Говори и обраќања
prm
Обраќање на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов
Среда, 01 Март 2017

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Пред два дена, на 27 февруари, ми беше доставен доказ дека е создадено мнозинство во Собранието на Република Македонија. Во таа прилика им честитав на партиите кои успеале да создадат мнозинство бидејќи тоа е важен чекор кон излез од кризата.

Денеска го поканив лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, господинот Зоран Заев на консултативна средба во однос на одлуката за доделување мандат за состав на Влада на Република Македонија.

На средбата го запознав за сите правни мислења за кои вчера разговарав со компетентни правни експерти. Според нив, во согласност со член 90, мнозинството е постигнато и тоа е основа за да се додели мандатот за состав на Влада.

Сепак, според правните експерти, проблем се роковите.

Имено, за да се испочитува член 90 од Уставот на Република Македонија останува исполнувањето на роковите кои се утврдени со Устав.

Почитувањето на роковите е неопходно за трансферот на власта да биде легален и легитимен. Разговаравме за повеќе решенија како да се надмине проблемот со роковите и да се додели мандатот, а притоа одлуката да не биде во спротивност со член 90 од Уставот.

Ова прашање е лесно надминливо и за тоа постојат решенија, особено сега кога е веќе создадено и обезбедено мнозинство во Собранието. Во спротивно, мојата одлука за доделување на мандат без запазување на рокот од 10 дена даден во член 90 може да биде оспорена.

На господинот Заев му предложив да изврши консултации и да ме извести за нивниот став за понудените решенија.

Препорачав да се држиме до воспоставената практика од 1992 година, кога и во трите обиди за формирање на Влада се почитувани уставно утврдените рокови од 10 дена. Ме информираа дека Социјалдемократскиот сојуз на Македонија останува на ставот дека роковите во Уставот и воспоставената практика од 1992 година не се пречка за доделување на мандатот и бараа доделувањето на мандатот да биде веднаш.

Покрај оваа формална-правна пречка, постои и многу посуштествен проблем. Еве за што станува збор:

По изборите бевме непријатно изненадени од една постизборна политичка платформа од туѓа држава. Платформата е постизборен документ изработен и потпишан во туѓа држава во кабинет на странски државник и со посредство на премиер на туѓа држава. Содржината на платформата е надвор и од Уставот и од Охридскиот рамковен договор.

Со оваа платформа се загрозува сувереноста и независноста на државата, доведувајќи ја во положба на потчинетост или зависност спрема друга држава. Со оваа платформа, Република Македонија е уценета, а нејзината унитарност, сувереност и независност се загрозени.

Процесот на пост-изборно коалицирање и формирање на нова Влада стана заложник на оваа пост-изборна платформа од туѓа држава. Наместо конечно да излеземе од политичката криза, поради оваа платформа ние за жал заглавуваме во уште подлабока криза во која се доведоа во прашање темелните државни интереси на Република Македонија и нејзините граѓани.

Долго време очекував дека одредени политички партии ќе покажат државотворност и зрелост и јавно ќе одбијат воопшто да зборуваат за таквата туѓа пост-изборна платформа.

За жал, видовме дека наместо веднаш и без дискусија да ја отфлат, некои почнаа со неа да лицитираат, несфаќајќи дека всушност лицитираат со унитарниот карактер на државата, со идентитетот на граѓаните и државните интереси. За карактерот и иднината на државата не може да се преговара, ниту да се водат разговори на нетранспарентен начин. Граѓаните имаат право да ја знаат вистината за содржината од разговорите.

Но, и за ова има решение. За време на средбата од господинот Заев побарав јавно и јасно да ја отфрли и осуди оваа платформа, бидејќи, македонските граѓани на изборите гласаа за реформите и за исполнување на обврските од договорот од Пржино, а не за пост-изборна платформа на туѓа држава.

Оттука, втората, суштинска забелешка е дека разговарање за содржината или преговарање за платформа на туѓа држава е спротивно на Уставот на Република Македонија.

И не само тоа, туку преговарањето и прифаќањето на туѓа платформа е казниво дело според кривичниот законик, бидејќи тоа значи доведување на Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема друга држава.

Драги сограѓани,

Од меѓународната заедница очекувавме јасно и јавно да ја осуди таквата платформа која претставува бескрупулозно мешање во внатрешните работи и редефинирање на унитарниот карактер на нашата држава.

Многу добро се сеќаваме дека меѓународната заедница излегуваше со такви ставови во случајот со други држави од регионот. За жал, во случајот со Македонија такво јавно осудување немаше. Ваквиот гласен молк ни потврди дека иднината на Македонија сега зависи само од нас, нејзините граѓани и нејзините институции.

Мојата порака е јасна. Штом се воздржа од осудување на платформата што ја загрозува сувереноста и унитарноста на државата Република Македонија, сега меѓународната заедница треба исто така да се воздржи и од наметнување решенија кои би биле во спротивност со државните интереси на Република Македонија.

Почитувани сограѓани,

Преговарањето за платформа на туѓа држава значи негирање на суверенитетот и самостојноста на Република Македонија како што е наведено во Член 1 од Уставот на Република Македонија.

Во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Никој од граѓаните на ниту еден демократски избран претставник не му дал право, преговарајќи за пост-изборна платформа на туѓа држава да го загрозува суверенитетот на Република Македонија.

Македонските граѓани на изборите гласаа за партиски програми а не за постизборна платформа на туѓа држава.

Ова се сериозни моменти од историјата на Република Македонија. Секој еден од нас мора најодговорно да се однесува, затоа што секоја погрешна одлука може да има несогледливи катастрофални последици за иднината на државата.

Кога ја превзедов функцијата Претседател на Република Македонија, согласно Уставот, на седницата на Собранието ја дадов и свечената изјава со која се обврзав функцијата да ја вршам совесно и одговорно, се обврзав да ги почитувам Уставот и законите и да ги штитам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија.

Во согласност со оваа моја заклетва, ниту Уставот ниту совеста не ми дозволуваат да дадам мандат на секој оној кој го руши суверенитетот и независноста на Република Македонија.

Драги сограѓани,

Слушам како ме обвинуваат дека со моите досегашни постапки сум ја злоупотребувал службената должност и дека сум можел да добијам кривична пријава. Ги охрабрувам иницијаторите тоа и да го направат. Оние кои деновиве ми се закануваат ги повикувам да покренат и прашање за моја одговорност во согласност со Уставот. И во оваа прилика јасно им кажувам – не постојат закани и уцени што ќе ме натераат да го прекршам Уставот.

Но, истовремено ги охрабрувам да поднесат кривична пријава согласно Кривичниот законик на Република Македонија и против секој оној кој ја доведува Република Македонија во положба на потчинетост и зависност спрема друга држава.

Во согласност со Член 84 од Уставот на Република Македонија, јас нема да определам мандат за состав на Влада на Република Македонија на секој оној кој преговара за платформи на други држави со кои се уценува македонскиот народ, се загрозува унитарноста на државата, нејзнинот суверенитет и независноста.

Туѓи пост-изборни платформи не можат и не смеат да бидат основа за формирање на Влада на Република Македонија.

Драги сограѓани,

Ние немаме резервна држава. Република Македонија е единствената држава што ја имаме. И немаме историско право да го уништуваме она за што се бореле и гинеле генерации. Тие ни ја оставиле оваа држава за да им ја оставиме на се уште неродените, на нашите деца и потомци.
Затоа, сакам да ве уверам, вас граѓаните, дека можете да бидете спокојни.

Сè додека сум Претседател на Република Македонија, нема да дадам мандат ниту на човек ниту на партија што се залага или во својата програма има платформа за рушење на суверенитетот, територијалниот интегритет и самостојност на Република Македонија. Бидејќи длабоко верувам дека ова се темелни вредности со кои никој нема право да тргува. И не мислам да отстапам од нив.

Ви благодарам.

Izjava01022017
Изјава по консултациите со политичките партии кои се застапени во Собранието на Република Македонија
Среда, 01 Февруари 2017


izjava_konsultaciiПочитувани граѓани на Република Македонија,

Веќе две и пол години минуваме низ длабока политичка криза. Неодамна се одржаа и долгоочекуваните избори за кои се надевавме дека ќе дадат излез од оваа состојба. Но, наместо конечно да почне да се разрешува, истата влезе во нова фаза.

Изминатиов период се изнаслушавме разни толкувања на Уставот. Секој го толкува онака како што сака или како што му одговара.

Јас како Претседател, дадов заклетва дека ќе го почитувам Уставот и законите на Република Македонија. А Уставот на Република Македонија ја одразува нашата автентична, македонска реалност. Не само што не може да се толкува според нечии партиски желби и интереси, туку според Уставот се мери се друго.

Членот 90 од Уставот е јасен: „Претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието."

Не случајно уставотворец предвидел само еден член во Уставот – тоа е Членот 90. Намерата на уставотворецот кој не ги уредил во детали можните постапување на Претседателот во вакви или слични ситуации, значи дека му дава слобода во делувањето и проценките на Претседателот на Република Македонија.

Го искористив уставното право и обврска. Водејќи се од словото на Уставот, и по извршените консултации, на 9 јануари 2017 година мандатот му го доверив на господинот Никола Груевски. Со тоа го испочитував Уставот, но истовремено останав доследен и на досегашната практика.

Почитувани сограѓани,

Решив да направам консултации со надлежни институции и политички партии. Целта на консултациите беше да ги споделам моите видувања, да ги слушнам размислувањата и ставовите на моите соговорници не само за приоритетите и државните интереси туку и за излез, не само од политичката, туку и од она што се повеќе наликува на уставна и институционална криза.

По остварените консултации, сакам да ве известам дека мандат за состав на новата Влада ќе добие партијата или коалицијата која ќе ме извести и докаже дека обезбедила мнозинство во Собранието. Со други зборови – прво потврда и доказ за мнозинство, па потоа мандат за составување на Влада, во согласност со Член 90 од Уставот на Република Македонија.

Како што веќе истакнав во моето годишно обраќање до вас, граѓаните, од оние што ќе ја составуваат новата влада барам во својата програма да имаат два клучни приоритета:

Прво, заштита на државните интереси на Република Македонија, што подразбира зачувување и зацврстување на унитарниот карактер на државата.

Второ, системска реформа по кризата во која ќе бидат опфатени субјектите на системот за национална безбедност на Република Македонија.

За време на консултациите се разговараше за сите можности и варијанти во случај никој да не може да обезбеди мнозинство во Собранието.
Сите опции остануваат отворени.

Но, што и да се случи, ве уверувам дека ќе постапувам исклучиво во интерес на државата и на граѓаните на Република Македонија.
Кога ја превзедов функцијата Претседател на Република Македонија, дадов свечена изјава пред граѓаните дека ќе ги почитувам Уставот и законите. Од таа моја заклетва не мислам да отстапам ниту сега.

Ви благодарам.

Struga-rotator
Прием за претставниците на дипломатскиот кор
Петок, 27 Јануари 2017


Struga1Почитувани членови на дипломатскиот кор,

Дами и господа,
Драги пријатели,

На почетокот на новата 2017 година, чест ми е да ве поздравам на брегот на Охридското Езеро. На само неколку километри од тука е градот на поезијата – Струга, што во 19 век беше центар на македонската преродба. Поетите велат дека убавината ќе го спаси светот. Да се надеваме дека е така, бидејќи на светот навистина му треба спасување.

Ова е моето 8. обраќање пред дипломатскиот кор во Република Македонија.
Годинава, не би сакал да го повторувам веќе кажаното.

Нема да зборувам за политичката криза во Република Македонија. Само ќе кажам дека очекувам политичките партии во постизборните преговори да водат сметка за државните интереси на Република Македонија и за националните интереси на македонскиот народ.

Нема да ве потсетувам дека status quo состојбата во европската и во евроатлантската интеграција е дел од проблемот, а не од решението на политичката криза во Македонија.

Наместо тоа, ќе зборувам за предизвиците со кои се соочува не само Република Македонија туку и Балканот, Европа и светот.

Зад нас ја оставивме 2016-та, прогласена за annu horribili – ужасната година во која најсилно ги почувствувавме последиците од двојните стандарди, непочитувањето на меѓународното право, пропаднатите држави и разорените општества.

Дами и господа,

Притиснати од економската сиромаштија, еколошката деградација и отсуството на елементарна безбедност и сигурност, милиони луѓе започнаа потрага по живот исполнет со човечко достоинство.

За жал, се покажа дека масовните миграции подлежат на двојна злоупотреба. Од една страна, заканата од илегална миграција е алатка за невоен притисок во менаџирањето со конфликти и кризи. Оние кои сакаат да вршат притисок врз одредена држава, едноставно ги „извезуваат" и ги насочуваат мигрантите по патот до крајната дестинација. Од друга страна, радикалите, екстремистите и странските терористички борци ја злоупотребуваат несреќата на мигрантите и бегалците за незабележливо да се инфилтрираат во државите. Сето ова, за жал, придонесе кон поларизација и ксенофобија во европските општества.

Во овој контекст, и покрај внатрешната политичка криза, Македонија покажа дека има стабилни институции, што се виде во управувањето со мигрантската криза и со намалувањето на безбедносните ризици. Им благодарам на сите европски држави кои ни помогнаа на овој план.

Сепак, во вакви услови сите ние имаме два клучни предизвика. Првиот е да се обезбеди контрола на коридорите преку кои се префрлаат мигрантите. Вториот е да се обезбеди контрола врз слободното движење на мигрантите кои веќе се наоѓаат на Шенген-територија.

Многу европски држави ќе се соочат со тежок избор – или да го активираат кризниот менаџмент за справување со илегалната миграција или да прогласат вонредна состојба поради безбедносната криза и заканите од странски терористички борци.

Решението и за двете лежи во сè потесната соработка и размена на информации. За жал, наместо доверба и соработка, гледаме сè повеќе недоверба и дисоцијација.

Ценети присутни,

Оваа 2017 година се навршуваат шест децении од Римските договори. Во текот на првите 50 години, Европската Унија беше проект што многу ветуваше. Но, во својата шеста деценија, Унијата се наоѓа на историска крстосница. Нерешената кредитна, актуелната мигрантска и растечката безбедносна криза ги парализираа европските институции. Интернационализмот отстапува пред растечкиот национализам. Истовремено, наместо подлабока интеграција имаме сè поизразена регионализација.

Ние на Балканот го чувствуваме отсуството на Европската Унија и на НАТО, што може да ја загрози стабилноста на Балканот. Во последниов период слушаме реторика и гледаме постапки кои по многу нешта потсетуваат на периодот што мислевме дека е далеку зад нас – периодот на распадот на една заедничка поранешна држава.

Големиот Ајнштајн рекол „послабите луѓе враќаат со иста мера, силните луѓе простуваат, интелигентните едноставно игнорираат." Долго време не ги коментирав изјавите и постапките на некои политичари од соседството затоа што верував дека само со игнорирање можат да се изолираат. Иако не заслужуваат коментар, сепак, ќе кажам дека отворањето на старите рани и мешањето во внатрешните работи на државите може да ги загрози добрососедските односи. А добрососедските односи не се еднонасочна, туку двонасочна улица.

Дами и господа,

Многупати сум ги истакнувал придобивките на македонскиот инклузивен демократски модел. Република Македонија, воопшто, не се срами и не се обидува да ја потиснува својата мултиетничка, мултирелигиска и мултијазична традиција. Напротив. Ние не само што не се плашиме од неа, туку и ја институционализиравме. Затоа, на некои лидери од соседството би им препорачал и тие да се соочат со вистината за етничката, религиската и јазичната различност на нивните општества. Би им препорачал да поведат повеќе сметка за етничките, религиските и јазичните заедници кои живеат во нивните држави, во согласност со врвните меѓународни норми и стандарди. Подготвени сме да им помогнеме на тој план со нашите позитивни искуства и научени лекции.

Република Македонија не е единствената држава од регионот со одредени внатрешни предизвици. Сите наши соседи, за жал, имаат внатрешни предизвици. Наместо енергијата да ја трошат занимавајќи се со слабостите на другите држави, некои лидери од соседството е подобро најпрво да се свртат кон слабостите на сопствените држави. Граѓаните ги избрале за да ги решаваат нивните, а не проблемите и предизвиците на другите држави.

Како регион ние едноставно немаме време да се бавиме со ретроградна реторика од 19 век, со покажување мускули и неконструктивни чекори што не соодветствуваат на третиот милениум. Пред нас се сериозни предизвици. Ние мора да го посветиме сето наше внимание и да ја вложиме сета наша енергија за успешно да се справиме со овие предизвици. И тоа не можеме да го направиме секој посебно.

Во услови кога Унијата се соочува со бројни предизвици, а другите меѓународни организации се блокирани, нам ни треба регионално стратегиско свртување кон внатре. Што значи тоа? Неопходно е да соработуваме на полето на регионалната безбедност за да одолееме на глобалните безбедносни закани и ризици. Неопходно е да го поврзуваме регионалниот пазар за да бидеме конкурентни на глобалниот пазар. Бидејќи само солидарни можеме да градиме регион на безбедност, мир и благосостојба.

Со таа порака, на самиот крај, посакувам благосостојба и напредок на вашите држави и народи, а вам лично, многу среќа, здравје и успеси.

Ви благодарам.

Struga2

Kairo1rotator
Обраќање на Форумот на високо ниво во организација на Александриската Библиотека и на Меѓународниот центар „Низами Ганџави“ во Каиро
Сабота, 14 Јануари 2017


Kairo1webПочитувани присутни,


Како претседател на Република Македонија чест ми е да се обратам на овој престижен форум организиран од библиотеката „Александрина" и Меѓународниот центар „Низами Ганџави". Деновиве тука, во Египет, во една од лулките на античката цивилизација, имаме можност да зборуваме за предизвиците со кои се соочува нашата, современа цивилизација. Зборувајќи за демократската безбедност во време на екстремизам и насилство во втората деценија на 21 век, ние само ја потврдуваме мислата на еден голем филозоф дека единственото нешто што го научивме од историјата е дека ништо не сме научиле.

Дами и господа,

„Човештвото е во најдобра состојба тогаш кога има најголем степен на слобода", рече Алигери.

Но, слободата има и бројни непријатели. Целта на тираните отсекогаш била да ја ограничат слободата на најмалиот можен простор, а тоа е просторот меѓу нашите две уши, држејќи ги притоа нашите усти затворени. Оттука, целата историја на човековата борба за слобода е исполнета со судирот меѓу страста на идеалите и моќта на интересите, меѓу врвните принципи и тесните политики.

Денес, кога ја ситниме втората деценија од третиот милениум, ние се соочуваме со една стара дилема за односот меѓу слободата и безбедноста. Но, не постои толку стара тема за која не може да се каже нешто ново.

„Под товарот, од една страна, на оние кои се залагаат за што поголема слобода, и од друга страна, оние кои сакаат што посилен авторитет, тешко е да се помине низ нивните аргументи неповреден", рече Хобс. Со тоа, тој ја изложи својата дилема: Ако сакаш безбедност, тогаш се откажуваш од слободата. Ако, пак, сакаш слобода, тогаш се откажуваш од безбедноста.

Многу умови се бореле со оваа дилема и се обидувале да утврдат што е поважно – слободата или безбедноста? Дали може да има слобода без да се има безбедност? Дали слободата е цената што треба да се плати за да се живее безбедно?

Во 19 и 20 век, решението на оваа квадратура на кругот многумина ја бараа во либералната демократија како систем што може да воспостави баланс меѓу слободата и безбедноста. За време на Студената војна, ограничената и контролирана влада на западните либерални демократии требаше да понуди алтернатива за неограничената и тотална власт на источните народни демократии.

Со тоа во зенитот на политичката и на јавната дебата на голема врата влезе парадигмата за демократијата, човековите права и слободи. Но, оваа парадигма, што победи во 1989 година, издржа едвај една цела деценија. Токму тогаш, кога многумина веруваа дека Хобсовата дилема е успешно разрешена, 21 век не врати во суровата реалност.

Дами и господа,

Денес, силни општествени, политички, безбедносни и технолошки процеси работат против слободата.

Во свет во кој силните прават она што сакаат, а слабите она што мораат, владеењето на правото е сведено на исклучок наместо на правило. Наместо меѓународна безбедност и поредок имаме отсуство на безбедноста и непоредок. Наместо почитување на различноста, сè почесто сме сведоци на прогонување и на уништување на различноста.

Од почетокот на овој милениум, ние сме во отворена борба со глобалниот тероризам. На овој план се соочуваме со сериозен предизвик. За секоја терористичка група и организација што е уништена, како да се јавуваат две нови. Од недржавен ИСИС прерасна во квази-државен актер способен да ги апсорбира поразите, да се повлече, регрупира и повторно да нападне, и далеку од територијата што непосредно ја контролира.

Во услови на зголемени закани за кои меѓународните организации не можат да понудат решенија, интернационализмот се повлекува пред растечкиот национализам. Екстремните закани бараат екстремни мерки. Безбедноста како да стана поважна од човековите права и слободи, кои станаа прва жртва на стравот на државите и нивните граѓани. Или, како што вели Костас Дузинас, „оптимистичката ера на глобализираната надеж се претвори во мрачна ера на стравот".

Гледаме како новиот поредок се раѓа од две крајности – од една страна се желбите за траен мир, а од друга страна заканите од постојани војни. Борејќи се против тероризмот и екстремизмот, современата држава ги проширува своите овластувања и надлежности, и со тоа го стеснува просторот на човековите права и слободи.

По секој терористички напад, државите прогласуваат вонредни или кризни состојби. Знаеме дека вонредната или кризната состојба е состојба на екстремна загрозеност, опасност за постоење на државата. Суверениот одлучува дали постои екстремна вонредна состојба, како и за тоа што мора да се стори за да биде надмината таквата состојба. Но, која е мерката?

Република Македонија беше првата држава во Европа што прогласи кризна состојба за заканата од илегалната миграција и ја распореди армијата на границата. Но, ние никогаш не ја употребивме кризната состојба за проширување на ингеренциите на државата и за ограничување на човековите права, вклучително и правата на мигрантите.

Сепак, денес, нашите држави и општества се соочуваат со нов, сериозен предизвик. Вонредната или кризната состојба е исклучок во кој се суспендираат дел од правата и слободите со цел да се зачува поредокот без кој се невозможни ниту правата ниту слободите. Но, во услови на перманентна опасност, кризната состојба од исклучок станува правило, а граѓанските права и слободи од правило се сведуваат на исклучок. Ако кризата е исклучок од нормалноста, перманентната кризна состојба значи дека кризата станала новата нормалност. Целиот систем е превртен.

Соочени со оваа состојба, некои дури поставуваат нова дилема: Што е поголема закана? Дали непредвидливите екстремисти и терористи кои уништуваат човечки животи или, пак, моќните влади кои го знаат секој сегмент од приватниот живот на граѓаните?

Во вакви услови се чини дека демократијата сè помалку може да понуди безбедност и сигурност. Низ светот, демократските општества се во криза. Насекаде во светот владее недоверба во државата, која сè повеќе се бирократизира, без да нуди одржливи решенија за кризите и за предизвиците. Еден автор забележува дека „на долг рок западните демократии без исклучок се движат во насока на сè поголема моќ на власта, сè поголема зависност од државата и сè поголема јавна потрошувачка и задолжување".

Глобализацијата само го мултиплицираше овој ефект. Во својот неодамнешен извештај за глобалните трендови, американскиот Национален совет за разузнавање оценува дека глобализацијата и технолошкиот напредок ги збогатија најбогатите и издигнаа една милијарда од луѓето од сиромаштија. Но, истовремено, ја истиснаа средната класа и со тоа создадоа отпор против глобализацијата.

Во тој контекст, сведоци сме на револтот на луѓето кон наметнатата глобалистичка парадигма на елитите. Граѓаните сакаат да си ја вратат слободата бидејќи безбедност и онака не добија. А кога државата не може на граѓаните да им ја гарантира безбедноста за која тие се одрекле дури и од дел од својата слобода, тогаш граѓаните се самоорганизираат за да ја постигнат безбедноста.

Не сакам да бидам погрешно разбран. Черчил рече дека демократијата не е совршена, но е најдоброто нешто што сме го имале досега. Проблемот не лежи во демократскиот идеал, туку во системот што се бирократизира и не нуди решенија.

Затоа, потребен е нов модус што ќе овозможи и одржување на безбедноста и почитување на човековите права и слободи. Навидум, изгледа како невозможна мисија. Но, само затоа што нештата ги гледаме низ призмата на старата парадигма. Потребни се други книги и автори. Потребно е редефинирање на концептите.

Прво. Во борбата против тероризмот, треба да разбереме дека ние не си имаме работа со организација, туку со движење придвижено од идеја што надминува етнички, јазични и културни разлики. За да победиме во борбата против тероризмот, не се доволни воени трупи и технологија. Неопходно е борбата да ја водиме и со идеи. Убиството и теророт не се резултат на религијата, туку на погрешното толкување на религијата, на неморалноста на поединците со стврднати срца, арогантни души и искривена логика. На радикализацијата да се спротивставиме со програми за контрарадикализација.

Второ, се зборува за човекови права и слободи, а се запоставува едно од основните права – правото на слобода на мисла, совест и вера. Прогонувањето луѓе со различна вера и уверување е сè поизразено, не само во несекуларни, туку и во развиени и секуларни општества. Неопходно е да се гарантира слободата во вистинска смисла на зборот. Луѓето треба да сфатат дека слободата што ја посакуваат за себе треба да им ја дозволат и на другите и дека нивната слобода нема да биде трајна сè додека и другите на ја уживаат истата слобода.

Трето, надминување на двојните стандарди. Кој одлучува за тоа што е вест и што ќе се најде на насловните страници? Сведоци сме на селективен пристап. Во светло на медиумски експлоатираните терористички напади во Европа, дали некој воопшто ги брои жртвите на муслиманите во Авганистан, Ирак, Либија, Сирија...? Дали некој застанува да се запраша колку муслимански мажи, жени и деца се убиени последниве години на Блискот Исток и во Северна Африка? Но, истовремено, знаеме за статистики кои исто така се целосно игнорирани од мејнстрим-медиумите. Од 2005 до 2015 година, за само 10 години, 900 000 христијани биле маченички убиени поради нивната вера. Во просек, тоа се 90 000 христијани годишно. Јас досега не чув некој од глобалните медиуми да ја адресира оваа тема.

Четврто - економски праведен систем. Јазот меѓу богатиот глобален север и сиромашниот глобален југ се продлабочува. Од седум милијарди жители само една милијарда живее удобно. 767 милиони луѓе живеат во екстремна сиромаштија. Не е ни чудно што милиони економски мигранти, кои немаат надеж за социјална мобилност во нивните родни држави, сакаат да дојдат во Европа. Затоа, неопходен е одржлив и инклузивен поредок, чија цел не е само економскиот, туку и социјалниот и еколошкиот аспект на развојот.

На крај, верувам дека примената на овие идеи може да ни помогне да излеземе од стапицата во која се вплеткавме читајќи погрешни автори. А, со тоа ќе овозможиме државите да се борат со тероризмот и со екстремизмот на начин што е конзистентен со правата и со слободите на граѓаните.

Ви благодарам.

Kairo2web

NovogodishnoObrakjanje
Новогодишно обраќање на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов
Сабота, 31 Декември 2016

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Годинава што одминува сакаме што побргу да ја заборавиме.
Во неа се соочивме со многу кризи и предизвици.
Редно е да извлечеме поуки од сето тоа и да излеземе посилни, помудри и поодговорни. Да не дозволиме се што беше негативно да ни се повтори.

Новата 2017-та година кај секој од нас буди нови очекувања, нови надежи, нови желби.
Во овие моменти кога ја чувствуваме моќта на надежта и на радоста, се навраќаме на основните човечки вредности, на потребата да бидеме солидарни, хумани, праведни...
Овие денови кога празнуваме и се радуваме се можност да се навратиме на она што секој еден од нас го направил за своето семејство, за своите пријатели, за своите соседи, за своето општество, за својата држава.

Драги сограѓани,

Во Новата година ви посакувам, пред сè, многу здравје, многу радост, многу љубов и добрина.
Вашите желби нека станат реалност, а реалноста нека биде поубава и поблагопријатна за сите нас.
Да постигнуваме успеси на кои сите ќе се радуваме.
Да си простуваме и да се почитуваме.
Да си помагаме и да се поддржуваме.
Во се што правиме, свесно да го поттикнуваме најдоброто во нас и најдоброто кај другите.
Бидејќи само така ќе ја градиме Македонија како хумано, солидарно и праведно општество.

Нека претстојните празници ни донесат нова сила, нова радост, позитивни мисли и обновена надеж за исполнет живот во мир, просперитет и благосостојба.

Среќна Нова 2017-та година!

PRM29122016-rotator
Годишно обраќање на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов
Четврток, 29 Декември 2016


PRM29122016Почитувани граѓани на Република Македонија,

Почитувани претставници на медиумите,

Вообичаено моето годишно обраќање го имам во Собранието, кое сè уште не е конституирано. За да ја исполнам мојата уставна обврска, ќе ја искористам оваа можност за да ве информирам за прашањата од мојата надлежност. За ова обраќање и писмено ќе го известам Собранието.

Ги одбројуваме последните денови од 2016 година.
Ова беше година на светли јубилеи, кои беа затемнети од големи предизвици и на глобален и на домашен план.

Во ова мое обраќање нема да зборувам за заканата од илегална миграција со која успешно се справуваме. Само ќе констатирам дека многу држави во Европа беа благодарни за одговорното однесување на Македонија во справување со илегалната миграција. Похрабрите јавно ни оддадоа признание.

Австрија, Полска, Словачка, Словенија, Србија, Унгарија, Хрватска и Чешка дури и распоредија свои полициски сили на нашата јужна граница. Јавно им искажувам благодарност.

Нема да зборувам ниту за заканата од насилен екстремизам и ниту за активностите на вратените странски терористички борци, бидејќи сè што имаше да се каже е кажано.

Нема потреба да потсетувам дека на надворешно-политички план 2016 година беше најтешка година не само за Македонија, туку и за регионот, Европа и светот. Нема да ве информирам ниту за бројните регионални и глобални форуми на кои ги застапував интересите на Република Македонија.

Она за што сакам да зборувам е многу поважно за сите нас денес. А тоа е политичката криза што создаде амбиент на страв и на неизвесност.

Како што одминува 2016 година, многу граѓани се прашуваат во каква Македонија ќе се разбудат следната 2017 година.

Ќе ве потсетам дека пред четврт век како држава излеговме од еднопартиски монизам и влеговме во повеќепартиски плурализам. Но, се покажа дека, за жал, тоа се сведе на плурализам во сингулар. Наместо да го надминеме, ние како да го мултиплициравме едноумието. Наместо партиските да ги приспособат на државните интереси, некои од партиите ги сведоа државните на своите теснопартиски интереси. Поради ваквиот неодговорен однос на поединци, политичарите, а со тоа и политиката, го загубија доброто име.

Се заборави вистината дека, по дефиниција, да се биде политичар значи да се биде пристоен. А пристојноста подразбира трпение за да се сослуша соговорникот. Да се води дијалог и преку дијалог да се доаѓа до решение за сите предизвици во демократијата.
Денес, за жал, не можеме да зборуваме за трпение, а уште помалку за пристојност на македонската политичка сцена. Не можеме да зборуваме за пристоен дијалог.

Отфрлајќи го трпението, дозволивме нетрпеливоста да завладее со политиката. Преголемата партизација доведе до досега невидена поларизација на Македонија.

Личната нетрпеливост меѓу политичките лидери и елити се прелеа на целото македонско општество.

Наместо низ широката призма на соживотот и почитта, граѓаните почнаа да се гледаат низ тесната и ограничувачка призма на партиите и идеологиите. Имавме вишок од критицизам и недостиг од самокритичност. Новинарите, бизнисмените, уметниците, спортистите... станаа заложници на политичка криза во која секоја страна ги гледа грешките на противникот, но е слепа за сопствените грешки и пропусти.

Воедно, во изминатава година бевме сведоци на една запрепастувачка динамика. Наместо да се натпреваруваат со идеи и со програми, некои политички актери почнаа да се натпреваруваат најпрво со вербални обвинувања, потоа со навреди, па со кривични пријави, за на крај да завршат со недолично однесување. Се натпреваруваа во палење слики и народни канцеларии. Деновиве гледаме дека некои почнаа да лицитираат и со државните интереси.

Како дојдовме дотука?
На што се должи сево ова?
Длабоко сум уверен дека има две причини.
Првата е надворешна, а втората внатрешна.

Во 2008-та бевме на прагот за членство во НАТО. Во 2009-та ги добивме првиот позитивен извештај и препораката за почеток на преговорите со Европската Унија. Во такви услови, институциите одговорно и забрзано се реформираа, политичарите доброволно и пристојно комуницираа, а граѓаните живееја со очекување дека европската иднина им е на дофат.
И токму тогаш, во зенитот на нашите напори, очекувања и оптимизам, ние бевме разочарани.
Наместо датум за преговори, бевме блокирани.
Наместо членство во НАТО, бевме игнорирани.
Наместо да бидеме наградени, ние бевме казнети.

Од тогаш до денес, Македонија стана колекционер на позитивни европски извештаи и препораки и акциони планови за членство во НАТО.

На почетокот, причината за блокадите беше името на државата и идентитетот на граѓаните. Оваа причина, сама по себе, е апсурдна бидејќи идентитетот на човекот не подлежи на докажување. Идентитетот е аксиома со која се докажува сè друго. А, сепак, ние бевме натерани да го докажуваме недокажливото – нашето право на човечко достоинство. Да докажуваме дека постоиме и дека не сме безимен, едикојси народ.

Но, тоа не им беше доволно. Секоја одмината година нè тешеа и ни велеа дека набргу ќе станеме членка. Но, увидовме дека нивното „набргу" во случајот со Македонија не се мери со календар.
Наместо веднаш и неодложно да нè примат под привремената референца, тие неодговорно нè блокираа на неодредено време.

Малку ли понижување трпиме со таа некрофилска привремена референца?
Ако веќе имаат обврска да ни се обраќаат со таа привремена референца, тогаш, исто така, имаат обврска да ги почитуваат и Времената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата, кои го уредуваат начинот на зачленување на Република Македонија во меѓународните организации под истата таа референца.
Не бараме изговори и свесни сме за нашите пропусти. Но, исто така, свесни сме за пропустите и за неисполнетите обврски на НАТО и на Европската Унија кон Република Македонија.

Нашите партнери во Брисел зборуваат за владеење на правото во Македонија. Апсолутно се согласувам дека треба уште многу да работиме на ова поле.
Но, истовремено ги прашувам – ако ни забележувате за состојбата во судството, тогаш зошто не ни дозволувате да ги отвориме 23. и 24. поглавје за правосудството, основните права, правдата, слободата и безбедноста?

Неодговорното однесување на НАТО и на Европската Унија кон Македонија неминовно се одрази на нашата внатрешна политика. Се изгуби реформскиот моментум, се затегнаа односите меѓу политичките партии и се намали трансформирачката моќ на Унијата. Последиците од блокадата станаа причина за нови блокади на Република Македонија.

Секој проблем што го игнорирате доволно долго, ќе се јави како симптом што ќе боли. Тука доаѓаме до втората, внатрешна причина за политичката криза.

Многупати повторив дека решението на кризата се наоѓа во институциите на државата. Нема вонинституционални решенија за прашања кои можат да се решат единствено по институционален пат.

Блокирани на патот кон стратегиските цели, ние влеговме во лавиринтот на кризите. Сакајќи да ја решаваат кризата надвор од институциите на државата, одредени неодговорни лидери почнаа да го заобиколуваат Собранието и да ги занемаруваат неговите контролни механизми. Наместо системски, тие решија да дејствуваат вонсистемски. Со заобиколувањето на институциите, влеговме во стапицата на Пржинскиот договор.

Имавме распуштено собрание, техничка влада за спроведување избори и прогласена кризна состојба. Безбедносните институции беа блокирани и парализирани со нарушен систем на команда произлезен од Пржинскиот договор. Постоеше висок ризик да не можат да одговорат на заканите со кои се соочуваме како држава.

Овие состојби дополнително се комплицираа на почетокот на април 2016-та.

Имаше организирана кампања за одложување на изборите закажани во јуни.

На нашата јужна граница илјадници мигранти се обидуваа насилно да ја срушат заштитната ограда и повторно да го отворат балканскиот мигрантски коридор кон Европа.

Истовремено, на нашата северна граница упаднаа 40 насилни екстремисти и терористи со намера да извршуваат одмазднички терористички акти.

Постоеше и сè уште постои висок ризик од заканата од странските терористички борци кои се вратија од боиштата на Блискиот Исток.

За сето време, Специјалното јавно обвинителство е селективно и политизирано обвинителство кое наместо инструмент за правда, се сведе на инструмент за уцена на политичките противници. Потпишувајќи го законот за формирање на СЈО, јас не очекував селективност и политизираност во неговата работа.

Сето ова што ни се случуваше неминовно водеше кон граѓански конфликт.

Во такви сложени услови, како претседател на Република Македонија бев единствената институција со легитимитет и овластувања да носи одлуки. И, наместо да бидам пасивен набљудувач на отворен судир, понудив решение за кризата. Понудив помирување преку помилување на сите кои на еден или друг начин се вклучени во политичката криза.

Еден ден, кога ќе бидат декласифицирани сите документи, граѓаните ќе имаат целосен увид во состојбата поради која ја презедов таа мерка. Но, ќе кажам само дека во состојба во која беше доведена во прашање иднината на државата, помилувањето беше единствениот мирен начин да се замрзнат непријателските намери меѓу спротивставените страни и да се избегне анархија.

За таа моја одлука претрпев многу критики и обвинувања.

Ме обвинуваа дека со одлуката за помилувањата сум ги прекршил Уставот и законите. Но, не само што со одлуката не ги прекршив Уставот и законите, туку ги скршив црните сценарија насочени против Македонија.

Ме обвинуваа дека сум го помилувал криминалот во Македонија. Но, помилувањата воопшто не вклучуваа запирање на постапката за конфискација на нелегално стекнат имот. Ако некој крадел, ќе мора да го врати украденото и да плати за стореното.

Владеењето на правото подразбира дека сите луѓе, почнувајќи од мене, независно од нивната етничка, религиска, политичка и социјална припадност, независно дали се на власт или во опозиција, се еднакви пред словото на законот. За такво владеење на правото се залагам. За тоа и го потпишав Законот за формирање на СЈО. Бидејќи, без сузбивање на криминалот и на корупцијата, не можеме да градиме иднина за Република Македонија.

Ме обвинуваа дека сум сакал да ги заштитам неодговорните политичари.
Но, со помилувањата сакав да постигнам само помирување.

Сепак, таквиот начин на решавањето на политичката криза не беше прифатено од дел од јавноста и штом се создадоа законски услови за тоа, ги повлеков дадените помилувања.

Откако ризикот се намали и непосредните закани нè одминаа, лидерите на партиите повторно седнаа и се договорија за предвремени парламентарни избори.

Конечно, на 11 декември имавме слободни, фер и демократски избори.

На изборите граѓаните си го кажаа своето.
Со тоа што го искористија своето демократско право и покажаа највисоко ниво на одговорност, граѓаните придонесоа кон тоа да се види крај на кризата.

Граѓаните разбраа дека за да се излезе од кризата не е потребно надгласување, туку усогласување, не е потребно уценување, туку помирување.

Со распределбата на своите гласови, граѓаните всушност ги принудија партиите да водат дијалог во институциите, но не по цена на државните интереси.

Граѓаните најодговорно си го исполнија својот дел од договорот наречен демократија и за тоа им честитам.

Драги сограѓани,

Изборите завршија. Заврши и прегласувањето и пребројувањето. Во постизборниот период, сакам да го соопштам мојот став во однос на неколку прашања.

Сè уште слушам како одредени лидери на партии јавно лицитираат со унитарниот карактер на државата, со некаква си кантонизација и федерализација, со името на државата и со идентитетот на граѓаните. Тие лицитираат со државните интереси.

Ќе ги потсетам дека Македонија во 1991 година се конституира како национална држава на македонскиот народ, во кој се обезбедува целосна граѓанска рамноправност и трајно сожителство на македонскиот народ со Албанците, Турците, Власите, Ромите и другите националности кои живеат во Република Македонија.

Точно е дека пред 15 години со Охридскиот рамковен договор го дополнивме нашиот инклузивен демократски модел. Отворивме врата за правична застапеност на граѓаните од сите, не само за една заедница. Ќе повторам – сите, а не само една.

Мојот став е повеќе од јасен.

Никогаш нема да се согласам Република Македонија да биде бинационална држава.
Никогаш нема да се согласам Република Македонија да биде федерална држава.

Република Македонија е унитарна држава на сите нејзини рамноправни граѓани, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци, христијани, муслимани, Евреи и атеисти. Тоа е она по што сме различни од другите.

Слушам дека се бара двојазичност на целата територија на Македонија. Тоа прашање е затворено со амандманот 5 од Уставот на Република Македонија, кој произлезе од Охридскиот договор, каде се регулира прашањето за службениот јазик во Република Македонија.

Службената употреба на кој било јазик во Република Македонија зависи од статистиката, а единствен начин за добивање реална статистика е пописот. Последниот попис во Македонија беше пред цели 14 години. Тоа е предолг период за која било држава. Без нов попис на населението, не може да се бараат права што зависат од статистиката.

Очекувам новата влада што поскоро да спроведе попис за да видиме колку сме, да видиме дали реалноста на теренот соодветствува со тврдењата на некои политичари.

Им порачувам дека е неодговорно да се бараат права без да се преземаат обврски, точно онака како што е наведено во амандманот 4 од Уставот на Република Македонија.

А обврска и одговорност на секој граѓанин на Македонија, независно од етничката, верската, јазичната и идеолошката припадност, е да се грижи за доброто на оваа наша единствена заедничка татковина – Република Македонија.

Недозволиво е некои лидери на парламентарни партии на преговарачка маса да ги ставаат државните интереси на Република Македонија, спротивно на Уставот на Република Македонија.

Во името на македонските граѓани, ги предупредувам да внимаваат што прават.
Во името на македонските граѓани, им порачувам да не помислат во нивните постизборни комбинаторики да разговараат или да преговараат за државните интереси на Македонија и националните интереси на македонскиот народ. Бидејќи за државните интереси ниту се разговара, ниту се преговара.

Никој нема мандат да ја прекројува државата, да го менува нејзиниот идентитет.
Никој нема мандат да го продава она за што сонувале и гинеле генерации, а тоа се слободата и независноста на Република Македонија.
Република Македонија ниту е, ниту ќе се согласам да биде бинационална држава.
Република Македонија ниту е, ниту ќе се согласам да биде федерална држава.
Република Македонија е унитарна држава со мултуетничко, мултирелигиско и мултијазично општество.

Почитувани сограѓани,

Денес, кога зад себе ја оставаме годината на четвртвековниот јубилеј од независноста, наместо во посилна и во посплотена, ние живееме во слаба и во раскарана Македонија. Раскарана по секоја можна основа.

Сè започна со блокадите, кои создадоа поделби, и поделбите кои родија реваншизам.

Нема ништо потрагично и поопасно од меѓумакедонскиот судир. Секогаш кога сме биле поделени, други нè окупирале, раселувале, преименувале и однародувале.

Затоа, го повикувам лидерството на двете најголеми партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, да смогнат сила за да си простат, да се помират и конечно да се сплотат околу националните интереси на македонскиот народ и државните интереси на Република Македонија.

Ако навистина ја сакаат оваа држава и ако навистина се грижат за македонскиот народ, ги повикувам да ја почитуваат волјата на граѓаните бидејќи во омразата никој нема ниту иднина, ниту надеж.

Ги повикувам на национално помирување. Само здружени и со меѓусебна доверба ќе бидеме секаде и секогаш посилни и подготвени за сите можни предизвици на нашето време.

Затоа, очекувам од новата влада во својата програма да има два клучни приоритета:

Прво, заштита на државните интереси на Република Македонија, што подразбира зачувување и зацврстување на унитарниот карактер на државата.

Второ, системска реформа по кризата во која ќе бидат опфатени субјектите на системот за национална безбедност на Република Македонија.

Овие приоритети се неопходни, пред сè, поради бројните закани со кои се соочуваме и поради внатрешните слабости кои ги имаме. Последиците од конфликтите во регионот на Северна Африка и на Блискиот Исток, илегалната миграција, активностите на странските терористички борци и на нивните поддржувачи, транснационалните криминални мрежи, насилниот екстремизам, радикализам и интересите на разни центри на моќ, влијаат врз поларизација на македонското општество.
Тие можат да предизвикаат идни внатреетнички, меѓуетнички и меѓурелигиски тензии во Македонија. Постои навистина висок ризик за внатрешната безбедност од надворешните закани со кои се соочуваме. Не само ние, туку и целиот наш регион, цела Европа.

Поради ваквиот сооднос меѓу надворешните закани и внатрешните слабости, неопходни се таквите системски реформи.

Разузнавањето, Армијата на Република Македонија, граничната полиција, службите за спроведување на законите и Обвинителството мора да се трансформираат за да ја заштитат националната безбедност на државата, во согласност со промените на предизвиците и заканите со кои се соочуваме.

Веќе 15 месеци сме во прогласена кризна состојба за заканата од илегалната миграција. Таа кризна состојба ќе продолжи и понатаму. Затоа, не смееме да дозволиме по изборите политичката криза да прерасне во институционална криза.

Драги сограѓани,

Најголемиот предизвик за нас не е да знаеме која е нашата цел и каде сакаме да одиме. Тоа го знаеме од почетокот на независноста, а тоа е европска и евроатлантска Република Македонија. Најголемиот предизвик е да знаеме што сме подготвени да оставиме зад нас за да стигнеме таму каде што сакаме.

Длабоко верувам дека две нешта нè влечат назад. Првото нешто се поделбите, како последици од блокадите. Второто нешто е реваншизмот како последица од поделбите. Ве повикувам зад нас да ги оставиме и поделбите и реваншизмот. Знам дека по сето она што се кажа и што се направи досега, ова е многу тешка одлука, затоа што треба да си простиме за некои многу тешки зборови, навреди, клевети и дела. Треба да си ги признаеме и сопствените грешки и пропусти. Ова е тешка одлука бидејќи бара понизност, што е одлика само на големи, доблесни и одговорни луѓе. Без таква одлука со која конечно ќе се одречеме од поделбите и реваншизмот, ние не можеме да се надеваме на просперитет и на успех.

Затоа, ве повикувам да престанеме со реториката на патриоти и предавници.
Да престанеме бидејќи со секој збор и навреда ја продлабочуваме поделбата во нашето општество. Со секој збор и навреда, на нашите потомци во наследство им оставаме само кавги и поделби.
Да престанат и нападите кон дипломатските претставници.
Да престанеме секогаш вината да ја бараме кај другите.
Одредени политички лидери да престанат да се повикуваат и да ги злоупотребуваат имињата на амбасадорите во Република Македонија за да остваруваат свои цели. Истовремено, го повторувам и повикот дипломатските претставници во вршењето на своите надлежности да внимаваат на нивните постапки и реторика и да се придржуваат до Виенските конвенции.

Но, за да го направиме тој чекор за помирување, неопходна е одговорност.

„Одговорноста го воспоставува идентитетот, но ние не сме одговорни поради нашиот идентитет; наместо тоа ние имаме идентитет затоа што сме одговорни," рече Вацлав Хавел.
Одговорноста е темел на довербата меѓу луѓето и институциите, бидејќи секој кој носи одлуки мора да преземе лична одговорност за своите чекори.

Таму каде што има лична одговорност има и предвидливост, структура, потенцијал за раст. Само одговорноста создава услови за безбедност, стабилност и напредок.

Одговорноста, пак, не лебди во воздух. Таа мора да биде дел од политичката култура. Секој народ, секоја држава, секоја институција има своја култура на функционирање. Културата може да се сведе на она што, по некоја случајност и без длабоко размислување е спонтано создадено, или на она што внимателно е осмислено и создадено. И додека првото е спонтано, но и подложно на разно-разни влијанија, второто е смислено и отпорно на штетни влијанија. Политичката криза покажа дека, за жал, во Македонија доминира културата на неодговорност.

Точно е дека разликата меѓу големите и малите држави се состои во тоа што големите држави сами си ги решаваат проблемите. Но, големината на една држава се состои и во силните институции коишто одговорно си ги извршуваат своите надлежности. А одговорни институции се невозможни без одговорни поединци бидејќи само одговорни поединци создаваат одговорни институции.

Кога на институциите им е дозволено да си ја работат својата работа, тие функционираат професионално и даваат решенија за предизвиците со кои се соочуваме.
Сетете се на професионализмот на безбедносните институции во менаџирањето со мигрантската криза.
Сетете се на нашата армија, полиција, на безбедносните сили кои професионално и одговорно ги чуваат не само нашите граници, туку и границите на Европа.
Сетете се на нашата армија која секогаш и секаде им помагала на граѓаните во справувањето со елементарните непогоди и катастрофи.
За сè што направи, македонската армија заслужува почит, благодарност и признание.

Но, исто така, важи и спротивното. Кога институциите се заобиколувани, блокирани и парализирани, наместо да се дел од решението, тие стануваат дел од проблемот. Се надевам дека лидерите конечно ја научија лекцијата – дека не треба да се бараат решенија надвор од институциите на државата. Затоа, повикувам, по којзнае кој пат да им ја вратиме моќта на институциите.

Денес мора да бидеме одговорни, за утре да можеме да бидеме отчетни.

Почитувани сограѓани,

Не случајно во моево обраќање постојано зборувам за одговорност наспроти неодговорност. Бидејќи цврсто верувам дека, повеќе од кога и да било порано, иднината на Македонија зависи само од еден збор – одговорност. И тоа не општа и безлична, туку конкретна и лична одговорност.

Оставајќи го зад себе 25-годишниот јубилеј од независноста на Република Македонија, ги повикувам 6-те лидери на парламентарните партии да покажат одговорност и да ја обноват посветеноста за европска и за евроатлантска Македонија.
Ги повикувам што поскоро да потпишат обврзувачка декларација за посветеност на европската и евроатлантската агенда.
Ги повикувам да се обврзат дека сите закони и решенија од европската агенда ќе имаат приоритет, се додека довербата на граѓаните во Европската Унија и НАТО е толку висока.

Но, истовремено, ја повикувам Европската Унија да престане да ја блокира нашата иднина. Блокадата не е ништо друго освен казна за македонските граѓани. Со блокирањето на преговорите се блокира можноста за градење одговорни, европски институции во Република Македонија.
Со блокадите, нам ни се ускратува правото на просперитет.
Повторувам, со блокадите ни се ускратува правото на просперитет.
Затоа, време е за поголема одговорност на Унијата кон Македонија.

Драги сограѓани,

Најсветли моменти во историјата на човештвото се моментите кога луѓето храбро и одговорно чекорат кон решавање на предизвиците.

Иднината на Македонија не зависи само од нашите желби, проекции, планови и програми, туку и од нашите конкретни чекори. Што ќе направиме сега ќе влијае не само на нашето утре, туку и на илјадници утра на идните генерации.

Вие, граѓаните на Македонија, на својот грб ги почувствувавте меѓупартиските препукувања. Се изнагледавте сцени кои не и прилегаат на држава со 25-годишно демократско искуство. Се изнаслушавте отровна реторика. Бевте сведоци на обиди за делегитимизација на државните институции преку решавање на проблемите во амбасадите на странските држави.
Вие, граѓаните на Македонија ја видовте опасноста од поделбите и од провалијата на реваншизмот, што ги доведува во прашање дури и државните интереси.

Затоа, додека не е доцна, повикувам на простување, помирување и сплотување околу државните интереси.
Повикувам, конечно, одлуките за Македонија да ги носиме во институциите што сами ги создадовме, преку претставниците што сами ги избравме.
Повикувам на одговорно однесување. А одговорноста се гради преку јавност и транспарентност. Граѓаните треба да бидат врвниот контролор на одговорноста на лидерите, политичарите, институциите. Бидејќи сите постојат заради граѓаните.

Само така ќе ја градиме Република Македонија како држава во која наместо поединци ќе владее правото, во која ќе се гарантираат човековите права, граѓанските слободи и рамноправноста.

Држава што ќе обезбеди мир и соживот меѓу своите граѓани, независно од етничката, верската и јазичната припадност. Држава што ќе обезбеди социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот.

Како претседател на Република Македонија и како врховен командант на вооружените сили се повикувам на мојата одговорност дека ќе го правам она за што положив свечена заклетва.

Ќе ги бранам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија од внатрешните и надворешните предизвици, закани и ризици. Ќе ги бранам Уставот и уставниот поредок на Република Македонија.
И не помислувам да отстапам од тоа.

Ви благодарам.

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 5 од 57