Новости
PRM_-_John_Bercow_01
Иванов: И покрај Брегзит, ќе продолжи британската поддршка за Република Македонија
Среда, 01 Ноември 2017


Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на работната посета на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, во Лондон оствари средба со спикерот на Долниот дом на британскиот Парламент, г. Џон Беркау и со спикерот на Горниот дом на британскиот Парламент, Лорд Фаулер.

И покрај Брегзит, билатералната поддршка од Обединетото Кралство за Република Македонија ќе продолжи, е пораката што претседателот Иванов ја доби на денешните средби со спикерот на Долниот дом на британскиот парламент, г. Беркау и со спикерот на Горниот дом на британскиот парламент, г. Фаулер.

Претседателот Иванов рече дека на средбите разговарале за најактуелното прашање во Обединетото Кралство, за Брегзит. „Тоа е нешто сосема ново. Следува голема постапка која досега не постоела, нема искуство за тоа како ќе се одвива. Нивното убедување е дека што и да се случи, на билатерален план ќе јакне поддршката што ја имаме од Велика Британија, дека тоа ќе продолжи", изјави претседателот Иванов по денешните средби во Лондон.

На двете средби стана збор за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Обединетото Кралство, кои следната година ќе одбележат 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи.

PRM_-_Lord_Fawler_1„Го отворивме прашањето на формирањето на парламентарната група за пријателство во британскиот парламент, затоа што во македонскиот парламент веќе е формирана. Да продолжи соработката меѓу парламентите, бидејќи идната година одбележуваме 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Обединетото Кралство и Република Македонија. Исто така, идната година Обединетото Кралство е домаќин на Берлинскиот процес, што е исклучително значаен за нашиот регион. Иако тие се во фаза на Брегзит, сепак своите обрски што ги имаат превземено ги остваруваат и реализираат. Ние искажавме очекување да продолжат со нивната поддршка кон регионот и кон Република Македонија, како што го правеле тоа досега", рече претседателот Иванов.

На средбите со спикерите на Горниот и на Долниот дом на британскиот парламент, додаде македонскиот претседател, беа разменени мислења за состојбите во регионот, вклучувајќи ја и мигрантска криза и улогата на Република Македонија во справувањето со неа.

Претседателот Иванов, во рамки на работната посета на Обединетото Кралство, вечерва ќе има обраќање во Кралскиот институт за меѓународни односи „Чатам хаус" на тема: "Македонија, миграциите и безбедноста: научени лекции".

London_dijaspora
Средба со македонската дијаспора во Лондон
Вторник, 31 Октомври 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на работната посета на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, во Лондон оствари средба со преставници на македонската дијаспора.

На средбата претседателот Иванов се запозна со тековните активности и учеството на преставниците на македонската дијаспора во општествениот, економскиот, културниот и политичкиот живот во Велика Британија.

Македонскиот претседател повика на сплотеност и единство на претставниците на македонската дијаспора и на нивна натамошна активна вклученост и придонес во развивањето и унапредувањето на односите и соработката меѓу Република Македонија и Обединетото Кралство.

Претставниците на македонската дијаспора заблагодарувајќи се за можноста за средба со претседателот Иванов, ја истакнаа потребата од нова стратегија и реформи во образовниот систем, со цел младите да останат во Република Македонија.

Македонскиот претседател при секоја посета на странска држава, традиционално остварува средби со македонските иселеници и во континуитет се залага за развој на односите со дијаспората, преку оддавање признанија за нивните успеси како поединци и здруженија.

Oxford
Претседателот Иванов одржа предавање на престижната Оксфордска унија
Вторник, 31 Октомври 2017


Predavanje_London_01Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на работната посета на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, одржа предавање на престижната Оксфордска унија.

Основата на помирувањето е почитувањето. Тоа е обврска на вашата генерација, бидејќи вие сте генерација што живее глобално, секој ден сте во контакт со други култури, други религии. Сфатете дека другиот не сака да биде толериран, туку сака да биде почитуван, рече претседателот Иванов, во своето предавање.

Говорејќи за предизвиците на современиот свет, претседателот Иванов пред студентите на Оксфорд посочи на македонскиот модел на соживот и почитување на различноста. „Кај нас од секој пат владеела филозофијата на почит. Не сакам да ме толерираш, сакам да ме почитуваш. Почитувај ме во тоа што сум, за да тебе те почитувам. Ние шест века ги почитуваме муслиманите, затоа што и тие нас не почитуваат", рече македонскиот претседател.

Говорејќи за глобалните предизвици со кои се соочува Светот, Претседателот Иванов се осврна на тн. постсостојби отсликани во постдемократијата, посткапитализмот и постнационалната држава,  како и за прашањето на миграциите што го нарече „современ номадизам".  Во моментов се случува нова голема преселба на народите, посочи македонскиот претседател.

„Низ Македонија поминаа милион мигранти во 2015 година. Ние колку што можевме им помагавме на тие луѓе. Но кога мигрантскиот бран почнаа да го користат терористи, екстремисти, да го користат луѓе кои дојдоа во Европа и ги направија терористичките акти кои почнаа од Париз, ние ја затворивме границата и кажавме дека право на азил имаат бегалци, а не економски мигранти. Бегалците се тие што бегаат од своите домови. Од нашиот регион речиси 1000 странски борци отидоа во Сирија и во Ирак. 60 отсто од нив се вратија. Од Европа околу 6000 странски борци се отидени во Сирија. Тие сега се враќаат. Отишле како екстремисти, се враќаат како терористи. Ние бевме убедени дека тие можеме да ги дерадикализираме. Не. Се виде дека тие не можат да се дерадикализираат, туку тие треба да се изолираат, рече претседателот Иванов.

Македонскиот претседател резимираше дека на прагот на третиот милениум, моќта од државата мигрира кон заедниците, Светот е сè повеќе меѓусебно дигитално поврзан, а различноста од Истокот мигрира кон Западот, што ја наметнува потребата различните светови да учат едни од други за да се надополнуваат. „Јас како поранешен професор, а сега претседател, се обидувам сите нови идеи да бидат применети и на регионално ниво, и на европско ниво, и кога имам можност, во Обединетите Нации ги кажувам предизвиците на нашата генерација и обврската каков свет ќе ви оставиме вам. Затоа секој треба да има свој удел и да придонесува животот на целата планета да биде секој пат подобар, а не полош", рече претседателот Иванов.
Predavanje_London_02

Предавањето на македонскиот претседател го следеа студенти и професори од реномираниот британски Универзитет. Претседателот Иванов оствари средба и со претседателот на Универзитетот „Оксфорд",  Лорд Крис Патен.

Оксфордската унија била основана во 1823 година со цел да ја заштити слободата на говорот во Англија, а денеска претставува едно од најпрестижните студентски општества во светот. Оксфордската унија била домаќин на многу светски лидери во повеќе области, меѓу кои американските претседатели Реган, Никсон и Картер, Сер Винстон Черчил, Алберт Ајнштајн, Џон Мејџор, сенаторот Берни Сандерс, Малком X, хуманитарките Малала Јусафзаи и Мајка Тереза, Далај Лама, Сер Елтон Џон, Мајкл Џексон, Морган Фримен и други. Дебатите и предавањата на Оксфордската Унија ги пренесуваат голем број реномирани светски медиуми, BBC, CNN, New Delhi TV, Russia Today (RT) и повеќето британските национални весници и меѓународни публикации, вклучувајќи ги Њујорк тајмс и Економист.
Predavanje_London_03

PRM_protestanti_01
Средба со делегација на Евангелско Протестантската Иницијатива
Сабота, 28 Октомври 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска прими делегација на Евангелско Протестантската Иницијатива по повод 500 години од Протестантската Реформација.

Делегацијата беше предводена од Генералниот секретар на Светската Евангелска Асоцијација, епископот Ефраим Тендеро и Претседателот на Меѓународниот совет на Меѓународната асоцијација за човековите права, Проф. Томас Ширмахер.

За време на средбата, Претседателот Иванов изрази задоволство што ќе биде покровител на свечената академија по повод 500 години од Реформацијата. Тој ја истакна улогата на Република Македонија во промовирањето на меѓурелигиски дијалог преку Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации и Светските конференции за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог. „Имаме уникатен македонски модел на соживот и почитување на различноста. За нас, почитта е фундаментално различна од толеранцијата. Разликата меѓу двата концепта е суштинска бидејќи се толерира она што се мора, а се почитува она што се сака. Резултат на тој модел се Мајка Тереза и Борис Трајковски," истакна македонскиот претседател.

Во однос на мигрантската криза, Претседателот Иванов потсети дека низ Македонија минаа околу милион бегалци и мигранти. Изрази благодарност на црквите кои, заедно со другите сегменти на цивилното општество им пружија целосна хумана помош на бегалците, во согланост со врвните глобални хуманитарни стандарди.

Во името на Светската Евангелска Асоцијација, епископот Тендеро се заблагодари за лидерството на македонскиот претседател и ги пофали неговите заложби за промовирањето на почитта во македонското општество. Се заблагодари за активниот придонес на Република Македонија на полето на меѓурелигискиот дијалог. Истакна дека, поаѓајќи од основните христијански принципи, целта на Светската Асоцијација е преку промовирање на човековиот развој да му се овозможи за секој човек да го достигне целосниот потенцијал.

Присутните соговорници го информираа претседателот Иванов за настаните и активностите во рамки на одбележувањето на овој значаен јубилеј, притоа изразија задоволство од неговата поддршка и ангажман на теми поврзани со почитувањето на верските слободи.

Централната прослава по повод 500 години Реформација ќе се одржи со богослужба и свечена Академија, под покровителство на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов.
PRM_protestanti_02

mnr_belgija_4
Средба со заменик претседателот на Владата и министер за надворешни работи и европски прашања на Кралството Белгија, г. Дидие Реиндерс
Четврток, 26 Октомври 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во Брисел оствари средба со заменик претседателот на Владата и министер за надворешни работи и европски прашања на Кралството Белгија,  г. Дидие Реиндерс.

На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Кралството Белгија, при што беше констатирано дека двете земји имаат пријателски односи, со заемни заложби за нивно постојано унапредување.

Претседателот Иванов изрази благодарност за принципиелната поддршка што Кралството Белгија ја дава за аспирациите на Република Македонија за членство во Европската унија и во НАТО и посочи на потребата од нивна што поскора деблокада.

„Со статус-кво состојбата на Македонија и е попречено правото на просперитет. Европската Унија треба да преземе итни чекори и да го одблокира интеграцискиот процес на Македонија, кој е неповратен. Како земја, потребна ни е трансформирачката моќ на интегративниот процес", рече претседателот Иванов на средбата.

На средбата заменик-претседателот на белгиската влада Реиндерс изрази поддршка на заложбите нa Република Македонија за отворање на пристапните преговори за членство во Европската унија.

Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните состојби во Европа, поврзани со мигрантската криза, безбедносните предизвици, при што беше посочено на потребата од поинтензивна билатерална соработка и подинамична безбедносна соработка.

На средбата беше изразен взаемен интерес за натамошно унапредување на економската соработка и трговската размена меѓу Република Македонија и Кралството Белгија.

4
Иванов-Туск: Потребна e позитивна порака за деблокада на македонската интеграција во ЕУ
Среда, 25 Октомври 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во Брисел оствари средба со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск  на која побара нов импулс и испраќање позитивна порака во насока на деблокада на интеграцијата на Македонија во Европската унија и почеток на пристапните преговори за членство.

Во фокусот на средбата со Туск беше европската иднина на Македонија и се она што го прави земјата за конечно да добие датум за почеток на преговорите, но и состојбата во регионот и во ЕУ, како и прашањето со мигрантската криза што го тресе континентот.

„Туск сакаше да слушне од нас за нашите видувања за состојбите и во Босна и Херцеговина и во Србија. Разговаравме и за мигрантската криза и се она што како искуство го стекнавме од 2015 година, односно какви се новите трендови, што се случува во опкружувањето и слично. Значи, беа отворени темите за европската иднина на Македонија, состојбата во регионот и мигрантската криза, но и за нашата загриженост за состојбите во ЕУ, односно што се случува во последно време во Унијата, како што е случајот со Брегзит, настаните во Каталонија и раздвиженоста што постои во ЕУ за добивање на поголеми права на локално ниво“, рече претседателот Иванов.

Запрашан дали ЕУ, но и Македонија, очекува нов мигрантски бран преку западно-балканската рута, на која се наоѓа и македонската држава, претседателот Иванов посочи дека стравот кај нас бил во 2015 година, кога земјата не беше подготвена и немавме искуство и знаење за она што се случуваше.

„Сега има научени лекции и може да се предвиди однесувањето на мигрантите, односно како тие ќе се однесуваат во иднина“, рече македонскиот претседател и додаде дека Македонија веќе 27 месеци има зајакнати безбедосни мерки на границата, во што освен македонската армија, помош пружаат и припадници на полициите на земји-членки на ЕУ.

Претседателот Иванов рече дека сега во Европа се отвораат нови рути, па голем дел од мигрантите одат по копнен пат, преку Бугарија во Романија, а оттаму кон Унгарија и се до Германија.

„Македонија, за што доби признание и од самата ЕУ, како земја докажа дека функционира начинот на чување на затворениот коридор и покажа дека нема страв. Стравот е кај другите земји кои треба да го прават тоа што Македонија го направи во 2015 и во 2016 година", рече претседателот Иванов.

Во однос на податокот дека земјите од т.н. Вишеградска група, кои се и земји-членки на ЕУ, нема да примаат мигранти на подолг престој, а Брисел бара алтернативи и дали е можно да се направи обид од Унијата да смести на подолг престој мигранти и во Македонија, претседателот  Иванов потсети дека земјата во 2015 и во 2016 година излегла со став дека има капацитет само за прием на 2.000 бегалци и тоа транзитно, па затоа тие капацитети беа ставени само на влез и на излез.

„Нашиот капацитет е само за транзит, но, сепак, сега зависи како новата македонска Влада ќе се постави“, истакна претседателот Иванов.

Македонскиот претседател смета дека голем дел од мигрантите што немаат можност да добијат азил ќе мора некаде да се однесат и голем дел од нив се неопходни во европските земји, ако е познато дека кај некои од нив има потреба од работна сила.

„Но, ќе повторам, зависи како ние ќе се однесуваме како земја и какви одлуки ќе донесе и какви обврски ќе преземе новата Влада на Република Македонија. Тоа е прашање што треба да се упати кон новата Влада“, рече претседателот Иванов.

Претседателот Иванов додаде и дека во однос на мигрантското прашање Туск добро ги познава состојбите во Македонија, бидејќи одлука на ЕУ беше да се затвори коридорот и Македонија сега ја почитува таа одлука.

„Затоа, тие држави треба да се организираат и да најдат решение. Ние отсекогаш инсистиравме дека постојат бегалци на кои им е неопходна помош и поддршка. На тие луѓе им треба и хуманитарна помош и излегување во пресрет, бидејќи немаат домови, разурнати им се местата на живеење и тие се бегалци. Но, сосема поинаква е економската миграција на луѓе кои одат во потрага по среќа и тие претежно се од африканскито континент и истите не може да го имаат истиот статус, како и бегалците од боиштата, кои имаат право на азил и на заштита. Сето тоа создава неусогласеност и во самата ЕУ и создава различни презентации од страна на хуманитарни организации и други“, истакна претседателот Иванов.

Во рамки на дводневна посета на Белгија, претседателот Иванов ќе учествува  и ќе се обрати на форумот Кран Монтата во Брисел и ќе оствари средба со Дидие Рејндерс, вицепремиер и министер за надворешни работи и европски прашања на Белгија.

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 2 од 176