Новости
Brazil_rotator
Иванов-Темер: Поттик за стопанската соработка меѓу Македонија и Бразил
Вторник, 12 Декември 2017

Brazil1Постигнавме визна либерализација за нашите граѓани, ја поттикнавме стопанската соработка и веќе до институциите на Бразил е поднесена правната рамка за регулирање на нашите билатерални односи, изјави претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по средбата со претседателот на Бразил, г. Мишел Темер.

Македонскиот претседател истакна дека ова е историска посета чиј повод е отворањето на првата амбасада на Република Македонија во Латинска Америка.

Средбата со бразилскиот претседател, претседателот Иванов ја оцени како содржајна и конструктивна, што отвора можности за продлабочување на идната соработка меѓу двете земји, особено на економски план.

- Разговаравме за досегашната соработка што ја имаат нашите компании и поединци во Бразил и можностите кои ги нуди Македонија за да можат бразилските компании да бидат присутни во нашиот регион, изјави претседателот Иванов.

Македонскиот претседател потенцираше дека Македонија и Бразил имаат одлична мултилатерална соработка.

- Македонија секогаш ги поддржува кандидатурите на Бразил и исто така е во групата што ги поддржува иницијативите на Бразил за реформи на Советот за безбедност на ОН, изјави шефот на државата.

Brazil2Бразил, додаде македонскиот претседател, е една од најбрзорастечките економии во светот, членка на Г20 и членка на БРИКС, и отвора огромни можности за културна, научна и соработка во сите други области.

Во обраќањето на заедничкиот ручек со бразилскиот претседател, претседателот Иванов изрази надеж дека и Бразил ќе отвори своја амбасада во Република Македонија, додавајќи дека Македонија високо го цени признавањето на нашето уставно име од страна на Бразил.

Иванов додаде дека во план е и склучувања на повеќе билатерални договори со кои ќе се дополни правната рамка за соработка во повеќе области, трговијата, земјоделството, образованието, науката, медицината, инженерството и технологиите.

Претседателот на Република Македонија попладнево во Палатата Планалто во Бразилија, беше пречекан со највисоки државни почести од страна на бразилскиот претседател, г. Мишел Темер.

Ова е прва официјална посета на Претседател на Република Македонија на Федеративна Република Бразил и на Латинска Америка.

Во рамки на посетата претседателот Иванов ќе присуствува на свеченото отворање на Амбасадата на Република Македонија во Бразилија, прва резидентна македонска Амбасада во Латинска Америка.

Вчера, претседателот Иванов оствари средби со д-р Пауло Скаф, претседател на Федерацијата на индустрии на Сао Паоло и г. Едуардо Виера, претседател на Федерацијата на индустрии на Рио де Жанеиро.

PRM_Brazil_4
Средба на претседателот Иванов со д-р Пауло Скаф, претседател на Федерацијата на индустрии на Сао Паоло
Понеделник, 11 Декември 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на почетокот на неговата официјална посета на Федеративна Република Бразил, одржа средба со д-р Пауло Скаф, претседател на Федерацијата на индустрии на Сао Паоло, најголема стопанска комора во Латинска Америка.

На средбата беа размененети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и ФР Бразил и можностите за соработка во сите сфери од заеднички интерес, особено во контекст на економската соработка и трговската размена.

Претседателот Иванов истакна дека Македонија има интерес за развој на билатералните односи со Бразил, како најголема земја во Јужна Америка, членка на БРИКС и Г20, една од најбрзорастечките економии во светот и земја која е стратешки партнер на Европската унија.

- Од интерес на Република Македонија е двете земји да ја продлабочат економската соработка и да ја зголемат трговската размена, да се овозможи директна комуникација меѓу стопанствениците од двете земји и да се разгледаат можностите за бразилски инвестиции во Република Македонија, порача претседателот Иванов.

Во таа насока, беше посочено на потребата од воспоставување правна рамка на билатералните односи и регулирање на договорната состојба помеѓу двете земји, особено договорите од економската област.

На средбите претседателот Иванов го истакна отворањето на резидентна амбасада во Бразилија како јасен знак за интересот на Република Македонија за интензивирање на соработката со Федеративна Република Бразил.

На средбата, г. Скаф, на претседателот Иванов му додели Орден за заслуги, високо признание што го доделува Федерацијата на индустрии на Сао Паоло.

Во рамки на посетата на Федерацијата на индустрии на Сао Паоло, претседателот Иванов одржа средба и со г. Стефан Салеј, директор за депарментот за трговија и надворешни работи на ФИЕСП.

Утре, претседателот Иванов во Бразилија со највисоки државни почести ќе биде примен од претседателот на Федеративна Република Бразил, г. Мишел Темер, а ќе присуствува и на свеченото отворање на Амбасадата на Република Македонија во Бразилија, прва резидентна македонска Aмбасада во Латинска Америка.

prm_princ_albert_vtori
Средба со Принцот на Монако, Н.В. Алберт Втори
Петок, 08 Декември 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамките на 10. меѓународен форум „Мир и спорт“ во Монако оствари средба со Неговото Височество Принцот Алберт Втори, кој е покровител на Форумот.

Претседателот Иванов упати честитки до Принцот Алберт Втори за 10. годишниот јубилеј на форумот и признание за неговиот ангажман и заложби за афирмирање на спортската култура во европски и светски рамки. Република Македонија, посочи претседателот Иванов, и во иднина ќе продолжи да ги поддржува спортските активности и настани, со цел да им овозможиме на младите правилно да се развиваат и да го подобриме квалитетот на нивниот живот. Овој меѓународен форум, оцени претседателот Иванов, дава придонес во промовирањето на вредностите на спортот како ефикасен инструмент за социјална интеграција меѓу луѓето и поврзување меѓу народите.

На средбата македонскиот претседател го истакна интересот за воспоставување на поинтензивна билатерална соработка и продлабочување на односите меѓу Република Македонија и Принципатот Монако, во сите области од заеднички интерес.

Двајцата соговорници се согласија дека во иднина активностите треба да се насочат кон изнаоѓање конкретни форми за интензивирање на економската соработка. Во таа насока, претседателот Иванов искажа особен интерес за соработка на полето на културата и туризмот. Посочувајќи дека Република Македонија има богато природно, историско, културно и духовно наследство, претседателот Иванов упати покана до Принцот Алберт Втори за посета на нашата земја.


 Македонскот претседател на средбата ги реафирмираше надворешно-политичките приоритети на Република Македонија и предизвиците со кои се соочува земјата на планот на европските и евроатланските интеграции. Во тој контекст, беа разменети мислења околу можноста за воспоставување на дипломатски односи со Монако под уставното име на Република Македонија.


 Претседателот Иванов и Принцот Алберт Втори разменија мислења за актуелните случувања во Европа и Светот, како и за глобалните предизвици со кои се соочуваат државите.

Monako
Иванов: Спортот придонесува за помирување, сплотување на луѓето и надминување на предизвиците од денешницата
Четврток, 07 Декември 2017

Спортот е фактор кој придонесува не само за помирување, туку за постигнување на оние вредности кои се неопходни за едно општество да гради здраво поколение, бидејќи младите се тие на кои најмногу им е потребно она што го нуди спортот – натпревар и градење на здрави луѓе, во здраво општество, кое ќе биде едноставно посветено на мирот и на просперитетот, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, кој денеска во Монако учествува на 10. Меѓународен форум „Мир и Спорт", што се одржува под покровителство на принцот Алберт Втори.

Претседателот Иванов изјави дека на форумот се разговарало за улогата на спортот за поттикнување на мирот, сплотување на луѓето и надминување на предизвиците од денешницата.

- Како со моќта на иновативноста и креативноста да се постигне помирување во конфликтните региони, но и да се постигне инклузија во општеството, со вклучување на сите добри практики и искуства од спортот во секојдневниот живот, изјави македонскиот претседател.

Monako_1Ова е трето учество на претседателот Иванов на меѓународниот форум „Мир и спорт". Во 2012 година во рамки на форумот одржан во Сочи, основачот и претседател на меѓународната организација „Мир и спорт", Жоел Бузу, на претседателот Иванов му додели посебно признание за неговите заложби за промоција и унапредување на мирот преку спортот.

- Македонија активно учествува на овој форум и нашите активности беа наградени во 2012 година, со тоа што ги поттикнавме нашите инцијативи за спортскиот бон-тон, и како да се постигне вклучување во едно мултиетничко општество преку спортот, за младите да ги почувствуваат сите вредности и сето она што е присутно во спортот, да биде присутно во секојдневниот живот, изјави македонскиот претседател.

Претседателот Иванов посочи дека овие меѓународни форуми придонесуваат во изнаоѓање решенија за глобалните проблеми и предизвици и ја истакна потребата од иновативност и креативност во спортот.

10 годишнината од меѓународниот форум „Мир и спорт" во Монако се одбележува во присуство на околу 500 претставници од држави од сите континенти, нобеловци, луѓе од спортот, од политиката, од бизнисот, невладиниот сектор. Темата на годинешното јубилејно одржување на форумот е „Иновации во спортот во функција на општествена трансформација".

Во рамки на учеството на меѓународниот форум „Мир и спорт" претседателот Иванов ќе оствари билатерална средба со принцот на Монако, Алберт Втори.

monako_2

kasarna_veles_01
Свечено отворање на Центарот за симулации во Командата за обука и доктрини во касарната во Велес
Вторник, 05 Декември 2017

Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари посета на единиците на АРМ во касарната „Алексо Демниевски - Бауман" во Велес.

Во рамки на посетата, претседателот Иванов, заедно со Началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски и амбасадорот на САД, г. Џес Бејли,  свечено го отворија  Центарот за симулации во Командата за обука и доктрини (КОД).

Новиот центар за симулации во Командата за обука и доктрини, донација од САД, во вредност 1,4 милиони долари,  и предвидува поддршка на обуката на командите и единиците на АРМ преку планирање, организација, координација и менаџирање на спроведување на командно-штабни вежби до ниво на бригада.

Претседателот Иванов ги обиколи сместувачките и капацитетите за обука на Командата за обука и доктрини, при што ги посети војниците кои се наоѓаат на доброволно служење на воениот рок во велешката касарна и беше запознаен со условите за нивниот престој и работа. Македонскиот претседател воедно ги посети и слушателите на тековниот курс за први подофицери.

Командата за обука и доктрини ја презентираше воено стручната литература која е изработена како дел од активностите за одбележувањето на 25 години од формирањето на АРМ.
kasarna_veles_07

NMN2016
Јавен повик за доставување на пријави за избор на „Најдобар млад научник“ за 2017 година
Сабота, 02 Декември 2017

Признанието го доделува претседателот на Република Македонија, како поттик на научната и на истражувачката мисла на младите во Република Македонија.

Јавниот повик ги опфаќа сите лица коишто заклучно со 2017 година навршуваат 30 години, а кои во досегашната научна работа имаат постигнато значајни научни резултати.

Кандидатите кои се пријавуваат на огласот потребно е да достават доказ за исполнување еден или повеќе од долунаведените услови:

• награда или признание за научноистражувачка работа;
• објавени резултати од научноистражувачка работа;
• применетост на резултатите од научното истражување за тековната 2017 година.

Горенаведените материјали заедно со биографија и со уверение за државјанство на Република Македонија да се достават во еден печатен и еден електронски примерок (CD)

Право на учество имаат сите граѓани на Република Македонија кои ги исполнуваат условите за конкурирање.

Документите да се достават до Кабинетот на претседателот на Република Македонија, најдоцна до 31.12.2017 година.

Кабинет на претседателот на Република Македонија
(Комисија за „Најдобар млад научник")
Вила „Водно"
„Ацо Караманов" 33 А
МК-1000 Скопје

Javen_povik_NMN_2017_1-page-001

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 4 од 180