Новости
Prodi
Средба со г. Романо Проди, поранешен претседател на Европската Комисија
Четврток, 17 Јануари 2019
PRM_Bozik_soborna_01
Претседателот Иванов: Да си ја чуваме, почитуваме и сакаме Република Македонија
Понеделник, 07 Јануари 2019

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, заедно со сопругата, г-ѓа Маја Иванова и синот Иван, денеска присуствуваа на централното одбележување на Рождеството Христово - Божик во Соборниот храм „Св. Климент Охридски", во Скопје, каде поглаварот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, г.г. Стефан чиноначалствуваше Архиерејска Златоустова литургија.

По завршувањето на литургијата претседателот Иванов на граѓаните со православна вероисповед им го честита големиот христијански празник Божиќ, посакувајќи им многу здравје, радост, среќа, но и сплотеност, како за празниците така во текот на целата година.

„Празниците не се само за празување туку и за потсетување, да не потсетат на сето она што ни овозможило да опстојуваме низ вековите. Да не потсетуваат дека треба да го сакаме, почитуваме и чуваме, тоа што го имаме, а не тоа што го немаме. Затоа, да си ја чуваме, почитуваме и сакаме Република Македонија, бидејќи неа ја имаме", рече претседателот Иванов.

PRM_Bozik_soborna_02

Badnik1
Бадник во домот на семејството Иванови
Недела, 06 Јануари 2019


На Бадник, во пресрет на големиот христијански празник Божиќ, денеска домот на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, го посетија децата од Центарот за едукација на македонски фолклор „МИТЕВИ" од Скопје, кои ја донесоа Божиќната литија и со песната „Вечниот Бог" го најавија Христовото раѓање

Сопругата на македонскиот претседател, г-ѓа Маја Иванова, од името на семејството Иванови на сите православни христијани им посака да имаат благословена, тивка и света бадникова вечер.

„Една голема мудрост вели дека секој од нас има лице од кое што треба да дава насмевки. Има усна од која што треба да изговори добри зборови, да прави добри дела и очи да ги види добрите работи кај луѓето околу нас. Или, како што рекол Св. Климент, веќе не само за овие празници, туку и секој ден треба да шириме насмевки, да кажуваме добри зборови, да правиме добри дела. Да се натпреваруваме во добрина" истакна г-ѓа Иванова и додаде дека честитајќи го Божиќ посакува Христовата светлина да влезе во секој христијански дом и да го осветлува патот на слогата, на радоста, на љубовта и на успесите.

Badnik2Сопругата на претседател на Република Македонија, г-ѓа Иванова, изјави дека семејните вредности и традиции и оваа година традиционално ги отвориле вратите на нивниот дом.

„Среќа, радост, песна, насмевки од нашите денешни гости, денешните бадникари, кои со песната „Вечниот бог" ни го навестија Христовото раѓање, ни го навестија раѓањето на Богомладенецот", рече г-ѓа Маја Иванова.

Децата учесници во бадникарските поворки ја пеат песната „Вечниот Бог" и носат пригодно изработени пештери на кои е претставено Рождеството Христово и ѕвезди што ја симболизираат ѕвездата која ги водела тројцата мудреци до местото каде што бил роден Исус. Со божиќната каланда (песна) „Вечниот Бог" се објавува доаѓањето на Спасителот во тело. Песната е древна, води корени уште од некогашното Римско царство, што културолошки продолжи да живее кај православните народи кои се негово духовно и цивилизациско наследство. Иницијативата за возобновувањето на старата православна традиција да се слави Бадник со пеење на „Вечниот Бог" потекна од свештенството на МПЦ-ОА. Според Црквата, радува будењето на оваа стара православна традиција, која од година во година зафаќа се поголем број градови и повторно навлегува во нашето секојдневие.Badnik4

PRM_NG_Kicevo_01
Посета на припадниците на АРМ во касарната „Чеде Филиповски-Даме“ во Кичево
Вторник, 01 Јануари 2019

Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили, д-р Ѓорге Иванов, денеска, на првиот ден од Новата година, ги посети припадниците на АРМ во касарната „Чеде Филиповски-Даме" во Кичево.

Претседателот Иванов на припадниците на АРМ кои извршуваат должност за време на новогодишните празници им ја честита Новата 2019 година, посакувајќи им многу здравје, среќа и радост, како и исполнување на сите нивни очекувања.

„Очекуваме оваа година да биде успешна за Армијата, односно Армијата да го добие тоа што и припаѓа, конечно да станеме членка на НАТО, да ја добиеме поканата и Македонија конечно да биде членка на НАТО", истакна претседателот Иванов.

Македонскиот претседател имаше заеднички ручек со припадниците на АРМ во касарната „Чеде Филиповски-Даме", а новогодишните празници, преку видео-конференциска врска, им ги честиташе и на припадниците распоредени на јужната граница како и на учесниците во мисиите во Авганистан, во Либан и во Босна и Херцеговина, на кои им посака успешно завршување на мисиите и враќање во своите домови.

Претседателот Иванов по повод новогодишните празници упати честитки и до сите граѓани на Република Македонија, посакувајќи им како што се сплотени, радосни и среќни за време на празниците, така да бидат и во текот на целата година.

„Живееме во време кога се случуваат огромни промени, како кај нас така и во регионот и во светот, и во овој период на големи промени, пред се треба да останеме луѓе, да се почитуваме меѓусебе, да си веруваме и да се насочиме кон иднината, да обезбедиме посигурна иднина за сите наши поколенија", рече македонскиот претседател.

PRM_NG_Kicevo_02

Ucesnici_na_FIC_1
Прием на учесниците во проектот „Ден со македонските водечки извршни директори"
Четврток, 20 Декември 2018

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска приреди прием за студентите од додипломски, постдипломски и докторски студии, коишто во рамки на проектот „Ден со македонските водечки извршни директори", беа избрани да поминат еден работен ден со менаџери на успешни компании во Република Македонија.

Проектот по втор пат се реализира под покровителство на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во организација на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија.

Програмата ќе се реализира во периодот од декември 2018 година до март 2019 година, а меѓу успешните менаџери кои ќе ја спроведуваат обуката се Штефан Петер од ЕВН Македонија, Илина Јакимовска од „Комфи ангел", Волфганг Марингер од „Арчелор митал", Ајхан Узун, „Рамстор" и Алпер Ерсој „ТАВ Македонија".

Главна цел на проектот е избраните студенти непосредно да се запознаат со работниот ден на еден врвен менаџер, да навлезат во процесите на водењето на компанија, да стекнат нови знаења, практични искуства и вештини кои ќе придонесат за развој на нивниот претприемачки дух.

Ucesnici_na_FIC_02

Shkola-oglas2019
Објавен конкурс за десеттата Школата за млади лидери на претседателот Иванов
Понеделник, 17 Декември 2018

КОНКУРС ЗА УЧЕСТВО ВО МЕЃУНАРОДНА ОБУКА ЗА МЛАДИ ЛИДЕРИ
Од 11 до 24 февруари 2019 година

Инспирирање и развој на исклучителни млади лидери
Inspiring and Developing Exceptional Young Leaders

П О К Р О В И Т Е Л
Претседател на Република Македонија,
Н.Е. д-р Ѓорге Иванов


Програмата е намената за млади луѓе со завршено високо образование кои имаат желба преку нивните лидерски вештини да придонесат за позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат.

Програмата опфаќа предавања и практични вежби за лидерство, со еминентни предавачи од земјата и од странство, фокусирани на искуствата и знаењата кои би ги поттикнале учесниците да креираат заеднички решенија за предизвиците од 4-та индустриска револуција.

Наставата ќе се одвива на македонски и англиски јазик. Бројот на учесници е ограничен. Право на учество имаат сите млади од Република Македонија и наши иселеници што живеат во странство. Трошоците за сместување и програмските активности ќе бидат покриени од страна на организаторите.

Услови за конкурирање:
• Одлично познавање на англиски јазик
• Просек од високо образование (додипломски студии) еднаков на или поголем од 8,5 (или еквивалентно според македонскиот систем за оценување, доколку се работи за диплома од странство), ќе се смета за предност
• Работно искуство од минимум една година ќе се смета за предност

Потребни документи за аплицирање:
• Две препораки од вашата организација, компанија или факултет
• Потврда за напреден степен на познавање на англиски јазик
• Копија од уверение за положени испити, од каде може да се види просекот
• Биографија
• Кратко мотивационо писмо

Комплетната апликација да се испрати по пошта најдоцна до 24 декември 2018 год. на адреса:

Кабинет на Претседател на Република Македонија
„Вила Водно"
(Комисија за „Меѓународна обука за млади лидери")
Ул: Ацо Караманов 33А
1000 Скопје, Македонија
Oglas_za_Obuka_MKD__2019_-1


Oglas_za_Obuka_MKD__2019_-2


 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 1 од 194