, државен министер за надворешни работи на Јапонија
Четврток, 07 Септември 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими г. Казујуки Накане, државен министер за надворешни работи на Јапонија.

На средбата беше изразено задоволство од позитивниот развој на билатералните односи. Претседателот Иванов посочи дека за продлабочување на соработката во сите области за кои постои неискористен потенцијал од двете страни, неопходен е континуиран и поинтензивен политички дијалог, средби и контакти на сите нивоа.

Македонскиот претседател изрази задоволство од отворањето на амбасадата на Јапонија во Република Македонија, и го поздрави првиот резидентен амбасадор на Јапонија, г-ѓа Кеико Ханеда.

„Бидејќи политичките односи се развиваат одлично, по отворањето на амбасадата во Скопје очекуваме засилена економска соработка и поголем интерес на јапонските комапнии", истакна на средбата претседателот Иванов.

Во таа насока, претседателот Иванов го поздрави и формирањето јапонско-македонската парламентарна група за пријателство и изрази надеж дека засилената парламентарна соработка ќе допринесе за зголемен интерес на јапонската бизнис заедница за Република Македонија и поволностите што ги нуди;

На средбата, двајцата соговорници искажаа интерес за севкупно унапредување на меѓусебната соработка на билатерален и мултилатерален план.

„Јапонија многупати досега го има потврдено пријателството кон Република Македонија, а ние сме многу благодарни за континуираната поддршка преку јапонската техничка помош, како и донациите во хуманитарна помош кои помогнаа за справување со мигрантската криза минатата година", истакна на средбата претседателот Иванов. Македонскиот претседател изрази очекување дека наскоро ќе биде склучен и Договорот за техничка соработка, за кој верува дека ќе отвори нови врати на позасилена соработка.

На средбата беа разгледани и можностите за продлабочување на соработката во сферата на образованието, при што беше изразен интерес за зголемување на бројот на стипендии за македонските студенти.

Двајцата соговорници разменија мислења за стратешките приоритети на двете земји како и за регионалните и меѓународните состојби.

PRM_n_portret
Честитка од претседателот Иванов по повод празникот Курбан бајрам
Петок, 01 Септември 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод верскиот празник Курбан бајрам упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница реис-ул-улема хаџи Сулејман Ефенди Реџепи и до сите граѓани од исламска вероисповед во Република Македонија.

Почитуван реис-ул-улема хаџи Сулејман Еф. Реџепи,

Дозволете ми, Вам лично, на членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и на сите граѓани од исламска верoисповед во Република Македонија да Ви упатам најсрдечни честитки по повод големиот исламски празник Курбан бајрам.

Најискрено посакувам празникот да го поминете во добро здравје, радост, среќа и хармонија, споделувајќи љубов со ближните.

Како еден од најголемите празници во исламот, Курбан бајрам ги потенцира човечките доблести – солидарноста и грижливоста, помагањето и дарувањето. Нека и годинешново празнување помине во духот на споделување и давање на сите оние кои имаат потреба од материјална поддршка, но и потреба од љубов и внимание.

Би сакал токму на овој голем празник, уште еднаш, да го изразам своето уверување дека Исламската верска заедница и сите нејзини верници како нераскинлив дел од македонското општество и понатаму активно ќе придонесуваат за градење почит и разбирање помеѓу различните вери и етникуми во Република Македонија.

Нека е честит Курбан бајрам.

д-р Ѓорге Иванов

MNR_Grcija
Средба на претседателот Иванов со г. Никос Коѕиас, министер за надворешни работи на Република Грција
Четврток, 31 Август 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими г. Никос Коѕиас, министер за надворешни работи на Република Грција, кој престојува во посета на Република Македонија.

На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Грција.

Претседателот Иванов ја поздрави денешната посета на министерот Коѕиас на Република Македонија, како продолжение на досегашниот дијалог на министерско ниво и апелираше за забрзување на процесот на имплементација на мерките за градење доверба, преку внесување на нови содржини во билатералната соработка и предлагање на дополнителни мерки.

„Најголемата мерка која ќе влијае на меѓусебната доверба и ќе создаде уште подобра атмосфера е ако Грција ги деблокира евроатлантските процеси на Република Македонија и овозможи да не ѝ се ускратува правото на просперитет", истакна на средбата претседателот Иванов.

Интензивирањето на севкупната соработка меѓу двете земји ќе придонесе во создавањето на позитивна клима, што е неопходно за надминување на билатералната разлика околу името, оцени претседателот Иванов на средбата со грчкиот министер за надворешни работи.

Македонскиот претседател го реафирмираше интересот на Република Македонија за одржување на политичкиот дијалог на највисоко ниво. Во таа насока, претседателот Иванов изрази надеж за средба со претседателот Прокопис, и покрај неговите чести критики кон Република Македонија, и изрази очекување дека реториката во иднина ќе биде поумерена со цел унапредување на добрососедските односи во духот на европските вредности и стандарди.

Во таа насока, претседателот Иванов изрази очекување дека грчкиот премиер ќе учествува на самитот на Брдо-Бриони Процесот, чиј домаќин идната година ќе биде претседателот Иванов. „Минатиот период имав можност во повеќе наврати да разговарам со премиерот Ципрас и очекувам таа позитивна динамика на комуникација и соработка, особено за време на мигрантската криза, да продолжи и во наредниот период, како билатерално, така и во однос на проектите од регионално значење", порача претседателот Иванов на средбата.

Двајцата соговорници разменија мислења околу можниот развој на мигрантската криза во идниот период, при што претседателот Иванов изрази подготвеност за продлабочување на соработката меѓу разузнавањето и полициските служби, во подршка на регионалната безбедност за заедничките закани и степенот на закана од илегалната миграција.

PRM_n_portret
Честитка од претседателот Иванов по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица
Недела, 27 Август 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и до сите верници од православна вероисповед.

Ваше Блаженство,

Дозволете ми, Вам лично, на сите верници од православна вероисповед, на членовите на Светиот архијерејски синод, на преподобното свештенство и монаштво, да упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник – Успение на Пресвета Богородица и да Ви посакам во добро здравје, радост и среќа да ги поминете празничните денови.

Веќе два милениумa, христијаните ја сметаат Богородица за благословената меѓу жените, преку која Бог се отелотвори и стана човек. Овој голем епитет го добила поради нејзината понизност, трпеливост и безрезервна мајчинска љубов. Во нашиот современ модерен свет во кој понизноста сè почесто се заменува со горделивост, трпеливоста со нетрпение, а љубовта со индиферентност, треба да се угледаме на Богородица, да живееме со подготвеност да си помагаме. Нека овој празник на Мајката Божја нè охрабри да се стремиме за слога, почитување и разбирање на сите граѓани на Република Македонија.

Да ни е честит празникот и за многу години.

д-р Ѓорге Иванов

Egipet23082017
Проштална средба со амбасадорот на Арапската Република Египет, Н.Е. г-ѓа Манал Џеина Ел Шинави
Среда, 23 Август 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во Вила Билјана во Охрид на проштална средба ја прими Н.Е. г-ѓа Манал Џеина Ел Шинави, амбасадор на Арапската Република Египет за Република Македонија.

На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Арапската Република Египет, кои според двајцата соговорници се развиваат во духот на пријателството, меѓусебното разбирање и почитување. Во тој контекст, претседателот Иванов изрази задоволство од континуираниот дијалог и соработка на највисоко ниво меѓу двете земји.

Претседателот Иванов и амбасадорот Ел Шинави ја нагласија потребата од натамошно продлабочување на соработката на безбедносните служби на двете земји, со цел соочување со глобалните предизвици.

Амбасадорот Ел Шинави изрази задоволство од извршувањето на дипломатската должност во Република Македонија и го изрази уверувањето дека нејзината земја ќе продолжи со напорите за унапредување на односите со Република Македонија.

Претседателот Иванов се заблагодари за севкупниот ангажман на амбасадорот Ел Шинави и ѝ посака успех во идните ангажмани.

PRMportret
Писмо со сочувство до шпанскиот крал Фелипе VI по повод терористичкиот акт во Барселона
Петок, 18 Август 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, испрати писмо со сочувство до Неговото Величество, Фелипе VI, Крал на Кралството Шпанија, по повод терористичкиот акт во Барселона.

Ваше Величество,

Со шок и огорченост ја примив веста за бруталниот терористички акт во Барселона во кој животот го загубија недолжни шпански и странски државјани, а голем број се здобија со тешки повреди и трауми од ужасниот напад. Вознемиреноста од оваа жална вест е уште поголема поради тоа што и граѓанин на Република Македонија е меѓу тешко повредените лица од истиот крвнички акт.

Во овие тешки моменти на огромна жалост, дозволете ми, од името на граѓаните на Република Македонија и од мое лично име, да Ви упатам изрази на најискрено и длабоко сочувство.

Република Македонија најостро ги осудува ваквите подли акти на насилство врз невини луѓе и изразува сочувство и солидарност со земјите кои се погодени од ваквиот грозоморени кукавички чин на тероризам. Ова е глобално зло со кое сите имаме обврска да се бориме, имаме одговорност да го превенираме, спречуваме и искорениме за да не страдаат недолжни и невини животи. Ваквиот ужасен настан е потсетување дека мораме да вложуваме колективни напори за спречување на сите форми на насилен екстремизам и тероризам, и да не дозволиме нашите вредности, демократијата и слободата, да бидат мета на заканите и ризиците од тероризам, страв и омраза.

Ваше Величество, нашите мисли и молитви се со Вас и со семејствата на жртвите и настраданите.

д-р Ѓорге Иванов

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 9 од 157