Говори и обраќања
Akreditivi_Zbogar_01
Обраќање по повод предавањето на акредитивните писма од Н.Е. Самуел Жбогар шеф на делегацијата на Европската Унија во Република Македонија
Петок, 02 Септември 2016

Ваша Екселенцијо,

Дозволете ми најпрво срдечно да Ве поздравам, да Ви посакам искрено добредојде како шеф на делегацијата на Европската Унија во Република Македонија, и воедно да Ви посакам многу успех во извршувањето на одговорната должност.

Искрено се надевам дека за време на Вашиот мандат дополнително ќе зајакнат и ќе се развијат меѓусебните односи и ќе се продлабочи започнатата активна соработка во сите сфери.‎

Вашето богато дипломатско искуство, убеден сум, ќе даде дополнителен белег на развојот на меѓусебните односи и соработката. Ве уверувам дека во вршењето на Вашата дипломатска должност ќе ја уживате нашата целосна соработка и помош.

Почитуван Амбасадоре,

‎ Членството во Европската Унија за Република Македонија претставува највисока стратешка цел. Toa e изборот на граѓаните на Република Македонија и тој избор ужива широка политичка, етничка и социјална поддршка, и има силна обединувачка моќ во нашето општество. Токму затоа очекувам и се надевам што поскоро да се деблокираат евроинтеграциските процеси. Секое натамошно пролонгирање на овој процес, како и досега, сериозно ќе влијае на темпото на реформите, на нивото на политичка култура во државата и на културата на дијалог и компромиси. Не станува збор за алиби со кое би се оправдале некои внатрешни состојби ‒ напротив, станува збор за реален факт со реални импликации. Постојаното одлагање на почетокот на пристапните преговори се покажа како контрапродуктивно. Во време на сериозни предизвици како за Европа, така и за нашиот регион и за Република Македонија, крајно време е за промена на пристапот, а ние, подготвени сме да го преземеме својот дел од задачата за иднината на Европа и на Европската Унија.

Akreditivi_Zbogar_02Искрено се надевам дека и Унијата и земјите членки од примерот со Македонија ќе извлечат поуки, и дека позитивните примери на паралелно движење во интеграцијата и надминувањето на билатералните разлики, конечно ќе биде применето и во нашиот случај. Верувам дека Унијата, и покрај сите предизвици со кои се соочува, ќе го исправи досегашниот погрешен пристап кон Македонија. Во спротивно, доколку Македонија и по следните избори не добие датум и не ги започне пристапните преговори, прашање на време е кога ќе се соочиме со следна политичка криза. Во таков случај постои реална опасност од опаѓање на довербата и поддршката од граѓаните, кои оправдано пристапниот процес и членството во ЕУ ги гледаат како фактори за подобра и просперитетна иднина.

Екселенцијо,

Блокирањето на евроатлантската интеграција на Македонија е пример за тоа како не треба да се гради безбедноста во регионот. Во актуелниот геополитички контекст особено е важно и почитувањето на меѓународното право и обврски, вклучително и во случајот со Македонија. Времето на предизвици и кризи е и време на можности. Токму затоа, искрено се надевам дека Европската Унија и земјите членки ќе покажат поголемо разбирање за геополитичките предизвици, уважувајќи го меѓународното право преку почитување на пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг.

Akreditivi_Zbogar_03Република Македонија исклучително одговорно и со сопствени сили одговори на предизвиците од бегалската и мигрантска криза. Досега повеќепати имам изнесено и повторно ќе нагласам дека не сум задоволен од односот на ЕУ кон Република Македонија во поглед на справувањето со предизвиците кои произлегуваат од актуелната криза со бегалците. Имавме разумни барања, поврзани со безбедносниот аспект на бегалската криза, кои значително ќе придонесеа кон безбедноста во Европа. За жал, нашите барања долго време беа игнорирани. Се надеваме дека ова нема да биде пракса, туку исклучок, затоа што Македонија покажа дека може да биде одговорен партнер на меѓународната заедница.

‎Почитуван Aмбасадоре,

Од друга страна, благодарен сум за севкупната помош која Република Македонија и нејзините граѓани ја имаат добиено во многу сфери. Токму таквата поддршка, вербата во вредностите на Унијата, и вербата во просперитетна иднина се причина за поддршката која Унијата ја ужива од македонските граѓани.

Во тој контекст, остануваме посветени на спроведувањето на сите неопходни реформски процеси и очекуваме Европската Унија, не само декларативно, туку со конкретни чекори да ги охрабри напорите на нашата земја на патот кон нејзината целосна интеграција.

Ваша Екселенцијо,

На крајот, дозволете ми, да ја искористам оваа прилика преку Вас да ги упатам моите најсрдечни поздрави до претседателот на Европскиот совет, г. Доналд Туск, до претседателот на Европската комисија, г. Жан-Клод Јункер и до високиот претставник, Нејзината Екселенција г-ѓа Федерика Могерини, а Вам, лично, уште еднаш да Ви посакам многу успех во извршувањето на одговорната функција.
Akreditivi_Zbogar_04

ordeni1
Обраќање по повод одликувањето на Одделот за гранични работи и миграции и Единицата за обука и поддршка при Министерството за внатрешни работи со Ордени за воени заслуги
Петок, 19 Август 2016

Почитувани припадници на Министерството за внатрешни работи,
Ценети присутни,
Дами и господа,

Денешниов ден и датум ќе остане впишан во историјата на современата македонска држава. На 19 август 2015-та, пред точно една година, донесовме одлука за прогласување на кризна состојба.

Одлуката ја донесовме затоа што се соочивме со еден од најголемите предизвици во последните децении – а тоа е мигрантската и бегалска криза. Бегајќи од зоните на конфликти, анархија и назадување, милиони бегалци и мигранти од Блискиот Исток и Африка среќата ја бараат во Европа.

Оваа криза ја затекна Европската унија неподготвена. Многу европски идеали, принципи, политики и механизми паднаа на нејзиниот тест. Под притисокот на мигрантскиот бран попуштија Фронтекс и Шенген зоната. Се покажа дека кризата не може да се реши само со политички декларации и бирократски процедури, туку мора да се менаџира со помош и поддршка и од страна на безбедносните служби и армиски структури.

Географијата и историјата сакале Македонија да биде дел од Балканскиот мигрантски коридор. Редовно ја посетував јужната граница и многу добро се сеќавам на стравот кај нашите сограѓани од илегалната миграција. Истовремено, бевме свесни дека коридорот што го отворија бегалците, почнаа да го користат не само економските мигранти, туку и криминалните мрежи и терористите.

Соочени со овој голем предизвик, решивме да ја заштитиме територијата и да го контролираме мигрантскиот бран. Бевме првата држава во Европа која не е членка на Европската унија, а која прогласи кризна состојба за закана од илегална миграција, која доаѓа од територија на Унијата.

На почетокот се соочивме со критики. Поради расцепот меѓу фактичката и медиумската реалност некои ни замеруваа што подигнавме заштита ограда и не обвинуваа за нехуман однос кон мигрантите.

На дело покажавме дека како држава правиме се што е во нашата можност за да ги исполниме сите наши меѓународни обврски за хуман третман на мигрантите и бегалците.

Долго време се соочувавме со некооперативност од страна на службите на нашиот јужен сосед. Иако добивме помош и поддршка од повеќе европски држави, се уште чекаме да ја видиме конкретната помош од Европската унија, чија безбедност ја чуваме.

Сето ова се случуваше во период кога, покрај длабока внатрешна политичка криза, се соочувавме и се уште се соочуваме со закани од насилен екстремизам и тероризам.

ordeni2Почитувани припадници на Министерството за внатрешни работи,

Во вакви исклучително сложени геополитички и безбедносни услови, вие, заедно со Армијата на Република Македонија успеавте да одржите отворени, а сепак добро контролирани граници.

Од моментот кога беше прогласена кризна состојба па се до затворањето на Балканската мигрантска рута во март оваа година, граничната полиција, заедно со Армијата успешно го менаџираше процесот на прифаќање, транзит и излез на над 760.000 бегалци и мигранти.

Од затворањето на Балканската рута до денес, над 22.000 мигранти беа спречени во обидот за илегален влез и транзит низ Република Македонија. Благодарение на вашиот деноноќен ангажман, над 80 кривични дела за криумчарење мигранти беа процесуирани. Со тоа се нанесе удар врз организираниот криминал што заработува од трговијата со човечки судбини.

Чувајќи ја границата од заканата од илегална миграција, вие го зачувавте суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Република Македонија, и ја зацврстивте националната безбедност и сигурност на македонските граѓани. Но, истовремено, имате и многу поголема улога. Чувајќи ја границата, вие ја чувате и портата на Европа.

ordeni3Благодарение на вашиот професионализам, ја стекнавме довербата и почитта на нашите сојузници кои во Македонија почнуваат да гледаат сè позначаен партнер. Тие правилно разбраа дека, помагајќи и на Македонија, си помагаат себеси. А има и зошто. Македонија има јасна, доследна и координирана политика во однос на мигрантската криза. Австрија, Полска, Словачка, Словенија, Србија, Унгарија, Хрватска и Чешка дури пратија и свои полициски сили за да помогнат во справувањето со оваа криза. Ним сме им многу благодарни.

Поради сево ова, како Претседател на Република Македонија и како Врховен командант чест ми со Ордени за воени заслуги да се заблагодарам на Одделот за гранични работи и миграции и на Единицата за обука и поддршка при Министерството за внатрешни работи. Овие Ордени се симболична благодарност од македонските граѓани до нивните бранители кои деноноќно ги чуваат нивните животи, имоти и лична сигурност.

Почитувани припадници на полицијата,

Чувајќи ја границата и чувајќи ја Европа, вие го чувате и меѓународниот углед на Република Македонија. Но, најважно од се, вие заедно со Армијата, го чувате угледот на државата во очите на сопствените граѓани. Ја чувате довербата на македонските граѓани во способноста и капацитетот на институциите да ја заштитат нивната безбедност. А довербата е поважна од се. Бидејќи, довербата во државата ни дава можност да ја планираме иднината на нашите деца, на нашите семејства.

До сега добро се држевте. Но, не смеете да се опуштите. Заканата од илегална миграција е се уште присутна. На повидок е втор, помасовен мигрантски бран од Африка. Се уште постои сериозна закана од насилно отворање на Балканскиот мигрантски коридор. Многубројните терористички напади ги поларизираа европските општества. Шверцерите со човечки судбини не мируваат, туку смислуваат нови начини и бараат нови, алтернативни мигрантски рути за да заработат од трговијата со луѓе.

Затоа, овие ордени за воени заслуги не се само израз на нашата искрена и длабока благодарност, туку и на нашето очекување да продолжите да ги чувате македонските граници уште побудно и поревносно.

Додека ја извршувате оваа одговорна задача, сетете се на следново. Во годината кога навршуваме четврт век од независноста, историјата не става пред голема проверка. Од вашата будност и готовност, од вашата спремност и професионализам зависи колку успешно ќе одговориме на овој тест на историјата. Од вас зависи како идните генерации ќе гледаат на нашата генерација, на вас, чуварите на границите на Македонија.

Ви благодарам.

mvr19082016

rotatorARM
Одбележување на 18 Август – Денот на Армијата на Република Македонија
Четврток, 18 Август 2016


arm1Почитувани припадници на Армијата на Република Македонија,
Почитувани присутни,
Драги сограѓани,

Ми претставува особена чест да ве поздравам и да ви го честитам 18 Август – Денот на Армијата на Република Македонија. Денешниов празник има двојна важност бидејќи го празнуваме во предвечерјето на прославата на четврт век од независноста на нашата татковина.

Но, денес нема да зборувам за почетоците на Армијата во мугрите на независна и суверена Република Македонија. Нема да зборувам ниту за големиот реформски напредок на евроатлантскиот пат. Ниту, пак, за бројните ротации во успешните мировни мисии и за илјадниците признанија и медали од партнерските држави и армии. Нема да зборувам бидејќи севкупното стекнато знаење и искуство беше ставено на тест во текот на изминатата година. А тој голем тест, Армијата на Република Македонија го положи беспрекорно.

Ценети присутни,

Денес, во Европа, храброста е скапа и ретка работа. Македонија покажа дека има храброст да се соочи со заканите. Додека НАТО и ЕУ тешко се справуваа со мигрантската криза и со обезбедување на границите, Република Македонија покажа дека има капацитет да ја менаџира заканата.

Клучна улога во овој потфат имаше и сè уште има Армијата на Република Македонија. Не само што го зачувува суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на државата, туку и ја зацврсти националната безбедност и сигурност на македонските граѓани.

Сè уште ми се свежи сеќавањата на минатогодишното чествување на Денот на Армијата. И добро се сеќавам дека само два дена подоцна донесов одлука за распоредување на Армијата на нашата јужна граница.

Затоа, како претседател на Република Македонија и како врховен командант на вооружените сили донесов одлука за одликување на два баталјона ‒ Баталјонот на воената полиција и Инженерискиот баталјон при Армијата на Република Македонија. Ордените за воени заслуги што ги доделив се израз на симболична благодарност од македонските граѓани до чуварите на нивната безбедност и сигурност. Денес мора да се истакнат предизвиците со кои се соочуваа за време на мигрантската криза.

Како врховен командант горд сум на Инженерискиот баталјон на Армијата, кој за само два дена подигна заштитна ограда во должина од 20 километри. Ќе повторам – 20 километри за само два дена.

Ако овој потфат е израз на храброст, тогаш морам да истакнам дека 20-километарскиот изграден пат за потребите на македонските граѓани и двата моста за граѓаните на Порој се причина повеќе да го вброиме Инженерискиот баталјон меѓу најзаслужните во нашата армија.

По својата заслуга нималку не отстапува ниту Баталјонот на воената полиција. Во изминатава година, припадниците на овој баталјон распоредени на нашата јужна граница во многу прилики ги изложија своите животи на ризик, извршувајќи ја својата уставна задача.

Одликувајќи ја оваа единица не смее да се заборават ниту ескортирањето на конвои и извршувањето на крајно сложени и опасни задачи во обезбедувањето на личности од посебно значење, како во Македонија, така и надвор од неа.

Во изминатите исклучително тешки 12 месеци исполнети со бројни закани и ризици, Армијата успешно спречи над 19.000 илегални преминувања. Армијата, заедно со полицијата, успешно ги спречи обидите на илјадници мигранти насилно да ја урнат заштитната ограда и да ја преплават територијата на нашата држава. Со тоа, Армијата и полицијата го чуваат и Балканскиот мигрантски коридор, а со тоа и самата Европа.

За време на мигрантската криза, 2500-те ангажирани припадници на Армијата постигнаа нешто што поголеми и подобро опремени армии не успеале да го направат. И единствениот ваш мотив беше желбата да се заштити татковината.

Но, мигрантската криза не беше единствената проверка за нашата Армија. Успешно оддолеавме на првиот мигрантски бран, но, за жал, не и на бранот на природната стихија.

arm2Почитувани присутни,

Пред само 10 дена, Република Македонија осамна во жалост. Во поплавата од огромни размери што зафати неколку скопски населби животите ги загубија 22-ца наши сограѓани и тоа од најранливите категории. Меѓу жртвите имаше најмногу жени и деца. Покрај непроценливата загуба на човечките животи, стотици семејства во Стајковци, Синѓелиќ, Ченто, Арачиново и во другите населени места во близина на скопската обиколница претрпеа и големи материјални загуби.

Ден по поплавите истакнав дека ова е време за хуманост и солидарност, време кога мора да ги оставиме на страна дневнополитичките расправии. Ме охрабрува тоа што секојдневно гледаме дека граѓаните и институциите се солидаризираа со луѓето од погодените области. Со донации, опрема, но и со работна сила. И нашите соседи од регионот, нашите пријатели и партнери во Европа покажаа солидарност во акција. Благодарни сме за сета помош што ни ја дадоа во овие тешки денови.

Но, една институција повторно се истакна по својата подготвеност и пожртвуваност, а тоа е Армијата на Република Македонија. Таа истовремено ја чува границата од напливот на илегалната миграција и им помага на сопствените граѓани зафатени во поплавените подрачја.

За посебна почит е да се истакне и следното. Додека траеја поплавите, единиците на Армијата веќе беа распоредени во најзагрозените подрачја на Скопско. За оваа задача, Армијата ангажираше над 2600 свои припадници и над 200 моторни возила. Без навремениот и пожртвуван ангажман на Армијата и жртвите ќе беа побројни и загубите ќе беа поголеми.

Сите знаеме дека ова не е прв пат. Во август минатата година беа поплавени подрачја во Тетово. Неколку месеци претходно, во февруари страдаше Пелагонија. И секаде Армијата помагаше во справувањето со природните непогоди и во санацијата на погодените подрачја. Секогаш и секаде Армијата е подготвена да им помогне на своите граѓани. Бидејќи таа е нивниот чувар.

Истакнувајќи ги овие заслуги, не можам, а да не посочам на еден парадокс што се случува во континуитет. Имено, колку повеќе се зголемуваат предизвиците, колку повеќе Армијата се ангажира, толку повеќе, од година во година, се намалува нејзиниот буџет. Притоа се очекува, со веќе намалениот буџет, Армијата de facto да ги извршува задачите на другите институции, вклучително и во справувањето со последиците од природните и од човекот предизвикани катастрофи.

Во оваа пригода ќе го повторам она што го потенцирам неколку години наназад. Многу е важно да се води сметка за буџетот на Армијата и за животниот стандард на припадниците на Армијата. Бидејќи Армијата ја штити и границата, и сувереноста, и безбедноста и унитарноста на Република Македонија.

Сè уште ги очекуваме ефектите од процесот на модернизација на Армијата. Затоа, барам на Армијата да ѝ се даде она што ѝ припаѓа, и она што ѝ е неопходно за да продолжи да биде штит на нашата независност и сувереност, и столб на нашата безбедност и стабилност.

Ценети присутни,

Се создаде навика при речиси секоја елементарна непогода прво да се ангажира Армијата. Тоа е, секако, израз на доверба дека Армијата успешно ќе ја изврши дадената задача. Како врховен командант можам со гордост да кажам дека Армијата секогаш ја оправдала оваа доверба. Но, што зборува оваа практика за подготвеноста на другите надлежни институции? Постојаниот ангажман на Армијата при елементарните непогоди не е трајно решение. Употребата на Армијата за справување со елементарните непогоди треба да биде исклучок, а не правило. Но, по сè изгледа дека се дозволи исклучокот да стане правило.

Затоа, денес, сакам да упатам повик до надлежните институции од системот за управување со кризи и од системот за заштита и спасување да постапуваат во согласност со своите законски надлежности. Не може да се дозволи целиот товар во справувањето со елементарните непогоди да паѓа врз Армијата и полицијата, кога во исто време имаат распоредени сили за заштита на државната граница. Неодговорно е да се трошат ресурсите на Армијата за да се штедат сопствените ресурси.

Катастрофалните поплави се отрезнувачка опомена. Опомена дека не е доволно само да ги санираме катастрофалните последици. Неопходно е да изградиме култура на отпорност кон ризиците од катастрофи.

По оваа катастрофа во Скопје, ништо не смее да биде како порано. Не смееме да чекаме катастрофата да се случи за да дејствуваме реактивно. Мора да дејствуваме превентивно. Не можеме да си го дозволиме луксузот на пасивност. Неопходна е зголемена институционална соработка меѓу институциите на централно и локално ниво. Неопходна е кохезија меѓу државата, науката и цивилното општество кога се во прашање државните интереси. Мора да се внимава што, каде и како се гради. Неопходно е конечно да се затвори кругот на одговорноста. Бидејќи само така ќе изградиме побезбедна иднина за нашите деца. А таа иднина е сè понеизвесна.

Истовремено, покрај природните, ги чувствуваме и последиците од човечките катастрофи од регионалните конфликти и пропаднатите држави на Блискиот Исток и во Северна Африка. Според информациите со кои располагаме, можен е и втор помасовен мигрантски бран. Тоа значи дека сè уште постои закана за насилно отворање на Балканскиот мигрантски коридор.

Мигрантската криза и финансиската и кредитна криза ги разнишаа темелите на двата столба на Европската Унија – Шенген-зоната и Еврозоната. Сè позачестените терористички напади ја продлабочија безбедносната криза. Вандализмот и насилните акти од екстремни движења ги поларизираат европските општества. Со други зборови, живееме во време на нов светски непоредок.

Во вакви услови, повеќе од неопходно е земјите од регионот меѓусебно да се поддржуваат, наместо меѓусебно да се блокираат. Сепак, во вакви сложени геополитички услови и понатаму сме сведоци на неодговорно блокирање на членството на Македонија во НАТО.

Но, ние не се обесхрабруваме. Не само што ќе ги продолжиме нашите евроатлантски интеграции, туку ќе продолжиме и со мировните мисии. Мисии што ни овозможија да ја потврдиме оперативната способност и интероперабилност на Армијата. Ќе продолжиме да учествуваме во мисијата „Одлучна поддршка" преку која го даваме нашиот конкретен придонес за изградба на безбедносниот систем на Авганистан, и создавање услови за побезбедна иднина на авганистанските граѓани. Но, нема да запреме тука. Армијата има капацитет и обученост за учество и во мировните мисии предводени од Обединетите нации.

Почитувани припадници на Армијата на Република Македонија,

Армијата многупати ја оправда довербата и на партнерите, но, уште поважно, на сопствените граѓани. Затоа, денес им го честитам овој празник на сите. На оние кои илјадници километри од тука го веат знамето на татковината. На сите оние кои ја штитат нашата граница. На сите оние кои им помагаат на граѓаните во поплавените подрачја.

Им честитам на сите припадници на Армијата на Република Македонија, на сите новопоставени старешини, војници и цивилни лица на служба во Армијата. Но, им честитам и на семејствата на припадниците за нивната поткрепа и охрабрување.

Ви честитам и ви благодарам за вашиот професионализам и за дисциплината во извршувањето на одговорната задача, но, пред сè, за вашата солидарност кон граѓаните и лојалност кон татковината.

Нека ни е честит празникот на Армијата, 18 Август!
Да живее Армијата на Република Македонија!
Да живее Република Македонија!

arm3

1
Обраќање на Свечената академија по повод 1100 години од упокојувањето на св. Климент Охридски
Вторник, 09 Август 2016

Почитувани претседатели на академиите на науките и уметностите,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Вечерва ви се обраќам со поделени чувства. Од една страна, како претседател на Република Македонија, моите мисли се со моите сограѓани во поплавените подрачја на Скопје. Со семејствата кои ги загубија своите најблиски, со луѓето кои ги изгубија своите домови. Сочувствувам со семејствата на загинатите, посакувам брзо закрепнување на повредените, и обновување на животот во погодените области.

Од друга страна, должност и чест ми е да ви посакам добредојде во нашата културна и духовна престолнина – Охрид. Град низ кој со векови минувал цивилизацискиот коридор Via Egnatia што ги поврзувал Истокот и Западот. И токму тука, во овој град, пред повеќе од 11 века, на половина пат меѓу стариот и новиот Рим се раѓала и новата словенска европска цивилизација.

Вечерва сме собрани за да му оддадеме достојна почит и внимание на човекот кој имал важна улога во тој историски потфат. Да се потсетиме на најискусниот и најпросветениот ученик на свети Кирил и Методиј, а тоа е нашиот голем народен светител и просветител – Свети Климент Охридски.

Дами и господа,

Кога Климент дошол во оваа област, тој го нашол народот непросветен и духовно незрел. Областа била запуштена и сиромашна. Охрид бил само бледа сенка на древниот и славен Лихнид. Соочен со таквата просветна, духовна, но и материјална беда, Климент „не им давал сон на очите свои, ниту дремка на веѓите свои, а грижата за народот му била храна и задоволство. Тој секогаш поучувал и секогаш распоредувал, поправајќи го незнаењето и доведувајќи го во ред безредието, станувајќи се за сите, според потребата на секого". Овие зборови имаат многу голема тежина. И не само затоа што доаѓаат од перото на охридскиот архиепископ Теофилакт кој бил еден од најучените луѓе на своето време и учител на цареви, туку и поради суштината на неговото тврдење дека Климент за Словените бил она што апостолот Павле бил за првите христијани.

Климент бил првиот оригинален словенски писател, поет и беседник. И токму тука, во Охрид ги пишувал своите слова, поуки и житија. Иако се пишувани на јазик кој штотуку ја добил својата прва азбука ‒ глаголицата, словата на св. Климент ни најмалку не заостануваат од најдобрите примери на старата византиска литература.

Преку Охридската книжевна школа Климент придонел за просветно, духовно и морално издигнување на словенските народи. Климентовите 3500 ученици станале учители на Словенството. Некои од најстарите словенски ракописи се напишани, тука, на бреговите на ова бело езеро, под падините на овој рид, од раката на неговите ученици.

Како проповедник и педагог, Климент кај народот ја утврдил верата и ги развил навиките на срцето. Ги охрабрувал луѓето да се воздржуваат од секаква злоба, гнев, клевета и користољубие и, наместо тоа, да се престигнуваат во добрина, милосрдие и гостопримство.
Солидарноста и хуманоста што деновиве македонските граѓани ја покажуваат кон настраданите од катастрофалните поплави во Скопје се дел од наследството што ни го остави свети Климент. Ме охрабрува тоа што оваа благородна традиција се јавува во клучните моменти, тогаш коа ни е најнеопходна.

2Дами и господа,

Додека ги читав Климентовите слова и поуки, постојано ми се навраќаа три прашања.

Што би рекол св. Климент за нашата генерација, за нашите општества, за нашиот свет?
Во која мера успеавме да го зачуваме неговото богато јазично, просветно, духовно и морално наследство?
И, најважно од сè, дали успеавме неговото наследство да им го пренесеме на младите, како што тој им го пренесувал?

Верувам дека св. Климент би се зачудил што во изминатиов век и половина се водеа жестоки академски и политички борби за негово присвојување и врамување во концептите од 19 и 20 век. Би се зачудил бидејќи тој живееше во свет и век без национални држави и без национални идеологии и идентитети, во свет на империи.

Св. Климент би нè упатил да прочитаме едно од неговите слова во кое се повикува на посланието до Галатјаните во кое апостолот Павле категорично тврди дека верата во Бога ги надминува идентитетските разлики. И дека независно од нашата етничка, јазична, културна, политичка, социјална или родова припадност, сите ние сме повикани да го запазиме златното правило: да постапуваме со другите онака како што сакаме и другите да постапуваат со нас. Особено во време на неволји и потреби, какви што сега имаме во Македонија.

Св. Климент би нè потсетил дека учествувал во мисијата на светите Кирил и Методиј во Моравија; дека бил ракоположен за свештеник во Рим; дека бил учител на словенските народи, но и дека бил почитуван и од византиските црковни великодостојници. И како што неговите физички мошти ги поврзуваат Македонија, Бугарија, Грција и Италија, така и неговото духовно и просветно дело ги поврзува сите словенски народи.

Ценети претседатели на академиите,

Вашето учество на оваа свеченост е израз на свеста дека сите ние кои сме дел од Словенството како јазична заедница сме рамноправни Климентови наследници. И како наследници имаме споделени права, но и должности. Должности да се грижиме за она што ни е оставено, меѓусебно да го споделуваме и да го пренесуваме на идните поколенија. Нешто за што очигледно дека не се трудиме доволно.

Живееме во време на длабоки кризи. Европа се соочува со неразрешената финансиска и кредитна криза, со актуелната мигрантска криза и сè посериозната безбедносна криза.

Но, сите овие кризи произлегуваат од длабоката морална криза во која се наоѓа целото човештво, вклучително и нашите општества. Општества во кои го прегрнавме напредокот, но притоа некритички ја отфрливме традицијата. Се обидовме да ја градиме и да ја развиваме нашата современа цивилизација, сведувајќи ја етиката на ниво на личен избор. Слободите и правата ги одвоивме од должностите и одговорностите. Свети Климент го фалиме, без да го послушаме. Се повикуваме на него, без да видиме на што нè повикува тој нас. Последиците од ова скршнување ги чувствуваме сите ние, а особено нашите млади.

Ценети присутни,

За неполни две години првите деца родени во вториот милениум ќе станат полнолетни. Ќе имаат право на глас во нашите држави. Ќе можат да избираат и да бидат избирани. Тие ќе ја креираат иднината. Но, кои се вредностите според кои тие живеат? Што е она што нив ги дефинира?

Милениумците израснаа во време на консумеризам, морален релативизам и екстремен индивидуализам. Во свет полн со луѓе кои се полни со самите себе, каде што успехот по секоја цена е сè, а карактерот е сведен на прашање на личен избор. Во ера на современи технологии што ни овозможија напредок, но истовремено ни го одзедоа слободното време, а со тоа и можноста за длабоко размислување и промислување.

Климент сигурно би го пофалил нивното одбивање слепо да им веруваат на авторитетите. Тоа е прв услов за критичко размислување. Но, ако слоганот на 60-те години на минатиот век беше: „не верувај му на никој што е постар од 30 години", тогаш мотото на оваа милениумска генерација е: „не верувај му на никој што е постар од тебе самиот". Дали тогаш пораката на Климент до младите би била да не му веруваат премногу на никој или на ништо помладо од 300 години? Со други зборови, да се потпрат на идеи, концепти и модели што го издржале тестот на времето.

Веројатно восхитен од нивната самодоверба, храброст и подготвеност да бидат социјално активни за бројни прашања, Климент Охридски би ги советувал да го канализираат уникатниот потенцијал на нивната генерација за достигнување на трајните вредности, наместо минливите виртуелни илузии.

Драги пријатели,

Ако сите кризи со кои се соочуваат нашите општества произлегуваат од моралната криза, тогаш, неопходно е да се занимаваме со причините, а не само со последиците на духот на времето. Залудно ќе ги третираме симптомите, ако не ги отстраниме причините за болеста на човештвото. А тоа важи и за неодамнешните поплави во Скопје. Не е доволно да ги санираме катастрофалните последици, ако не успееме да изградиме одржлива култура на отпорност кон ризиците од катастрофи.

И тука ќе се соочиме со парадокс. Најдобриот начин за да одиме напред е да се вратиме назад кон суштинските пораки на Климент Охридски. Верувам дека една од неговите пораки е скриена во неговото име – Климент односно Clementia, што значи милост. Милост што ни е укажана како луѓе и милост што треба да им ја укажеме на другите луѓе, на нашите ближни, нашите соседи, па дури и на нашите непријатели.
А тоа ќе го направиме ако се вратиме на неговиот повик. А тоа е повик да си помагаме еден на друг... да стекнеме братољубие, љубов кон бедните, гостопримство, кроткост, воздржување, и во сè што правиме да се престигнуваме во добрина. А во време на неволји и предизвици со кои се соочуваме по катастрофалните поплави, почитувањето на Климентовиот повик ни е повеќе од неопходно.

Само така ќе ги обновиме навиките на срцето што ни се неопходни за да можеме сите заедно да бидеме достојни наследници на нашиот голем учител Климент Охридски.

Ви благодарам.
3

pelince_rotator1
Обраќање на претседателот Иванов по повод 2 Август – Илинден 2016 година
Вторник, 02 Август 2016


ilinden1Почитувани граѓани на Република Македонија,
Почитувани потомци на нашите знајни и незнајни херои кои своите животи ги положија за татковината Македонија,

Денес, на ден Илинден, во годината кога одбележуваме четврт век независност, ви го честитам најголемиот македонски празник. Овој четврт век независност се надоврзува на повеќе од седум децении од АСНОМ и повеќе од еден век од Илинден 1903-та, но и на многувековниот стремеж и борбата за слободна Македонија.

Во овој четврт век се вткаени сите соништа и надежи за слобода, сите херојски подвизи и борби за државност, сите стремежи и потфати за независност и сувереност.

Но, исто така, во овој четврт век се вткаени и сите предизвици и закани, сите поделби и сета нетрпеливост со која се соочувавме од мугрите на македонската борба за слобода.

Драги сограѓани,

По многувековно ропство, на ден Илинден 1903-та, во херојско Крушево, нашите херои го кренаа бајракот на слободата и правдата. Илинденското востание нè стави меѓу народите достојни за слобода. Но, востанието траеше кратко. Битката беше изгубена, но борбата за слобода не престана.

И веднаш по востанието, низ Македонија се чу гласот на пропагандите што нè обесхрабруваше:
Премногу сте мали. Премногу сте слаби. Не можете сами.

Пропагандите го посеаја семето на поделбите и братоубиството. Започна да се придвижува спиралата на одмаздата и реваншизмот.

Балканските војни и Првата светска војна нè затекнаа разединети, раскарани и закрвени. Затоа, како народ бевме поделени.

Ги искусивме најтегобните години од нашата историја. Години исполнети со присилни мобилизации и реквизиции, репресии и прогони, асимилации и денационализации. Бевме втурнати во беда и во сиромаштија. Бевме ограбени речиси од сè, освен од споменот за Илинден. А тој спомен го негувавме од година во година.

Во 1903-та, веднаш по задушувањето на востанието, Востаничкиот штаб истакна дека „ќе го развиеме револуционерното знаме свиткано оваа есен, за да блесне одново во поблагопријатно време. А тоа време е близу".

20 години подоцна, Димо Хаџи Димов одново потсети дека по крвавиот прв Илинден, Македонија ќе доживее втор Илинден.

Во 1941-та, Покраинскиот комитет, на чело со Методи Шаторов-Шарло, ги повика сите чеда на Македонија храбро да го чествуваат денот на Илинденското востание.

Ченто беше еден од организаторите на нелегалните илинденски демонстрации во Прилеп.

Кузман Јосифовски-Питу, пак, порача дека „споменот на Илинден треба повеќе од секојпат да светли пред очите на целиот македонски народ, пред лицето на сите чесни и слободољубиви Македонци, сите што ја сакаат својата земја, да дадат сè од себе за остварување на еден нов, последен и победоносен Илинден..."

ilinden3Од година во година, старите борци и младите револуционери го одржуваа сеќавањето за Илинден. Го одржуваа бидејќи ја познаваа сплотувачката моќ на идејата за слобода. И, бидејќи знаеја дека, за разлика од претходно, ја научивме лекцијата. Втората светска војна ја дочекавме подготвени и во борба влеговме сплотени.

Во прогласот до народот на Македонија од јуни 1943-та, подготвен од Кузман Јосифовски-Питу, се вели: „И покрај сите тешкотии, нашиот народ е сè поединствен и поодлучен во борбата против фашистичките окупатори. Создадени се сите предуслови за полно единство на целиот наш народ околу народноослободителниот фронт... Нашиот народ никогаш немал таков погоден момент како што има денеска, за остварување на својот вековен идеал – слободна Македонија! ".

Тој вековен идеал беше остварен на вториот Илинден.

На првото заседание на АСНОМ беа удрени темелите на првата слободна македонска држава. Држава во која се гарантира слободата и рамноправноста на сите нејзини граѓани, независно од верската, етничката или политичката припадност. Држава во која на секој граѓанин му се гарантира правото на лична сигурност, сопственост и имот. На секој граѓанин му се гарантира слободата на совеста и говорот. Демократска држава во која секој има право да избира и да биде избран.

Од првиот до вториот Илинден, од Крушево 1903-та до АСНОМ 1944-та, како народ ние научивме една скапоцена лекција. А тоа е дека секогаш кога сме поделени, ние сме и поробени. Секогаш кога сме сплотени, ние сме слободни.

Но, таа слобода не успеавме да ја одржиме во нејзината целост. И како што туѓите пропаганди го посеаја семето на поделбите, така црвот на сомнежот почна да го разјадува ткивото на Македонија. По втор пат во нашата историја се чу гласот на пропагандите:

Премногу сте мали. Премногу сте слаби. Не можете сами.

Ченто, Брашнаров, Чучков, Шатев, Полежиновски, Влахов и многу други знајни и незнајни патриоти не подлегнаа на искушението и одбија да го послушаат тој глас. Тие цврсто веруваа дека можеме да бидеме свои на своето. И тоа им се зеде за грев.

Ниту мастилото со кое се потпишаа државотворните одлуки од АСНОМ не се беше исушило, а оние кои веруваа во државотворниот капацитет на македонскиот народ беа тргнати настрана. Оние кои имаа храброст да се спротивстават на едноумието на Комунистичката партија паднаа во немилост. Со тоа одново започна да се придвижува спиралата на одмаздата и реваншизмот.

И така, имавме држава, но без независност. Стекнавме сувереност, но истата ја пренесовме на федерацијата. Бевме спречени да бидеме господари на сопствената судбина. Станавме дел од сложена заедница која внимателно маневрираше во идеолошки поделениот свет. Бевме лишени од многу нешта, но не и од споменот за Илинден.

Половина век подоцна, Железната завеса почна да попушта. Берлинскиот ѕид се сруши. Блоковската поделба заврши. Но, со крајот на Студената војна настапи пролетта на идентитетите и на неостварените идеали за слобода, независност и самостојност. Идеали за самоостварување.

И тогаш, во тие клучни моменти, како и половина век претходно, ние, граѓаните на оваа земја се сетивме на заветите од Илинден и АСНОМ. По третпат во историјата се сплотивме за да бидеме свои на своето.

ilinden4На почетокот, ретко кој не сфаќаше сериозно. Ретко кој веруваше дека ќе имаме храброст да прогласиме независност. И по третпат во нашата историја се чу ехото од пропагандите што нè обесхрабруваа:

Премногу сте мали. Премногу сте слаби. Не можете сами.

Но, ние веќе бевме помудри за два Илиндена, и за две изгубени можности. И немаше да дозволиме да ја повториме грешката.

Од вториот до третиот Илинден, од АСНОМ 1944-та, до 8 септември 1991-та, како народ ние ја научивме втората лекција. А тоа е дека кога се сомневаме во себе ‒ губиме, а кога веруваме во себе ‒ победуваме.

Верувавме и победивме. Гласавме за конституирање на Република Македонија како суверена и самостојна и како граѓанска и демократска држава.

Пред 25 години излеговме од урнатините на една поранешна заедничка држава за да станеме дел од меѓународниот поредок на држави изграден по Втората светска војна. Го напуштивме јатото на неврзаните земји и народи од третиот свет за да го пронајдеме нашето место во првиот, развиен и демократски свет. Но, додека ги правевме првите чекори како независна и суверена држава, не ни сонувавме дека влегуваме во поредок чии темели се напукнати и чии потпорни столбови се разнишани.

Почитувани сограѓани,

Како и пред повеќе од седум децении, така и денес, светот повторно се наоѓа во период на голема трансформација. Расцепот меѓу фактичката и медиумската реалност од ден во ден се продлабочува. Центрифугалните сили на глобализацијата го рушат поредокот создаден по Втората светска војна. Ова е време на длабоки кризи и крвави конфликти, на пропаднати држави и разорени општества. Време на милиони бегалци и мигранти кои се во потрага по среќа. Ова е доба на радикални идеологии кои метастазираат и зафаќаат млади, отфрлени и незадоволни поединци од европските гета.

На европскиот хоризонт се надзира нова реалност. Европската Унија ги избриша внатрешните без да ги утврди и заштити надворешните граници. Првиот мигрантски бран ги еродираше европските институции, механизми и политики. Јазот меѓу заедничките цели на Европската Унија и посебните интереси на државите членки е сè поголем. Со Брегзит, наместо да се обединува и проширува, Унијата полека почна да се фрагментира и намалува.

Во вакви услови, многу нешта не зависат од нас. Геополитичките игри, економските кризи, големите миграциски бранови, тековите на геопрофитот, транснационалните ризици и закани од организиран криминал и тероризам, се само дел од глобалните процеси што влијаат и врз нас.

Но, има нешта кои зависат од самите нас. Секоја држава е онолку суверена колку што ја контролира својата територија. Сфативме дека ако прво сами себеси не си помогнеме, никој друг нема да ни помогне. Затоа, наместо реактивни, решивме да бидеме проактивни. Многумина не очекуваа територијално мала држава како Македонија да биде толку отпорна и цврста пред заканите од илегалната миграција. Сепак, успешно се соочивме со првиот миграциски бран. Покажавме дека имаме армија и полиција што можат да ја чуваат границата.

ilinden7Излегуваме на крај и со безбедносните закани од насилен екстремизам и тероризам. Спречивме масакри и крвопролевања какви што гледаме насекаде во светот. Затоа, повторно сакам да изразам голема благодарност на нашите безбедносни сили и служби за нивниот професионализам и посветеност. Тие деноноќно ја чуваат нашата безбедност и безбедноста на нашите деца.

Но, бурата само што започна. Регионалните кризи и конфликти на Блискиот Исток и во Северна Африка ги зголемија ризиците за загрозување на безбедноста на Република Македонија. Сè уште постои висок ризик од заканата од странски терористички борци. Вториот мигрантски бран е на повидок.

Речиси секојдневните терористички напади во Европа и во светот се новата реалност. Како држава, ние мора да се навикнеме да живееме и да функционираме во таква реалност. Во вакви сложени услови, повеќе од кога било порано сите ние мора да бидеме сплотени и единствени. Но, дали сме?

Се вели дека најдобар начин да се разбере карактерот на една нација е да се знае која е нејзината најголема вредност. Што е тоа што таа нација најмногу сака? Дали е тоа слободата, или правдата, или честа, или богатството? Дали се тоа материјалните или духовните вредности? Дали е тоа минатото, сегашноста или иднината? Во овие изминати 25 години се покажа дека ние како нација најмногу го сакаме она што го немаме. И затоа го запоставуваме она што го имаме, а тоа е државата.

Во време кога во светот немавме многу пријатели и сојузници, требаше сами да си бидеме најверните пријатели и најлојалните сојузници. Но, духот на реваншизмот не мируваше. Многу бргу се отворија старите рани и се фрли сенка врз независноста.

Драги сограѓани,

Новите комуникациски технологии ни овозможија да бидеме првата генерација Македонци која може да пребива во она што Блаже Конески го нарече нашата единствена комплетна татковина. А тоа е македонскиот јазик. За првпат во историјата во реално време можеме да комуницираме со сите наши сонародници во светот на нашиот македонски јазик. Но, со какви зборови ја исполнивме таа наша татковина? Цинизмот е сеприсутен. Наместо да се издигнуваме, ние со зборовите се понижуваме. Станавме политички поларизирано општество, запоставувајќи ја политичката култура. Станавме заложници на омразата кон другиот.

Иако 25 години сме независни, изгледаме како зависници од туѓи интереси и планови.

Затоа, прашањето не е како Македонија успеа да биде независна. За таа независност се бореле и се избориле нашите предци. Вистинското прашање е: како Македонија успеа да остане независна во услови на длабоки политички и идеолошки поделби. Во услови кога противникот го омаловажуваме, деградираме, дехуманизираме, наместо, да го почитуваме неговото право на различно мислење и истото да го побиеме со аргументи. Едно семејство не може да функционира без дијалог, почитување, компромис и единство. А како што Македонија е нашиот заеднички дом, така и ние, независно од етничките, верските и политичките разлики сме едно семејство.

ilinden6Почитувани сограѓани,

Како што во 1941-та се сплотивме за да се избориме за слобода и државност, како што во 1991-та се сплотивме за да прогласиме независност и сувереност, така и денес, треба да се сплотиме за да ја зачуваме слободата и државноста, независноста и сувереноста на Република Македонија. Денес, повеќе од кога и да е порано, потребен ни е процес на национално помирување!

Но, како ќе се помириме? Има само еден начин. А тоа е со жртва.
Борците во 1941-та беа подготвени да ги жртвуваат своите животи за слободата и за државноста на Македонија.

Македонските граѓани во 1991-та беа подготвени да го жртвуваат сигурниот, но зависен живот во федерација за да ја искусат слободата и независноста во неизвесниот меѓународен поредок.

Така, и денес, кога одбележуваме четврт век независност, мора да дадеме жртва за да се помириме, да се сплотиме и да опстанеме во овој анархичен свет.

Но, која е жртвата на оваа наша генерација?

Драги сограѓани,

25 години сме слободни и независни. Имаме избори на кои граѓаните ги избираат своите претставници во институциите на државата. Имаме институции кои носат и спроведуваат закони. Но, тоа не е доволно. За нас важи една стара мудрост што вели дека духот на слободата не живее само во законите и во институциите. Слободата, пред сè, треба да пребива во срцата на луѓето.

И ниту еден закон, и ниту една институција или политика не може да ја одржи слободата на Македонија, ако таа слобода прво не пребива во срцата на македонските граѓани. И сè додека слободата пребива во нас, ние ќе бидеме слободни граѓани во слободна држава.

Но, слободата не може да опстане без поредок. И тука не се мисли само на уставниот и правен поредок, туку на нешто многу подлабоко и посуштинско. Историјата покажала дека единствениот поредок што е соодветен на слободата е воздржаноста.

Но, токму воздржаноста е најранлива тогаш кога имаме слобода. Зошто? Бидејќи, кога сме слободни мислиме дека сè ни е дозволено и дека можеме да правиме сè што ќе посакаме. Дека имаме права без одговорности.

Но, каква е таа жртва на која ве повикувам? За каква воздржаност ви зборувам?

По долго време и исцрпувачки преговори, постигнат е договор за надминување на политичката криза. Со помош на меѓународните посредници, лидерите на политичките партии се договорија за предвремени парламентарни избори. Го поздравувам овој договор што македонските граѓани го дочекаа со оддишка.

Но, сега доаѓа потешкиот дел. А тоа е да се исполни договореното и да се одржи дадениот збор. Токму сега е време за воздржаност и за одговорност, од што зависи не само разврската на кризата, туку и иднината на Македонија.

Ги повикувам политичките партии да се воздржат од непризнавање на волјата на граѓаните тогаш кога ќе изгубат избори, но и од игнорирање на неистомислениците тогаш кога ќе добијат на избори.

Медиумите да се воздржуваат од ширење паника, страв и штетен сензационализам. Новинарите мора да бидат чувари на вистината и да бидат совест на општеството.

Цивилното општество и интелектуалците да се воздржат од отровен цинизам, од демонизирање на оние со кои не се согласуваат.

Ги повикувам нашите европски и евроатлантски партнери да не ги користат последиците од блокадите како причина за нови блокади. Како што блокираната европска и евроатлантска иднина придонесе да се блокираат политичките процеси во Македонија, така деблокадата на интеграциите ќе ја врати стабилноста. Само со заземање на заслуженото место во НАТО и почетокот на преговорите за членство во Европската Унија, македонските политички елити ќе ја научат културата на дијалог и компромис.

Почитувани учесници во политичките процеси,

Како што за иднина ни треба единство, така за единство ни е потребно помирување. А до помирување можеме да дојдеме само со жртва.

Денес, на ден Илинден, во името на нашите херои од минатото, но и нашите деца, кои се херои на иднината, ве повикувам да ги жртвуваме личните заради општите интереси, теснопартиските заради државните интереси. Да изградиме култура на дијалог и компромис, но и чувство за единство околу државните интереси. Ве повикувам дијалогот да го водиме во демократските институции, а не во странските амбасади. Поддршката да ја бараме од граѓаните, а не од меѓународните фактори.

Само така ќе ставиме крај на спиралата на поделби.

Само така ќе покажеме дека сме ја научиле третата лекција од овој четврт век независност, од 1991-та до денес. А таа лекција гласи: Кога го сакаме она што го немаме, ќе го изгубиме и она што го имаме, а кога го сакаме она што го имаме, ќе го добиеме и она што го немаме.

Ве повикувам, да ја почитуваме и да ја сакаме Република Македонија бидејќи само во неа имаме слобода.

Да ја чуваме Република Македонија бидејќи само во неа имаме безбедност.

Да се грижиме за Република Македонија бидејќи таа е најсигурен влог во иднината на нашите деца. А сето тоа ќе го постигнеме само ако се помириме и сплотиме.

ilinden2Почитувани Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Бошњаци, Роми,
Почитувани христијани, муслимани, Евреи, атеисти,
Почитувани сограѓани,

Годинава, како никогаш досега, имаме причини за да ги надминеме поделбите и непријателствата. Една од тие причини е јубилејот од независноста. Јубилеј што нè потсетува на минатото и истовремено ни создава обврски за иднината. За наредните 25 години.

Но, има и други причини.

Македонија на светот отсекогаш му подарувала личности кои со својата мисла и мисија ги премостувале разликите и ги поврзувале луѓето и народите.

Еден од нив е нашиот голем народен учител, светител и просветител, Климент Охридски. Годинава одбележуваме 11 века од неговото физичко упокојување, но и 11 века од неговото континуирано духовно и културно учество во изградбата на нашиот јазик, нашата култура, нашите вредности. И веќе 11 века тој нè повикува „да си помагаме еден на друг... да пројавиме ревност кон добродетелта; да стекнеме братољубие, љубов кон бедните, гостопримство,... кроткост, воздржување...".

Само седум години по Илинден 1903-та, во центарот на Скопје, во микрокосмосот на религиски, етнички и јазичен плурализам, меѓу христијани, муслимани и Евреи се роди една девојка која го следеше заветот на св. Климент. Посветувајќи им го животот на отфрлените и на сиромашните во светот, скопјанката Мајка Тереза стана препознаена како мајка на милосрдието или мајка на 20-от век.

Само неколку дена пред нашата прослава на 8 Септември, светот ќе ја прославува канонизацијата на Мајка Тереза во Рим. Канонизацијата е настан што сите нас во Македонија треба да нè издигне над секојдневните политички тензии и недоразбирања, и да ни помогне да го препознаеме човекот и човечкото во политичкиот противник. Канонизацијата на Мајка Тереза е чин што ќе го обедини светот. Крајно време е да нè обедини и нас.

Драги сограѓани,

Кога сме сплотени ‒ сме слободни. Кога веруваме ‒ победуваме. Кога го сакаме она што го имаме ‒ ќе го добиеме и она што го немаме, а длабоко и искрено го посакуваме.

Добро да ги запомниме овие три лекции бидејќи се платени со многу крв, со многу пропуштени можности и со многу изгубени години.
Да ги запомниме и да ги примениме за да им оставиме на нашите деца држава во која ќе можат да живеат, да се почитуваат и заедно да напредуваат. И слободно, како граѓани на Македонија и на светот, да го слават и да го прославуваат овој голем светол празник на слободата.

За многу години Илинден!
Да ни се вечни слободата, независноста и сувереноста!
Да живее Република Македонија!

prm_iselenici_14
Признанија за претставници на македонската дијаспора
Среда, 20 Јули 2016

Почитувани присутни,
Дами и господа,
Браќа и сестри,

„Сите ние имаме две заеднички татковини, кои годинава слават две значајни годишнини.

Пред 25 години, во 1991-та го остваривме сонот на неброени генерации и прогласивме независна, суверена и самостојна држава – Република Македонија. Македонија е нашата прва заедничка татковина што нè поврзува со нашата дијаспора.

„Но, само 5 години претходно, во 1986-та, Блаже Конески напиша дека: „за нас повеќе отколку за многу други во светот, јазикот претставува, со сè што е на него создадено, како говорен и пишуван текст, најголемо приближување до идеалната татковина. Тој, македонскиот јазик, е заправо единствена наша комплетна татковина". Годинава одбележуваме и 11 века од упокојувањето на еден од втемелувачите на македонскиот јазик - св. Климент Охридски.

Денеска имам чест и задоволство да ве поздравам во Охрид, во духовната и културната престолнина на таа наша комплетна татковина. Но, не само да ве поздравам, туку и да ви се заблагодарам. Затоа што вие, со вашата дејност, се покажавте како достојни чеда на двете наши заеднички татковини."

Почитувани присутни,

„Живееме во време на длабока политичка криза, кога македонскиот јавен простор е преплавен со зборови на безнадежност, цинизам и омраза. И токму затоа, неопходни ни се зборови на надеж, добрина и љубов. А кој владее подобро со зборовите отколку поетот, кој е слуга на својот јазик? Меѓу вас има двајца поети. Иван Трпески од Австралија и Лилјана Стоилковска-Андовска од Шведска, кои од двата краја на светот речиси половина век нè потсетуваат како треба да се љуби Македонија.

Тука е и Борче Величковски кој неуморно работи на унапредување на состојбата на македонската заедница во Република Србија. Но, со неговиот ангажман, тој суштински придонесува и кон градењето мостови на соработка меѓу двете соседни пријателски држави."

„Со нас денеска е и професорот Кирил Христовски од Државниот универзитет во Аризона во Соединетите Американски Држави. Професорот Христовски e преокупиран со големата тема за најмалите нешта – нанотехнологијата. Со своите научни и академски успеси на ова поле на иднината, тој претставува позитивен пример и охрабрување за нашите млади научници. Очекувам многумина по него да се вклучат во глобалниот натпревар на знаење, идеи и технологии."

Конечно, би сакал особено внимание да посветам на единствената организација што годинава се стекна со Повелба на Република Македонија, а тоа е Македонскиот сојуз во Шведска.

Овој сојуз, што ги обединува и ги претставува интересите на дваесет илјадната македонска заедница во Шведска, е една од најдинамичните организации од македонската дијаспора. Секогаш, кога се среќавам со иселеници од скандинавските земји, слушам најпофални зборови за Македонскиот сојуз. Запознаен сум со напорите за зачувување и за афирмирање на македонските историски, културни и духовни традиции и вредности. Знам дека овој сојуз придонесува за унапредување на соработката меѓу Шведска и Македонија преку разни проекти и иницијативи, вклучително и хуманитарни активности. Сè на сè, станува збор за исклучително заслужна иселеничка организација.

Драги пријатели,

„Сите вие сте живата врска на Македонија со светот. Многупати имам истакнато дека вие, успешните поединци и организации од дијаспората, сте наши амбасадори на полето на културата, уметноста, образованието, науката, добротворството. Секој ваш успех е и успех за Македонија.

Затоа, како претседател на Република Македонија, во името на македонските граѓани сакам да ви се заблагодарам за сè што правите за Македонија. А Македонија памети, препознава и вреднува. Медалите за заслуги за Македонија и Повелбата на Република Македонија се симболичен израз на нашата искрена благодарност, но и поттик да продолжите да работите како и до сега. Да продолжите да го исполнувате заветот на свети Климент Охридски, а тоа е да се престигнуваме со добрина. "

Ви честитам.
prm_iselenici_15

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 10 од 57