Обраќање на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов
Среда, 17 Јануари 2018   

PRM_obrakanjeПочитувани граѓани на Република Македонија,

Во извршувањето на функцијата Претседател на Република Македонија секогаш сум пристапувал одговорно и со целосно почитување на Уставот, законите и интересите на граѓаните на Република Македонија.

На 11 јануари 2018 година, Собранието на Република Македонија го изгласа Законот за употреба на јазиците, без јавна расправа, без научна дебата, без вклученост на академската и експертската јавност и без опозицијата.

Уште пред да биде изгласан, во повеќе наврати укажав дека не е добро кога прашања кои се веќе апсолвирани повторно да се отвораат заради добивање на краткорочни политички поени, а на штета на трајните интереси на Република Македонија и македонскиот народ.

Во последното годишно обраќање потенцирав дека овој закон е донесен со европско знаменце, без притоа да постои европска директива што налага усогласување на македонското законодавство со законодавството на Унијата. Со овој закон, Република Македонија ќе стане можеби единствената европска држава која сама си поставува услови за членство во Унијата кои никој не ги бара. За апсурдот да биде поголем, дури и укажувањата на претставниците на Европската Унија не беа испочитувани и беа игнорирани.

Европското знаменце е злоупотребено за со просто мнозинство да се донесе закон со кој се менуваат системски закони коишто, пак, се носат со двотретинско мнозинство.

Со овој закон се воведува многу скап паралелизам во сите органи на државната власт што води кон нивна целосна блокада и нефункционалност. Во услови на блокада постои опасност да се отвори прашањето за уставното редефинирање и загрозување на унитарноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија.

Наместо во духот на дијалогот и соживотот да градиме мултиетничко општество преку праведни и општоприфатени закони, ние донесуваме неправеден и репресивен закон со кој се фаворизира само албанскиот јазик.

Затоа, имајќи ги предвид моите согледувања за неусогласеноста на Законот за употреба на јазиците со Уставот, но и изнесените укажувања на експертската и пошироката јавност за противуставноста на овој закон, а врз основа на член 75 од Уставот на Република Македонија, донесов одлука да не го потпишам указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците.

Денес упатив писмо до Собранието на Република Македонија со кое информирам дека не го потпишувам указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците. Во прилог на тоа писмо се наоѓа и деталното правно образложение на мојата одлука.

Ги повикувам пратениците на Собранието на Република Македонија внимателно да ги разгледаат моите забелешки. Очекувам од нив одговорно и совесно да постапат, затоа што само така ќе дојдеме до сеопфатно решение за вистинско унапредување на употребата на јазиците, без притоа да се создаваат поделби.

Ви благодарам.

Pismo17012017_1
Pismo17012017_2

Pismo17012017_3



Pismo17012017_4
Pismo17012017_5

Pismo17012017_6

Pismo17012017_7
Pismo17012017_8

Pismo17012017_9

Pismo17012017_10

Pismo17012017_11

Pismo17012017_12

Pismo17012017_13

Pismo17012017_14

Pismo17012017_15

  Back<<Назад