Соопштенија
ukraina_15
Предавање акредитиви на новоименуваните амбасадори на Украина и на Република Индија во Република Македонија
Петок, 24 Ноември 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Украина и на Република Индија во Република Македонија.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Украина во Република Македонија, г-ѓа Наталија Задорожњук, претседателот Иванов изрази задоволство од пријателските односи што постојат меѓу двете земји, како и од заедничката желба за поинтензивно унапредување на соработката во сите сфери од заеднички интерес. Македонскиот претседател истакна дека од особено значење е интензивирањето на билатералниот политички дијалог, како и унапредувањето на парламентарниот дијалог преку организирање на средби на високо ниво. Амбасадорот на Украина, г-ѓа Задорожњук, истакна дека односите меѓу двете држави се темелат врз доверба, меѓусебно разбирање и поддршка и изрази уверување дека тие ќе продолжат да се унапредуваат со заеднички заложби, посветеност и ангажман.

indija_17На средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Индија во Република Македонија, со седиште во Софија, г-ѓа Пооџа Капур, претседателот Иванов истакна дека односите меѓу Република Македонија и Република Индија ги карактеризира пријателство, меѓусебно разбирање и почитување. Македонскиот претседател порача дека збогатувањето на нормативно-правната рамка и воспоставувањето на поинтензивна економска соработка, отвора можност за содржински посеопфатни билатерални односи. Амбасадорот на Република Индија, г-ѓа Капур, истакна дека односите меѓу двете земји се развиваат на високо и пријателско ниво, додавајќи дека и во наредниот период ќе продолжат да се унапредуваат особено преку промоција на трговската размена и инвестициите, како и преку интензивирање на социо - културните врски меѓу двете земји.

Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им честита за функцијата и им посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.

PRMportret
Честитка од претседателот Иванов по повод 22 Ноември – Денот на aлбанската азбука
Среда, 22 Ноември 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод одбележувањето на 22 Ноември – Денот на aлбанската азбука, упати честитка до припадниците на албанската етничка заедница во Република Македонија.

Почитувани сограѓани,

Денешниот ден, 22 Ноември, е поврзан со Битолскиот конгрес одржан далечната 1908 година на кој Албанци – интелектуалци од Балканот ја унифицирале албанската азбука.

Создавањето на азбуката е еден од основните културни дострели и белег на националното идентификување на еден народ.

Албанскиот јазик е составен дел од културното богатство во Република Македонија. Со неговото одбележување ние ги потврдуваме нашите заложби за градење на заедничка, подобра и посветла иднина.

Меѓусебното почитување на разликите треба да биде поттик за меѓусебно зближување, а не за разединување во македонското мултиетничко општество.

Како граѓани на нашата заедничка држава ние треба да се држиме заедно и да бидеме пример како заеднички се работи за доброто на Република Македонија, бидејќи само сплотени околу државните интереси ќе успееме да се справиме со предизвиците.

Во оваа пригода на припадниците на албанската етничка заедница во Република Македонија сакам да им го честитам Денот на азбуката, а на сите граѓани сакам да им порачам дека само со негување и со вреднување на нашите културни и јазични различности ќе успееме да изградиме просперитетна иднина, иднина за сите граѓани во Република Македонија.

д-р Ѓорге Иванов

PRM_socustvo
Писмо со сочувство до Претседателот на Република Грција, г. Прокопис Павлопулос, по повод катастрофалните поплави
Четврток, 16 Ноември 2017
3x4
Средба со градоначалникот на Солун, г. Јанис Бутарис
Четврток, 16 Ноември 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими градоначалникот на Солун, г. Јанис Бутарис

Изразувајќи задоволство од можноста за повторна средба, претседателот Иванов оцени дека и покрај отвореното билатерално прашање, соработката меѓу македонското и грчкото општество е на завидно ниво и посочи на потребата од нејзино натамошно унапредување.

„Република Македонија е подготвена за натамошно јакнење на соработката во сите сфери од заемен интерес кои ќе придонесат за нашата заедничка визија за регионална стабилност и просперитет, како и за заедничка сегашност и иднина во големото европско и евроатлантско семејство", рече претседателот Иванов на средбата.

Претседателот Иванов го поздрави интензивирањето на дијалогот и напорите на двете земји за забрзување на процесот на имплементација на мерките за градење доверба и внесување на нови содржини во билатералната соработка.

Според претседателот Иванов, од особено значење е натамошното продлабочување на економската соработка, усогласувањето и унапредувањето на правната рамка во интерес на бизнис заедниците од двете земји, како и потребата за натамошно инфраструктурно поврзување, преку ревитализација на железничката мрежа и отворање на нови гранични премини. Двајцата соговорници разменија мислења околу можностите за развој на проектот Вардар – Морава – Дунав, што ќе придонесе за отворање на нови можности за економиите, нови инвестиции и работни места.

Двајцата соговорници ги потенцираа доделувањето на стипендиите „Борис Трајковски" на Сити Колеџот од Солун и Школата за млади лидери, на која минатата година одржа предавање и градоначалникот на Солун, г. Бутарис, како успешни примери за унапредување на соработката меѓу Република Македонија и Република Грција.

Претседателот Иванов и градоначалникот Бутарис разменија мислења за актуелните состојби на економски и политички план во Република Македонија и во Република Грција.

PRM_portret_nov
Честитка од претседателот Иванов по повод реизборот на г. Борут Пахор на функцијата Претседател
Понеделник, 13 Ноември 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до г. Борут Пахор по повод реизборот на функцијата претседател на Република Словенија.

Почитуван господине Претседателe,

Mи причинува особена чест и големо задоволство да Ви го честитам реизборот на функцијата претседател на Република Словенија и да Ви упатам најискрени желби за натамошно успешно извршување на оваа одговорна функција.

Сакам и во оваа пригода да искажам задоволство од развојот на односите и соработката меѓу нашите две држави. Истовремено ценам дека постои потенцијал за уште поплодна соработка, кој со заемен ангажман може да се искористи.

Убеден сум дека Република Словенија знае да ги цени напорите и постигнувањата на Република Македонија во процесот на нејзиното интегрирање во НАТО и во Европската Унија, и верувам дека поддршката од Вашата земја за соодветна валоризација на тие постигнувања и натаму ќе продолжи.

Со такво убедување и со искрени желби за Ваша натамошна успешна работа, лична среќа и добро здравје, Ви ги упатувам, почитуван колега, изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

PRM_socustvo
Сочувство од претседателот Иванов по повод катастрофалниот земјотрес во Иран
Понеделник, 13 Ноември 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати сочувство до г. Хассан Рухани, претседател на Исламска Република Иран, по повод катастрофалниот земјотрес.

Почитуван господине Претседателе,

Со големо жалење ги примив вестите за катастрофалниот земјотрес и длабоко жалам за загубените животи, за човечките страдања и големите штети од оваа катастрофа.

Нема соодветни зборови кои ќе ја намалат Вашата и тагата на граѓаните на Исламската Република Иран, но дозволете ми во името на граѓаните на Република Македонија и во свое лично име да Ви упатам изрази на мое најискрено сочувство. Сигурен сум, господине Претседател, дека со Вашето лидерство Исламската Република Иран брзо ќе ги надмине последиците од оваа природна катастрофа.

Примете ги, Ваша Екселенцијо, изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 5 од 157