Средба на претседателот Иванов со министерот за надворешни работи на Црна Гора, г. Срѓан Дармановиќ
Thursday, 09 November 2017 12:10   
There are no translations available.

MNR_Crna_Gora_PRM_1Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со министерот за надворешни работи на Црна Гора, г. Срѓан Дармановиќ.

Двајцата соговорници изразија интерес за унапредување на севкупните билатерални односи меѓу двете земји и го поздравија континуираниот политички дијалог што укажува на традиционално пријателските односи меѓу Република Македонија и Црна Гора.

Претседателот Иванов и министерот Дармановиќ се согласија дека двете земји имаат идентични надворешно-политички цели и треба да се фокусираат на нивна реализација преку интензивна меѓусебна соработка на билатерален и регионален план.

Во однос на европската перспектива, претседателот Иванов посочи дека членството на Република Македонија во ЕУ и НАТО е од клучно значење за стабилноста и просперитетот на целиот регион и го нагласи интересот за интензивирање на политичко-безбедносната соработка со Црна Гора во контекст на НАТО.

„Евроинтеграцијата на државите од Западен Балкан е од суштинско значење за регионалната стабилност и развој. Потребна е јасна перспектива за приклучување кон ЕУ и силна поддршка за забрзување на НАТО интеграцијата на Република Македонија", порача на средбата претседателот Иванов.

Во тој контекст претседателот Иванов го поздрави позитивниот извештај на Европската комисија и охрабрувачките пораки од високи претставници на ЕУ во однос на лојалноста на Црна Гора во зачувувањето на заедничките европски вредности.

Министерот за надворешни работи, г. Срѓан Дармановиќ, истакна дека еден од приоритетите на Црна Гора, како иден претседавач со Јадранската Повелба, ќе биде поддршка за НАТО интеграциите на Република Македонија.

Претседателот Иванов и министерот за надворешни работи разменија мислења за актуелните политички случувања во Република Македонија и Црна Гора, како и за состојбите во регионот и Европа.

Двајцата соговорници го потврдија интересот за продолжување на тесната соработка во рамки на регионалните иницијативи и разменија информации за претстојниот Самит на Процесот Брдо-Бриони, чиј домаќин идната година е Република Македонија. Со цел унапредување на регионалната и економската соработка, беше потенцирана потребата од зголемени инвестиции во инфраструктурно поврзување на земјите од регионот.

  Back<<Назад