Говори и обраќања
Ohridsko_leto
Обраќање по повод свеченото отворање на 57. издание на фестивалот „Охридско лето“
Среда, 12 Јули 2017

Почитувани вљубеници во уметноста,

Пред повеќе од шест милениуми, некаде во срцето на Евроазија, некои од првите уметници го употребиле од Бога дадениот капацитет и слобода за да свират, пеат, танцуваат и сликаат. Околу нив била собрана првата публика. Еден човек од публиката својот восхит од творечката умешност и моќ на првите уметници го изразил со еден едноставен збор. А тоа е зборот - маг. Низ вековите, овој протоиндоевропски збор преку јазикот пропатувал низ многу народи, култури и цивилизации. Бил запишуван на глинени плочи, папируси, пергаменти и хартија. Попатно, ја менувал и формата и содржината, примајќи различни значења се додека не пристигнал и до нас како зборот - магија.

Денеска, кога се подготвуваме да зачекориме на патот кон магијата, добро е да се потсетиме дека всушност чекориме по патот кон моќта. Но тоа не е онаа себична моќ да се доминира и контролира, туку алтруистичка моќ да се креира и споделува. Тоа е моќта на уметноста.

Веќе 57 години фестивалот Охридско лето е дел од нашиот пат кон моќта на уметноста. По тој пат секоја година минуваат бројни уметници од Македонија, Европа и светот, кои несебично ја споделуваат својата креативност и го задоволуваат нашиот длабок копнеж по убавина, добрина и слобода. Оттука, нема подобар начин да го започнеме нашето патување освен преку џезот, чие второ име е слобода.

Со таа мисла, го прогласувам фестивалот Охридско лето за отворен!

Kran_Montana_Forum
Обраќање на 28-та сесија на Форумот Кран Монтана
Среда, 05 Јули 2017

Ваши екселенции,
Почитувани присутни,
Дами и господа,

Задоволство е да се учествува повторно на форумот „Кран Монтана" – формат за кој во секоја пригода велам дека е одлична можност за размена на мислења и ставови, особено што мотото на форумот – да се изгради похуман и поправичен свет станува поважно од кога било досега.

Дополнителна тежина на оваа денешна средба даваат и немилите настани кои се случија неодамна во неколку земји, а кои за жал покажуваат дека и покрај сите напори за борба против тероризмот, оваа модерна Хидра сè уште постои и ги разјадува сите општества, без оглед на нивниот политички или вредносен систем. Она што за Блискиот Исток претставува реалност веќе подолго време, полека станува дел и од вистинскиот живот во Европа.

Имајќи го предвид овој и другите предизвици со кои се соочува светот денес, изградбата на одржлива стратегија за стабилност и напредок станува можеби не невозможна, но со сигурност сложена мисија која бара многу заеднички труд, посветеност, доза на самокритичност и целосна искреност.

Дами и господа,

Минатото нè учи дека човештвото честопати знаело да задоцни, секоја задоцнета реакција и пропуштен миг за дејствување значеле назадување или во најмала рака, празен од. Сепак, предноста на сегашноста е што ни дава можност да учиме од минатото, со цел никогаш повеќе да не задоцниме кога влогот е нашата и иднината на нашите млади.

Ова го велам во поширок контекст – политички, општествен, економски, културен, па ако сакате и спортски. Време е да се ослободиме од предрасудите за големи и мали земји и да се свртиме кон нивната стратегиска реалност и профил кој во денешни категории претставува комбинација на геополитика и способност успешно да се фати чекор со новото време и сите негови предности и ризици.

Како поткрепа, секако, би го споменал примерот на мојата земја, Република Македонија и начинот на кој таа успешно се справи со само еден од низата предизвици во изминатиот период.
Имено, мигрантската криза ги увери и најголемите скептици во две нешта: прво, дека мала територија не значи и неважна територија и, второ, дека мала земја не значи и мала улога во глобалните процеси.

Таканаречената Балканска рута на бегалци и мигранти од Блискиот Исток, Азија и Африка покажа дека Балканот, но, пред сè, Македонија е мост помеѓу Истокот и Западот и најбрз пат до земјите од Западна Европа како крајна дестинација во потрагата по среќа на овие луѓе.

Не смее да се заборави дека токму Македонија и Балканот се раскрсницата каде во форма на мирен и вековен соживот природно се соединуваат најдобрите карактеристики на овие навидум спротивни светови. Начинот на кој една земја одбира да се справи со вакви и слични предизвици е најдобар и највидлив одраз на нејзиниот придонес кон изградбата на подобар свет за идните генерации. Од тој избор зависи дали и онака кревката стабилност ќе се влоши или, пак, ќе зајакне.

Изборот на Македонија беше хуманост, правичност и еднаков третман кога станува збор за хуманитарниот аспект на мигрантската криза; и одлучност и подадена рака за соработка кон сите засегнати, кога станува збор за нејзиниот безбедносен аспект.

Секако, мора да се има предвид дека мигрантската криза е само еден од серијата незапирливи глобални процеси со кои човештвото постојано ќе се среќава.

Почитувани присутни,

Наспроти сето ова што го кажав, стои еден контраст, една сосема поинаква ситуација. Република Македонија е школски пример кој го илустрира денешниот непоредок во светот, а ќе ви објаснам и зошто.

Во случајот со мојата земја, воопшто, не се почитува меѓународниот договор склучен со една наша соседна земја, а кој создава меѓународно правни обврски. Како тоа да не е доволно, имаме и пресуда на Меѓународниот суд на правдата во Хаг која сите ја игнорираат, небаре не постои. Македонија направи многу за безбедноста на Европа, а сè уште се третира како трета земја, па дури и пристапот кон одредени безбедносни инструменти на ЕУ ни е ограничен, иако станува збор за платформи за размена на податоци во корист на целиот континент. Македонија е пример за тоа како една земја може да биде предмет на двојни стандарди кои се граничат со лицемерие.

И покрај сè, останувам оптимист и се надевам дека и ЕУ и НАТО, како и земјите од нашиот регион ќе извлечат поуки од овој погрешен пристап кон Република Македонија.

Имајќи ја предвид темата за која зборуваме, не можам да видам ниту една друга одржлива стратегија за стабилност во услови на глобално непредвидлива средина освен враќањето кон единствениот вид поредок кој даваше стабилност – имено почитувањето, а не наменското толкување на меѓународното право и преземените меѓународни обврски. Ова оди рака под рака со максимална соработка, пред сè, во сферата на безбедноста и на борбата против главните предизвици – екстремизмот и тероризмот.

Екселенции,

Темелите на поредокот каков што го знаеме се сериозно разнишани и затоа сме во состојба што јас ја нарекувам глобален непоредок. ООН, како еден од тие темели, мора да се реформира и да се приспособи кон новата реалност. Ова се однесува и на другите меѓународни организации кои не смеат да си дозволат да останат заглавени во 20-от век, напротив мора да бидат пофункционални за да бидат вистински гаранти на стабилноста.

Времето за дејствување е сега. Од општествена, пак, гледна точка мора да се придвижиме кон систем на управување кој ќе води сметка за колективното добро, притоа не заборавајќи на експанзијата на секој од нас, поединечно. Новите технологии веќе ја даваат таа индивидуална можност, останува на нас да ја подигнеме свеста за нивното користење за позитивни цели.

Не смееме да заборавиме дека светот сè уште крвави од конфликти, војни, блокади и несогласувања, и дека никој не е имун на овие појави.
Клучот лежи во сознанието дека еден човек може да биде брат по вера, но и во спротивниот случај, тој останува рамен по човечност, со други зборови ја заслужува нашата почит, прифаќање и доверба.

Ова е најздравата основа врз која, со оглед на денешната реалност, може да се изгради светот кон кој тежнееме – свет на напредок, мир, стабилност и правичен третман кон сите.

Ви благодарам.

rakometari1
Обраќање по повод доделувањето „Медал за заслуги за Македонија“ за членовите на РК Вардар и признание „Повелба на Република Македонија“ на РК Вардар
Вторник, 06 Јуни 2017

Наши ракометни херои,
Почитувани гости,

Нека ни е честито освојувањето на Лига на шампиони во ракомет. Нека ни е честит најголемиот успех на македонскиот машки екипен спорт. Навистина имаме причина да се гордееме и да се радуваме на овој историски успех.

Во името на сите граѓани на Република Македонија имав задоволството и честа да донесам укази за доделување на високи државни признанија на нашите спортски идоли. Со својот подвиг ракометарите на „Вардар" апсолутно ги заслужија високите признанија. Од сè срце ви честитам на огромниот успех.

Со вашата желба, мотивираност, сплотеност и тимски дух ни покажавте дека не постојат искушенија и предизвици кои не можат да се надминат и врвови кои не можат да се освојат. Вие сте пример од кој ќе учат и ќе се мотивираат и сегашните и идните генерации.

Верувам дека овој Ваш успех ја обедини целата нација и дека ќе биде импулс и понатаму заеднички да веруваме и да навиваме, заеднички да прославуваме и да се радуваме, да бидеме сплотени и во победите и во поразите како составен дел од спортот и животот.

Почитувани,

Успехот на Ракометниот клуб „Вардар" не е случаен, тој не е дојден преку ноќ. Веќе четири години РК „Вардар" е во врвот на европскиот ракомет. Тоа секако се должи на инвестирањето во клубот, одличната организација, извонредниот стручен штаб, грижливата селекција на играчи и секако најдобрата публика. Освојувањето на лигата на шампионите е награда за една макотрпна, вредна и континуирана работа.

Победени се екипи кои се великани во машкиот ракомет со многу подолга традиција, поголемо искуство, со бројни трофеи, со звучни ракометни имиња и со буџети неколку кратно поголеми од оние на нашиот шампион. За овој спортски подвиг пресуди и Вашата борбеност, самодоверба и тимски пристап. Прекрасно е да се види како играчи кои доаѓаат од различни делови на Европа дури некои и од сосема друг континент да ги краси единството и вистинскиот тимски дух. Тоа е вредност што не е медал кој виси на градите и може да се освои, тоа е нешто што го имате или немате кај Вас. Затоа сме особено горди што имате големи срца и секогаш ги оставате на теренот.

Сега во сите Вас, нашите млади имаат идоли на кои ќе им се восхитуваат и по чии стапки верувам ќе сакаат да тргнат. Спортот како филозофија на живот треба да биде алтернатива на пороците на денешницата.

Благодарение на овој успех верувам дека сега и да нема дете во Македонија кое не се замислува како ракометар или спортист. Сите заедно да помогнеме овој моментум да резултира со раѓање на нови шампиони.

Драги пријатели,

Македонија живее за спортот и знае да се радува на спортските успеси. Нашиот народ е гладен за трофеи и успеси. За радост и славје, За заедништво и сплотеност. Посакувам и понатаму да има вакви светли мигови и нашите плоштади ќе бидат преполни со граѓани кои се радуваат на големи спортски успеси.

На крајот од ова мое обраќање би сакал уште една да ви се заблагодарам за сета радост што ни ја приредивте.

Ви посакувам уште многу победи и многу трофеи и животни успеси.

Ние сме тука секогаш да ве бодриме и со гордост да навиваме за вас.

Честито Вардар шампионе !

rakometari2

Orden_MOB
Обраќање по повод доделувањето Орден за заслуги за Македонија на Македонската опера и балет
Вторник, 09 Мај 2017

Почитувани присутни,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Чест ми е да ви се обратам на 9 мај, денот на победата над фашизмот и денот на Европа.

Кога на 9 мај 1945 година оружјето замолкна во Европа, многумина се прашуваа дали музиката е возможна по ѕверствата на Втората светска војна. Дали по уништувањата, човештвото има морално право да твори уметност. Тоа секако ќе беше огромна загуба за сите нас, бидејќи е тешко да се замисли светот без музиката, танцот, песната, операта.

Секој љубител на операта знае дека успехот на овој голем уметнички потфат најмногу зависи од две нешта. Прво, од умешното свирење со музичкиот инструмент создаден од човекот. И, второ, од правилното користење на човечкиот глас како најсовршениот инструмент подарен од Бога. Балетот, пак, кон нив го придодава и танцот. Како симбиоза на музиката, зборот и танцот, операта и балетот се најтешките музички и уметнички форми. Оттука, стремеж на секое општество и култура е да се најде на светската оперска и балетска мапа.

Нашата македонска приказна започна во мугрите на македонската држава – само три години по АСНОМ, со основањето на оперскиот ансамбл во 1947 година и премиерата на Кавалерија Рустикана. Љубителите на класичната музика секако знаат дека ова е првото и најзначајно оперско дело на Пјетро Маскањи. Но не сите знаат како настанало.

Младиот Маскањи во последен момент дознал дека има конкурс за опера за млади композитори кои до тогаш не напишале ниту една опера. Во духот на реализмот, инспириран од еден расказ на Верга, Маскањи за помалку од два месеци го завршил делото. Сепак, младиот композитор не бил целосно задоволен од квалитетот на своето дело. Партитурата му ја пратил на својот пријател Пучини за второ мислење. Иако Пучини сметал дека оваа опера нема никаква шанса да победи на натпреварот, во знак на добра волја ја препратил кај својот издавач, кој операта на дебитантот веднаш ја отфрлил како безвредна. Обесхрабрен, Маскањи кренал раце. Но, не и неговата сопруга, која без негово знаење ја пратила партитурата на конкурсот. Во 1890 година, во конкуренција на 73 опери, Кавалерија Рустикана убедливо победила.

Неговата прва опера била премиерно изведена на 17 мај 1890 година. 57 години подоцна, новоформираната Македонска опера и балет дебитираа на македонската сцена со операта со која дебитираше и самиот Маскањи – Кавалерија Рустикана.

Orden_MOB_1Драги пријатели,

Верувам дека ова дело не било случајно избрано, бидејќи, начинот на неговото создавање во себе носи голема симболика.

Прво, зборува за младите. Свесно или не, доајените на младата македонска опера преку премиерата симболично го изразија потенцијалот на младите, се уште недокажани македонски уметници. Оваа институција и овозможи на цела наша плејада на талентирани и врвни музичари и истакнати солисти да се стекнат со неповторливо искуство.

Второ, добронамерната помош е добредојдена. Ние не секогаш можеме сами. Доволно е да се сетиме дека процутот на македонската опера и балет е тесно поврзан со маестро Ловро Матачиќ кој помогна во насочувањето на потенцијалот на македонските музичари.

Трето, неопходна е самодоверба. Во животот ќе има многумина кои ќе не обесхрабруваат. Доколку критичарите го имаа последниот збор, денес никој од нас овде немаше да знае за Маскањи и за Кавалерија Рустикана. Но, еден чекор на верба промени се.

Токму таков чекор на верба направија и уметниците кои пред 70 години ги поставија темелите на Македонската опера и балет.

Таков чекор на верба направивме и ние во 1991 година, кога прогласивме суверена и независна Република Македонија, тогаш кога некои се сомневаа во нас. И денес, кога повторно сме сведоци на разни сомнежи во нашата државотворност, ние не треба да се обесхрабруваме. Се додека идејата на слободата и независноста на Македонија е во нашите срца, нема да потклекнеме и да се откажеме.

Водени од овие три нешта, нашите уметници самоуверено ги започнаа и „Мајските оперски вечери" кои годинава се одржуваат по 45-ти пат. Нашите уметници дебитираа на светските оперски и балетски сцени. Некои од нив станаа наши амбасадори на културата низ сите меридијани. Нивните настапи се сведоштво дека Македонија е татковина на извонредни креативци.

Затоа, на овој свечен ден, 9 мај, како Претседател на Република Македонија имам чест на Македонската опера и балет да и доделам Орден за заслуги за Македонија. Овој орден е признание за успешното промовирање на македонското и на светското творештво од областа на оперската и на балетската уметност.

Овој орден е признание за улогата што Македонската опера и балет ја има во победата на креативноста над деструктивноста и музиката над тишината.

Со таа мисла, на самиот крај, ви посакувам едно нешто: да имате се повеќе распродадени концерти и во Македонија и во светот.

Ви благодарам.

Orden_MOB_2

RSBSP
Обраќање на доделувањето на Повелба на Република Македонија на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата
Четврток, 04 Мај 2017

Почитувани присутни,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Сообраќајот е нераздвоен дел од нашето секојдневие. Патиштата и пругите се артериите на нашата економија, без кои економскиот напредок е незамислив. Но, покрај бројните економски придобивки, сообраќајот носи и одредени ризици по безбедноста на неговите учесници – возачите, патниците и пешаците. Веќе 55 години со овој сериозен предизвик се бори Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот.

Пред малку чувме дел од постигнувањата и успесите на Републичкиот совет. На сето тоа ќе го додадам следното: сите стратегии, активности, мерки, кампањи, предлози и иницијативи на Републичкиот совет се сведуваат на едно нешто, а тоа е заштита на човечкиот живот.

Сепак, не можеме, а да не забележиме дека од година во година, задачата на Републичкиот совет станува сè посложена и тоа поради повеќе фактори.

Имаме сè поголем број возила на патиштата. Фреквенцијата на сообраќајот секојдневно се зголемува. Несовесното користење на современите технологии, а особено мобилните телефони за време на возењето е израз на ниското ниво на сообраќајна култура што многу често се плаќа со живот. Дополнително на тоа, политичките кризи, неизвесноста и непредвидливоста ги изложија граѓаните на постојан стрес.

Собрани заедно, овие фактори го намалија трпението и почитувањето на сообраќајните правила и го зголемува бројот на сообраќајните несреќи, кои за жал станаа наше секојдневие.

Секое утро се будиме со статистиките за тоа колку несреќи имало во текот на претходниот ден. Само во 2013 година во просек имало по 11 тешки сообраќајни незгоди секој ден. Во таа фатална година, секоја десетта жртва била дете! Годишно во Република Македонија меѓу 160 и 170 лица ги губат животите во сообраќајни незгоди. Бројот на повредените е многупати поголем. Тоа се многу предвреме прекинати животи, неискористени можности и неостварени соништа. Тоа е голема загуба за семејствата, за општеството и за државата.

Брзото возење, алкохолот, неносењето појас и телефонирањето или, уште полошо, праќање пораки за време на возењето се меѓу најчестите причини за овие страшни статистики.

Републичкиот совет неуморно и совесно се бори против овие тенденции. Со отрезнувачки кампањи ја будат јавната свест за потребата од одговорно учество во сообраќајот. Упорно укажуваат дека една секунда невнимание може да ги измени сите животни планови. Ја едуцираат јавноста, особено младите, за ризиците кои можат да ги чинат живот.

Во таа насока, Републичкиот совет ја имплементира и националната стратегија за унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата. Целта на оваа стратегија е бројот на жртви во сообраќајни незгоди да се намали и да биде во рамките на Европската Унија.

Затоа, во годината кога Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот прославува 55 години од формирањето, ја имам честа, како Претседател на Република Македонија да доделам Повелба на Република Македонија. Повелбата е признание за постигнатите резултати во унапредувањето и во развивањето на сообраќајното образование, култура и етика, со што Републичкиот совет даде исклучителен придонес за подобрување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот на нашите патишта.

Но, истовремено, Повелбата претставува и обврска.

Минатата година на отворањето на Регионалната конференција за безбедност во сообраќајот реков дека ниту нови патишта, ниту нови закони, ниту повисоки казни и построги санкции, сами по себе, нема да ја намалат смртноста на патиштата ако истовремено не работиме на развивање на сообраќајната култура и етика. Таа култура и етиката треба да се гради и да се пренесува преку семејствата, училиштата, автошколите, сè додека не прерасне во општоприфатена општествена навика. Сите ние треба да работиме на создавањето на таа навика.

Но, за тоа е неопходен еднаков третман на сите пред законите. Потребна е соработка во рамките на системот, ангажирање на јавниот и на приватниот сектор, осигурителните компании, академската заедница, цивилното општество и медиумите. Бидејќи, само така ќе изградиме безбедност во сообраќајот.

Верувам дека, како и до сега, така и од сега, Републичкиот совет ќе има клучна улога во постигнувањето на оваа цел. И во таа насока, честитајќи им за признанието, ги охрабрувам да продолжат да го прават она за што постојат – спасување на човечкиот живот.

Ви благодарам.

najdobar_naucnik2
Обраќање по повод доделувањето на признанието „Најдобар млад научник“ за 2016 година на Христијан Ѓорески
Среда, 03 Мај 2017

Почитувани гости,
Дами и господа,

Имам особена чест и големо задоволство да ви се обратам по повод доделувањето на признанието „Најдобар млад научник" што се доделува за врвни научни достигнувања во една календарска година.

Оваа веќе традиционална манифестација која има за цел вреднување и стимулирање на младите македонски научници до 30-годишна возраст секоја година добива сè поголемо значење и важност. Токму високите достигнувања на пријавените кандидати сведочат за големиот потенцијал на младата македонска научна мисла. Комисијата која е задолжена за изборот на најдобар млад научник и која детално ги прегледува пристигнатите апликации може да посведочи за високиот квалитет на пристигнатите пријави. Не би сакал да ја испуштам оваа можност без да им се заблагодарам на членовите на комисијата, но и на рецензентите за нивниот придонес во целиот процес на селекција. Секако, голема благодарност и до медиумите без чија поддршка овој настан, но и младите македонски научници не би го добиле должното внимание.

Уверен сум дека со овој избор на најдобар млад научник придонесуваме за поттикнувањето на интересот и популаризирањето на младата македонска научна мисла. Покрај големиот талент кај нашите млади научници забележлива е и нивната креативност, посветеност и мотивација за понатамошна научна работа. Доколку, сакаме нивниот придонес да биде од корист на државата мора да направиме сè тие да ги заземат своите места во образованието, институциите, бизнис-секторот. Секако, нивниот научен пат често продолжува надвор од границите на нашата земја, но и тогаш контактите и соработката не смеат да престанат. Напротив нивното искуство од врвните образовни и научни институции во странство треба да биде пренесено и искористено и кај нас.

mlad_naucnik1Почитувани,

Денес кога по седми пат ја доделуваме наградата „Најдобар млад научник" имаме добитник чиј главен интерес е „вештачката интелигенција". Особено сум импресиониран што интересот кон оваа област го води нашиот најдобар млад научник во изнаоѓање решенија кои би се користеле во здравството и во спортот. Токму оваа хумана димензија во научната работа на д-р Христијан Ѓорески треба да ни биде и потсетник дека сè што правиме треба да биде за и во полза на човекот. Без разлика дали се занимаваме со научна или општествена работа да не заборавиме дека сето тоа е во служба на човекот, на неговиот подобар и подостоинствен живот. А за развојот и за напредокот што го имаме како човечка цивилизација пред сè ѝ должиме на науката. Постојано жедни за нови знаења и трагајќи кон новото и подоброто, научниците секојдневно ги подобруваат нашите животи. Да бидеме благодарни за сè што имаат постигнато и да се гордееме што и македонските научници се дел од светската научна мисла.

Би сакал на крајот од моето денешно обраќање, на д-р Христијан Ѓорески и на сите други млади научници, кои беa дел од конкурсот, но и оние кои не се пријавија за изборот на „Најдобар млад научник" за 2016, да им посакам многу успех и долгогодишна плодна научна работа.

Благодарам.


najdobar_naucnik3

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 3 од 57