Соопштенија
01._Estonia
Предавање акредитиви на новоименуваните амбасадори на Република Естонија, на Суверениот Воен Ред на Малта, на Република Гана и на Република Уганда
Петок, 18 Јануари 2019

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Република Естонија, на Суверениот Воен Ред на Св. Јован од Ерусалим, Родос и Малта, на Република Гана и на Република Уганда.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Естонија за Република Македонија, со седиште во Будимпешта, Н.Е. г-ѓа Кристи Карелсон, претседателот Иванов изрази задоволство од одличните билатерални односи, што во континуитет ги негуваат двете пријателски држави, афирмирајќи го интересот за натамошно интензивирање на заедничката соработка, особено во економијата и трговската размена.

„Република Македонија придава посебно значење на развојот на пријателските односи со Република Естонија и во овој контекст, дозволете ми да се заблагодарам за досегашната континуирана поддршка што Вашата земја ја дава за реализација на македонските стратешки цели, интеграциите во ЕУ и НАТО", рече претседателот Иванов.

Амбасадорот Карелсон потенцираше дека Естонија ја поддржува нашата цел за членство во НАТО и како долгогодишен поддржувач на проширувањето на Европската Унија, особено се залага за почеток на пристапните преговори со Република Македонија.

„Би сакал да ја потврдиме нашата подготвеност да го споделиме искуството што го стекнавме во градењето на нашата е-влада и дигиталната економија. Нашата соработка во оваа област веќе започна и на тој начин стана добра основа за одличните билатерални односи меѓу Естонија и Македонија", рече амбасадорот Карелсон.

02._The_Sovereign_Military_Order_of_MaltaНа средбата со новоименуваниот амбасадор на Суверениот Воен Ред на Св. Јован од Ерусалим, Родос и Малта за Република Македонија, Н.Е. г. Франческо Саверио Џусти, претседателот Иванов нагласи дека водилка во релациите меѓу Република Македонија и Суверениот Воен Ред на Малта се духот на пријателството и взаемното почитување.

„Дипломатските односи меѓу Република Македонија и Суверениот Ред влегоа во третата деценија од нивното воспоставување. Сите овие години споделуваме заеднички културни и цивилизациски вредности кои се цврсти мостови на поврзување и меѓусебна соработка", рече македонскиот претседател, изразувајќи благодарност за досегашниот ангажман на Редот во хуманитарните мисии во Република Македонија во изминатите две децении. Амбасадорот Џусти потенцираше дека од нејзиното отворање во 1998 година, Амбасадата на Суверениот Воен Ред на Малта во Скопје има имплементирано неколку хуманитарни и социјални активности во различни места во Македонија, додавајќи дека негова улога како амбасадор на Суверениот Воен Ред на Малта ќе биде да ги поттикнува овие иницијативи.

03._GhanaНа средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Гана за Република Македонија, со седиште во Прага, Н.Е. г-ѓа Вирџинија Хесе, претседателот Иванов изрази подготвеност за изнаоѓање на различни форми за развивање на меѓусебните дипломатски односи и го поздрави интересот на студентите од Гана за школување во Република Македонија, како позитивен пример на соработка во областа на образованието. Г-ѓа Хесе нагласи дека како амбасадор на Гана ќе работи на зајакнување на односите меѓу двете земји, за подобрување на трговските односи како и за постигнување на начелата за одржливи и развојни цели.

04._UgandaНа средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Уганда за Република Македонија, со седиште во Рим, Н.Е. г-ѓа Елизабет Паула Напејок, македонскиот претседател истакна дека и покрај географската оддалеченост меѓу двете земји, постојат начини за создавање на услови за развој и за унапредување на севкупните билатералните односи и взаемната соработка во различни сфери.

Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им честита за функцијата и им посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.

PRM_portret_01
Писмена изјава на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов
Вторник, 15 Јануари 2019

Доцна синоќа имавме можност да го видиме вистинското лице на владината коалиција на СДСМ и ДУИ која себеси се смета за проевропска.

Објавувањето на Законот за употреба на јазиците и на Законот за ратификација на спогодбата од Преспа во Службен весник без потпис на указ од Претседателот на Република Македонија се противуставни.

Со доставувањето на овие два закона во Службен весник е прекршен член 75 од Уставот на Република Македонија, додека објавувањето на законите е направено незаконски и претставува основа за кривично гонење.

Ова е момент кој ќе покаже дали во Република Македонија постои Уставен суд, дали функционира обвинителството, дали има независно судство и дали постои владеење на правото.

Се прашувам, дали високите претставници на меѓународната заедница, кои ја поддржуваат оваа владина коалиција, ќе се јават и ќе го поддржат овој начин на донесување на закони?

Дали ќе ги поддржат овие преседани, што носат несогледливи последици и штета по правото и правната држава и дали вакви преседани применуваат во сопствените држави?

д-р Ѓорге Иванов

PRM_portret_01
Честитка од претседателот Иванов по повод големиот празник раѓањето Христово - Божиќ
Недела, 06 Јануари 2019

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан и до сите христијани, по повод големиот празник раѓањето Христово - Божиќ.

Ваше Блаженство,

Дозволете ми, Вам лично, на сите верници од православна вероисповед, на членовите на Светиот архијерејски синод, на преподобното свештенство и монаштво, да Ви упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник, Рожденството Христово – Божиќ.

На првиот Божиќ, семоќниот Бог стана човек и се изедначи со беспомошните луѓе. Господ Исус Христос се роди на маргините на општеството, во обесправено и прогонето семејство кое таа вечер немало ниту свој дом. Оттука, Божиќ е израз на Божјата солидарност со луѓето. Како дел од неговата земна мисија, Тој ги исцели болните, им помогна на сиромашните, им посвети внимание на заборавените, им даде достоинство на отфрлените, надеж на безнадежните и им понуди откупителна љубов и простување на сите. Христос ги рушеше човечките бариери што ги делеа луѓето на богати и сиромашни, слободни и неслободни, вредни и помалку вредни, создавајќи духовно променети луѓе кои го менуваат духот на општеството. Нам во Република Македонија ни е неопходно обновување на духот на солидарноста и на социјалната правда.

Затоа, кога се поздравуваме со радосните зборови – Христос се роди – да се потсетиме дека со Христос се роди и надежта за спасението на човештвото преку промената на човековото срце. Со променето срце да го празнуваме Божиќ, имајќи љубов за нашите семејства и пријатели, почит за нашите соседи и сограѓани и солидарност за сите луѓе. Ваше Блаженство, честитајќи Ви го големиот христијански празник Ви посакувам добро здравје и духовен мир, а на сите верници им посакувам домови исполнети со мир и радост.

Христос се роди!
Навистина се роди!

д-р Ѓорге Иванов

PRM-NG2019
Новогодишно обраќање на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов
Недела, 30 Декември 2018

Почитувани сограѓани,

Доаѓањето на новата година кај секој од нас буди нови надежи, нови очекувања и копнежи за поубава, посреќна и безгрижна иднина.

Годината што измина сите сакаме што побрзо да ја заборавиме, а годината што доаѓа да биде година на остварување на сите наши желби и соништа.

Во овие моменти кога ја чувствуваме моќта на надежта и на радоста, се навраќаме на основните човечки вредности. Ја чувствуваме потребата да бидеме солидарни, хумани, чесни и праведни. Да се сакаме, да си простуваме и да се почитуваме.

Позитивните мисли што носат ведрина во овие празнични денови, треба да не водат во текот на целата година.

Но, да бидеме и доблесни да ги признаеме сопствените грешки и пропусти и да учиме од нив. Да бидеме храбри пред повикот на одговорноста и сите заедно да се посветиме и да градиме праведно општество засновано врз вистината, слободата и мирот. Само во успешна и просперитетна татковина ќе можеме да ги оствариме нашите желби.

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Овие празнични мигови ви посакувам да ги поминете достоинствено и спокојно, со луѓето кои најмногу ве сакаат, почитуваат и чуваат.

Ви посакувам многу здравје, радост и среќа, и на секој предизвик да одговорите со мудрост и со добрина.

Ви посакувам да имате меѓусебно разбирање, доверба и многу љубов во семејството, со пријателите, соседите, колегите и со сите ваши сограѓани.

Од сè срце ви посакувам Среќна Нова 2019-та Година!

PRM_portret_01
Честитка до верниците кои го прославуваат Божиќ според Грегоријанскиот календар
Вторник, 25 Декември 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до сите христијански верници кои го прославуваат Божиќ според Грегоријанскиот календар.

Почитувани,

Ми претставува особено задоволство во овие празнични денови да Ви го честитам големиот празник на Христовото раѓање – Божиќ.

Рождеството Христово – Божиќ како еден од најсветлите и највозвишените денови во христијанството го симболизира новиот живот кој значи нов почеток и нова надеж. На овој важен ден имаме можност да се потсетиме на основните човечки вредности, да бидеме достојни верници и чесни луѓе, да живееме во хармонија и да шириме радост, љубов и добрина.

Да направиме сè и на овие празници различностите да не зближат, а вредностите кои нè обединуваат да бидат силата со која се движиме и работиме.

Во духот на долговековната традиција, посакувам празничните денови да ги минете во пријатна атмосфера, во кругот на најблиските исполнети со љубов и топлина.

Нека ве следи добра мисла, Божиќен и човекољубив дух.

д-р Ѓорге Иванов

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 3 од 174