Обраќање на Претседателот д-р Ѓорге Иванов на 37-та конференција на Меѓународната Пан-европска унија во Линдау
Сабота, 21 Мај 2011   

alt

Почитувани присутни, Ценети екселенции,

Дами и господа, Драги пријатели,

Големо е задоволството да се биде тука, во Линдау. Доаѓајќи тука забележав дека ова е град на светилници. Ми ја посочија старата кула Мантгаум, за која моите љубезни домаќини ми кажаа дека осум века им го осветлувала патот на бродовите кои пловеле по езерото. Недалеку од тука се наоѓа и новиот светилник кој веќе 155 години ги насочува бродовите во безбедното пристаниште на Линдау. Верувам дека овие неколку дена, Линдау го добива и својот трет светилник, Меѓународната Паневропска унија која тука ја организира својата 37 годишна конференција.

Почитувани,

Токму на овој начин, од своите почетоци пред речиси девет децении, па до денес, Пан-европската унија им го осветлува патот на европските народи, држави и влади и ги насочува кон заедничката цел која произлегува од идејата за слободна, демократска и просперитетна Европа. Европа обединета во различностите.

Во својата благородна мисија, Пан-европската унија се докажа како достоен поборник за обединета Европа и воедно жесток противник на нетрпеливоста, поделеноста и тоталитаризмот кои толку долго ја одбележуваа европската историја. За време на Втората светска војна, Пан-европската унија беше најголем застапник на заедничката борба на демократиите против злото на фашизмот и нацизмот. За време на Студената војна, Пан-европската унија беше гласот на надежта за сите нас, за сите народи кои се најдоа заробени зад железната завеса. 

Верувам дека сите знаеме дека големата мисија која ја започна грофот Калерги, ја презеде Неговата Екселенција Ото фон Хабсбург, а денес достојно ја продолжува господинот Алан Тераноар, сеуште не е до крај остварена. Република Македонија, заедно со уште повеќе земји од нашето соседство, кои историски и географски се во Европа, сеуште сме надвор од Европската унија. 

Екселенции,

Визионерските зборови на Ото фон Хабсбург дека „Европа нема да биде целосна без Македонија во неа“ најдобро сведочат дека веќе 20 години, вие упорно го насочувате бродот наречен Европа да плови и кон Југоистокот на нашиот континент, кон Македонија. Ние сме благодарни за вашата визија и истрајност во оваа задача, што во денови на сериозни предизвици за самата Европа, останувате посветени на првичната голема идеја која не доведе толку далеку и која ни донесе толку многу успеси и радости. 

Сакам да знаете дека Република Македонија, иако е земја без излез на море, сепак претставува сигурно, безбедно и мирно културно, економско и политичко пристаниште во кое Европската унија може да ги закотви своите бродови. Верувам дека за тоа најдобро зборува силината на европската идеја во мојата татковина. 

Додека во некои европски земји идејата за обединета Европа можеби веќе не е толку модерна, македонските граѓани безмалку едногласно се посветени на оваа идеја. Сметам дека евро-ентузијазмот на моите сограѓани, поткрепен со македонската политика насочена кон интеграциите и реформите, јасно говори за тоа дека во членството во Европската унија препознаваат вистинска и трајна вредност на која можат да и ги придодатат своите историски, стопански, културни и духовни придобивки.

Дами и господа,

Република Македонија ја гледаме како дел Европската унија поради три причини. 

Прво, ние сме природен и нераздвоен дел од Европскиот културен и цивилизациски простор. Нашето наследство е европско, а Македонија е по дефиниција европска земја. Листата на македонски придонеси е долга, но во оваа прилика ќе спомнам само еден пример. Пред 12 века, сесловенските просветители Кирил и Методиј го дадоа својот влог во Европа, европската култура и цивилизација. Тие веруваа во правото на секој народ да го користи својот јазик, поради што тргнаа во мисија за градење на заедништво на сите европски народи под исти услови и еднаков пристап до словото. За нивното дело, признанието дојде дури во дваесеттиот век, кога папата Јован Павле II на 31 декември 1980 година, во своето апостолско послание Ергае Виртулис (EGRIGAE VIRTULIS) ги прогласи за ко-покровители на Европа, заедно со Свети Бенедикт.

Понатаму, во Европската унија гледаме збир на држави кои, врз основа на заедничките вредности, успеале да ги надминат омразата, антагонизмот и недоразбирањата од минатото за да изградат заедничка иднина. 

Визионерите и градителите на Европската унија на дело покажаа дека мотото “раздели па владеј” е погубно за Европа. Дека разединета Европа може лесно да стане плен на сопственото минато и разурнувач на сопствената иднина. Дека европскиот напредок и иднина ќе бидат обезбедени само врз основа на визионерскиот и градителски принцип “обедини и предводи”. Само обединета Европа може да биде достоен предводник на слободата и благосостојбата. Само обединета Европа може со успех да настапува на меѓународната сцена и да се носи со глобалните предизвици.

Почитувани,

Интеграциските процеси покажаа дека европските држави можат да ги надминат своите историски насобрани проблеми и разлики. Затоа, убедени сме дека, како втора важна причина за поддршка на македонското членство во Европската унија е токму тоа што Унијата нуди извонредна рамка за затворање на сите се уште постоечки спорови меѓу соседите. Историскиот проект за помирување меѓу балканските држави може најдобро да се одвива под заедничкиот европски покрив, каде заедно седат многу некогаш спротивставени држави. 

Свесни сме дека проблемите во регионот на Југоисточна Европа можат да се решат токму преку економско и политичко интегрирање. Впрочем, така најдобро ќе се избориме за европските вредности и идеали, слободата, демократијата, владеењето на правото, но и забраната за кршење на темелните човекови права и граѓански слободи, особено индивидуалното право на идентитет и достоинството. 

Гледајќи го прекрасното езеро Констанца кое ги поврзува Германија, Австрија и Швајцарија, се сеќавам на пролетта 2003 година кога Македонија го пречека големиот француски писател Жак Лакариер. Тој, на брегот на магичното Преспанско езеро поделено меѓу Македонија, Грција и Албанија, на трите јазици ја изговори неговата бесмртна реченица: “И за Европа и за Балканот подеднакво е важно. Ние сме имале илјадници вчера, но имаме само едно заедничко утре”.

Ние сме убедени дека токму членството во Унијата ќе биде најдобро решение за недостојниот спор кој Република Грција ни го наметнува. Европските искуства потврдуваат дека патот до помирувањето на соседите оди низ интегрирање во сите општествени системи кои функционираат кога се отворени. Токму затоа можете да ја разберете нашата фрустрираност зошто се дозволува да продолжи да трае еден спор околу идентитетски, историски прашања, кога едно проверено успешно решение се наоѓа токму пред нас. 

Дами и господа,

Третата причина поради која Македонија се гледа себе си како природен дел од Европската унија е економскиот потенцијал на проширувањето. Но, сакам да потенцирам дека ние нашата благосостојба сакаме да ја градиме врз одржлива, компетитивна и компатибилна економија, а не врз незаслужена помош. Верувам дека тоа можеме да го оствариме само врз рамноправни основи со нашите европски пријатели, соседи и партнери.

Македонските граѓани веќе ги почувствуваа првите придобивки од напредокот во интеграциите преку визната либерализација. Можноста македонските граѓани, студенти, туристи, без пречки да патуваат, да се едуцираат и да собираат искуства само ја зацврстува нашата одлучност да продолжиме по зацртаниот пат кон Европската унија. 

Почитувани,

Европа по Лисабонскиот договор претендира да биде клучен фактор и актер во меѓународните односи. Тоа нема да биде ниту лесно, ниту реално остварливо, без отвореност кон она што претставува природен дел од заедничкиот европски простор. Простор во кој има слобода на движење на луѓе, идеи, капитал и производи. Простор во кој секој со себе ги носи своите права и својот идентитет. Отворен простор во кој секој ќе биде почитуван за тоа што е, без оглед каде живее и каде работи. Како простор на толеранција и славење на различностите. Тоа е исто така дел од мојата визија за Европски мир, Pax Europeana. 

Додека затворениот простор ги дели луѓето, народите и државите и создава услови за конфликти, отворениот простор создава потреба за еден пазар, една монета, и една неутрална сила.

Драги пријатели,

Во пролетта 1923 година, грофот Калерги напишал: „Многумина сонувале за обединета Европа, но само неколкумина се одлучни да ја создадат. Како предмет на копнеж, сонот  останува јалов, но, како предмет на волја, сонот вродува со плод. Единствената сила која може да ја создаде Пан-Европа е волјата на Европејците. Единствената сила која може да го спречи создавањето на Пан-Европа, повторно, е волјата на Европејците.“

Бидете уверени дека Македонија и македонските граѓани, имаат цврста волја, преку членството во Европската унија, да придонесат кон градењето, чувањето и унапредувањето на нашиот заеднички духовен и културен дом Европа. Во мојата земја, во ова време, луѓето прават се- за побрзата акцесија кон Европската Унија, кон нејзините економски, социјални, културни и духовни агрегати и ризници.  Верувам, дека со помошта на нашите докажани пријатели, како што е впрочем и Пан-Европското движење, но и  со волјата на сите членки на Унијата и нивните граѓани и народи,  можеме да го оствариме сонот за европска и евроатлантска Македонија, како и за нашиот придонес во градбата наречена заеднички европски дом за сите европјани.

Ви благодарам.

  Back<<Назад