Обраќање по повод Денот на Армијата на Република Македонија
Петок, 17 Август 2018   

ARM1Почитувани припадници на Армијата на Република Македонија,
Почитувани присутни,
Драги сограѓани,

Чест ми е да ве поздравам и да ви го честитам утрешниот 18 Август – Денот на Армијата на Република Македонија.

Кога во 2009 година прв пат бев избран за Претседател на Република Македонија, со голема почит ја презедов и должноста врховен командант на вооружените сили. И самиот сум бил војник и знам што значи хиерархија и дисциплина. Знам дека за вас униформата е повеќе од облека. Таа е и симбол на честа, достоинството и интегритетот. Не секој има доволно храброст да ја носи униформата која со себе носи и голема одговорност. Чувањето на слободата и мирот е една од најризичните, но и најблагородните задачи.

Во изминативе години, Армијата на Република Македонија ја исполнуваше оваа голема задача. И тоа го правеше во услови кои од година во година стануваа сè посложени и поризични.

Армијата е неутрален чувар на територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија. Таа ја штити и границата, и сувереноста, и безбедноста и унитарноста на Република Македонија. Но, Армијата не се ограничи само на остварувањето на уставните надлежности.

Низ годините, Армијата им помагаше на своите граѓани во справувањето со природните непогоди и во санацијата на погодените подрачја. Тоа го правеше дури и по цена да ја извршува работата што е во надлежност на други институции. Секогаш и секаде, Армијата беше подготвена да им помогне на своите граѓани. Бидејќи таа е нивниот чувар.

Армијата континуирано учествува и во мировните мисии во светот. Имав можност да ги посетам нашите војници во Кабул и во Сараево. Можам слободно да кажам дека нема подобри, похрабри и подоблесни војници од македонските мировници. Моја гордост е да бидам ваш врховен командант. Честопати истакнувам дека со 27 ротации во ИСАФ, 16 ротации во „Одлучна поддршка", 15 ротации во Ирак, 51 ротација во АЛТЕА, 11 ротации во УНИФИЛ, нашата армија стана најпроверувана армија во историјата на Алијансата. И ова се само дел од мисиите.

Морам да ви признам дека како Врховен командант бев горд кога слушав најпофални зборови за македонската армија од странските државници и генерали.

Македонскиот придонес не е симболичен, туку суштински. Едно време бевме четврта земја контрибутор по глава на жител, споделувајќи ја визијата за слободен и демократски свет. Имавме повеќе војници во Авганистан, отколку 90% од земјите членки на НАТО.

Иако, Република Македонија сè уште не е во НАТО, Армијата на Република Македонија de facto е во НАТО. Затоа, Република Македонија не скршнува од зацртаниот евроатлантски пат.

Но, најголемиот предизвик за нашата армија за време на мојот мандат дојде во 2015 година со мигрантската криза. Во услови на длабоки политички поделби, секојдневни протести и контрапротести, кога многу институции беа парализирани, а многу процеси блокирани, постоеше опасност територијата на Република Македонија да биде преплавена од мигрантскиот бран.

Знаењето и вештините, сиот човечки и технички потенцијал на Армијата беа ставени на проба. За време на мигрантската криза, припадниците на Армијата постигнаа нешто што поголеми и подобро опремени армии не успеале да го направат. И единствениот ваш мотив беше желбата да се заштити татковината, без да се нарушува човечкото достоинство на бегалците. А штитејќи ја татковината, Армијата на Република Македонија ја заштити и Европа од заканата од илегална миграција. Благодарение на Армијата, барем во тој одлучувачки период, Република Македонија беше најсуверената држава во Европа.

Армијата успешно и посветено се соочи со сите предизвици и целосно ја оправда и мојата доверба и довербата на македонските граѓани.
Затоа, ќе повторам, чест е да се биде врховен командант на армија со нескршлив дух. И тоа никого не треба да го изненадува.

Не треба да се заборави дека вие сте наследници на македонските борци кои биле водени од чисти мотиви и праведни цели. Ние немаме темна дамка во историјата од која би се срамеле и за која би се извинувале. Македонските борци се бореле за слобода и човечки правдини и секогаш биле на вистинската страна на историјата.
Илинденците се бореа против ропството и тиранијата.
Партизаните се бореа против фашизмот и нацизмот.
Вие, припадниците на современата Армија на Република Македонија, се борите против заканата од насилниот екстремизам и глобалниот тероризам. Се борите за заштита од последиците од илегалната миграција.

ARM2Почитувани присутни,

Има еден збор што во Република Македонија сè поретко го слушаме бидејќи се потешко се изговара. Тоа е зборот благодарам. Слободата, државноста, независноста, мирниот сон на нашите деца како да се земаат здраво за готово. Како да се губи од пред вид дека постои цела армија на луѓе кои положиле заклетва дека ќе ги бранат овие тешко стекнати вредности и по цена на своите сопствени животи. И токму тие луѓе и таа институција ја заслужува нашата благодарност повеќе од многу други. Тоа е Армијата на Република Македонија. Тоа се нејзините досегашни и сегашни војници, офицери, генерали и началници на Генералштабот.

И затоа, како претседател и како врховен командант, од името на македонските граѓани ѝ благодарам на Армијата на Република Македонија.
Ѝ благодарам бидејќи е суверен гарант на територијалниот интегритет и на независноста на Република Македонија.
Ѝ благодарам бидејќи е неутрален чувар на нашиот македонски модел на соживот и на почитување на различноста.
Ѝ благодарам на Армијата која е стожер на слободата и на безбедноста врз кои се крепи и демократијата и нашиот начин на живот.
Ѝ благодарам на Армијата што секогаш се труди да го направи оној дополнителен напор што многумина не го очекуваат. И со тоа дава пример за целата наша држава и за целото наше општество дека се може кога се сака.
Ѝ благодарам на Армијата која никогаш не го оставила народот на цедило. Армијата на Република Македонија секогаш е со народот бидејќи произлегува од народот.

Но, таа наша благодарност не треба да се сведе само на збор. Потребни се и дела, особено денес.

Крајот на Студената војна создаде илузија дека конфликтите се поневеројатни а армиите се помалку потребни. Многумина станаа заробеници на реториката дека вложувањето во одбраната е трошок, наместо инвестиција. Но, реалноста има навика да ги разобличува конструираните илузии.

Територијалната држава се соочува со нови, нетериторијални предизвици. Современата технологија која е извор на нашиот прогрес е истовремено и извор на различни вектори на закани. Во изминативе три години го видовме само почетокот на мигрантската криза со која ќе се соочуваме во текот на целите наши животи. Сè поголеми се заканите од радикализирани поединци и групи кои имаат за цел да ги анулираат нашите вредности и начинот на кој сакаме да живееме. На Балканот повторно се зборува за корекции на граници, за размени на територии и населенија. Како да се заборава лекцијата дека секој план за корекција на границите на Балканот создава негативна верижна реакција. Преседаните на Балканот се користат и ќе се користат за други цели во Источна Европа, Кафказот, Блискиот Исток, Северна Африка. Ова се сериозни предизвици кои бараат сериозни инвестиции.

За таа цел, инвестирањето во одбраната е приоритет кој Владата мора да го следи. НАТО препорача 2% од бруто домашниот производ. Заради променетата безбедносна средина, носителите на политички одлуки мора да инвестираат во одбраната и тоа во неколку домени.

Прво, неопходно е да се инвестира во едукацијата, вежбите и обуката. Слободата не се освојува еднаш засекогаш, туку секој ден и постојано. Слично е и со борбената готовност. Таа мора постојано да се обновува. Не можеме да си го дозволиме луксузот да живееме на стара слава. Воената академија „Михајло Апостолски" ја воспоставивме врз основа на принципите на паметната одбрана на НАТО. Во неа се школуваат питомци на НАТО и земји членки на Партнерството за мир. Но, потребно е многу повеќе за да можат нашите воини ефективно да ги исполнат уставните должности и да дадат поголем придонес во креирањето на светскиот мир.

Второ, неопходно е да се инвестира во современата технологија. Новите хибридни закани се опасни и имаат асиметричен ефект кој ако соодветно не се разбере и превенира создава сериозни последици кои имаат каскаден ефект. Не случајно, минатата година посочив дека АРМ мора да изгради систем на превенција и заштита на критичната инфраструктура. Приоритет е развој на сајбер-одбрана и електронско војување во идна нелинеарна војна. Во нашата сајбер-ера, Армијата треба да го брани и македонскиот сајбер-простор.

Но, сите обуки на светот и сета современа опрема и софистицирана технологија се вистински полезни само под еден услов. А, тоа е ако им се доверат во рацете на луѓе кај кои чувството на морал и достоинство се на највисоко ниво. Луѓе кои со љубов го чуваат подигнатото македонско знаме на слободата. Бидејќи главниот и основен ресурс на нашата армија не е ниту оружјето и опремата, не се ниту обуките и предавањата, туку вие, војниците, подофицерите, офицерите, цивилите вработени во одбраната. Вие сте луѓе од крв и месо со свои семејства, соседи, пријатели. Преку вас, Армијата го подигнува моралот на општеството и ги охрабрува граѓаните. Секој еден од вас е слика за состојбата во која се наоѓа Армијата.

Затоа, трето и најважно, неопходно е да се инвестира во подигнувањето на животниот стандард на припадниците на Армијата на Република Македонија. Само така ќе се подобри моралот бидејќи најголема улога во одбраната во вакви сложени услови е човечкиот персонал. Моралот на војниците се гради и одржува преку унапредување на животните стандарди, преку грижа за семејствата на припадниците, но и почитување на трајните атрибути и вредности на Република Македонија.

Македонскиот војник е скромен, благодарен и се задоволува и со малку. Но, токму во тоа е неговата големина и токму со тоа нè обврзува да се грижиме уште повеќе, бидејќи грижејќи се за војниците, се грижиме за армијата. А грижејќи се за армијата се грижиме за Република Македонија.

Затоа, како Претседател на Република Македонија, постојано инсистирам за зголемување на средствата за Армијата, за да биде подготвена за предизвиците. Ниту една армија не е подобра од нејзините војници, од нејзините офицери и подофицери.

Во Армијата мора да се вложува. Тоа е задача и за носителите на политички одлуки, но и за воените лидери.

Военото лидерство треба да биде имуно на партиските и политички притисоци. Секој што сака да биде воен лидер треба да биде свесен дека тргнува на трнлив пат полн со многу предизвици и многу откажувања. Лидерството и авторитетот не се наметнуваат, тие се заслужуваат. Лидерството и авторитетот се градат преку секојдневно носење одлуки на терен и во реални ситуации, во присуство на потчинетите војници и офицери. Воените лидери мора да се фокусираат на професионалните и животните стандарди на своите војници, да бараат приспособување на одбраната на новите предизвици.

Ова е особено важно денес. Брзиот развој на предизвиците и промените во нашето непосредно безбедносно опкружување бара поинаков тип на размислување, неконвенционално дејствување, иновации и технологии, и пред сè и над сè, храброст во носењето одлуки.

Лидерите мора да ги сфатат културните разлики и да ја разберат важноста на почитување на истите за успехот на мисијата. Сето ова заедно со ефектот на современите технологии врз борбениот простор диктираат потреба од инвестирање во градење стратешки лидери на тактичко ниво.

Затоа, вам, на македонските воини ви порачувам да го одржите досегашното ниво, да ги зачувате непристрасноста, професионализмот и посветеноста, да продолжите да доследно да ја извршувате уставната обврска.

Вам, на воените лидери ви порачувам да продолжите да се усовршувате, да се грижите за војниците и будно да ги следите промените во безбедносната средина.

Само така Армијата ќе продолжи да биде главна движечка сила во остварувањето на стратешките цели, за што побргу да го славиме овој голем ден – денот на Армијата на Република Македонија како полноправна членка на НАТО.

Со тоа, на самиот крај, ви честитам и ви благодарам за вашиот професионализам и за дисциплината во извршувањето на одговорната задача. Ви честитам и ви благодарам за вашата солидарност кон граѓаните и за безрезервната лојалност кон татковината.

Нека ни е честит празникот на Армијата!
Да живее Армијата на Република Македонија!
Да живее Република Македонија!

ARM3

  Back<<Назад