Соопштенија
Традиционален работен ручек со амбасадорите на земјите членки на Вишеградската група
Среда, 22 Февруари 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денес беше домаќин на традиционалниот ручек со амбасадорите на земјите членки на Вишеградската група, акредитирани во Република Македонија. На средбата присуствуваа амбасадорот на Чешка, Н.Е. Јозеф Браун, амбасадорот на Полска, Н.Е. Пжемислав Чиж, амбасадорот на Словачка, Н.Е. Роберт Кирнаг, и амбасадорот на Унгарија, Н.Е. Јожеф Бенце, како и министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Поповски.

Претседателот Иванов изрази задоволство од високото ниво во билатералните односи и плодниот политички дијалог помеѓу Република Македонија и земјите од Вишеградската група, засновани на долга традиција на пријателство, меѓусебно разбирање и заедничка определба за нивно натамошно унапредување.

Македонскиот претседател ја поздрави принципиелната поддршка на земјите од Вишеградската група за напорите на Република Македонија и целиот регион за евро-атланска интеграција, како неопходен предуслов за трајна стабилност, мир и просперитет на Југоисточна Европа. Република Македонија на тој план има остварено неоспорен напредок, потврден и со третата препорака на Европската комисија за отпочнување преговори со ЕУ.

Претседателот ги информираше амбасадорите за разговорите со специјалниот пратеник на ОН, амбасадорот Метју Нимиц, при неговата последна посета на земјата, како и за потврдата за кредибилната и конструктивна политика на Република Македонија во однос на прашањето со името, добиена со пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Земајќи ги предвид овие аргументи, Претседателот изрази очекување дека за време на Данското претседателство, како и на претстојниот НАТО Самит состојбите ќе се придвижат во позитивна насока.

Амбасадорите на земјите од Вишеградската група и претседателот, исто така се согласија дека искуството на земјите од Вишеградската група претставува еден позитивен пример на меѓусебна соработка и поддршка во интеграциските процеси. Претседателот Иванов истакна дека силно ја поддржува идејата за формирање фонд за земјите од Западен Балкан по моделот на Вишеградскиот фонд, и дека ќе апелира до регионалните лидери да ја поддржат оваа иницијатива.

alt

Силна поддршка за почеток на преговори - Средба со евро-пратениците „Пријатели на Македонија“ - Ховит, Кукан и Петерле
Вторник, 21 Февруари 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес ги прими претставниците на Европскиот парламент и членови на групата „Пријатели на Македонија“, Ричард Ховит, Едуард Кукан и Алојз Петерле.

Претседателот Иванов ги поздрави досегашните активности на групата, ангажманот и силната поддршка за неодложна имплементација на препораката на Европската комисија за почеток на пристапните преговори со Македонија. Претседателот Иванов и евро-пратениците Ховит, Кукан и Петерле се согласија дека Македонија премногу долго чека на отворање на преговорите и дека е неопходно оваа состојба да се надмине.

На средбата беа разгледани оценките и препораките изнесени во предлог Резолуцијата на Европскиот парламент за напредокот на Република Македонија за 2011 година. Претседателот нагласи дека вклучувањето на пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Резолуцијата претставува повик до инволвираните страни да ја почитуваат пресудата, но е и позитивен поттик за интензивирање на дијалогот и решавање на спорот со името. Претседателот Иванов нагласи дека пресудата од Хаг овозможува рамка за одредување на насоката на идните политики и на двете страни, и е клучен аргумент за продолжување на интеграциските процеси на Македонија, паралелно со разговорите за изнаоѓање прифатливо решение во спорот со името – модел кој е посочен и во самата предлог Резолуција на Европскиот Парламент.

Претседателот Иванов високо го оцени вклучувањето на придавката „македонски“ во предлог Резолуцијата на Европскиот парламент. Тој истакна дека употребата на придавката во Резолуцијата, како и нејзината слободна примена во неформалната комуникација во Европскиот парламент, наидува на позитивна реакција кај граѓаните на Република Македонија. Според претседателот Иванов, тоа отвара надеж дека во идните извештаи и на Европската Комисија ќе се испочитува оваа пракса, и дека изоставувањето на придавката „македонски“ веќе нема да биде случај.

Претседателот Иванов и  евро-пратениците Ховит, Кукан и Петерле разгледаа и други прашања поврзани со реформскиот процес и подготвеноста на Република Македонија да ги почне преговорите за членство во Европската Унија. Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија е подготвена, како и досега, да ги вложи сите потребни напори за да ги исполни стандардите потребни за членство во Европската Унија.

alt

Сочуство до албанскиот претседател Топи за загинатите албански војници во Авганистан
Вторник, 21 Февруари 2012

Претседателот на Република Макеоднија д-р Ѓорге Иванов упати писмо со сочуство до својот колега, претседателот на Република Албанија, Бамир Топи, по повод нападите врз албанските војници, дел од мисијата ИСАФ во Авганистан.

Со длабока тага ја примив веста за терористичкиот напад над војниците од Република Албанија кои се дел од меѓународната мисија ИСАФ, во селото Робат, во провинцијата Кандахар, и искрено жалам за жртвите.

Во овие тажни моменти за Вас, за граѓаните на Вашата земја и за семејствата на настраданите, дозволете ми, од името на граѓаните на Република Македонија и од мое име, да Ви упатам изрази на длабоко сочувство. Во овие моменти на тага, нашите молитви се со Вас и со семејствата на настраданите.

Сакам да Ве уверам дека Република Македонија, како партнер и сојузник во антитерористичката коалиција продолжува да придонесува во мисијата ИСАФ, споделувајќи ја визијата за слободен и демократски свет, но и ризикот, рамо до рамо со мировниците од Вашата земја.

Ве молам, Ваша Екселенцијо, изразите на длабоко сочувство да ги пренесете до семејствата на трагично настраданите.

д-р Ѓорге Иванов



До решение може да се дојде со конструктивност од двете страни - Средба со амбасадорот Нимиц
Понеделник, 20 Февруари 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими амбасадорот Метју Нимиц, специјален пратеник на Генералниот секретар на Обединетите нации за прашањето за името.

На средбата, Претседателот Иванов и амбасадорот Нимиц ја разгледаа актуелната состојба со разговорите кои се водат за надминување на ова прашање. Претседателот Иванов ја поздрави посетата и ангажманот на амбасадорот Нимиц и на средбата му ги пренесе ставовите на Република Македонија, усогласени на неодамнешната координација на државниот врв.

Претседателот Иванов подвлече дека Република Македонија останува посветена и конструктивна во разговорите со цел надминување на ова прашање. Според Претседателот Иванов, конструктивноста на Македонија е потврдена и со одлуката на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, кој утврди прекршување на Времената спогодба од 1995 година од страна на Република Грција. Република Македонија останува силно посветена на негувањето и унапредувањето на добрососедските односи. Македонскиот претседател оцени дека просперитетот на Република Македонија е нераскинливо поврзан со евро-атлантската интеграција од која што полза ќе имаат двете држави, регионот во целина, како и Европската унија и НАТО Алијансата.

Воедно, изрази надеж дека до заемно прифатливо решение може да се дојде само со конструктивност на двете страни и со придржување до рамката во која се водат разговорите, Резолуциите на ОН и Времената спогодба. Претседателот на Македонија истакна дека не е можно решение кое нема да го почитува достоинството на граѓаните на Република Македонија, кое на било кој начин би задирало во идентитетските прашања и кое нема да е во согласност со меѓународното право.



Писмо од претседателот Иванов до шефовите на државите членки на НАТО
Сабота, 18 Февруари 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов испрати писмо до шефовите на државите членки на НАТО:

Во пресрет на Самитот на НАТО во Чикаго, имам чест да Ви се обратам и да замолам за Ваша поддршка за членство на Република Македонија во НАТО. Писмово го пишувам по неодамнешниот нов развој на настаните во случајот со членството на Република Македонија во НАТО, а кои се јавија по пресудата на Меѓународниот суд на правдата – МСП од 5 декември 2011 година.

МСП пресуди дека Грција, противејќи се на зачленувањето на Република Македонија во НАТО на Самитот во Букурешт во 2008 година под привремениот начин на обраќање утврден од Обединетите нации, ги прекрши обврските преземени со Времената спогодба од 1995 година. И покрај единствената констатација на сите земји-членки дека Република Македонија ги исполнува сите критериуми за членство, сепак, поради противењето на Грција беше донесен заклучокот во Букурешт, во формата која е позната. Имајќи предвид дека пресудата е обврзувачка, Грција треба да се воздржи од натамошно блокирање на евроатлантската интеграција на Република Македонија. Натамошни чекори од страна на Грција да го блокира нашето членство условено со едно билатерално прашање, со решавање на прашањето околу името како предуслов за членство во НАТО, ќе значи непочитување на пресудата на МСП и повторно прекршување на Времената спогодба и на меѓународното право. Очекуваме одговорен пристап од нашиот сосед.

Би сакал да истакнам дека грчките тврдења дека Република Македонија ја прекршила Времената спогодба и дека не преговарала во добра волја, МСП ги отфрли како неосновани и најде дека Република Македонија никогаш не го прекршила принципот на добрососедски односи со Грција. Понатаму, би сакал да истакнам дека Република Македонија останува силно посветена на изнаоѓање заемно прифатливо решение за разликата околу името. Ве уверувам дека, како и досега, ќе продолжиме, со добра волја и конструктивно, да учествуваме во разговорите кои се одвиваат под покровителство на ОН.

Пресудата нуди нова, правна димензија и бара нов пристап од сите земји-членки на НАТО. Во светло на пресудата, очекуваме земјите-членки на НАТО да ги преиспитаат нивните позиции во однос на членството на Македонија во НАТО, односно, очекуваме во Чикаго да биде преиспитан заклучокот од Букурешт.

Република Македонија и натаму продолжува да придонесува во мисијата ИСАФ во Авганистан како еден од најголемите контрибутори по глава на жител, споделувајќи ја визијата за слободен и демократски свет, но и ризикот, рамо до рамо со мировниците од земјите-членки. Имајќи предвид дека Република Македонија континуирано ја одржува компатибилноста со НАТО стандардите, верувам дека заклучокот на Самитот во Чикаго ќе ја има предвид оваа, но и новонастаната состојба со пресудата.

Уверен сум дека Вашата поддршка за нашето членство во НАТО ќе придонесе во создавањето позитивна клима и поместување на состојбата на status quo и ќе го охрабри грчкото лидерство да ја почитува пресудата на МСП.

Силно верувам дека сите ќе имаат бенефит од членството на Република Македонија во НАТО. НАТО, како организација ќе ја прошири и зајакне зоната на безбедност, стабилност и демократија во Југоисточна Европа. Ќе ја охрабри, не само Република Македонија, туку сите земји од нашиот регион да продолжат по патот на реформите. Но, пред сè, бенефит ќе има Грција со тоа што, на својата северна граница ќе добие уште една земја-членка на НАТО. Членството во НАТО секогаш давало поволни услови за надминување на билатералните разлики меѓу земјите-членки. Ќе биде многу полесно за Република Македонија и за Грција, како меѓузависни НАТО партнери и сојузници, да дојдат до заемно прифатливо решение за разликата.

Нашите очекувања од Самитот во Чикаго се јасни и разумни. Очекуваме членките да постигнат консензус за ефектуирање на одложената покана за Република Македонија за членство во НАТО под привремената референца од ОН. Ние имаме право на тоа, и нашите граѓани со право тоа го очекуваат, а веќе во Чикаго може да биде исправена неправдата од Букурешт.

Поддршката од Вашата земја во оваа смисла ќе биде многу ценета и ќе придонесе за унапредувањето на мирот и стабилноста во нашиот регион. Со надеж дека ќе наидам на разбирање и дека со изнесените аргументи ќе ја добиеме Вашата поддршка, Ви ги упатувам изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

 

Писмо до грчкиот претседател Каролос Папуљас во пресрет на Самитот на НАТО во Чикаго
Сабота, 18 Февруари 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, испрати писмо до претседателот на Република Грција, Каролос Папуљас:

Почитуван господине Претседателе,
Во пресрет на Самитот на НАТО во Чикаго, имам чест да Ви се обратам и да замолам за Ваша поддршка за членство на Република Македонија во НАТО. Писмово го пишувам по неодамнешниот нов развој на настаните во случајот со членството на Република Македонија во НАТО, а кои се јавија по пресудата на Меѓународниот суд на правдата – МСП од 5 декември 2011 година.

Пресудата, која по својата природа е обврзувачка, нуди нова, правна димензија за нашето членство во НАТО и бара нов пристап од сите земји–членки на НАТО. И покрај единствената констатација на сите земји-членки дека Република Македонија ги исполнува сите критериуми за членство, сепак, поради противењето на Грција беше донесен заклучокот во Букурешт. Очекуваме од секоја земја-членка на НАТО, а особено од Вашата држава, како наш сосед, да ја почитува пресудата на МСП, Времената спогодба и меѓународното право. Очекуваме позитивен и конструктивен пристап од Вашата земја и очекуваме во Чикаго да биде преиспитан заклучокот од Букурешт.

Членството на Република Македонија во НАТО под привремениот начин на обраќање кој се користи во Обединетите нации е, секако, од наш заеднички интерес, но и повеќе од тоа. Силно верувам дека сите ќе имаат бенефит од членството на Република Македонија во НАТО. НАТО, како организација ќе ја прошири и зајакне зоната на безбедност, стабилност и демократија во Југоисточна Европа. Ќе ја охрабри, не само Република Македонија, туку сите земји од нашиот регион да продолжат по патот на реформите. Но, пред сè, бенефит ќе има Вашата земја, Република Грција со тоа што, на својата северна граница ќе добие уште една земја-членка на НАТО. Добивањето на заслужената покана за членство во НАТО значително ќе го поттикне развојот на нашите билатерални односи. Имено, членството во НАТО секогаш давало поволни услови за надминување на билатералните разлики меѓу земјите-членки. Ќе биде многу полесно за двете наши земји, како меѓузависни НАТО партнери и сојузници, да дојдат до заемно прифатливо решение за разликата околу името.

Ваша Екселенцијо, нашите очекувања од Самитот во Чикаго се јасни и разумни. Очекуваме земјите–членки да постигнат консензус за ефектуирање на одложената покана за Република Македонија за членство во НАТО. Поддршката од Вашата земја во оваа смисла ќе биде многу ценета и ќе придонесе за унапредувањето на мирот и стабилноста во нашиот регион.

Ваша Екселенцијо,
Се надеваме дека Вие, господине Претседателе, како потписник на Времената спогодба од 1995 година, ќе придонесете за почитување на обврските кои произлегуваат од истата. Ве уверувам дека сме подготвени да најдеме заедничко и достоинствено решение за разликата околу името. Сакаме решение во кое нема да има победници и поразени. Ве уверувам дека, како и досега, ќе продолжиме, со добра волја и конструктивно, да учествуваме во преговорите кои се одвиваат под покровителство на Обединетите нации.

Со надеж дека ќе наидам на разбирање и дека со изнесените аргументи ќе ја добиеме Вашата поддршка, Ви ги упатувам, Ваша Екселенцијо, изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов


 

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 1 од 39