Република Македонија ќе продолжи да се залага за унапредување на правата на ромската заедница - средба на претседателот Иванов со претставници на политичките партии на Ромите во Република Македонија
Петок, 07 Април 2017   

romi_4Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во пресрет на Меѓународниот ден на Ромите - 8 април, денеска прими претставници на политичките партии на Ромите во Република Македонија.

Претседателот Иванов честитајќи го 8 април - Меѓународниот ден на Ромите, истакна дека овој ден ја афирмира потребата од поголема поддршка за ромската популација која активно работи на предизвиците со кои се соочува. Во тој контекст, порача претседателот Иванов, Република Македонија ќе продолжи да се залага за унапредување на правата на ромската заедница во македонското општество.

Претставниците на ромските политички партии истакнаа дека голема чест за нив претставува значењето кое претседателот Иванов го придава за правата на ромската заедница во Македонија и порачаа дека Ромите како интегрален дел од македонското општество ќе продолжат активно да партиципираат преку своите партии во политичкиот живот за натамошно унапредување на позицијата на Ромите на централно и на локално ниво.

На средбата беше истакнато дека Република Македонија во европски рамки е лидер во почитување на правата на Ромите, како рамноправна заедница со сите други заедници во Македонија, согласно нивните уставно загарантирани права. Заеднички заклучок е потребата од интензивирање на активностите од приоритетните области кои се дел од Националните акциони планови 2016 - 2020, со цел поефикасно имплементирање на заложбите за рамноправност, развој, интеграција и просперитет на ромската заедница во земјава.

  Back<<Назад