Претседателот Иванов: ЕУ да го сфати 21 век и да го интегрира Балканот
Вторник, 05 Септември 2017   

Polska_PRM_web1Европа да го сфати 21 век и да ги вклучи земјите кои се уште се во чекалната за да можеме заедно да настапуваме како континент, а не како Европска унија, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов на отворањето на 27. Економски форум, што се одржува во полскиот град Крињица - Здруј, говорејќи на тема „Незавршена интеграција – аспирации на европските земји".

Поради двојните стандарди, посочи Претседателот Иванов, на Македонија ѝ се скратува  правото на просперитет.

- Македонија е единствен пример на земја кандидат за ЕУ од која се бара нешто што не е побарано од никој досегашен кандидат. Се ускратува правото на човечко достоинство и правото на самоидентификација. Да го користите името кое самите сте го одбрале и сите ве именуваат. Но, тоа е билатерално прашање и проблемот е што ЕУ дозволува да една членка ја злоупотребува Унијата, да блокира просперитет  на нас, а и на целиот регион, рече претседателот Иванов, додавајќи дека  најголемиот дел од населението во Македонија сака да биде во ЕУ и покрај тоа што се случува во Унијата.

- Европа нема да исчезне, но ќе стане безначајна ако не се прилагоди на предизвиците од 21 век, истакна претседателот Иванов, потенцирајќи ја потребата од интеграција со цел заеднички да се решаваат проблемите на европскиот континент, кои државите не можат индивидуално да ги решат.

Македонија сака да биде дел од таа Европа на 21.век, а не Европа на 20.век кога членки на ЕУ го злоупотребуваат своето членство да ги блокираат процесите на интегрирање на целиот регион во еден отворен простор кој би носел мир и просперитет, порача македонскиот претседател.

Европската Унија за жал се уште не е Европа, потенцираше претседателот Иванов, додавајќи дека кога сите земји од Балканот ќе станат дел од ЕУ, тогаш ЕУ ќе може да зборува во името на целиот континент.

Зборувајќи за мигрантската криза и придонесот на нашата земја, претседателот Иванов посочи дека Македонија и денес ја држи затворена Балканската рута и изрази благодарност до Полска и до земјите од Вишеградската група за поддршката нивната полиција во справување со илегалната миграција.

- Се покажа дека Македонија иако е мала земја, може да биде од интерес за ЕУ. Во 2015 година кога ЕУ беше неподготвена за бранот мигранти, Македонија не чекаше директиви од Брисел,туку сама носеше одлуки и ги спроведуваше. Тогаш Македонија беше можеби најсуверена земја на континентот, бидејќи сама одлучи да го регулира прво протокот на мигранти, да ги одвои економските мигранти од бегалците, да направи разлика помеѓу хуманитарниот аспект на мигрантската криза и помошта што им е неопходна на бегалците од војните од Блискиот Исток, но и да ги селектира економските мигранти, кои го користеа бегалскиот бран да најдат подобар живот во ЕУ,  рече претседателот Иванов.

Во однос на бранот на мигранти и растечката исламофобија во Европа, Иванов посочи дека македонското искуство може да послужи како решение кое ќе биде од корист за многу европски земји.

- Во ЕУ владее исламофобија,  но ние  имаме шест века искуство со исламот и тие искуства можат да бидат од корист за земјите кои примија мигранти, кои се со исламска вероисповест. Тие луѓе не го бараат европскиот концепт на толеранција, туку бараат почит, бараат внимание, бараат да бидат интегрирани, а не асимилирани. Во овој брз свет мора да се има трпение, мора да се сослуша другиот, да се почитува неговата различност и да биде вклучен а не исклучен, рече претседателот Иванов.

Европа поучена од 2015 година,  мора превентивно да делува и да ги вклучат земјите кои не се членки на Унијата но се земји на европскиот континент.  Неопходно на Балканот да му се овозможи да има европска перспектива и да ги почувствува благодетите на ЕУ.

Како влијателна членка на ЕУ, претседателот Иванов истакна дека очекува силна поддршка од Полска за целосна интеграција на Западниот Балкан во ЕУ.

На официјалното отворање покрај македонскиот претседател, се обрати и грузискиот претседател Гиорги Маргвелашвили, како и претседателот на Полска Анджеј Дуда.

Претседателот Дуда порача дека Полска ќе биде адвокат на интеграцијата на земјите кандидати во ЕУ. Тој смета дека најголема грешка ќе биде ако се затворат вратите на Европската Унија и оцени дека проширувањето носи додадена вредност на ЕУ.

На Економскиот форум во Крињица насловен како „Проект Европа – кој е рецептот за следната деценија?", присуствуваат над 3.000 учесници од повеќе од шеесетина земји од Европа и светот.

Polska_PRM_web2

  Back<<Назад