Говори и обраќања
Обраќање на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов по повод 18 август Денот на Армијата на Република Македонија
Среда, 18 Август 2010

Почитувани припадници на Армијата на Република Македонија. Ваши екселенции. Дами и господа. Ми претставува особена чест и задоволство да ве поздравам токму денес, на 18 август, денот на Армијата на Република Македонија. Како Врховен командант, горд сум на Македонската армијата која по својата способност и посветеност ги надминува сите очекувања.
Денес со гордост се сеќаваме и на 18 август 1943 година. Денот кога се формира баталјонот Мирче Ацев, која ја создаде АСНОМската Македонска држава. Армијата која ја ослободи нашата држава и заедно со сојузничките сили застана на браникот на слободата во светот.
Прославувајќи го денот на Армијата, ние се сеќаваме на сите знајни и незнајни херои кои со своето дело не задолжија сите нас. На живите сведоци и учесници во борбата за слободна Македонија но и на оние кои живеат во нашите сеќавања. Верувам дека оваа Армија, овој бастион на храброста и патриотизмот е гордост за сите нив.
Почитувани. Армијата на Република Македонија е еден од темелите на македонската независност и сувереност. Родена во мугрите на македонската демократија, веќе осумнаесет години, АРМ ја варди тешко стекнатата самобитност. Ја чува нашата слобода и слободата на нашите деца. Со тоа одговорно ја исполнува својата задача – да биде суверен гарант на нашиот територијален интегритет, демократијата и слободата на нашите граѓани.
Особено сум горд што Армијата, како еден од столбовите на македонскиот интегритет и самобитност, е ткиво кое ги поврзува сите заедници кои живеат во Република Македонија, независно од етничката и религиозната припадност.
Македонската армија е симбол на војничка солидарност и лојалност кон заедничката татковина Македонија. Таа е горд чувар на традицијата на македонскиот соживот и еден од најголемите промотори на тој наш модел во земјава и во светот.
Почитувани. Иако денес ги славиме 18-те години од формирањето, Армијата одамна го стекна и потврди своето полнолетство.
Соочувајќи се со големи предизвици и спроведувајќи макотрпни и темелни реформи, Македонската Армија денес е еден од предводниците на реформскиот процес. Вие сте пример за тоа како треба да изгледа една современа професионална армија. И многу повеќе од тоа. Македонската армија со своите постигнувања е вистински пример за модернизацијата на современото македонско општество.
Ги исполнивте критериумите за членство во Алијансата. Постигнавте исклучителна професионалност и врвни стандарди во работењето. Токму затоа АРМ е еден од моторите на македонскиот пат кон евроатланските интеграции. Токму вие го носите најголемиот товар на тој заеднички пат. Пат за кој сум уверен дека ќе биде крунисан со полноправно членство во НАТО. За тој ваш напор сме ви благодарни.
Почитувани. Армијата на Република Македонија de facto е составен дел на НАТО. За тоа најдобро зборува учеството во меѓународните мировни мисии. Мисии во кои нашите македонски мировници рамо до рамо со нашите сојузници ги бранат заедничките вредности – мирот, слободата и демократијата. Во остварувањето на оваа голема задача ние ја споделуваме одговорноста со нашите сојузници. Заедно со нив, инвестираме во иднината на ова глобално сојузништво.
За тоа сведочат и припадниците на АРМ од последната ротација во мисијата ИСАФ. Ги поздравувам нашите мировници и им честитам за успешно извршената задача!
За тоа сведочи вклученоста во воените вежби каде припадниците на АРМ редовно се меѓу најпосветените и најистакнатите учесници.
За тоа говорат врвните признанија и одликувања за македонските војници. Признанија доделени од многу политички и воени лидери во светот. Сакам да знаете дека пофалбите упатени кон вас се пофалби за Македонија. Бидете уверени дека вашиот успех го чувствуваме како успех на Македонија.
Почитувани. АРМ ги спроведе реформите и ги исполни критериумите за НАТО. Но, мора да остане посветена и да продолжи по тој пат. Тоа е битка која секогаш одново се бие, секојпат подобро и поуспешно. Припадниците на Армијата во идниот период мора да останат посветени на развојот на способностите. Ќе мора да го одржуваат моралот и да се стремат кон осовременување на борбените постапки кон новите безбедносни ризици.
Македонската Армија ги исполни критериумите за членство во Алијансата. Но, ние не запираме тука. Гордо одиме напред, во континуирано остварување на големата мисија – професионална, технички современа армија која ќе ја брани македонската слобода. Армија која активно ќе придонесува во заштитата и изградбата на слободни и демократски општества.
Без континуирано вложување, стекнатата реформска кондиција може лесно да се изгуби. За да успееме во овој наш потфат, за да ги продолжиме реформите, потребни се финансиски средства. Само така Армијата ќе може доследно да одговори на своите задачи, како во Република Македонија, така и во светот, со нашите сојузници.
Затоа, во наредниот период потребно е да се зголемуваат финансиските средства наменети за Армијата.
Почитувани. Убеден сум дека оваа Армија - знаменосец успешно ќе одговори на сите задачи и предизвици кои стојат пред нас. Убеден сум дека и понатаму ќе бидеме горди на Македонската армија.
Нека е честит празникот на Македонската Армија, 18 Август!
Да живее Армијата на Република Македонија!
Да живее Република Македонија!

Говор на Претседателот Иванов по повод државниот празник Илинден
Понеделник, 02 Август 2010

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Почитувани присутни,

Почитувани потомци на сите наши знајни и незнајни херои кои своите животи ги положија за татковината Македонија.

И годинава гордо се собравме на овој наш најсветол ден, да им оддадеме почит на борците за слободна и независна Македонија. На  Хероите на двата Илиндени но и на сите други важни настани на кои се жртвуваа за денес да можеме да бидеме свои на своето. Да им ветиме уште еднаш дека денешните генерации нема да го заборават заветот што ни го оставија. Да ги насочиме нашите погледи, стремежи и напори од заедничкото минато, кон заедничката сегашност и заедничката иднина. За сите Македонци каде и да живеат.
"..македонскиот народ е решен да заживее слободен живот и оти никаква сила на светот не може да му застане на неговиот пат кон полна национална слобода" се вели во Манифестот на Првото заседание на АСНОМ  od 2 август 1944 година, во кој исто така, стои:
Македонски народе,
Од тешките борби и пролеаната крв на најдобрите македонски синови излегува денес првото Народно Собрание, тој симбол на твојата слобода и изразител на твојот суверенитет, и ја прокламира пред цел свет полната национална слобода на македонскиот народ во ПРВАТА СЛОБОДНА МАКЕДОНСКА ДРЖАВА. Вековниот идеал на македонскиот народ се постигнува...
Свесни дека имаат историска задача, сонот за независна и силна Македонија го остваруваа многу генерации Македонци.  Идеалот од првиот Илинден го оствари вториот Илинден. Идеалот на вториот Илинден го остваруваме ние по 8 септември 1991 година.

Гоце Делчев беше факелот за првиот Илинден, Кузман Јосифовски - Питу пак го разгоре факелот на вториот Илинден. И двајцата заминаа предвреме, но направија доволно и навреме за да го осветлат патот на нивните следбеници. Немаа среќа да ја почуствуваат слободата на својот народ и да ги слушнат зборовите на првиот и на вториот Манифест но нивните потомци знаат да го вреднуваат секој чекор направен во правец на слободна Македонија од сите без разлика на нивната верска и национална припадност.
Какво е значењето на првиот Илинден за вториот Илинден, Кузман ќе го искаже на 2 август 1943 година, на Преспанско советување, во рефератот посветен на 40- годишнината од Илинденското Востание. Во него тој вели:

...”Денеска, кога македонскиот народ се наоѓа пред решителна борба за извојување на својата национална  слобода, споменот на Илинден треба повеќе од секојпат да светли пред очите на целиот македонски народ, пред лицето на сите чесни и слободољубиви Македонци, сите кои ја сакаат својата земја... ”

Свесен за моќта на светлината на првиот Илинден, Кузман во вториот Илинден ги вклучи неговите Прометеи: Ченто, Брашнаров и плејада други патриоти.

Методија Андонов – Ченто ќе се бори илинденските идеали да станат наша реалност. Жестоко ќе се залага за нив при подготовките за свикувањето на АСНОМ, особено на средбата на македонската делегација на Вис. Токму затоа и ќе биде избран за прв претседател на Президиумот на АСНОМ, меѓу народот познат и како прв претседател на Македонија.

Панко Брашнаров, жив сведок на двата Илиндени, отварајќи го првото заседание на АСНОМ ќе каже:

“животворниот извор на слободата не секна. Македонија ја поделија, ропствата се сменија, но борбата на македонскиот народ не престана.”

Брашнаров беше сведок но и жртва на илинденските идеали, за до ден денес гробот да не му го знаеме, за почит да му одадеме. Токму затоа, денес за сите што ја имаа неговата судбина, го спомнуваме и му се поклонуваме.

Ченто сакајќи одлуките на АСНОМ да станат нова македонска реалност, заврши во затвор една цела деценија. Цел еден период го избришаа неговото име и неговите заслуги од учебниците, од книгите, од историјата. Забранија дури и името да му се спомнува.

Денес ние го живееме нивниот сон. Затоа го славиме АСНОМ - вториот, славен Илинден, кој ги постави темелите на македонската држава. АСНОМ потврди дека Македонскиот народ е решен да живее слободен живот и како што вели Манифестот: никаква сила на светот не може да му застане на неговиот пат!
Знамето на слободата е кренато и никогаш повторно нема да се спушти!

Почитувани,

Денес ја живееме слободата и независноста за која се бореа и гинеа нашите славни претци. Тие се жртвуваа давајќи ги своите животи за нашата слобода и слободата на нашите деца. Тие се жртвуваа за нашата иднина и иднината на нашите потомци. За тоа нивно херојско дело, вечно сме им благодарни. И затоа со многу верба и со чисто срце и мисла да бидеме одговорни кон нас, кон блиските и кон сите други, ja превземаме обврската да го чуваме тоа што ни го оставија во аманет. Но истовремено да го зацврстиме тоа што го наследивме, за да можат некои други генерации, во некои нови Илиндени без стравови за иднината да го живеат идеалот што го сонуваа и илинденците и асномците и многу други генерации.

Да бидеме одговорни кон нашата татковина Македонија!

Овој завет е врежан во Крушевскиот манифест – најсилниот и најискрениот проглас на подадена рака и желба за соживот. Декларација втемелена врз сознанието дека слободата не е производ само на силата туку и на надежта и на совеста. Манифест заснован врз сфаќањето дека слободата е праведна и не трпи неправда.

Завет кој ги содржи идеалите на Илинден – борба против тиранијата и ропството, борба за слобода, правда и еднаквост. Борба за Македонија!

Завет кој стои во првиот член на Декларација на АСНОМ за основните права на граѓанинот на Демократска Македонија: „Сите граѓани на македонската држава се еднакви и рамноправни пред законите, не гледајќи на нивната народност, пол, раса и вероисповедание“.

Завет од вториот член на оваа декларација: „На националните малцинства на Македонија се осигуруваат сите права на слободен национален живот.“

Ние го исполнуваме овој завет, затоа и ја чуваме Македонија и нејзината интеграција без асимилација. Отсекогаш власта и јавниот живот ја отсликувала таа македонска реалност. Уште во Уставот на Привремената влада „Единство“, преку Крушевската Република, преку Президиумот на АСНОМ, до сите влади на самостојна и независна Македонија. Во сите нив заедниците имале и имаат свои претставници кои институционално ги артикулираат и насочуваат нивните потреби и интереси. Покрај Македонци, тука се Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и сите други што живеат во Република Македонија.


Почитувани,

Ние го исполнуваме заветот. Република Македонија од 1991 година достојно ги продолжува идеалите на славната Крушевска Република и на државотворниот АСНОМ. Република Македонија е демократска и правна држава која се темели врз почитувањето на човековите права и слободи. Држава чија големина лежи и во нејзината отвореност. Отвореност кон сите кои живеат во неа, но и кон соседите во регионот.

Таа наша македонска отвореност природно се надоврзува на благородната идеја на Европската унија, идејата за Обединета Европа. Таа наша отвореност е дел од визијата за европски мир, кој ја подразбира Европа како обединет и отворен простор, простор во кој има толеранција и славење на различностите. Каде секој со себе ќе ги носи своите права и својот идентитет. Простор во кој односите меѓу државите се темелат врз соработка, отвореност, демократија и почитување на човековите права, но и почитување на човековото достоинство.

Македонија и Балканот денес живеат со таа идеја за обединета Европа. Европа кон која природно припаѓаме. Затоа, Македонија и Балканот искрено се посветени на напорите за надминување, помирување и интегрирање.

Почитувани,

Сакам да потенцирам дека, како држава, ние не бегаме од предизвиците, што ги има на сите страни, туку храбро и одговорно се соочуваме со сето тоа. Онака како што и доликува на Македонија.

За таа наша упорност и посветеност зборува фактот што успеавме да ги решиме сите отворени прашања околу нашите граници. Со тоа станавме единствената земја од поранешните југословенски простори која го постигна ова.

За таа наша македонска истрајност сведочат добрите односи со речиси сите наши соседи. Лично придонесувам во тоа, при честите средби со нивните лидери. Македонија е држава која може отворено да зборува за иднината на регионот со сите. Да зборува за поврзувањето, за помирувањето, за отворените прашања на нашиот регион. Да зборува за заедничката инфраструктура, за енергетската иднина, за екологијата, за заедничките стратешки цели.

Бидете уверени дека, како регион, ние не бегаме од проблемите. Некои од нив сме ги наследиле, некои и сами сме си ги создале. Достоинствено се соочуваме и ги надминуваме ваквите предизвиците, онака како што доликува на историската мисија на оваа генерација лидери. Мисија за историско помирување и интегрирање на балканските народи во европското семејство на демократски држави.

Промовирањето на политиката на отвореност кон сите не остана само во регионот туку се шири и надвор од него. Резултатите од ваквиот пристап се веќе видливи и реални. И во тоа повторно лично придонесувам при моите средби со европските и светските лидери. Македонија секогаш ќе води сметка за своите интереси и за тоа нема да се правда. Но ќе води сметка и за заедничките интереси на Европа и за мирот во светот. Затоа нашите војници и старешини се во сите мировни мисии каде што сме поканети.

Почитувани,

Ваквите позитивни чекори ја потврдуваат старата вистина дека прашањата и проблемите се решаваат само преку дијалог. Дека комуникацијата ја враќа довербата меѓу страните. Дека оној што комуницира, тој и се интегрира. Дека трајните и одржливи решенија се градат само со искрена посветеност и свеста за заедничкото минато, заедничката сегашност и заедничка иднина.

Преку интензивната регионална соработка, освен што придонесовме кон помирување, воедно го поддржуваме и олеснуваме и патот на целиот регион кон евроинтеграциите. Синергија која ни била неопходна отсекогаш.

Денес, за првпат по долги историски епохи на тирании и деспотии, имаме амбиент во кој сите земји од нашиот регион имаат демократски избрани власти и имаат желба и потреба да го обединат овој простор со лошо минато во заедничка и просперитетна сегашност и иднина. Обединетост врз основа на меѓусебно почитување и разбирање, со соработка и со пријателство. Неодрживи и непожелни се веќе старите пазарења и сојузништва, во полза на едните, а на сметка на другите.
Нашиот регион, нашиот континент, кој во услови на мир секогаш живеел заедно, не можете да го поделите со административни бариери. Македонија била, е и ќе биде во Европа, достоинствено и слободно.

Европското искуство не учи дека е можно оние што некогаш биле непријатели да напредуваат и успеваат заедно, паралелно едни со други, без притоа тој нивен успех да предизвика штета кај други. Искуство кое ни вели дека успехот и напредокот не може да им припаѓа само на едни, а да им биде ускратено на други.

Почитувани,

Покрај очигледните успеси, има едно прашање кое, за жал, фрла сенка врз севкупниот регионален напредок. Блокирањето на нашето интегрирање во ЕУ и во НАТО од страна на нашиот јужен сосед не придонесува кон стабилноста во регионот. Блокадата не соодветсвува со целите на ЕУ и НАТО – мирот, безбедноста, стабилноста и благосостојба. Напротив, блокадата е нивна антитеза.

Некои политичари кај нашиот јужен сосед имаат проблем со нашето име и нашиот идентитет. Затоа, сакам да знаете дека тука сме да им помогнеме да го надминат тој проблем, и да ја прифатат реалноста на Македонија и Македонците.

Затоа, потенцирам: Република Македонија многупати досега покажа дека е подготвена за дијалог, за средби и комуникација, како единствен начин за надминување на разликите. Ние многупати досега ја пруживме раката на помирување и разбирање, и таа сеуште е подадена.

Почитувани,

Нашата цел е напредна, економски и демократски развиена држава, целосно интегрирана во НАТО и во Европската унија. Ние искрено и посветено се стремиме кон овие семејства кон кои природно припаѓаме.

Доследноста кон чувањето на идентитетот и интегритетот се наши најголеми вредности. Вредности врз кои се темелат и ЕУ и НАТО. Земјите што не се доследни кон себе, нема да бидат доследни и чесни ни кон другите. Затоа, само како Македонија и како Македонци сме придобивка за Европа и за светот.

Припадноста кон овие две заедници подразбира јасни критериуми. ЕУ и НАТО имаат право да бараат исполнување на критериумите за членство. А со тоа право следат и одговорностите за кои сите треба да се свесни и доследно да ги исполнуваат. Од своја страна, Македонија ги исполнува своите одговорности и задачи.

Затоа, апелирам нашите сојузници и формално да го прифатат нашето членство во Алијансата. Ние веќе учествуваме со целата одговорност во помагање на регионите кои продуцираат нестабилност.

Затоа, апелирам нашите европски партнери да останат доследни на делото на големите визионери и архитекти на Европа. Да не дозволат финансискиот банкрот да доведе и до морален банкрот.

Затоа, апелирам Грција да прифати дека ние постоиме и ќе постоиме како нивни искрени соседи и пријатели. Да се надоврзе на примерите на историско надминување и помирување кои носат траен мир на Балканот.

Почитувани,

На овој ден, од овој простор, кој не учи за тоа дека слободата се стекнува со истрајност и сплотеност, сакам да пратам јасна порака. Треба да бидеме свесни за одговорноста што ја носиме, бидејќи се наоѓаме пред пресвртен период за нашата земја.

Сведоци сме на загрижувачките настани кои во последно време се случуваат на политичката сцена во Република Македонија.

Сведоци сме дека и други соседни земји имаат слични несогласувања и превирања поради кои трпат нивните интегративни процеси.

Учеството во политичкиот натпревар подразбира фер игра, без нелегитимни притисоци и неконструктивно дејствување. Тоа е натпревар во кој се почитуваат однапред познатите и прифатени правила. На крајот, победници на таквиот натпревар се татковината и нејзините граѓани.

Затоа апелирам – учеството во политичките процеси нема алтернатива, особено за политичките фактори и актери кои решиле на избори да бараат доверба од граѓаните.

Затоа, апелирам да се престане со дневно-политичките поделби! Само единствени и обединети околу стратешките цели ќе истраеме на нашиот пат. Пат кој води до целта која ги обединува  граѓаните на Република Македонија, независно од нивната верска, етничка или политичка припадност. Веќе ги чуствуваме конкретните придобивки од реформите, од визната либерализација. Само заедно ќе успееме да ја оствариме нашата историска мисија. Проспертитетна и богата европска Македонија.

Почитувани,

Ние не се плашиме од успехот.

Нас не обврзува нашето минато, не обврзуваат идеалите на нашите претци. Ние сме одговорни за сегашните генерации, но и за генерациите кои следат. Да не заборавиме дека сегашноста е нешто кое го позајмуваме од идните генерации. Ним треба да им предадеме посреќна, побогата посплотена Македонија.

Потомци и следбеници на Делчев, Груев, Карев, Гули, потомци на славните Брашнаров, Чучков, Питу, Аголи, Ченто, за многу години Илинден!

Да ни е вечна слободата и независноста!
Да живее Република Македонија!

Изјава на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на заедничката прес конференција со Претседателот на Република Латвија Валдис Затлерс
Четврток, 15 Јули 2010

Почитувани претставници на медиумите. На почеток сакам да го изразам задоволството што по двете средби што ги имавме последниве десет месеци со Претседателот Затлерс во Њујорк и во Доха, повторно се среќаваме сега во Македонија. Оваа посета е потврда за развојот на пријателските односи и соработка помеѓу нашите држави.
Со Претседателот Затлерс имавме мошне конструктивни разговори, на кои разменивме мислења за начините како да ги интензивираме билатералните односи. Разменивме и за прашања од заемен интерес на мултилатерален план, за регионалните прашања, а посебно за аспирациите на Република Македонија за членство во ЕУ и НАТО.
Секако, една од темите на разговорот беше прашањето што ги попречува нашите евро-атлантски интегративни процеси. Го запознав Претседателот Затлерс со актуелностите во процесот кој се води под покровителство на ОН околу ирационалниот проблем кој нашиот јужен сосед го има со нашето уставно име. Детално го информирав за сите аргументи кои се на наша страна. Го информирав дека и покрај сите досегашни отстапки, Република Македонија активно и конструктивно учествува во процесот на изнаоѓање на взаемно прифатливо решение.
Со Претседателот Затлерс заеднички констатиравме дека клучниот национален приоритет на Република Македонија е да ги почне преговорите за членство во ЕУ што поскоро, бидејќи интегративните процеси се исклучително значаен кохезивен и мотивирачки механизам во нашето мултикултурно општество. Го искажав и моето очекување Република Латвија да се заложи Унијата да го одвои ова билатерално прашање од одлуката за почеток на пристапни преговори со Република Македонија.
Почитувани. Со Претседателот Затлерс се сложивме дека она на што ќе треба да го фокусираме нашето внимание за да ја олесниме и економската, но и другите форми на соработка, е унапредување на правната рамка - во областа на економијата, здравството, образованието, науката, културата, граѓанско правната материја. Денешното потпишување на Меморандумот за разбирање меѓу нашите министерства за одбрана со кое се воспоставува правна рамка за идна соработка е само почеток на таа соработка.
Во оваа прилика би сакал да ја изразам благодарноста за досегашната принципиелна поддршка на евро-атлантските аспирации на Република Македонија од страна на Република Латвија и во тој контекст би сакал да истакнам дека и во иднина Република Македонија во Република Латвија гледа искрен партнер и поддржувач на патот кон целосна евро-атлантска интеграција.
Уште еднаш претседателе, Ви благодарам што дојдовте и искажавте поддршка за Македонија, уверен сум дека соработката меѓу нашите две држави, ќе добие на интензитет, а пријателството ќе продолжи да се развива со нови форми и содржини.
Ви благодарам на вниманието.

Обраќање на Претседателот Иванов на отворањето на Охридско Лето
Вторник, 13 Јули 2010

Почитувани, Ваши екселенции, дами и господа.
Ми претставува особена чест и задоволство да Ве поздравам тука, во македонскиот и балканскиот бисер, нашата духовна и културна престолнина,  Охрид.
Вечерва го одбележуваме златниот јубилеј на нашиот врвен меѓународен фестивал, Охридско лето. Фестивал кој со својата програма и отвореност кон публиката и кон уметниците, претставува гордост на Охрид и на Македонија.
Токму тука, во Охрид, публиката секојпат одново ги открива и ужива во делата на музичките гении во кои секако се вбројуваат Бетовен, Бах, Моцарт, но и тројцата великани Шопен, Шуман и Малер, чии годишнини ги чествуваме оваа година.
Зарем има поприроден простор за славење на полувековното постоење на фестивалот од овој многувековен храм на сценската, вокалната и музичката уметност. Храм во кој граѓаните на Лихнид ги доживувале ремек делата на античките драмски гении.
Храм во кој денес одекнуваат делата на големите македонски, европски и светски композитори, драматурзи, уметници.
Почитувани, уметноста не препознава граници и поделби. Цивилизациската улога на музиката и уметноста воопшто е да биде најголемиот архитект на соживотот и заедничката иднина меѓу народите и заедниците. Затоа, токму уметниците биле, се и ќе бидат гласници на мирот, толеранцијата и разбирањето. Тие биле, се и ќе бидат главните градители на мостовите кои не поврзуваат сите нас.
Во текот на своето долгогодишно постоење, фестивалот на многу уметници од Македонија но и од други земји им го отвори патот кон славата.
Охридско лето стана втор дом за многу светски познати изведувачи како што се виртуозите Коган, Шеринг, Навара, Карерас, Зубин Мета и Џеси Норман, но и за бројните реномирани македонски изведувачи, како Ана Липша Тофовиќ. Фестивалот го збогатија македонски и балкански актери и режисери кои на сцената ги оживуваат делата на драмските класици и современите автори.
Свесни за важноста на овој фестивал, посветено создаваме услови за збогатување на програмата со исполнувачки содржини, со докажани ѕвезди но и ѕвезди во подем, сегашни но и идни амбасадори на културата.
Охридско лето ги надминува очекувањата. Токму затоа денес го одликував Фестивалот со највисокото признание, Орденот за заслуги за Македонија, за долгогодишното успешно промовирање на македонската култура и афирмација на Република Македонија во светот.
Почитувани, во исчекување на настапот на еминентниот руски национален оркестар под диригентската палка на маестро Плетњов и на нашиот драг Симон Трпчески, кој преку моќта на уметноста ја стави Македонија на светската карта на музиката, верувам дека сите заедно посакуваме да има уште многу лета исполнети со уметност.
Ви благодарам.

Обраќање на Претседателот Иванов по средбата со Претседателот на Република Хрватска Иво Јосиповиќ
Понеделник, 12 Јули 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов го пречека Претседателот на Република Хрватска д-р Иво Јосиповиќ, кој е во еднодневна посета на Македонија. Двајцата Претседатели имаа средба во резиденцијата на Претседателот Иванов Вила Водно. Следи текстот на обраќањето на Претседателот Иванов -

Почитувани претставници на медиумите, почитуван господине Претседател. Многу ми е драго и ми претставува исклучителна чест за мене и мојот народ што после неполни 5 месеци по инаугурацијата, хрватскиот Претседател, мојот колега и пријател - г-динот Јосиповиќ е во официјална посета на нашата земја. Ако на ова додадеме дека мојата прва официјална посета како Претседател ја остварив во Хрватска, заклучуваме дека односите меѓу Република Македонија и Република Хрватска ги одликува искрено пријателство. Оваа посета за мене е сигурен израз на нашите традиционално извонредни односи. Таа е и потврда за пријателството меѓу нашите народи и сметам дека е голем капитал кој во наредниот период треба да се зголемува.
Со претседателот Јосиповиќ имавме исклучително корисна размена на информации и мислења за нашите стратешки цели. Зборувавме за европските и евроатланските перспективи на регионот и можам да го искажам задоволството што и на овој план одново се потврди дека меѓу нашите две земји постои највисок степен на разбирање, подготвеност за натамошна соработка и взаемна помош и поддршка.
Господине Претседател, ја користам оваа прилика да се заблагодарам за досегашната успешна соработка и подршката на Република Хрватска кон Република Македонија во напорите за што поскорешно приклучување кон Северноатлантската Алијанса и ЕУ.
Заеднички констатиравме дека приклучувањето на секоја држава членка од овој наш регион во меѓународните системи на безбедност и соработка, е важен чекор напред кон денот кога ќе можеме со право да кажеме дека Европа е една и единствена. Сигурен сум дека нема да мине долго пред нашата соработка и нашето пријателство да продолжи да се развива во рамките на големото европско и евро-атлантско семејство.
Почитувани, со мојот колега претседателот Јосиповиќ разговаравме и за начините за натамошно продлабочување на нашите билатерални односи и нашата соработка. Ме радува што утврдивме дека постои голем број на можности за јакнење на соработката во сите сфери од заемен интерес. Посебен акцент ставивме на економската соработка. Констатиравме дека истата допрва треба да го достигне високото ниво на политичките односи и на можностите на двете економии.
Имајќи ја предвид традицијата во соработката, и секако, препознатливоста и реномето кое хрватските производи ги уживаат во Македонија, како и македонските во Хрватска, верувам дека ни претстои етапа на поинтензивна и посодржинска соработка на овој план.
Го отворвме и прашањето за односите на нашите две зедници односно за значењето на македонската зедница во Хрватска и хрватската заедница во Македонија. Како претесдатели се  заложивме преку нашиот личен ангажман да придонесеме се повече тие заедници да бидат мост на приајтелство и поврзување меѓу нашите две земји.
Ви благодарам на вниманието.

Обраќање по повод доделувањето на Орден за заслуги за Македонија, посмртно на проф. Круме Кепески
Четврток, 01 Јули 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, на семејството на професорот Круме Кепески, го врачи Орденот за заслуги за Македонија. Орденот, во име на семејството, го прими д-р Јованка Кепеска, ќерка на професорот Кепески. Притоа, Претседателот се обрати на собраните почитувачи на делото на професор Кепески -

Денес имам особена чест да ви се обратам по повод доделувањето на Орден за заслуги за Македонија, постмртно на професор Круме Кепески лингвист, автор на првата македонска граматика и основоположник на граматичарското дело, учебникар, но и виден педагог, преведувач, собирач на македонско народно творештво и културен деец.
Покрај своето обемно научно дело вткаено во промоција на македонскиот литературен јазик преку педесетина изданија на граматики, десетина преводи на дела од класичната литература и огромен број на статии и трудови објавени во периодиката, Кепески остави особена трага како долгогодишен професор на Педагошкиот факултет Свети Климент Охридски во Скопје. Но неговата просветно-педагошка дејност беше многу повеќе од активностите на  катедрата на Педагошкиот факултет и наставата пред студентите. Благодарение на неговата непрекината дејност и активност Кепески стана вистински народен учител секогаш присутен во јавноста. Впрочем неговите зборови: Целиот труд и енергија сум ги посветил на јазикот и на народот, најдобро сведочат за неговата посветеност и преданост. Со денешното доделување на Орденот за заслуги за Македонија имаме можност достојно да му се заблагодариме на проф. Кепески за сиот ангажман и сите постигнувања во афирмирањето на македонскиот јазик и култура.
Почитувани, сите сме свесни дека јазикот е нашиот национален и културен бедем пред сите негатори на нашиот идентитет и самобитност. Оттука за неговото зачувување треба постојано да се работи како што тоа неуморно сиот свој живот го правеше  професорот Кепески. Јазикот не е статична категорија, тој е во постојан развој со секојдневно усвојување на нови зборови, термини во различните научни области, во специфичните новонастанати информатичко-технички дисциплини, но и во секојдневниот говор.  Имајќи предвид дека македонскиот јазик го користат релативно мал број на говорители во време на глобализација и јазична интернационализација треба да се посвети апсолутна грижа и внимание за негова правилна и доследна употреба. Тоа не е само образовна и општествена одговорност тоа е исто така задача на секој од нас поединечно. Да се потрудиме да го исполниме заветот на Професорот Кепески и да го негуваме нашиот македонски јазик во нашите домови, на работните места, на јавните и социјални настани.
Дозволете ми на крајот да истакнам дека творечкиот гениј на Кепески не беше изразен само на полето на лингвистиката туку и во сликарство, актерството , хорското пеење. Особено е значајно што неговата творечка дејност секогаш беше проткаена со голем хуманизам и љубов кон својата земја и својот народ. Доделувајќи го Орденот за заслуги за Македонија посмртно на проф. Кепески му оддаваме признание на неговото значајно дело и потврдуваме дека нашата земја знае да ги памети и слави своите истакнати дејци.

 
Почеток < Пред 51 52 53 54 55 56 57 58 59 60 Следно > Крај
Страница 57 од 61