Говори и обраќања
Доделување „Повелба на Република Македонија“ на Друштвото на писателите по повод 65-годишниот јубилеј
Петок, 10 Февруари 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, по повод 65-годишнината од формирашет, го додели признанието „Повелба на Република Македонија“ на Друштвото на писателите на Македонија за постигнатите резултати во својата долгогодишна дејност за зачувување и збогатување на македонското литературно и културно творештво и за афирмација на македонската книжевност и литература во светот.

Почитувани членови на Друштвото на писателите на Македонија,Ценети присутни, Дами и господа,

На почетокот беше зборот, зборот кој создаваше. За моќта на зборот беа свесни сесловенските светители и просветители, браќата Кирил и Методиј и нивните ученици Климент и Наум Охридски. За моќта на народниот збор беа свесни и македонските преродбеници Пејчиновиќ, Пулески и Миладиновци, Прличев, Шапкарев и Цепенков. За моќта на литературниот јазик беа свесни и Мисирков и Конески. Впрочем, токму Мисирков пред речиси еден век напиша дека „милоста кон народниот јазик е наш долг и наше право. Ние сме должни да го милуваме нашиот јазик, зашто тој е наш исто така како што е наша татковината“.

Ако јазикот е нашата татковина, тогаш треба постојано да го негуваме, развиваме и промовираме, со истата посветеност со која се чува татковината – подготвено и континуирано, не чекајќи некој да се обиде да го избрише, оспори и проблематизира она врз што се темели нашиот идентитет. Во таа смисла, Димитар Миладинов на едно место вели: „Го укоруваат нашиот јазик и го наречуваат варварски, еден од најстарите и најбогатите јазици“, оставајќи ни притоа завет „...да се збогатиме со мисли и со идеи на нашиот јазик, потоа да учиме и други јазици“.

Почитувани присутни,
Верувам дека токму во исполнувањето на овој завет се состои мисијата на Друштвото на писателите на Македонија. Да обезбеди развивање на македонскиот јазик преку творење и уметничка реч. Да биде мост на поврзување меѓу сите литературни творци од Македонија, независно од нивната етничка или јазична припадност. Да биде мост кој ќе го поврзува македонското и светското литературно творештво.

Сакам да знаете дека вашата улога никогаш не била поважна отколку денес, кога живееме во период на забрзана глобализација која постојано го менува светот, ги поврзува, но, исто така ги претопува народите, културите и јазиците. Иако, македонскиот јазик не спаѓа во категоријата на загрозени јазици, тоа не смее да биде оправдување за да го симнеме браникот, напротив.

Од своето основање во февруари 1947 година, Друштвото на писателите на едно место ги собра најзначајните македонски книжевни имиња. Со нивните стихови, песни, раскази и романи израснаа и се образуваа многу генерации. Преку нивниот, преку вашиот пишан збор, бројни генерации читатели ја запознаа својата татковина Македонија, ги развиваа своите идеи, го градеа својот живот.  Затоа, со гордост можам да кажам дека Друштвото на писателите низ 65-те години и преку стотиците витези на јазикот даде немерлив придонес за Македонија.

Но, вашиот придонес не завршува на границите на нашата татковина. Покренувајќи ги пред повеќе од половина век, Струшките вечери на поезијата, овозможивте градот на мостовите, нашата поетска престолнина, да биде мост што ги поврзува поетите од сите меридијани.

Имајќи го сево ова предвид, како претседател на Република Македонија донесов одлука на оваа институција да и доделам Повелба на Република Македонија. Со ова признание ја одбележуваме 65-годишната успешна работа, и се заблагодаруваме за сиот придонес што Друштвото на писателите го даде за збогатувањето на македонските културни вредности и за афирмација на Република Македонија во светот.

Дами и господа,
На самиот крај, посакувам Друштвото на писателите на Македонија уште многу децении да биде свратилиште на музите, дом на бројни книжевници и творци од Македонија и гордост на македонската литература и култура.

Ви благодарам.

Свечена академија по повод Националниот празник на српската заедница во Република Македонија
Петок, 27 Јануари 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов се обрати на свечената академија по повод Свети Сава - Националниот ден на српската заедница во Република Македонија, која вечерва се одржа во Македонската опера и балет под негово покровителство.

Почитувани присутни, Ценети екселенции, Дами и господа,

Задоволство е да се обратам на свечената академија по повод Националниот ден на српската заедница во Република Македонија и во оваа прилика би сакал на сите Срби во Македонија да им го честитам овој светол празник.

Почитувани,
На 27 јануари српската заедница го празнува денот посветен на св. Сава, кој бил и принц и монах, просветител и мисионер, дипломат и законодавец, исцелител и градител, личност која претставува духовна инспирација за Србите, каде и да се. Може да се каже дека она што е св. Климент Охридски за македонскиот народ, тоа е св. Сава за српскиот народ – непресушен извор на вера, надеж и љубов кон Бога, кон себе и кон блиските, духовна крепост и патоказ кон иднината исполнета со слобода, хуманизам, благосостојба и напредок. Тоа се вредности на кои двата наши соседни народа се навраќаат секогаш кога се соочуваат со големи предизвици и се исправени пред големи одлуки.

Нашите пријателски народи имаат заедничко минато. Постојат некои прашања околу кои имаме различно мислење. Но, она што е важно е дека тие разлики воопшто не влијаат на нашите добрососедски односи. Нашата соработка е потврда дека денес, во нашиот регион имаме модерни лидери кои се насочени кон иднината, современи политичари кои одредени прашања и дилеми од минатото ги оставаат настрана, имајќи го предвид новото време.

Она што ме прави особено среќен е фактот што како соговорник во пријателска Република Србија го имам претседателот Тадиќ. Со него, заедно, сме фокусирани на сегашноста и на иднината. Заедно се залагаме за максимално јакнење на економските врски, инфраструктурното и енергетското поврзување меѓу двете земји. Затоа, мора веднаш, и со сите сили да дејствуваме на ова важно поле за да ја обезбедиме нашата иднина, која ја гледаме во големото европско семејство на народи.

Дами и господа,
Постои уште една работа која ги поврзува нашите две земји. На нашиот европски пат, и Република Македонија и Република Србија се соочуваат со наметнати услови без преседан, кои се надвор од опфатот на критериумите од Копенхаген. Но, сакам да ве уверам дека не сме разочарани и обесхрабрени. Копенхашките критериуми се и наши критериуми. Свесни сме дека мораме целосно да се фокусираме на исполнување на стандардите во сите општествени сфери, и не само затоа што тоа од нас го бара Брисел. Ние сме Европа и сами треба да си ја создадеме Европската унија кај нас. Само така прашањето за формалното приклучување на двете наши земји во Европската унија ќе биде чисто техничко прашање. На ова нè обврзуваат нашите граѓани. Тие го бараат и го заслужуваат тоа.

Цврсто сум уверен дека македонската заедница во Република Србија и српската заедница во Република Македонија се повеќе од мост на поврзување. Нашите односи се втемелени врз принципот на меѓусебно почитување и вреднување. Ова е уште еден пример како две соседни земји на дело ги негуваат европските вредности преку заштитата на правата на заедниците. Впрочем, сметам дека Република Македонија можеби е најдобриот пример на европското копно. Македонската мултиетничка демократија е насочена кон чување, развивање и промовирање на етничкото, јазичното и културното богатство на Република Македонија. Дел од тоа богатство сте и вие, припадниците на српската заедница.

Сакам да знаете дека Република Македонија е горда на српската заедница, која е уставно призната и општествено ценета. Која ги ужива сите права. Наш завет е и во иднина да градиме мостови на пријателства меѓу двата пријателски народа и двете земји, и заедно да чекориме кон нашата европска иднина, градејќи ја притоа иднината на нашиот регион.

Ви благодарам.


 

Обраќање на 65-та Годишна конференција на Меѓународната студентска организација ИАЕСТЕ
Вторник, 24 Јануари 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, како Покровител на Годишната конференција на Меѓународната организација за размена на студенти од техничките факултети – ИАЕСТЕ, која годинава за прв пат се одржува во Македонија, се обрати на свечената прослава со која се одбележа јубилејот - 20 години ИАЕСТЕ Македонија.

Почитувани присутни, дами и господа, драги пријатели,

Со големо задоволство прифатив да бидам покровител на овој исклучителен меѓународен настан што ја обединува теоријата и практиката, знаењето и примената на стекнатото знаење, но и науката и претприемништвото.

Честа за Македонија како домаќин, но и за мене како покровител, е дотолку поголема бидејќи годинава се одбележуваат три важни јубилеи: 65 години од работењето на ИАЕСТЕ во глобални рамки. Шест децении од постоењето на ИАЕСТЕ Македонија како локален комитет и 20 години од прераснување на тој локален комитет во Македонски одбор за меѓународна размена на студенти од техничките факултети - ИАЕСТЕ Македонија.

Низ децениите, ИАЕСТЕ им овозможи на илјадници студенти да се обучуваат во компаниите ширум светот. Денес, со гордост можеме да кажеме дека ИАЕСТЕ Македонија е еден од најактивните национални комитети по глава на жител во светот, но и најголема организација со програма за размена на студентите во Македонија.


Ценети присутни,
Слоганот на оваа конференција е: „ИAЕСТЕ – Целиот свет го носи во Македонија!“. А, верувајте, има и зошто.

Од година во година, Македонија сè повеќе прераснува во атрактивна дестинација за извршување стручна практика. Техничките науки кај нас доживуваат своја ренесанса, и сè поголем број млади луѓе својата иднина ја гледаат токму во универзалниот јазик на инженерството, електрониката, механиката.

Македонија е отворена за соработка од каков било вид, од размени, преку туризам, па сè до инвестиции. Македонија е на пат да изгради економија заснована не само врз природните ресурси, туку и врз знаење, врз посветени, образовани и работливи луѓе кои се стремат кон практикување на наученото. Верувам дека треба да им се даде таква можност, бидејќи тие ја заслужуваат.

Почитувани членови на ИАЕСТЕ,
Вашата организација овозможува да се изгради чувство на заедништво, на споделена одговорност меѓу сите кои се вклучени во неа. И студентите, и универзитетите, и компаниите. Тоа особено се однесува на вас, студентите кои имате несекојдневна можност да го примените она што го знаете, да се стекнете со бесценетата практика, која е особено важна за сите кои се стремат кон техничко совршенство. Не заборавајте дека само спојот на теоријата и практиката дава врвни резултати.

Познато е дека вистински двигатели на напредокот се оние поединци кои наоѓаат начини како работите да се завршат побрзо, поефективно и поефикасно. Токму вашите науки носат севкупен благодaт, напредок и успех. Токму во тоа ја гледам вредноста на вашата професија.

Сите вие, независно од каде доаѓате, сте луѓе со отворени умови кои размислуваат надвор од воспоставените (шаблони) рамки. Вашиот потенцијал е несомнен. Затоа, искористете го 60-годишното партнерство меѓу универзитетите, студентските организации и компаниите кое ви го нуди ИАЕСТЕ, и работете на сопствено стручно усовршување. Во тоа е вашата иднина, но и иднината на вашите земји.

Дами и господа,
Сакам да упатам една порака до нашите компании кои веќе се или допрва ќе се вклучат во оваа благородна иницијатива. Ако се согласиме дека ИАЕСТЕ го носи целиот свет во Македонија, а тоа го прави, бидејќи обединува 87 земји во светот, со реализирана размена од над 6500 студенти годишно кои се стекнуваат со незаменливо искуство, тогаш ИАЕСТЕ претставува силна врска меѓу македонските компании и светот.

Затоа, искористете ја можноста која ви ја нуди програмата за размена на студенти. Вложувајте во овие млади луѓе, бидејќи тие ќе го предводат техничкиот и технолошкиот напредок во нашата земја. Вложувајте во нив, бидејќи тие ќе ве поврзат со светот. Вложувајте во нив бидејќи тие се клучниот македонски ресурс, тие се вашата и наша иднина.

На крај, дозволете ми да го цитирам големиот креатор, иноватор и визионер, неодамна починатиот Стив Џобс, кога на дипломците на Универзитетот „Стенфорд“ им порача:

„Вашето време е ограничено, па така не го трошете за да живеете нечиј туѓ живот. Не бидете заглавени во догма, која е живеење со резултатите на туѓото мислење. Не дозволувајте шумовите од туѓите мислења да го удават вашиот внатрешен глас. И најважно од сè, имајте храброст да го следите вашето срце и интуиција. Тие некако веќе знаат што вистински сакате да бидете. Сè друго е споредно“.


Со надеж дека конференцијата ќе резултира со многу нови размени, нови партнерства, но и пријателства, ви посакувам уште многу професионални успеси.

Ви благодарам.

alt

Продолжуваме со максимална акција на сите полиња – новогодишен прием за дипломатскиот кор
Сабота, 14 Јануари 2012

Обраќање на Претседателот на Република Макеоднија, д-р Ѓорге Иванов на традиционалниот новогодишен прием за дипломатскиот кор, кој годинава се одржа во Завод и музеј - Битола.
 

Ценети екселенции, дами и господа, драги пријатели,
На самиот почеток, дозволете ми, вам и на вашите семејства, да ви ја честитам Новата 2012 година и да ви посакам многу здравје, среќа и натамошни лични и професионални успеси. Денес е Св. Василиј Велики, Василица, ден кој православните христијани го слават и како православна Нова година, која носи нова надеж, среќа и бериќет.

Денес е ден кога се присетуваме на успесите и предизвиците од минатата година и со добра мисла ја отвораме вратата на новата година. Многумина од вас беа изненадени кога ги добија поканите за овој традиционален прием. За прв пат од независноста, овој прием се организира надвор од Скопје. Јас одлучив оваа година да го организирам тука, во Битола, во градот на конзулите, град кој од дамнина бил дипломатски центар на Македонија. Следната година ќе продолжиме со новата традиција.

Почитувани,
2011 за нас беше година на јубилеи и успеси. Република Македонија ја заврши 2011 со еден дипломатско-правен успех, кој во очите на меѓународната заедница го потврди кредибилитетот на нашата надворешна политика и исправноста на нашите стремежи и тврдења. Очекувам оваа 2012-та да биде година во која ќе се помести состојбата на status quo во однос на интеграциите на Република Македонија. Пресудата на Меѓународниот суд на правдата е конечна и обврзувачка. Таа не може и не смее да се сведува на советодавно мислење, да се девалвира, бидејќи тоа би значело и девалвирање, ослабнување и поткопување на самиот меѓународен поредок. Затоа, сакам да истакнам дека пресудата и Времената спогодба се шанса за нашиот сосед, за сите нас, за регионот. Убеден сум дека само со нивното почитување ќе се создаде поволен амбиент кој ќе помогне за изнаоѓање на заемно прифатливо решение на проблемот, кој не го сакавме, кој е апсурден и неразбирлив за огромен дел од меѓународната заедница. Но, тука е и мораме да се соочиме со него. За нас не постои дилема, како и досега, активно и конструктивно ќе учествуваме во процесот со сериозен пристап.

Очекуваме и се надеваме на иста активност, сериозност и конструктивност од другата страна. Очекуваме нашиот јужен сосед да ги напушти некоректните максималистички позиции, и наспроти досегашното однесување во процесот и претставувањето пред меѓународната јавност. Очекуваме од нашиот сосед да го поддржува нашето интегрирање во евроатлантските структури, во согласност со Времената спогодба и со пресудатa на Меѓународниот суд на правдата кои се витален дел од македонскиот пристап за решавање на ова прашање во согласност со меѓународното право. Ќе повторам, почитувањето на пресудата значи и почитување на меѓународното право и поредок. Право на кое денес се повикува Република Македонија, но во иднина можеби ќе се повикуваат и вашите земји. Државите имаат и морална обврска да го почитуваат меѓународното право. Државите се должни да ги почитуваат меѓународните обврски кои доброволно ги преземале.

Ценети екселенции, сакам да знаете дека и во текот на оваа, 2012 година, остануваме посветени на остварување на нашите стратешки цели:
- Членство на Македонија во НАТО и во Европската унија.
- Натамошен развој на билатералните односи со сите земји во светот во согласност со принципот на отвореност кон сите.
- Натамошно јакнење на добрососедските односи со земјите од непосредното соседство и поширокиот регион.
- Проактивност и иницијативност во регионалната соработка.

Бидете уверени дека остануваме посветени на реформските процеси како влог во нашата евроатлантска иднина. Сакам да верувам дека на следниот Европски совет и на следниот Самит на НАТО ќе имаме позитивно придвижување на ова поле. Тоа е корисно и за нас, и за Грција, и за Европската унија, и за НАТО Алијансата.

Сакам да истакнам дека, како партнер и сојузник во антитерористичката коалиција во Авганистан, Република Македонија ќе остане сè додека е неопходно, и ќе го следи трендот на транзиција и предавање на севкупната власт на авганистанскиот народ.

Во однос на регионалната проактивност, сакам да знаете дека Република Македонија оваа година го презема претседавањето со најважната автохтона регионална иницијатива - Процесот за соработка во Југоисточна Европа, што ќе ни овозможи активно да придонесеме во јакнењето на регионалната соработка. Воедно, свесни за важноста од градењето културни и цивилизациски коридори, оваа година ќе започнеме со подготовките за самитот посветен на дијалогот меѓу цивилизациите кој ќе се одржи во 2013 година.

Продолжуваме со максимална акција на сите полиња. Тоа значи достигнување на стандардите, вредностите и критериумите на Унијата. Копенхашките критериуми се и македонски критериуми. Благодарение на реформите и мудрата економска политика, како држава, имавме напредок на полето на економијата. Но, ни претстои уште многу работа за да ја достигнеме зацртаната цел - да бидеме економски развиена, енергетски обезбедена, европска и евро-атлантска Македонија. Знам дека го имаме разбирањето и поддршката на нашите пријатели и сојузници. Ќе продолжиме да работиме на продлабочување на меѓудржавните односи и на соработката со вашите земји.

На самиот крај, би сакал да ви се заблагодарам за севкупната досегашна поддршка, што вие и земјите кои ги претставувате, и ја дававте на Република Македонија.

alt 

Македонскиот народ е горд на Киро Глигоров – комеморативна седница во Собранието на Република Македонија
Вторник, 03 Јануари 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денес со своето обраќање на комеморативната седница во Собранието на Република Македонија, му оддаде последна почит на првиот претседател на независна и самостојна Република Македонија, Киро Глигоров.

Почитувани присутни,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Вчера со голема жал ја примивме веста за смртта на поранешниот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров. Во овие тешки мигови на загуба би сакал да упатам изрази на искрено сочувство до семејството на претседателот Киро Глигоров, како и до сите граѓани на Република Македонија. Низ неговиот живот и работа, тој одбележа еден исклучително важен период за нашата земја.

Ценети присутни,

Кога прв пат беше избран за претседател на Република Македонија, Киро Глигоров го заврши своето инаугуративно обраќање во македонското Собрание со познатата историска максима: „Македонија е сè што имаме“. Преку таа мисла, тој го пренесе заветот на нашите предци. Затоа, денес, кога се простуваме од човекот кој е нераскинлив дел и од АСНОМ и од независна Република Македонија, се сеќаваме за тоа што Македонија претставуваше за него, но и за сите нас.

Киро Глигоров е роден во Штип, на 3 мај 1917 година, основното училиште го завршил во 1928 година, а гимназија во 1936 година, додека во јули 1939 година дипломирал на Правниот факултет во Белград. По завршувањето на студиите, кратко време работи како приправник во адвокатска канцеларија во Белград, а за време на германската окупација се вратил во Скопје, каде работел како правник. Во текот на Втората светска војна, да се вклучи во Народноослободителната борба, притоа тесно соработувајќи со револуционерот Кузман Јосифовски-Питу.

Во 1943 година станува член на Антифашистичкиот народноослободителен комитет (АНОК), а потоа, во 1944 година, станува секретар на Иницијативниот одбор за формирање на АСНОМ. На првото, историско заседание на АСНОМ, младиот правник, Киро Глигоров, учествува како записничар, но и автор на еден од политичките реферати. Подоцна ќе биде избран и за претставник на Македонија на АВНОЈ во Вис. Со сево ова, Глигоров се вгради во темелите на македонската државност. Потоа, врз тие темели, речиси половина век подоцна, ќе се вклучи во градењето на суверена, независна и самостојна Република Македонија.

Но, во меѓупериодот, во рамките на Социјалистичка Југославија, Киро Глигоров извршуваше многу високи, одговорни, државни и партиски должности. Да си спомнеме на неколку од нив: Од 1945 до 1947 година бил помошник на генералниот секретар на Владата на Федеративна Народна Република Југославија. Од 1947 до 1948 година работи во Министерството за финансии на ФНРЈ, а од 1948 до 1952 година како министер за финансии. Од 1952 до 1953 година бил помошник на претседателот на Економскиот совет на Владата на ФНРЈ, Борис Кидриќ. Во 1962 година бил избран за член на Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Југославија. Од 1962 до 1967 година бил сојузен секретар за финансии.

Во 1963 година, веднаш по катастрофалниот скопски земјотрес, бил задолжен за обновувањето на Скопје. Во два наврата, во 1969 и 1972 година, бил избран за член на Претседателството на Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Југославија. Од 1971 до 1972 година е член на Претседателството на СФРЈ. Од 1974 до 1978 година бил претседател на Сојузното собрание на СФРЈ. Во 1987 година се пензионира, а веќе во 1989 година се вклучува во реформскиот тим на Анте Марковиќ.

Киро Глигоров, како функционер на тогашна Југославија, поседува завидно ниво на познавање на принципите на здравата, пазарна економија и оди и чекор понатаму од обидите за реформирање на економијата. Неговите повици за реформи на југословенската економија јасно укажуваат дека економските реформи треба да се гледаат како прв чекор кон сеопфатни политички и општествени реформи.


Должна почит на Глигоров мора да му се оддаде со укажување на фактот дека се залагал и практично работел кон демократизација на тогашна Југославија. Уште повеќе, тој разбира дека не може да постојат економски права и слободи, на ниво на претпријатие или на ниво на човек – поединец, без тоа да доведе кон политички права и слободи, и ограничување на улогата на тогаш семоќната централна држава.


Последната политичка кампања во неговиот живот беше токму едно потсетување на реформите спроведени во некогашна Југославија. Сметам дека тоа беше негов обид, да испрати уште една порака, до Македонија. Не да се обидува да го одбрани социјализмот, туку порака дека треба да научиме од лекциите од минатото, да видиме со какви проблеми сме се соочиле при создавањето на здрава економија, и што сме научиле од тоа.

Сепак, набргу се покажа дека реформирањето на еден систем со суштински противречности е задоцнето. Заедничката држава се распаѓаше, некаде крваво, а кај нас, во Македонија, тој процес на стекнување на независноста, за среќа, се одвиваше мирно. Но Македонија се соочи со низа предизвици, грчкото ембарго и блокадата на евроатлантските интеграции, војните во соседството и етничките превирања дома, траумите при трансформацијата на државниот капитал. Заслугата за мирното заминување од југословенската федерација треба да се бара токму кај Киро Глигоров, кој по многу нешта беше нетипичен лидер.

Почитувани,

Во судбоносната 1991 година, на 25 јануари, македонското Собрание го избра Киро Глигоров за прв претседател на Република Македонија, кој, мандатот за составување на првата, експертска влада му го додели на Никола Кљусев. Пред речиси една година ја имавме честа заедно со Глигоров да ја одбележиме и 20-годишнината од неговото стапување на функцијата. А веќе денес го нема.

Во мугрите на прогласувањето на независноста, повикувајќи се на живите и свежи спомени од АСНОМ, Киро Глигоров истакна дека „живееме во време кога македонскиот народ повторно треба да донесува судбоносни одлуки, не помалку важни од оние што ги донесе во 1941 и 1944 година“ и дека е дојдено времето за изградба на Македонија како „модерна парламентарна држава со целосно почитување на сите човекови права, да биде отворена кон светот и со европска опција“.

Како прв претседател на независна и суверена Република Македонија, ја имаше историската улога да биде на чело на државата во времето кога беше негирана, блокирана и игнорирана, и внимателно и трпеливо го пробиваше патот кон меѓународното признавање на нашата земја.

Беше човек кој успешно и мудро ја водеше државата во немирни времиња. На чело на територијално мала држава, без сопствена армија и оружје, без меѓународно признат статус, Глигоров ја согледа опасноста од прелевањето на југословенската криза во Македонија, успеа да издејствува повлекување на сите македонски војници од ЈНА. Но, исто така, постигна договор и за мирно повлекување на ЈНА од територијата на Македонија, па и по цена ЈНА да го однесе сето оружје. Подоцна се покажа дека благодарение на ваквиот чекор, Киро Глигоров го оневозможил планот на Самарас и Милошевиќ за дестабилизација на Македонија.


Следуваше историскиот референдум на кој огромно мнозинство од македонските граѓани се изјаснија за независна и суверена Македонија. Неодамна, на плоштадот Македонија одбележавме 20 години од денот кога претседателот Глигоров, премиерот Кљусев и другите тогашни водачи на Македонија, од истиот тој плоштад, на граѓаните им го честитаа прогласувањето на независна држава.


Воден од идејата да се биде свој на своето, да бидеме широко отворени кон светот, како целосно независен, рамноправен и творечки субјект, Глигоров апелираше до меѓународната заедница да ја признае Македонија, истакнувајќи дека „официјалното признавање ќе и овозможи на државата Македонија да воспостави, врз исправна и стабилна основа, односи со другите држави“. Денес, 133 држави ја признаваат нашата земја под уставното име. Киро Глигоров доживеа да ја види Македонија како стабилна и напредна држава, меѓународно признаена и препознаена.


Голема е неговата служба за интересите на Република Македонија и македонскиот народ. Но, она за што ние и идните генерации ќе бидеме благодарни е, секако, неговата улога во стекнувањето на независноста и етаблирањето на Република Македонија во меѓународната заедница. По долготрајни одложувања, поради грчките противења на признавањето на Македонија и приемот во меѓународните организации, на 7 април 1993 година, на денот на приемот на Република Македонија во Светската организација како 181-ва држава-членка, Глигоров стана првиот македонски претседател кој се обрати пред Генералното собрание на Обединетите нации, каде изјави дека „со овој чин се круниса повеќевековниот стремеж на македонскиот народ и неговата 130-годишна борба за слобода и независна држава“.

За време на вториот претседателски мандат, Киро Глигоров успешно и мудро ја водеше државата во турбулентни времиња. Некои посегнаа и по неговиот живот. Но, тој ги преживеа и балканските виори, и предизвиците и атентатот. Благодарение на неговата мирољубива политика, остана да биде почитуван и во земјата и во регионот.

Сè на сè, животот на Киро Глигоров беше историја на македонската држава. Во еден ист човечки живот, да се биде соработник и на Шатев и на Влахов, и на Панко Брашнаров и на Ченто, да се биде и на АСНОМ и на основањето на независната република 47 години подоцна. На 74-годишна возраст да се застане на чело на државата. Тој беше еден од протагонистите на независноста. Затоа, сакам да им порачам на членовите на семејството на поранешниот претседател: Бидете горди на Киро Глигоров, како што и македонскиот народ е горд на него. Македонскиот народ секогаш знаел да ги слави и вреднува сите оние што тоа го заслужуваат.

Нека му е вечна слава!

 

Честитка од претседателот Иванов до граѓаните на Република Македонија за Новата 2012 година
Петок, 30 Декември 2011

Почитувани граѓани на Република Македонија,
На истекот на 2011 година, дозволете ми, со вас да споделам некои чувства за годината што измина, и за моите очекувања од годината која ја пречекуваме.

Македонија и во 2011 година успешно се соочи со разни предизвици. Имавме многу причини за радување. Напредувавме на економски план. Поминавме низ уште еден изборен циклус кој го збогати нашето искуство како развиена европска демократија. Ги потврдивме оценките на нашиот развој. Сепак патот кон нашите врвни стратешки цели остана блокиран. Но, нема место за обесхрабрување. Ќе успееме, ќе ги реализираме нашите цели, Македонија - членка на НАТО и Македонија членка на ЕУ.

Почитувани,
Нашиот пат кон воспоставување на призната, рамноправна држава, никогаш не бил лесен. Но, тоа е тоа што не прави силни. Соочувањето со тешкотиите не направи поцврсти и порешителни. Ние ја немавме таа привилегија да чекориме по лесниот пат, туку моравме сами да се пробиваме, секако, благодарение на мудроста на нашите граѓани и на скапоцената помош на нашите пријатели низ светот.

Реформите кои ги спроведовме, и кои се уште ги спроведуваме, се одраз на свеста дека мораме самите да изградиме солиден и пристоен дом за нас и за нашите семејства. Ние не чекаме некој друг да ги заврши нашите обврски, како што не ги обвинуваме ниту другите за нашите пропусти. Македонија во новата 2012 година влегува сигурна во себе. Свесни сме дека се потврди нашето одговорно и сериозно однесување. Потребните потврди ги добивме од надвор, но уште поважно од дома. Македонија останува цврсто всадена во реалноста, во сериозниот однос кон својата економија, кон односите со соседите, кон регионалната безбедност.

Во 2011 година, како никогаш досега, успесите на нашите спортисти не сплотија како народ. Заедно излеговме на плоштадите и чекавме пред малите екрани да ги одбележиме нивните успеси, исто како што заедно излеговме да ја одбележиме 20-годишнината од нашата независност.

Во 2012 година, посакувам секој од нас да се радува на своите успеси, како што тоа го правевме во годината која изминува. Да се радуваме на своите успеси во професијата, на успешниот работен ден. Да се радуваме на добрата земјоделска година, на новите освоени пазари за нашите производи. Да се радуваме на успесите во школувањето, на стекнатото знаење и проширените погледи кон светот. Посакувам да се радуваме на проширувањето на семејството и на семејните слави и веселби.

Почитувани, на крајот ќе ве замолам да одвоите малку време од празнувањето на божиќните и новогодишните празници, за нашите мисли, молитви и изрази на благодарност да ги насочиме кон македонските војници кои се на служба во Авганистан, во Босна и Херцеговина, во Либан. Нашите војници, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци. Нашите браќа и сестри, синови и ќерки кои го бранат знамето на Република Македонија, ги бранат и нашиот мир, нашите вредности и нашето место во меѓународното семејство на народи. Ним им ја должиме нашата благодарност.

Почитувани граѓани,
Македонија е земја во која заеднички ги празнуваме нашите празници и слави. Ова е периодот од годината кога ги одбележавме Курбан-бајрам и Ханука. Кога го одбележуваме Рождеството Христово. Затоа, драги пријатели, дозволете ми на крајот во мое име, и во име на моето семејство, да ви посакам празничните денови да ви минат во мир и благосостојба. Посакувам во овој период од годината да можете да се навратите на успесите од 2011 година и да ги направите плановите за следната година. Да зачекорите по патот кој ќе ви донесе многу здравје, многу радост, многу среќа и благосостојба. Благословена нека биде Новата 2012 година!




 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 1 од 16